Тигар

(Пренасочено од Тигарот)
Тигар
Бенгалски тигар (P. tigris tigris) во природните резервати во Индија.
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: ’Рбетници
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Felidae
Род: Panthera
Вид: P. tigris
Научен назив
Panthera tigris
(Лине, 1758)
Историска распространетост на тигрите (бледо жолта) и во 2006 (зелена).[2]
Синоними
Felis tigris Лине, 1758

Tigris striatus Северцов, 1858

Tigris regalis Греј, 1867

Тигар (науч. Panthera tigris) — голема мачка со црвеникаво жолто-кафено пругаво крзно, распространета во шумите, пасиштата и мочуришните делови на Источна Русија, Јужна Азија, Суматра и Кина.

Тигарот живее самотно, лови ноќе, а омилен плен му се цицачите со средна големина, како на пример елените.[3] Нивната големина, бојата и формата на пругите се определени со местото и во зависност од подвидовите. Јужните тигри, како што е бенгалскиот тигар (P. tigris tigris), се помали и имаат значително посветли бои отколку тигрите распространети на север, како што е реткиот сибирски тигар (P. tigris altaica). Мажјаците растат до височина поголема од еден метар, достигнувајќи должина од 2,2 метри, не сметајќи ја опашката со должина од еден метар, а можат да достигнат тежина од 160 до 290 килограми. Тигарот живее околу 11 години.[3]

Постојаното користење на деловите од телото на тигарот за правење различни тоници или лекови, независно од доказите за нивна неефикасност, се должи на вкоренетата стравопочит кон овие мачки што со милениуми ги инспирирале луѓето. Иако заштитени во меѓународни рамки, тигрите се вбројуваат во сериозно загрозените видови. Имено, само во последното столетие, нивната популација се намалила за повеќе од 90%, додека два подвида се сметаат за исчезнати.

Потекло на поимот

уреди

Зборот „тигар“ доаѓа од грчкиот збор тигрис кој најверојатно потекнува од персиски збор што значи „стрела“, како опис на брзината на ова животно и потекло на името на реката Тигар[4][5]. Тигарот, под името Felis tigris е еден од многу видови опишани во делото од 18 век Systema Naturae на Карл Лине[6][7]. Panthera кое е дел од денешното име на овој вид, Panthera tigris, често се претпоставува дека потекнува од грчките зборови пан („сите“) и терон („ѕвер“). Сепак зборот пантера се смета дека најверојатно има источноазиско потекло и значи „жолтеникаво животно“ и „бело-жолто“[8].

Распространетост

уреди

Во минатото, тигрите биле доста распространети во Азија од Кавказ и Каспиското Море, до Сибир и Индонезија. За време на 19. век, овие мачки целосно исчезнале од Западна Азија, и нивната распространетост била ограничена на изолирани области. Денес, овие фрагментирани области се протегаат од Индија на запад до Кина и Југоисточна Азија на исток. Северната граница на распространетост е близу реката Амур во југоисточен Сибир. Единствениот голем остров населен со тигри е Суматра. Овие животни изумреле на островите Јава и Бали за време на 20. век, а на Борнео се пронајдени само фосилни остатоци.

 

Живеалиште

уреди

Живеалиштето на тигарот има три главни одлики: секогаш има вегетација која му овозможува криење, секогаш е во близина на вода и има изобилство на плен. Бенгалскиот тигар на пример, живее во сите видови на шуми, вклучувајќи дождовни, зимзелени, полузимзелени, мангрoви до делтата на Ганг и листопадните шуми во Непал. За разлика од лавот, тигарот претпочита густа вегетација, на која е прилагодена неговата специфична шара, и каде самотниот начин на живот не е неповолност. Помеѓу сите видови на големи мачки, само тигарот и јагуарот се одлични пливачи. Тигрите често се среќаваат како се бањаат во бари, езера и реки. За разлика од останатите мачки, кои ја избегнуваат водата, тигрите всушност секогаш се одличуваат да живеат во нејзина близина. За време на најтоплиот период од денот, овие мачки се ладат лежејќи во барите. Доказ дека се одлични пливачи претставува и фактот дека честопати се забележани како го пренесуваат уловениот плен преку езера.

Таксономија и еволуција

уреди

Најстарите пронајдени остатоци од мачка што наликува на тигар, на таканаречената Panthera palaeosinensis, се пронајдени во Кина и Јава. Овој вид живеел пред околу два милиони години за време на почетокот на плеистоценот и бил помал од денешниот тигар. Најстарите фосили на вистински тигри се најдени на Јава и датираат од пред 1,6 - 1,8 милиони години. Други фосили од раниот и средниот плеистоцен се пронајдени и во Кина и на Суматра. Фосили од подвидот наречен Тринилски тигар (Panthera tigris trinilensis) исто така се пронајдени на Тринил во Јава[9].

Тигрите се прошириле во Индија и Северна Азија за време на доцниот плеистоцен, стигнувајќи до источниот дел на Беринговиот копнен мост (но не навлегле на американскиот континент), Јапонија и Сахалин. Фосилите пронајдени во Јапонија покажуваат дека како и другите островски подвидови, и овие тигри биле помали од тигрите кои живеат на континентот. Ова најверојатно се должи на феноменот со кој големината на животните зависи од просторот на кој живеат (видете островска еволуција), или од пристапноста до плен. До холоценот, тигрите се населиле и на Борнео како и на островот Палаван на Филипините[10].

Подвидови

уреди

Постојат осум подвидови на тигар, од кои два се изумрени. Распространетоста во минатото (која денес значително е намалена) се протегала низ Бангладеш, Сибир, Иран, Авганистан, Индија, Кина и југоисточна Азија, вклучувајќи и неколку индонезиски острови. Преживеаните повидови, почнувајќи од најбројниот, се:

 
Бенгалски тигар
  • Бенгалски тигар (Panthera tigris tigris) познат и како Кралски бенгалски тигар, живее во делови од Индија, Бангладеш, Непал, Бутан и Бурма. Го среќаваме во најразлични живеалишта: пасишта, суптропски и тропски дождовни шуми, влажни и суви шуми со листопадни дрвја и мангрови. Мажјаците во дивината обично тежат 205-227 килограми, а женките околу 141 килограм[11]. Сепак, северноиндиските и непалските бенгалски тигри се поголеми од единките кои живеат на индискиот потконтинент, и просечна тежина на мажјаците изнесува 235 килограми[11]. Иако научниците веќе претпоставувале дека популацијата на овие тигри изнесува под 2000 единки[12], сепак најновите пребројувања изведени од страна на индиската владаго потврдиле ова. Според проценките има само 1411 тигри во дивината (поради статистичка грешка се смета дека има помеѓу 1165 и 1657 единки), што е пад од 60% во последната декада[13]. Од 1972 година, постои голем проект за заштита на бенгалскиот тигар, познат како Проект Тигар (Project Tiger). Проектот се смета за успешен иако најмалку еден резерват за тигри (Резерватот Сариска) ги изгубил сите тигри поради ловокрадство[14].
 
Индокинески тигар
  • Индокинески тигар (Panthera tigris corbetti), познат и како Корбетов тигар, е подвид кој го среќаваме во Камбоџа, Кина, Лаос, Бурма, Тајланд и Виетнам. Овие тигри се помали и со потемно крзно од бенгалските тигри. Мажјаците тежат од 150 до 190 килограми, а женките се помали и тежат 110-140 килограми. Омилено живеалиште им се шумите во ридско-планинските региони. Проценките за популацијата на овој вид варираат од 1200 до1800 единки, од кои само неколку стотини во дивината. Сите постоечки популации се подложени на голем ризик од ловокрадство, намалување на пристапноста до плен (поради лов на нивниот најчест плен како елени и диви свињи, фрагментација на териториите и проблеми поради парење меѓу блиски роднини (инбридинг). Во Виетнам ското три четрвртини од убиените тигри служат за снабдување на традиционалните кинески аптеки.
 
Малајски тигар
  • Малајски тигар (Panthera tigris jacksoni) е подвид кој живее единствено во јужните делови на Малајскиот полуостров. Овој тигар бил признат како посебен подвид дури во 2004 година. Оваа нова класификација се должи на истражувањата направени од страна на Лабораторијата за генетски диверзитет[15] која е дел од Националниот иститут за рак во САД. Според последните пребројувања постојат 600-800 единки во дивината, што ги прави третата најголема популација, зад бенгалскиот и индокинескиот тигар. Малајскиот тигар е најмал од сите подвидови на тигри кои живеат на копно, мажјаците тежат во просек околу 120 килограми, а женките 100 килограми. Малајскиот тигар е национален симбол на Малезија и се појавува на нејзиниот грб, како и на многу логоа на малезиски институции.
 
Суматрански тигар
  • Суматрански тигар (Panthera tigris sumatrae) е критично загрозен подвид[16] кој живее единствено на индонезискиот остров Суматра. Ова е најмалиот од сите живи подвидови на тигри – возрасните мажјаци тежат меѓу 100 и 140 килограми, а женките од 75 до 110 килограми[17]. Малата големина на овие тигри се должи на адаптацијата на густата вегетација која е присутна на островот, како и поради лов на мали животни. Популацијата во дивината се проценува на 400-500 единки, кој главно живеат во националните паркови. Најновите генетски истражувања откриле присуство на уникатни генетски маркери, што значи дека е можно овој подвид да се развие во посебен вид доколку не изумре[18]. Поради ова се смета дека заштитата на суматранските тигри треба да биде приоритет за биолозите. Иако уништувањето на природното живеалиште претставува најголема закана (сечењето на дрвјата се врши дури и во националните паркови), сепак помеѓу 1998 и 2000 година биле убиени 66 тигри, што е скоро 20% од вкупната популација.
 
Сибирски тигар
  • Сибирски тигар (Panthera tigris altaica) познат и под имињата Амурски, Манчуриски, Кoреански или Севернокинески, е подвид кој живее во регионот меѓу реките Амур и Усури, во Приморскиот крај и Хабаровскиот крај во источен Сибир. Овој тигар се смета за најголем подвид. Должината на главата и телото е 190-230 сантиметри (опашката е долга 60-110 сантиметри), а просечната тежина е околу 227 килограми за мажјаците[11]. Одлика на овие тигри е и густото крзно со бледо златна нијанса и помал број на пруги. Најтешкиот регистриран сибирски тигар тежел 384 килограми[19], но според Вратислав Мазак овие податоци никогаш не биле потврдени од сигурни извори[20]. Сепак, за споредба, 6-месечен сибирски тигар може да биде со иста големина како целосно пораснат леопард. На двете последни пребројувања (1996 и 2005 година) покажале присуство на 450-500 тигри во регионот, што ги прави најголема неподелена популација во светот. Генетските истражувања во 2009 година покажале дека Сибирскиот тигар и западниот касписки тигар (за кој се сметало дека е посебен подвид кој изумрел во дивината во доцните 1950-ти[21][22]) се всушност ист подвид, а нивната поделба на две популации можно е да се случила за време на претходниот век како последица на човечко влијание[23].
 
Јужнокинески тигар
  • Јужнокинески тигар (Panthera tigris amoyensis) е најкритично загрозениот подвид на тигар и е ставен на списокот на 10те најзагрозени животни во светот[24]. Овој тигар е еден од најмалите подвидови. Достигнува должина помеѓу 2,2 и 2,6 метри. Мажјаците тежат 127-177 килограми, а женките 100-118 килограми. Од 1983 до 2007 година, не бил забележан ниту еден јужнокинески тигар[25]. Во 2007 година, еден фармер го забележал тигар и понудил и фотографии како доказ[25][26]. Фотографиите подоцна се покажале како лажни – биле копирани од кинески календар и модфицирани во фотошоп, а изјавата се претворила во голем скандал[27][28][29]. Во 1977, кинеската влада со закон го забранила убивањето на диви тигри, но ова е можно да било предоцна за да се спаси подвидот, бидејќи најверојатно веќе во тоа време бил изумрен во дивината. Денес постојат 59 јужнокинески тигри во заробеништво во Кина, за кои се знае дека потекнуваат од само шест животни. Според ова, не постои доволно генетски диверзитет потребен за да се одржи подвидот. Во моментот, се прават напори за враќање на овие тигри во дивината.

Изумрени подвидови

уреди
  • Балиски тигар (Panthera tigris balica) е подвид кој живеел исклучиво на островот Бали. Овие биле најмалите тигри, со просечна тежина кај мажјаците од 90-100 килограми и 65-80 килограми кај женките [20]. Причина за изумирање на видот е прекумерниот лов. Последниот балиски тигар (возрасна женка) бил убиен во Сумбар Кима, западно Бали на 27 септември 1937 година. Ниту еден балиски тигар не бил чуван во заробеништво. Ова животно сè уште игра важна улога во балискиот хиндуизам.
 
Јавански тигар
  • Јавански тигар (Panthera tigris sondaica) живеел на индонезискиот остров Јава. Се смета дека овој подвид изумрел во 1980-тите како резултат на ловот и на уништување на природното живеалиште. Сепак процесот на изумирање се претпоставува дека почнал од 1950-тите кога во дивината останале помалку од 25 единки. Последниот официјално забележан примерок бил во 1979 година, меѓутоа постојат и неколку пријави за забележани тигри за време на 1990-тите [30][31]. Со тежина од 100-141 килограм кај мажјаците и 75-115 килограми за женките, овој подвид бил со слична големина како суматранскиот тигар.

Хибриди

уреди

Вкрстување на големи мачки, вклучувајќи го и тигарот, за прв пот почнало да се применува во зоолошките градини за време на 19 век. Овие зоолошки биле заинтересирани за вкрстување на различни видови со цел да добијат „чудни“ и несекојдневни животни кои би привлекле голем број на посетители[32]. Познато е дека лавовите биле парени со тигри (најчесто сибирски или бенгалски подвидови), а добиените хибриди се нарекуваат лигери и тигони[33] . Во минатото, вакви хибриди често биле добивани во зоолошките градини ширум светот, но денес ваквите вкрстувања не се поттикнуваат поради потребата од единки за заштита на видовите и подвидовите. Хибриди сè уште се добиваат во приватни засолништа за животни и зоолошки градини во Кина.

Лигер е хибрид добиен од мажјак лав и тигрица,[34] а името „Лигер“ е добиено од англискиот јазик, ли- од LIon (лав) и гер од tiGER (тигар). Лигерот го наследува генот одговорен за стимулирање на растот, но генот натагонист за потиснување за растот е отсутен кај женките-тигрици, па поради тоа овие хибриди растат многу поголеми од двата родитела. Лигерот има физички одлики и начин на однесување кои се мешавина од двата родитела. Мажјаците-лигери се стерилни, но женките за разлика од нив, често се фертилни. Кај мажјаците има 50% шанса да имаат грива, меѓутоа дури и ако имаат, таа е само половина од големината на гривата кај чистокрвните лавови. Лигерите вообичаено се долги 3-3,6 метри, и тежат од 360-450 килограми, па дури и повеќе.[34] Поредок хибрид е тигонот, кој е добиен со вкрстување на лавица и мажјак-тигар.[35]

Особености

уреди

Тигрите веројатно се најпрепознатливите мачки (освен можеби со исклучок на лавот). Овие животни имаат црвеникаво – кафено крзно, со бели делови на внатрешната страна на нозете и на стомакот, малку бели линии на лицето и бројни пруги по телото кои имаат темнокафена или црна боја. Формата и густината на пругите зависи од подвидот но најчесто тигрите имаат преку 100 пруги. Во зависност од подвидот има и варијација на базичната боја на крзното, на пример сибирскиот тигар има побледа боја на крзното од останатите тигри. Шарата на крзното е уникатна кај секоја единка, што значи дека може да се употребува за идентификација на животните на сличен начин како што се употребуваат отпечатоците од прсти за идентификација на луѓето. Ова сепак, не е методот кој се употребува за идентификација, најмногу поради фактот дека е многу тешко да се сними шарата кај тигрите во дивината. Главната функција на пругите е камуфлажа на тигарот. Оваа шара им овозможува одлично криење меѓу прошараните сенки и високите треви при ловење на пленот. Шарата на пругите ја има и на кожата на тигарот, и е видлива и доколку го избричите крзното. Како и останатите големи мачки, и тигрите имаат бела точка зад ушите.

 
Скелет на тигар

Тигрите се најтешките мачки во дивината[36]. Овие животни имаат моќни нозе и раменици што им овоможува, слично како лавовите, да ловат плен што е многу потежок од нив. Подвидовите на тигарот многу се разликуваат во големината. Големината кај подвидовите се зголемува сразмерно на географската ширина, што е во согласност со познатото Бергманово правило. Возрасен сибирски тигар (Panthera tigris altaica) може да достигне должина од 3,5 метри и тежина од 306 килограми[20], што е многу повеќе од големината која ја достигнуваат островските тигри како суматранскиот, најмалиот од преживеаните подвидови кој достигнува тежина од само 75-140 килограми[20]. Тигриците се помали од мажјаците кај сите подвидови, но сепак разликата во големината е поизразена кај поголемите подвидови каде мажјаците тежат 1,7 пати повеќе од женките[37]. Мажјаците имаат и пошироки предни шепи. Оваа разлика често се користи од страна на биолозите во одредување на полот на тигрите при набљудување на нивните траги[38]. Черепот на тигарот е доста сличен со тој на лавот, иако челниот дел не е толку сплескан и има подолг посторбитален регион. Черепот на лавот има пошироки назални отвори. Сепак, поради многуте варијации на черепите кај двата вида, како најзначаен индикатор за одредување на видот се зема структурата на долната вилица[39].

Варијации на крзното

уреди
 
Пар бели тигри во зоолошката градина во Сингапур

Постои многу добро позната мутација поради која се добиваат белите тигри, познати и како chinchilla albinistic [40]. Овие единки се ретки во дивината но широко распространети низ зоолошките градини, најмногу поради нивната популарност. Парењето на белите тигри, често доведува до парење на сродни единки, поради фактот што оваа мутација е рецесивна. Поради ваквиот вид на парење белите тигри имаат поголеми шанси од останатите да се родат со физички недостатоци како изместени непца или сколиоза (искривување на ‘рбетот) [41][42]. Освен тоа, честа е и појавата на страбизам (криви очи). Дури и навидум целосно здрави, белите тигри не живеат толку долго како обичните единки.

Првите записи за бели тигри датираат од почетокот на 19 век [43]. Оваа состојба се појавува само доколу двата родитела го носат реткиот ген кој го среќаваме кај белите тигри. Пресметано е дека овој ген се појавува еднаш на 10 000 раѓања. Белите тигри не се посебен подвид, туку само варијација на бојата на крзното. Бидејќи единствените бели тигри забележани во дивината се бенгалски тигри [44] (а и сите бели тигри во заробеништво се барем половина бенгалски), се смета дека рецесивниот ген кој ја предизвикува оваа варијција е присутен само кај бенгалскиот подвид, иако причините за неговото појавување сè уште не се познати [41][45].

 
Редок златен тигар

Честа грешка која ја прават луѓето е поистоветување на белите тигри со албино, и покрај фактот дека присуството на пигмент е лесно забележливо на пругите на животното. Уште една честа грешка е и мислењето дека белите тигри се позагрозени од останатите. Белите тигри се разликуваат од обичните не само по белата боја на базата на крзното, туку и по розовиот нос и сините очи.

Друг рецесивен ген, е причина за појавата на невообичаениот златен тигар. Овие тигри имаат светло крзно со боја на злато, бледо-бели нозе и бледи тенки протокалови пруги. Крзното кај овие единки е погусто од крзното на останатите тигри [46]. Постојат само околу 30-тина златни тигри кои се чуваат во заробеништво. Како и белите тигри, и овие единки секогаш имаат барем предок бенгалски тигар.

И двете варијации, и белите тигри и златните најчесто се поголеми од просечниот бенгалски тигар.

Однесување

уреди

Тигрите се територијални животни кои најчесто живеат сами. Големината на територијата за живеење на единката зависи од изобилството на плен, а за мажјаците и од пристапноста до женки. Териториите на женките се со големина од 20 квадратни километри, додека териториите на мажјаците се многу поголеми, достигнувајќи 60-100 километри квардратни. Најчесто териториите на мажјаците се препокриваат со териториите на неколку женки.

Односите помеѓу единките се прилично комплексни и изгледа како да нема правило кое го почитуваат во однос на територијалните права. На пример, иако тигрите најчесто се избегнуваат, забележани се случаи каде и мажјаци и женки го делат пленот меѓусебно. Документирано е како мажјак тигар го дели пленот со уште две женки и четири младенчиња. Ова однесување на делење на пленот со други единки е доста ралично од однесувањетоа на лавот, кој во слични ситуации најчесто се однесува агресивно.

 
Тигарот најчесто е самотно животно.

Териториите на младите тигрици најчесто се во близина на територијата на нивната мајка. Делот на препокривање на овие две територии има тенденција да се намалува со текот на времето. Мажјаците пак, се оддалечуваат многу повеќе. Младите мажјаци својата територија ја создаваат со одземање на територијата на други мажјаци или пак, кратко живеат на територија на друг мажјак додека да станат доволно силни за да го предизвикаат повозрасниот тигар. Најголемата смртност кај возрасните тигри (30-35% годишно), се однесува всушност на млади мажјаци кои штотуку ја напуштиле мајчината територија и се трудат да основаат нивна сопствена[47].

Мажјаците генерално се понетолерантни кон останатите мажјаци на нивната територија, отколку женките кон останатите женки. Во најголем дел, борбите за територија се решаваат со заканување, а не со агресивни борби. Набљудувани се подчинети тигри кој го признаваат поразот со легнување во покорна положба – легнувајќи на грб и покажувајќи го стомакот[48]. Откако хиерархијата е воспоставена, доминантниот мажјак го толерира присуството на подредениот тигар на негова територија доколку не живее во непосредна близина. Најагресивните борби меѓу мажјаците се за време на плодниот паериод на женките. Овие борби понекогаш завршуваат и со смрт на едниот тигар. Сепак, ваквите завршници се многу ретки[47][49].

За да ја означат територијата, мажјаците ги прскаат дрвјата со урина и секрет од аналните жлезди, но оставаат и траги со гребење.

Исхрана и лов

уреди
 
Тигарот има моќни вилици и остри заби, што го прави одличен грабливец.

Во дивината тигрите се хранат со големи и средни животни. Омилен плен на тигрите во Индија се самбарот, гаурот, водното бафало, дамчеститот елен, дивата свиња и нилгаи антилопите. Понекогаш ловат и леопарди, питони, тромави мечки и крокодили. Во Сибир, главен плен се вапити, дива свиња, елен сика, лос и сибирски елен. На Суматра, тигрите главно се хранат со мунтџак, самбар, дива свиња и малајски тапир. На териториите на поранешниот касписки тигар (кој денес е вклучен во видот сибирски тигар), главен плен се камили, саига антилопи, кавкаски бизони, јак и диви коњи. Како и многу други грабливци, и тигрите се опортунистички ловци, па доколку немаат избор, ловат и помал плен како мајмуни, пауни, зајаци и риби.

Ворасните слонови се премногу големи да служат како плен на овие големи мачки, но сепак понекогаш се забележуваат конфликти помеѓу овие две животни. Регистриран е и случај кога тигар убил возрасен индиски носорог [50]. Млади слонови и млади носорози повремено се ловени од страна на тигрите. Понекогаш овие животни напаѓаат и домашни животни како кучиња, крави, коњи и магариња.

 
Тигарот може да скокне во висина и до 10 метри.

Старите тигри, или тигри кои имаат повреди, и кои не можат да ловат природен плен често стануваат човекојади. Ова често се случува на територијата на Индија. Исклучок е тигарот од Сундарбанс, кој бил комплетно здрав тигар кој ловел рибари и селани кои се движеле низ шумите. Ова го прави човекот вистински плен во исхраната на тигрите[51]. Повремено тигрите јадат и растенија поради хранливите влакна, а омилен им е плодот на Careya arborea[52].

Тигрите најчесто ловат ноќе[53]. Ловат сами и како и повеќето други мачки го следат пленот во заседа. Изненадно напаѓаат и употребувајќи ја нивната сила и големина го исфрлаат од рамнотежа големиот плен и го убиваат. И покрај нивната големина, тигрите трчаат со брзина од 49-65 километри на час. Сепак овие брзини можат да ги одржат само на кратки растојанија, поради што тигрите мораат да се доближат многу близу до пленот пред да го нападнат. Овие животни имаат одлични скокачи способности, забележани се хоризонтални скокови и до 10 метри, иако најчесто скоковите се околу половина од оваа висина. И покрај сите одлики, само еден од дваесет обиди завршува како успешен лов[53].

При лов на голем плен, тигрите го убиваат животното со загризување на грлото. Тигарот го држи гризнато животното сè додека не умре од давење[54]. Со оваа техника, тигрите успеваат да уловат животни како гаурот или водното бафало кои тежат преку еден тон[55]. При лов на помал плен, тигарот го загризува вратот и најчесто го крши ‘рбетниот столб, ја продупчува трахеата или ја кине вратната жила или каротидната артерија [56]. Иако ретко, сепак набљудувани се и тигри кои напаѓаат со удари со нивните шепи, Ударот е доволно силен за да го скрши черепот на домашното говедо[52], или да го скрши грбот на тромавите мечки[57].

Размножување

уреди
 
Сибирска тигрица со младенче

Парењето кај овие животни се одвива преку целата година, но почесто е помеѓу ноември и април[58]. Парот тигри се пари неколкупати и доста гласно, како што е случај и со останатите мачки. Носењето на плодот трае 16 недели. Леглото најчесто брои 3-4 младенчиња кои се раѓаат слепи и тежат околу еден килограм. За одгледувањето на младите се грижи само мајката, таткото нема никаков удел. Други возрасни мажјаци се случува да ги убијат младите за да женката повторно стане способна за размножување. Тигриците можат да родат нови младенчиња само 5 месеци по загубата на младите од претходното легло[58]. Стапката на смртност на младенчињата на тигарот е многу висока, се проценува дека половина од нив не доживуваат две годишна старост[58].

Генерално во секое легло има едно доминантно младенче, кое може да биде од двата пола, но најчесто е мажјак. Ова младенче доминира над неговите браќа и сестри за време на игрите, многу е поактивно од останатите и ја напушта мајката порано од останатите. Осум недели по раѓањето, малите тигри се способни да ја следат мајката надвор од засолништето. Тигрите стануваат незвисни на возраст од 18 месеци, но мајката не ја напуштаат сè до возраст од 2-2 и пол години. Женките достигнуваат полова зрелост на возраст од 3-4 години, а мажјаците на возраст од 4-5 години[58]. Тигарот не е способен да се размножува по достигнувањето на возраст од 14 години[59].

За време на целиот живот, тигрицата раѓа одприлика ист број на машки и женски тигарчиња. Тигрите без никакви проблеми се размножуваат во заробеништво. Просечниот животен век на тигрите во заробеништво се проценува на 26 години, а 15 во дивината.

Меѓувидовни односи

уреди

Тигрите се способни да убијат одлични грабливци како леопарди, питони па дури повремено и крокодили[60][61][62]. Сепак овие грабливци најчесто се избегнуваат меѓусебно. Доколку е нападнат од крокодил, тигарот напаѓа со канџите директно на очите на влекачот[52]. Леопардот ја избегнува конкуренцијата со тигрите со тоа што лови различен плен[50] и лови во друг период од денот. Доколку има доволно плен, тигрите и леопардите можат успешно да живеат на истата територија без да има судири или меѓувидовна хиерархија, која е типична за саваната[63]. Познато е дека тигрите ги истиснуваат популациите на волци кои живеат на истата територија[64][65]. Забележани се глутници на азиски диви кучиња кои успеваат да убијат тигри[57]. Сибирските тигри и кафеавите мечки најчесто избегнуваат судири, но сепак се случува тигар да убие млади мечиња или возрасни единки. Мечките (Азиска црна мечка и кафеава мечка) се всушност 5-8% од исхраната на тигрите на далечниот исток [20]. Тромавите мечки се доста агресивни животни и често успеваат да ги избркаат младите тигри и да им го украдат уловениот плен. Сепак почест е случајот на бенгалските тигри кои се хранат со тромави мечки[20].

Конзервациски статус

уреди
 

Ловот поради крзното и уништувањето на природното живеалиште се главните причина за намалување на популациите на тигри во дивината. На почетокот на 20 век, било проценето дека има 100 000 тигри во дивина, но оваа бројка денес е намалена на околу 2000 единки[66]. Некои истражувачи проценуваат дека популацијата е уште помала, и дека брои помалку од 2500 возрасни единки, без подпопулација која брои повеќе од 250 ворасни единки способни за размножување[67]. Опасноста од изумирање е намалена поради присутноста на околу 20 000 тигри во заробеништво. Сепак постојат и популации во заробеништво како популацијата од 4-5000 тигри во кинеските комерцијални фарми која е со многу слаб генетски диверзитет.

Забраната за лов на тигри стапува насила во 1970-тите. Во 1973 во Индија е започнато со проектот тигар (Project Tiger), предводен од Индира Ганди [68]: Националните паркови се трансформирани во резервати, каде е забранет пристапот со цел да се заштити центарот за размножување на тигрите. Овој проект се покажал доста успешен, во 1980-тите индиските власти објавиле дека бројот на тигри бил двојно зголемен[68]. Сепак, проектот замира по смртта на Ганди во 1984 година.

Легален статус

уреди

Сите подвидови на тигарот се заштитени со Апендикс 1 на Вашингтонскиот договор (CITES) од 1975 година, освен сибирскиот тигар кој припаѓал на Апендикс 2 до 1987 година.

Видот се смета за загрозен вид според МСЗП од 1986 година. Подвидовите имаат различни статуси: сибирскиот тигар бил во критична опасност од изумирање од 1996 до 2008, за потоа повторно да стане загрзен вид, кинескиот тигар и тигарот од Суматра се сметаат за видови во критична опасност од изумирање од 1996 година, а балискиот и јаванскиот се сметаат за изумрени видови.

Tигрите и луѓето

уреди

Тигрите како плен

уреди
 
Лов на тигри, почеток на 19 век

Тигарот бил едно од животните на азиската верзија на играта Големите Пет. Ловот на тигри бил доста практикуван за време на 19 и 20 век, кога бил признат како спорт од страна на британците во Индија како и од страна на махараџите и аристократската класа од пред-независна Индија. Ловците оделе во лов пеш или пак качени на грб на слон [69]. Во некои случаи, организирани биле селани кои тропајќи на тапани го усмерувале животното во зоната каде чекале ловците.

Тигри-човекојадци

уреди

Иако луѓето не се природен плен на тигрите, сепак овие животни убиле повеќе луѓе од било која друга мачка. Повеќето човекојадни тигри биле стари единки, кои почнале да напаѓаат луѓе поради неспособноста да ловат природен плен[70]. Речиси сите тигри кои биле идентификувани како човекојадци, за кратко време биле фатени, убиени или отруени. За разлика од човекојадните леопарди, дури и најкрволочните тигри не влегуваат во човековите населби, и најчесто ловат во периферијата[71]. Сепак, се случува да нападнат и во селата[72]. Овие тигри претставуваат голем проблем во Индија и Бангладеш, поготово во Кумаон, Гарвал и Сандарбанс – мангорвите мочуришта на Бенгал, каде се забележани и здрави тигри кои напаѓаат луѓе. Во Сандарбанс се смета дека бројот на овие напади се зголемил поради брзото уништување на природното живеалиште кое се должи на климатските промени[73].

Традиционална кинеска медицина

уреди
 
Напатствија за дерење на тигар

Многу луѓе од Кина веруваат дека различни делови од тигарот имаат лековити својства и делуваат како аналгетици и афродиијаци [74]. Досега не се пронајдени научни докази кои би ги потврдиле овие верувања. Употребата на делови од тигри при правење лекови е забранета во Кина, и владата дури и казнувала со смрт поради нелегален лов на тигри. Всушност секоја меѓународна трговија со делови од тигри е нелегална според Вашингтонскиот договор за заштита на видовите. Трговијата во Кина е забранета од 1993 година. Сепак, во Кина постојат голем број на фарми на тигри кои ги одгледуваат овие големи мачки за профит. Се проценува дека во овие фарми денес има помеѓу 4000 и 5000 полуприпитомени единки одгледани во заробеништво[75][76].

Тигри како домашни миленичиња

уреди

Се проценува дека во САД има околу 12 000 тигри кои се чуваат како домашни миленичиња, многу повеќе од вкупната популација на тигри во дивината[77]. Се смета дека само во Тексас има 4000 тигри. Големиот број на тигри-домашни миленичиња се смета дека се должи на законите. Само 19 држави го забраниле чувањето тигри, во 15 потребна е само дозвола, а 16 држави немаат донесено никакви регулативи[77].

 
Божицата Дурга

Успехот на програмите за рамножувања во американските зоолошки градини, довеле до зголемување на бројот на младенчиња за време на 1980-тите и 1990-тите, што предизвикало пад на цената на овие животни[77].


Тигрите во културата

уреди

Во источна Азија, тигарот се смета за крал на ѕверовите[78], и симболизира кралска власт, безстрашност и гнев[79].

Ова животно има големо значење во кинеската култура и митови. Тигарот е едно од 12-те животни на зодијакот. Во кинеската уметност и боречките вештини, тигарот е симбол на земјата и рамноправен соперник на кинескиот змеј. Во империјална Кина, тигар бил пресонификација на војната и го претставувал генералот со највисок чин[79], слично како што царот и царицата биле претставувани како змеј и феникс.

Хинду божицата Дурга, е претставена како воин со десет раце и јава тигрица (или лавица). Во јужна Индија и богот Аијапа се поврзува со тигарот[80].

 
Сибирски тигар

Тигарот е национално животно на Бангладеш, Непал, Индија [81] (бенгалски тигар), Малезија (малајски тигар), Северна Кореја и Јужна Кореја (сибирски тигар).

Омилено животно во светот

уреди

Според анкетата спроведена од страна на Animal Planet, тигарот е изгласан за најомилено животно, победувајќи со мала разлика пред кучето. Во анкетата учествувале повеќе од 50 000 гледачи од 73 земји. Тигрите добиле 21% од гласовите, кучињата 20%, делфините 13%, коњите 10%, лавовите 9%, змиите 8%, а потоа следеле слоновите, шимпанзата, орангутаните и китовите[82][83][84][85].

Тигарот како мотив во уметноста и во популарната култура

уреди

Наводи

уреди
  1. Panthera tigris. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 9 октомври 2008.
  2. Save The Tiger Fund | Wild Tiger Conservation
  3. 3,0 3,1 Бунтевска Сузана, 2005: Енциклопедија Британика, стр. 167; С-Ф - Скопје: Топер. ISBN 9989-165-14-9
  4. Henry Liddell and Robert Scott (1980). A Greek-English Lexicon (Abridged Edition). United Kingdom: Oxford University Press. ISBN 0-19-910207-4.
  5. 'Tiger' at the Online Etymology Dictionary“. Etymonline.com. Посетено на 7 март 2009.
  6. Linnaeus, Carolus (1758). Systema naturae per regna tria naturae:secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. 1 (10. изд.). Holmiae (Laurentii Salvii). стр. 41. Посетено на 8 август 2008.
  7. (латински) Linnaeus, C. (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata. Holmiae. (Laurentii Salvii). стр. 824.
  8. "Panther". Online Etymology Dictionary. Douglas Harper. Посетено на 5 јули 2007.
  9. Van den Hoek Ostende. 1999. Javan Tiger - Ruthlessly hunted down. 300 Pearls - Museum highlights of natural diversity Архивирано на 21 септември 2009 г.. Пристапено на 11 август 2006.
  10. Piper et al. The first evidence for the past presence of the tiger Panthera tigris on the island of Palawan, Philippines: Extinction in an island population. Palaeogeography, Palaeoclimatology, Palaeoecology 264 (2008) 123–127
  11. 11,0 11,1 11,2 Sunquist, Mel and Fiona Sunquist. 2002. Wild Cats of the World. University Of Chicago Press, Chicago
  12. „Task force says tigers under siege“. Indianjungles.com. 5 август 2005. Архивирано од изворникот на 2009-09-03. Посетено на 7 март 2009.
  13. Wade, Matt (15 февруари 2008), „Threat to a national symbol as India's wild tigers vanish“, The Age (Melbourne), стр. 9
  14. „No tigers found in Sariska: CBI“. DeccanHerald.com. Архивирано од изворникот 2007-02-10. Посетено на 20 јули 2007. (Архива).
  15. „Laboratory of Genomic Diversity LGD“. Архивирано од изворникот на 2007-04-15. Посетено на 2009-05-09.
  16. Panthera tigris ssp. sumatrae. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 1996. Посетено на 11 мај 2006. Податоците содржат и објаснувања за конзервацискиот статус на овој подвид.
  17. * Nowak, Ronald M. (1999) Walker's Mammals of the World. Johns Hopkins University Press. ISBN 0-8018-5789-9
  18. Cracraft J., Feinstein J., Vaughn J., Helm-Bychowski K. (1998) Sorting out tigers (Panthera tigris) Mitochondrial sequences, nuclear inserts, systematics, and conservation genetics. Animal Conservation 1: 139–150.
  19. Graham Batemann: Die Tiere unserer Welt Raubtiere, Deutsche Ausgabe: Bertelsmann Verlag, 1986.
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 20,4 20,5 (германски) Vratislav Mazak: Der Tiger. Nachdruck der 3. Auflage von 1983. Westarp Wissenschaften Hohenwarsleben, 2004 ISBN 3 894327596 Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „der-tiger“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  21. „The Caspian Tiger - Panthera tigris virgata. Посетено на 12 октомври 2007.
  22. „The Caspian Tiger at www.lairweb.org.nz“. Посетено на 12 октомври 2007.
  23. Mitochondrial Phylogeography Illuminates the Origin of the Extinct Caspian Tiger and Its Relationship to the Amur Tiger
  24. www.china.org.cn Пристапено на 6 октомвриr 2007
  25. 25,0 25,1 „绝迹24年华南虎重现陕西 村民冒险拍下照片“. News.xinhuanet.com. Посетено на 7 март 2009.
  26. „Rare China tiger seen in the wild“. BBC News. 12 октомври 2007. Посетено на 7 март 2009.
  27. „South China tiger photos are 'fake'. China Daily. 17 ноември 2007. Посетено на 7 март 2009.
  28. „South China tiger photos are fake: provincial authorities“. China Daily. 29 јуни 2008. Посетено на 7 март 2009.
  29. „Farmer's photo of rare South China tiger is exposed as fake“. The Times. 30 јуни 2008. Архивирано од изворникот на 2011-06-29. Посетено на 7 март 2009.
  30. „Bambang M. 2002. In search of 'extinct' Javan tiger. The Jakarta Post (октомври 30)“. Thejakartapost.com. Архивирано од изворникот на 2007-09-29. Посетено на 7 март 2009.
  31. „Harimau jawa belum punah! (Indonesian Javan Tiger website)“. Архивирано од изворникот на 2006-12-28. Посетено на 2021-08-16.
  32. „History of big cat hybridisation“. Архивирано од изворникот на 2019-01-27. Посетено на 28 септември 2007.
  33. Guggisberg, C. A. W. (1975). Wild Cats of the World. New York: Taplinger Publishing. ISBN 0-8008-8324-1.
  34. 34,0 34,1 Markel, Scott; Darryl León (2003). Sequence Analysis in a Nutshell: a guide to common tools and databases. Sebastopol, California: O'Reily. ISBN 0-596-00494-X.
  35. „Тигон - Енциклопедија Британика“. Посетено на 12 септември 2007.
  36. „WWF – Tigers – Ecology“.
  37. Matthiessen, Peter. 2000. Tigers in the Snow, стр. 47. The Harvill Press, London.
  38. Matthiessen, Peter; Hornocker, Maurice (2001). Tigers In The Snow. North Point Press. ISBN 0865475962.
  39. V.G Heptner & A.A. Sludskii. Mammals of the Soviet Union, Volume II, Part 2. ISBN 9004088768.
  40. „White tigers“. Посетено на 25 септември 2007.
  41. 41,0 41,1 The white tiger today and the unusual white lion
  42. „White Tigers“. Архивирано од изворникот на 2010-10-20. Посетено на 2009-05-15.
  43. „White Tiger Facts“. Архивирано од изворникот на 2014-02-18. Посетено на 26 септември 2007.
  44. „White Tigers“. Архивирано од изворникот на 2008-12-31. Посетено на 2009-05-15.
  45. „Snow Tigers“. Архивирано од изворникот на 2008-09-05. Посетено на 2009-05-15.
  46. „Golden tabby Bengal tigers“. Lairweb.org.nz. Посетено на 7 март 2009.
  47. 47,0 47,1 Mills, Stephen. pg. 86
  48. Thapar, Valmik. (1989). Tiger:Portrait of a Predator. pg. 88. Smithmark Pub, New York
  49. Thapar, Valmik. pg. 88
  50. 50,0 50,1 „Тигар и леопард: Како две големи мачки коегзистираат во ист регион“. Архивирано од изворникот на 2008-02-13. Посетено на 2009-05-20. Ecology.info
  51. (англиски)„Човекојади. Напади на човекот од тигри и лавови“. Lairweb.org.nz. Посетено на 7 март 2009.
  52. 52,0 52,1 52,2 Perry, Richard (1965). The World of the Tiger. стр. 260. ASIN: B0007DU2IU.
  53. 53,0 53,1 ADW:Panthera tigris: Information, http://animaldiversity.ummz.umich.edu/site/accounts/information/Panthera_tigris.html
  54. Schaller. G The Deer and the Tiger: A Study of Wildlife in India 1984, University Of Chicago Press
  55. Sankhala 1997, стр. 17
  56. Sankhala 1997, стр. 23
  57. 57,0 57,1 Mills, Stephen (2004). Tiger. Richmond Hill., Ont.: Firefly Books. стр. 168. ISBN 1552979490.
  58. 58,0 58,1 58,2 58,3 Nowak, Ronald M. (1999). Walker's Mammals of the World. Baltimore: Johns Hopkins University Press. ISBN 0-8018-5789-9
  59. (англиски) Cat Specialist Group. „Tiger Panthera tigris - Biology“. www.catsg.org. Посетено на 7 март 2009.
  60. „Tiger –“. Bangalinet.com. Посетено на 7 март 2009.
  61. „Tiger – Oakland Zoo“. Oaklandzoo.org. Архивирано од изворникот на 2008-07-26. Посетено на 7 март 2009.
  62. Sunquist, Fiona & Mel Sunquist. 1988. Tiger Moon. The University of Chicago Press, Chicago.
  63. Karanth, K. Ullas; Sunquist, Melvin E. (2000). „Behavioural correlates of predation by tiger (Panthera tigris), leopard (Panthera pardus) and dhole (Cuon alpinus) in Nagarahole, India“. Journal of Zoology. 250: 255–265. doi:10.1111/j.1469-7998.2000.tb01076.x. Архивирано од изворникот на 2012-01-12. Посетено на 5 јуни 2008.
  64. „The IUCN-Reuters Media Awards 2000“. IUCN. Архивирано од изворникот на 2007-10-11. Посетено на 17 август 2007.
  65. „Amur Tiger“. Save The Tiger Fund. Архивирано од изворникот на 2007-07-12. Посетено на 17 август 2007.
  66. (англиски)„Тигар“. Big Cat Rescue. Архивирано од изворникот на 2010-10-20. Посетено на 7 март 2009.
  67. Panthera Tigris. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 2002. Посетено на 10 мај 2006. Податоците вклучуваат и објаснувања за конзервацискиот статус.
  68. 68,0 68,1 (француски)Michael Nichols and Geoffrey C. Ward, Florence Illouz (2000). Le tigre. Paris: National Geographic. стр. 156. ISBN 2-7441-2875-9., p. 25
  69. vide Royal Tiger (nom-de-plume) in The Manpoora Tiger - about a Tiger Hunt in Rajpootanah. (1836) Bengal Sporting Magazine, Vol IV. reproduced in The Treasures of Indian Wildlife
  70. „Man-eaters. The tiger and lion, attacks on humans“. Lairweb.org.nz. Архивирано од изворникот на 2017-10-19. Посетено на 7 март 2009.
  71. „Man-eaters. The tiger and lion, attacks on humans“. Lairweb.org.nz. Посетено на 7 март 2009.
  72. „Increasing tiger attacks trigger panic around Tadoba-Andhari reserve“. Indianexpress.com. 18 октомври 2007. Посетено на 7 март 2009.
  73. „Climate change linked to Indian tiger attacks“. Посетено на 27 октомври 2008.
  74. Harding, Andrew (23 септември 2006). „Programmes | From Our Own Correspondent | Beijing's penis emporium“. BBC News. Посетено на 7 март 2009.
  75. „Chinese tiger farms must be investigated“. WWF. Архивирано од изворникот на 2007-07-05. Посетено на 7 март 2009.
  76. „WWF: Breeding tigers for trade soundly rejected at cites“. Panda.org. Посетено на 7 март 2009.
  77. 77,0 77,1 77,2 Lloyd, J & John Mitchinson: "The Book of General Ignorance". Faber & Faber, 2006.
  78. „Tiger Culture | Save China's Tigers“. English.savechinastigers.org. Архивирано од изворникот на 2009-02-12. Посетено на 7 март 2009.
  79. 79,0 79,1 Cooper, JC (1992). Symbolic and Mythological Animals. London: Aquarian Press. стр. 226–27. ISBN 1-85538-118-4.
  80. Balambal, V (1997). „19. Religion - Identity - Human Values - Indian Context“. Bioethics in India: Proceedings of the International Bioethics Workshop in Madras: Biomanagement of Biogeoresources, 16-19 јануари 1997. Eubios Ethics Institute. Посетено на 2007-10-08.
  81. National Animal Архивирано на 21 јули 2011 г. Panthera tigris, Тигарот е национално животно на Индија
  82. Independent Online. „Tiger tops dog as world's favourite animal“. Int.iol.co.za. Архивирано од изворникот на 2015-11-05. Посетено на 7 март 2009.
  83. „Pers - The Tiger is the World's Favorite Animal“.
  84. „CBBC Newsround | Animals | Tiger 'is our favourite animal'. BBC News. 6 декември 2004. Посетено на 7 март 2009.
  85. „Endangered tiger earns its stripes as the world's most popular beast | Independent, The (London) | Find Articles at BNET.com“. Findarticles.com. 6 декември 2004. Посетено на 7 март 2009.
  86. Давид Албахари, Опис смрти. Београд: Српска књижевна задруга, 2004, стр. 58-66.
  87. Доналд Бисет, Разговори со еден тигар. Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1993, стр. 11-14.
  88. Хорхе Луис Борхес, Сеќавањето на Шекспир. Скопје: Бегемот, 2016, стр. 18-39.
  89. Дејан Мирчески, Кристалните јами на пропаста, Темплум, Скопје, 2012.
  90. Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 159-170.
  91. Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 195-200.
  92. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 467.
  93. DISCOGS, Mega City Four ‎– Tranzophobia (пристапено на 12.9.2020)

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Тигар“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).