Крокодили
Крокодил Период: доцна креда – денес | |
---|---|
Нилски крокодил | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Влекачи |
Ред: | Крокодиловидни |
Семејство: | Crocodylidae Кивје, 1807 |
Родови | |
Види целосна класификација. | |
Крокодили се сите видови кои спаѓаат во фамилијата Crocodylidae. Понекогаш ова име се употребува за сите членови на редот Crocodilia: т.н. вистински крокодили, алигаторите и кајманите (фамилија Alligatoridae) и гавијал (фамилија Gavialidae), па дури и членовите на Crocodylomorpha во кои спаѓаат предците на овие животни и праисториските крокодили. Крокодилите се големи водни животни кои живеат тропските подарачја во Африка, Азија, Северна и Јужна Америка и Австралија. Овие животни најчесто живеат во слатки води, како реки, езера, мочуришта, но сепак понекогаш ги среќаваме и во солени води. Се хранат претежно со рбетници како риби, влекачи и цицачи, но некои видови се хранат и со безрбетници како мекотели и ракови. Оваа лоза на животни датира од многу одамна и се смета дека не се промениле многу од времето на диносаурусите. Се смета дека се стари 200 милиони години, (диносаурусите изумреле пред околу 65 милиони години) што значи дека преживеале голем број на катаклизми[1].
Особености
уреди- За сличностите и разликите помеѓу крокодилите и алигаторите и кајманите, видете Crocodilia.
И покрај нивниот праисториски изглед, крокодилите се едни од најкомплексните влекачи. За разлика од останатите влекачи, одредни мускули кои служат за движење во вода овие животни ги вклучуваат во дишењето, со што добиваат еквивалент на дијафрагма [2]. Потоа имаат и мозочна кора и срце со четири комори. Крокодилите имаат физички одлики кои се карактеристични за грабливците. Имаат и аеродинамично тело кое им овозможува лесно движење низ водата. Кога пливаат тие ги сокриваат нозете до нивното тело со што уште повеќе го намалуваат отпорот во водата и ја зголемуваат брзината. На нозете имаат и пловна кожичка која им овозможува да прават нагли движења во водата.
Во задниот дел на устата, крокодилите имаат круто ткиво кое го спречува влезот на вода. Ноздрите се исто така затворени за време на нуркањето. Кожата на овие животни има пори за кои се смета дека се сетилни и дека се слични на латералната линија кај рибите. Најмногу ги има на нивната горна и долна вилица. Другата теорија за овие пори е дека имаат секреторна улога и произведуваат маслена супстанца која не дозволува калта да им се лепи на кожата [1].
Крокодилите се многу брзи животни на кратки растојанија, дури и надвор од вода. Нивниот начин на ловење е со изненадно грабнување на пленот, поради што имаат многу остри заби кои се забиваат во месото на пленот и силни мускули кои ја затвораат вилицата и го држат пленот заробен. Силата на вилицата на крокодилот е огромна, далеку поголема од било кое друго животно. Оваа сила е со 350 кг/cm² [3], споредено со 23,5 кг/cm² кај ротвајлерот, 28 кг/cm² кај големата бела ајкула или 56–70 кг/cm² кај хиената. Сепак отворањето на вилицата е овозможено од страна на група на многу послаби мускули, па затоа овие животни можат да се проучуваат или транспортираат безбедно со затворање на нивната уста со самолеплива лента. Сите крокодили имаат остри и моќни канџи, но имаат ограничено странично движење на вратот.
Возраст
уредиНе постои веродостоен начин за мерење на возраста на крокодилите, меѓутоа постојат повеќе техники кои се употребуваат за да се добијат приближни претпоставки. Најчестиот метод е мерењето на прстените на коските и забите – секој прстен се однесува на промена на растењето кое нормално се случува еднаш годишно помеѓу сувата и влажната сезона[4]. И покрај овие недостатоци при мерење на возраста, се смета дека најстарите кродоили се и најголемите. C. porosus се смета дека во просек живее до 70 години, но постојат нецелосни докази за единки кои живееле и над 100 години. Еден од најстарите регистрирани крокодили умрел во зоолошка градина во Русија. Мажјак од видот слатководен крокодил кој живее во аврстралиска зоолошка градина се проценува дека има 130 години. Овој крокодил бил спасен од Боб и Стив Ирвин откако бил 2 пати застрелан од ловци. Како резултат на повредите, овој крокодил го изгубил неговото десно око [5].
Големина
уредиГолемината варира во зависност од видот на крокодилот. Видовите од Palaeosuchus и Osteolaemus растат само до 1 – 1,5 метри. Поголемите видови достигнуваат и должина од над 4,85 метри и тежина од над 1200 килограми. Кај крокодилите има и изразен полов диморфизам. Мажјаците се многу поголеми и растат многу побрзо од женките[1]. И покрај огромната големина на возрасните единки, овие животни животот го започнуваат со големина од 20тина сантиметри. Најголемиот од сите видови е морскиот крокодил кој живее во северна Австралија и југоисточна Азија.
Најголемиот регистриран крокодил е огромниот морски крокодил кој бил долг 8,6 метри и тежел 1352 килограми. Тој бил убиен во Квинсленд, Австралија во 1957 година. Направена е реплика на овој крокодил кој привлекува голем број на туристи. Најголемиот познат жив крокодил е 7,1 метри долгиот морски крокодил од Ориса, Индија. Овој крокодил во јуни 2006 година, влезе во Гинисовата книга на светски рекорди[6].
Најголемиот крокодил кој бил чуван во заробеништво е хибридот од морски и сиамски крокодил со име Јаи (роден 10 јуни 1972 година) од фармата за крокодили Самутпракарн во Тајланд. Ова животно било со должина од 6 метри и тежел 1114 килограми.
Уште еден огромен крокодил со име Густав живее во реката Рузизи во Африка. Според месното население овој крокодил е одговорен за смртта на 300 луѓе и наводно има изедено цел возрасен нилски коњ. Според кажувањата, тој е долг некаде помеѓу 6,1 и 9,1 метар.
Потекло на поимот
уредиЗборот крокодил доаѓа од старогрчкиот збор κροκόδīλος (крокодилос) што значи гуштер. Фразата „ho crocodiilos ho potámios“ – „гуштерот од реката (Нил)“ ги изначува крокодилите во денешната смисла на зборот.
Однесување
уредиКрокодилите се животни кои напаѓаат од заседа. Тие чекаат пленот да се доближи и тогаш напаѓаат со голема брзина, без да остават време на пленот да реагира. Како и останатите ладно-крвни грабливци, и овие животни можат да издржат без храна долго време. И покрај нивниот изглед на бавни животни, крокодилите се едни од најопасните грабливци на земјата, па некои видови се забележани како напаѓаат и убиваат ајкули [7]. Познат партнер на крокодилите е Египетскиот пловер, птица со која овие животни живеат во симбиоза. Според некои извештаи, оваа птица се храни со паразитите кои ја инфицираат устата на крокодилот, затоа овој влекач ја отвора устата и дозволува пловерот да влезе и да ја исчисти (Ричфорд и Меад 2003 година).
Многу големи крокодили голтаат камења (нарекувани стомачни камења) кои се верува дека служат за одржување баланс на телото. Според некои други мислења, овие камења имаат улога слична на зрната песок кај птиците, односно за дробење на храната [1].
Крокодилите можат да произведуваат звуци кога се во опасност или за време на напад. Тие имаат и одличен слух [1].
Најчесто овие животни се хранат со риби, птици, цицачи и повремено и со помали крокодили.
Крокодилите се заштитени во многу делови во светот, но исто така постојати фарми на крокодили. Нивната кожа се користи за производство на многу предмети како паричници, чанти или чевли, а нивното месо се смета за деликатес. Најчесто во ваквите фарми се одгледуваат морски или нилски крокодили, а во азиските фарми често се одгледуваат и хибриди од морски и сиамски крокодил.
Крокодилите се многу послични со птиците и со диносаурусите, отколку со повеќето животни кои се класифицирани како влекачи.
Ембрионите на крокодилите немаат полови хромозоми, па за разлика од цицачите на пример, полот не се одредува генетски. Полот зависи од температурата на која се изложени јајцата. Мажјаците се добиваат при температура од 31,6 степени, додека женките на пониска или повисока температура. Просечниот период на инкубација е 80 дена, но и тој зависи од температурата [8].
Според некои набљудувања, се смета дека крокодилите имаат инстинкт за „враќање дома“. Три морски крокодили во северна Австралија биле пренесени на 400 километри со хеликоптер, но повторно се вратиле на првичната локација во рок од 3 недели. Резултатите се добиени со помош на апарати за следење прикачени на крокодилите [9].
На копно, овие животни достигнуваат брзина од 17 км/ч, брзина измерена кај австралискиот крокодил [10]. Максималната брзина варира во зависност од видот. Некои видови навистина можат да трчаат во полн кас, тука спаѓаат кубанскиот крокодил, новогвинејскиот крокодил и џуџестиот крокодил. Повеќето останати видови се движат со таканаречено „стомачно трчање“, движејќи го телото слично на змија. Со ова движење достигнуваат максимална брзина од 10-11 км/ч.
Крокодилите немаат потни жлезди, па од топлината се ослободуваат преку устата. Поради тоа, тие често спијат со отворена уста [11].
Опасност за човекот
уредиГолемите видови на крокодили се доста опасни за човекот. Најголемата опасност е поради тоа што крокодилите напаѓаат брзо пред личноста да има време да реагира. Морските и нилските крокодили се најопасните, и убиваат стотици луѓе годишно во регионите на југоисточна Азија и Африка, многу повеќе од било кој друг грабливец кој го напаѓа човекот како плен.
Крокодилите се многу поагресивни за време на сезоната за парење. Овие животни се доста интелигенти и се способни да учат и да запомнат рутини како локацијата на камповите или местата на кои поминуваат луѓето.
Кога напаѓаат во вода, тие го влечат пленот под водата за да се удави.
Таксономија на фамилијата Crocodylidae
уредиПовеќето видови се групирани во родот Crocodylus. Другиот преживеан род Osteolaemus, содржи само еден вид.
- потсемејство †Mekosuchinae (изумрен)
- потсемејство Crocodylinae
- Род Crocodylus
- Crocodylus acutus, Американски крокодил
- Crocodylus cataphractus, Африкански крокодил (според најновите истражувања на ДНК и морфологијата, се смета дека овој вид можеби спаѓа во свој сопствен род Mecistops)[12]
- Crocodylus intermedius, Ориночки крокодил
- Crocodylus johnsoni, Слатководен крокодил
- Crocodylus mindorensis, Филипински крокодил
- Crocodylus moreletii, Мексикански крокодил
- Crocodylus niloticus, Нилски крокодил (подвидот кој живее на Мадагаскар се нарекува и Црн крокодил)
- Crocodylus novaeguineae, Новогвинејски крокодил
- Crocodylus palustris, Индиски крокодил
- Crocodylus porosus, Морски крокодил
- Crocodylus rhombifer, Кубански крокодил
- Crocodylus siamensis, Сијамски крокодил
- Род Osteolaemus
- Osteolaemus tetraspis, Џуџест крокодил (постојат несогласувања околу тоа дали се работи за два видови; денес се смета дека се два подвида: O. tetraspis tetraspis и O. t. osborni)
- Род Tomistoma
- Род †Euthecodon
- Род †Rimasuchus (порано Crocodylus lloydi)
- Род †Asiatosuchus
- Род Crocodylus
Некои од изумрените роднини на вистинските крокодили, членови на Crocodylomorpha, биле тревојадни животни.
Крокодилите и луѓето
уредиСимболи и верувања
уреди- логото на Лакост (Lacoste), најверојатно е поради репутацијата на тенисерот Рене Лакост, да се бори „како крокодил“
- во многу политички карикатури, капиталистите се претставени како крокодили
- Три крокодили се амблемот на градот Бамако, главниот град на Мали
- Петсучос бил светиот крокодил во градот Крокодилополис во Фајум за време на Стар Египет. Тој е поврзан со богот на водата Собек
- Во хинду митологијата, богот на Ганг – Ганга има придружник крокодил
- Познатото езерце со крокодили во Карачи (Пакистан) има повеќе од 50тина од овие влекачи кои таму се сметаат за божества
- Според една папуанска легенда, крокодилот со име Кабакмели (Kabakmeli) е создател на светот и сите негови жители
Во литературата
уреди- „Лисицата и крокодилот“ — басна на старогрчкиот баснописец Езоп.[13]
- „Крокодил“ — расказ на рускиот писател Фјодор Михајлович Достоевски од 1864 година.
- „Крокодилска улица“ — расказ на полскиот писател Бруно Шулц.[14]
Во музиката
уреди- „Ах тој крокодил“ — детска песна од фестивалот „Златно Славејче“.
- „Доаѓаат крокодилите“ (српски: Крокодили долазе) - песна на српската рок-група Електрични оргазам од 1981 година.[15]
- „Крокодили“ (англиски: Crocodiles) — музички албум на британската рок-група Echo And The Bunnymen од 1980 година.[16]
- „Крокодили“ (англиски: Crocodiles) — песна на британската рок-група Echo And The Bunnymen од 1980 година.[16]
Производи од крокодил
уредиКрокодилската кожа се употребува за производство на паричници, акт чанти, женски ташни, каиши, капи и чевли.
Во некои земји како Австралија, Етиопија, Тајланд, Јужна Африка и Куба се конзумира крокодилско месо. Како специјалитет може да се најде и во некои ресторани во САД. Месото е бело и со хранлива вредност слична на останатите видови месо. Се смета дека има малку повисоко ниво на холестерол од останатите меса. Некои го опишуваат вкусот како „помеѓу пилешко и краба“.
Маслото од крокодил со векови се смета за лековит природен балсам за кожа.
Надворешни врски
уреди- (англиски) Crocodilian Online Архивирано на 8 јули 2011 г.
- (англиски) Crocodilian Biology Database
- (англиски) Crocodile Attacks in Australia Архивирано на 23 јуни 2006 г.
- (англиски) BBC news finds powerful agent in crocodile blood
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Grigg, Gordon and Gans, Carl (1993) Morphology And Physiology Of The Crocodylia, in Fauna of Australia Vol 2A Amphibia and Reptilia, chapter 40, pages 326-336. Australian Government Publishing Service, Canberra. PDF Архивирано на 20 јули 2005 г.
- ↑ Uriona TJ, Farmer CG. 2008. Recruitment of the diaphragmaticus, ischiopubis and other respiratory muscles to control pitch and roll in the American alligator (Alligator mississippiensis). Journal of Experimental Biology 211: 1141-1147.
- ↑ National Geographic documentary; "Bite Force", Brady Barr.
- ↑ Britton Adam. Crocodilian Biology Database, FAQ. "How long do crocodiles live for?". Retrieved 9/11/2006.
- ↑ profile of Mr Freshy at Australia Zoo website Архивирано на 27 февруари 2014 г., accessed 1 февруари 2007
- ↑ „Orissa crocodile recognised as world's largest“. Reuters. 2006-06-16. Посетено на 2006-06-18.[мртва врска]
- ↑ Saltwater Crocodile, Saltwater Crocodile Profile, Facts, Information, Photos, Pictures, Sounds, Habitats, Reports, News - National Geographic
- ↑ Britton, Adam. Estuarine Crocodile: Crocodylus porosus Архивирано на 7 јуни 2008 г.. Crocodilians: Natural History Conservation: Crocodiles, Caimans, Alligators, Gharials. Retrieved 4 јануари 2007.
- ↑ Read MA, Grigg GC, Irwin SR, Shanahan D, Franklin CE (2007) Satellite Tracking Reveals Long Distance Coastal Travel and Homing by Translocated Estuarine Crocodiles, Crocodylus porosus. PLoS ONE 2(9): e949. doi:10.1371/journal.pone.0000949
- ↑ Britton, Adam. „Crocodilian Biology Database FAQ, "How fast can a crocodile run?"“. Посетено на 2008-02-02.
- ↑ Anitai, Stefan. „14 Amazing Facts About Crocodiles - Living dinosaurs“. Softpedia. Посетено на 2008-04-01.
- ↑ McAliley, Willis, Ray, White, Brochu & Densmore (2006). Are crocodiles really monophyletic?—Evidence for subdivisions from sequence and morphological data. Molecular Phylogenetics and Evolution 39:16-32.
- ↑ Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: Просвета, 1963, стр. 25.
- ↑ Bruno Šulc, Cimetaste prodavnice. Beograd: Paidea, 2015, стр. 71-79.
- ↑ Discogs, Šarlo Akrobata & Idoli & Električni Orgazam – Paket Aranžman (пристапено на 25.2.2021)
- ↑ 16,0 16,1 Discogs, Echo And The Bunnymen* – Crocodiles (пристапено на 21.3.2021)
„Крокодили“ на Ризницата ? |