Скопски земјотрес (1963)

(Пренасочено од Скопски земјотрес)

Скопски земјотрес од 1963 година — природна катастрофа што го погодила градот Скопје на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути. Земјотресот е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и Македонија, со измерени 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала). Траел 20 секунди, со помали потреси до 5 часот и 43 минути.[8]

Скопски земјотрес (1963)
Пред старата скопска железничка станица, на 26 јули 1963 г.
Датум 26 јули 1963
Магнитуда 6,1 Mw[1][2]
Длабочина 6 км[1][2]
Епицентар 41°59′27″N 21°25′44″E / 41.9908° СГШ; 21.429° ИГД / 41.9908; 21.429[1]
Зафатени земји/подрачја НР Македонија СР Македонија
Жртви 1.070+ загинати[1][3]

2.900+ повредени[4][5]
200.000 без дом[3]
75 — 80 % разрушеност[6][7]

Карта
Епицентар на земјотресот.

Според службите за идентификација на жртвите на истиот ден, под урнатините животот го загубиле 1.070 граѓани, од коишто 478 мажи, 430 жени и 162 деца. Овие податоци не се земени како дефинитивни поради веројатноста дел од жртвите да биле веќе сохранети од своите роднини пред да ги евидентира Службата. Точната евиденција за повредените била вкупно 2.900 луѓе, од кои што 1.110 биле тешко повредени (преку 300 од нив се уште биле згрижени и до месец и половина во болниците и клиниките), а околу 800 луѓе останале инвалиди. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000.[8]

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале градот да се изгради повторно, поради што го носи и епитетот „град на солидарноста“.

За првпат во периодот на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, американски и советски воени сили заеднички им помагале на скопјаните.

Неколку месеци порано во Скопје настанала поплава од катастрофални размери, којашто уништила многу материјални добра, иако во самиот град поминала без човечки жртви. Буицата на реката Вардар ги срушила куќите на неколку стотици скопјани. Овој настан се смета за предвесник што хипотетички придонел за Скопскиот земјотрес.[8]

Минати земјотреси и други катастрофи

уреди

Во својата долга историја, Скопје повеќепати пропаѓал и одново се раѓал. Времето на постанокот на градот, како еден од најстарите и најважните на Балканот, не е точно утврдено. Првите траги на Скупи се пронаоѓаат во прастарото илирско доба. Развитокот на најголемиот град на Вардарот со сигурност може да се следи од времето кога Римјаните ја освојуваат Македонија, па на просторот помеѓу селата Злокуќани и Бардовци го изградиле моќниот град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија, која што влегла во состав на големата римска провинција Мизија (супериор). Скупи станал база на Седмиот римски легион, град којшто играл голема улога во пространата Римска Империја, стратешки и трговски центар, клучно средиште на поголемиот дел на западна Илирија.[8]

Историјата на Скопје, според разни записи на летописи, е исполнета со пожари, поплави и воени опустошувања. Регионот околу реката Вардар, е зона со висока сеизмичка активност. Во минатото, Скопје двапати бил целосно разрушен од земјотреси: во 518 година, кога бил уништен под тогашното име Скупи, и во 1555 година. Старите хроничари не го запишале точниот број на човечки жртви во првиот и вториот земјотрес.[8]

Прв Скопски земјотрес во 518 г.

уреди

Во 518 г., Скупи бил наполно разурнат од земјотрес. Катастрофата што ја опустошила провинцијата Дарданија, со епицентар во Скупи, ја опишува хроничарот Марцелин Комес. Тој запишал дека во провинцијата Дарданија:[8]

„од тешкиот земјотрес се срушиле 24 каштели (градски тврдини), од кои што два пропаднале во земја заедно со сите жители, во четири половина од своите жители ги изгубиле животите, во единаесет градски тврдини настрадало третина од населението, а девет тврдини биле упропастени, при што загинало четвртина од населението.“

Тој понатаму тврди дека во земјата се појавила пукнатина долга околу 45 км, а широка 12 стапки. Метрополата Скупи била срушена до темел, но жителите не настрадале, затоа што пред катастрофата побегнале од градот зошто имало непријателска наезда од напаѓачи. Според описот на Комес, преживеаните жители на Скупи подигнале нов град во близината на нивните домови и храмови низводно по текот на Вардар - на местото на денешно Скопје.[8]

Период до Вториот Скопски земјотрес

уреди

До нов расцут на Скупи дошло во времето на Византискиот цар Јустинијан Први, којшто според некои записи е роден во селото Таор коешто е во близина на Скупи. По неговата смрт, Словените се населуваат на Балканот, а во 695 г. го освоиле и Скупи којшто го преименувале во Скопје. Во овој период, Скопје почнало нагло да се развива и да воспоставува трговски врски со соседните градови.[8]

Во 1081 г., во Скопје продреле Норманите и го опустошиле.[8]

Српскиот крал Стефан Урош II Милутин, го освоил Скопје заедно со северниот дел на Македонија, а српскиот цар Душан Стефан во 1343 година го претворил Скопје во своја престолнина.[8]

При крајот на XIV век, на 19 јануари 1392 г., Скопје бил освоен од Отоманската империја по што го сменил името во Ускуб. Вук Бранковиќ, кој извесно време владеел со Скопје, бил принуден да им го предаде на Турците.[8]

Во 1413 г., Скопје бил разорен по наредба на султанот Муса, а во 1438 г., по наредба на султанот Мурат, обновениот град бил запален по што изгореле многу луѓе, според пишаното во тогашните летописи.[8]

Втор Скопски земјотрес во 1555 г.

уреди

Во 1555 г. се случил Вториот катастрофален земјотрес, што скоро сосема го срушил Скопје.[8]

Во својата понова историја, Австрискиот генерал Пиколомини, на 26 октомври 1687 г., ја одбележал својата краткотрајна победа над Отоманците со страшен пожар, којшто уништил голем дел од Скопје, за потоа во градот да завладее и чума од која на 9 ноември истата година, умрел и самиот Пиколомини.[8]

Статистички податоци за Скопје непосредно пред земјотресот

уреди
 
Старата скопска железничка станица, пред 1963 г.
 
Офицерскиот дом.
 
Црквата Св. Константин и Елена (слика од 1951 г.).
 
Куршумли ан пред земјотресот.
 
Местото на денешен ГТЦ.

До ослободувањето на Скопје во 1944 г., градот бил економски поизграден и поразвиен од другите македонски градови, но и покрај тоа, бил град без индустрија, без вистински градски живот, во којшто преовладувале занаетчиско-чаршиските и административно-чиновничките елементи.[8]

Урбанистичкиот план во тој миг бил слободен за изведба и едноставен бидејќи многу мал број на згради, кои веќе постоеле, можеле да се вклопат во новата замисла. Така, урбанистите имале одврзани раце да го планираат градот. Изградбата се одвивала брзо, па Скопје доживеал и брзо развивање во многу области на животот од било кој друг голем град во поранешна Југославија.[8]

Население и инфраструктура

уреди

Скопје бил административен центар и основен носител на стопанската моќ на СР Македонија, во кој што биле сконцентрирани основните институции, од кои што потекнувале и се остварувале врховните функции на општествената и државна заедница.[8]

Околу 1/7 од целокупното население на СР Македонија живеело во Скопје според статистичките информации од 30 јуни 1963 г., или 198.153 жители. Привремено присутните жители се движеле од 12.000 до 20.000 што значи дека по бројот на жители до утрото пред земјотресот, Скопје се сметал за трет град по големина, развиеност и вложување во поранешна Југославија.[8]

Според истата статистика, во градот имало 39.516 станови со вкупно 1.792.055 м2 станбена површина, вклучувајќи ги и 3.912 станови во изградба, со 208.026 м2 станбена површина. Од 1945 до 1961 г., се изградени околу 25 или 41 % од станбениот фонд. Од 1961 до 1963 г., се изградиле околу 9.000 станови, со што од вкупниот станбен фонд 45 % припаѓале во општествено својство и 55 % на индивидуални сопственици. Просечно, на секој жител на Скопје му припаѓале околу 8 м2 станбена површина, а секое семејство броела околу 4,1 член, што значи дека градот броел околу 48.330 домаќинства. Од вкупниот број на домаќинства, во засебни станови живееле 76,5 % од жителите, додека 23,5 % живееле во деливи станови.[8]

Економија и стопанство

уреди

Скопје претставувал околу 25 од стопанската моќ, т.е., 35 % од индустриските капацитети, 77 % од градежните капацитети, 84 % од сообраќајните капацитети, и 50 % од трговските, занаетчиските и угостителските капацитети на СР Македонија. Најголем дел од крупните претпријатија во државата, или 40 %, се наоѓале во Скопје.[8]

Ваквата концентрација на економски потенцијал била проследена и со кадровата моќ. Од околу 11.000 стручњаци со високо и вишо стручно образование во Македонија, во 1963 г., во скопје работеле околу 6.000 од нив, или околу 55 %. Од вкупниот број на квалификувани работници, 38 % работеле во Скопје.[8]

Во градот се наоѓале околу 42,5 % од вкупната вредност на активните основни средства во државата. Во 1962 г., стопанството во Скопје остварило приход од 238.000.000.000 динари, или 54,3 % од вкупниот приход во СР Македонија. Изградбата на индустрискиот комплекс „Железарница“, хемиските комбинати „Билјана“ и „Ацителенка“, заедно со темелната реконструкција на разни постојни индустриски погони во тек, до 1967 г. ќе го направела градот значаен индустриски центар и во границите на поранешна Југославија. Со изградбата на „Билјана“ и „Ацителенка“ до 1964 г., било проектирано дека ќе го зголемат годишниот бруто домашен производ на Скопје за над 20.000.000.000 динари.[8]

Култура и образование

уреди

Скопје се сметал за најголем културно-просветен центар, и најголем спортски центар во СР Македонија, како и еден од најголемите градови во поранешна Југославија во којшто, во тој момент, биле сконцентрирани најзначајните културни институции:[8]

  • Три професионални театри од коишто еден од нив, покрај драмски ансамбл, изведувал опера и балет;
  • Радиостаница со 18-часовна дневна програма;
  • Редакции на еден дневен весник и повеќе неделници и списанија;
  • Историски музеј;
  • Археолошки музеј;
  • Природонаучен музеј;
  • Етнолошки музеј;
  • Градски музеј;
  • Народна-универзитетска библиотека со околу 500.000 книги и 52 помали библиотеки со 130.000 книги;
  • Уметничка галерија;
  • Филхармонија;
  • Две филмски производни претпријатија и еднo дистрибутивно претпријатие;
  • Петнаесет кина со 8.200 седишта;
  • Народен универзитет и Работнички универзитет;
  • други разни институти, и културни и научни установи.

Градот стекнал и епитет како „град на ученици“, зошто во просек секој негов трет жител, сметајќи ги и студентите, посетувал некое редовно училиште.[8]

Пред земјотресот, во Скопје постоеле 32 основни училишта со преку 1.000 оделенија со вкупно 36.585 ученици. Градот имал и 22 училишта од втор степен, или 4 гимназии, 10 средни стручни училишта, 4 средни уметнички училишта, и 4 за наставен кадар со вкупно 13.772 ученици. Наставата во скопските основни и средни училишта ја изведувале преку 2.000 просветни работници. На територијата на СР Македонија, во учебната 1962/63 г. работеле 80 средни училишта.[8]

Скопје го заземал третото место во Југославија (по Белград и Загреб) и по развиеноста на високото и вишо образование. Иако бил еден од најмладите југословенски универзитети, Скопскиот универзитет годишно произведувал околу 1.000-1.200 дипломирани стручњаци во стопанството, културата, науката и општествените служби. Во учебната 1962/63 г., во седумте факултети и четирите виши училишта во градот, студирале вкупно 13.000 редовни и вонредни студенти, додека наставата во Универзитетот ја изведувале околу 650 постојани и хонорарни професори и асистенти.[8]

Скопскиот универзитет, во тоа време, за 15 години постоење успеал да го консолидира наставниот и асистентски кадар, во основа решавајќи еден од своите најтешки проблеми. Била создадена и цврста материјална основа за работа на факултетите и институциите на Универзитетот. Биле додадени два отсеци на Техничкиот факултет, и доделени простории за Земјоделско-шумарскиот и Хемискиот институт.[8]

Капацитетите на двата студентски домови не биле доволни, со околу 2.000 студенти кои престојувале во нив, и притоа не било предвидено познато проширување на просторот за сместување.[8]

Убедлив доказ за напредокот на научната дејност на Скопскиот универзитет биле бројот на научните монографии, одбранети докторски дисертации и печатени прилози во факултетските зборници и списанија, како и многубројните научни врски и соработка со универзитети и научни институции во поранешна Југославија и останати земји.[8]

Здравствени, социјални и комунални капацитети

уреди

Во Клиничката, Воената, Градската и другите болници во Скопје биле достапни околу 1.500 болнички легла, што сочинувало околу 2/5 од вкупните капацитети на државата. Поради развиеноста на амбулантно-поликлиничката мрежа, службата за превентивна заштита и бројноста на другите здравствени установи, 64 % од вкупниот број на лекарите во Македонија и 53 % од останатиот медицински кадар работел во Скопје.[8]

Бројноста на жителите и неговата структура наметнувало постоење на разни институции од областа на социјалната заштита. Во градот работеле 41 установа за деца и младинци, 7 советувалишта за жени и разни слични установи.[8]

Градот непосредно добил и потполно нова водоводна и канализациска мрежа во поголемиот дел од градот, а напоредно се работело и на изградба и обнова на улици, подземна електрична и телефонска кабелска мрежа, организирање на градскиот автобуски сообраќај и комуналната хигиена. Како брзорастечки град, комуналните служби тешко ги обавувале сите потреби на граѓаните, но сепак основните потреби биле задоволени.[8]

Проценки и претпоставки за настанување на земјотресот

уреди

Незаузданата и недофатна сила на природата по скоро едногласни претпоставки на југословенските и странските сеизмолози потекнала од длабочините на земјата токму под самиот град, или во негова непосредна близина. Хипоцентарот на земјотресот, според експертот за сеизмологија Сергеј Васиљевич Медведев којшто во средината на септември 1963 г. престојувал во разурнатото Скопје, се наоѓал некаде под градот на длабочина од 5-10 км. Според други стручњаци, хипоцентарот бил на само 3 км длабоко во кората. Според ова, епицентарот на земјотресот (точка на Земјината површина најблиска до хипоцентарот) се наоѓал најверојатно во самиот град. Со овие укази се сложил и професорот Киошо Муто од Универзитетот во Токио, експерт за асеизмичко градежништво, којшто исто така престојувал во септември 1963 г. во Скопје.[8]

Во градот постоеле микро-зони со различен степен на разрушеност. Во тогашната периферија на градот, рушевини постоеле во населбите Карпош, Чаир, подножјето на Водно, Топаана и останатите делови на старо Скопје. Сепак, најпогодениот дел, со најмногу жртви, бил во самиот центар на градот, во замислен правоаголник кој се граничи со бул. Кочо Рацин, бул. Јордан Мијалков (Железничка), ул. Костурски херои (29 Ноември) и десниот брег на реката Вардар. Постои согласност дека епицентарот на земјотресот најпрецизно бил некаде во оваа зона со најголемо разрушување.[8]

Потресот бил почувствуван во околните градови Куманово, Тетово, Велес, Штип, како и во сите населени места околу Скопската котлина, на простор од околу 50.000 км2, низ долината на реката Вардар. Потресот бил многу јак до сите околни градови и села оддалечени до 100 километри, каде што, на пример, во Куманово се разурнале многу оџаци и притоа татнежот и потресот ги разбудил сите граѓани рано утрото.[8]

Меѓу мислењата на домашните научници и стручњаци за причината за земјотресот, интересна хипотеза е објавена во весникот „Нова Македонија“ на доцентот Душко Манаковиќ од Природно-математичкиот факултет во Скопје. Според него, територијално, во поголемиот дел Македонија се протега во Родопскиот масив, којшто во делечното минато бил разделен на Родопски масив североисточно од реката Вардар и на Пелагониски масив. Помеѓу овие два дела на Родопскиот масив се протега Вардарската долина, таканаречена Вардарска зона, која е во облик на огромен ров широк 70 км. Поради поместување на раздвоените делови на планинскиот масив, Вардарската зона има карактеристичен изглед - одделни делови на зоната се спуштени, а другите издигнати. Движејќи се од север кон југ, прво доаѓа Полошката котлина, потоа се издига планината Жеден, по неа е Скопската котлина, па планината Венец, зад која доаѓа Велешката котлина, по што се издигаат други планини после кои доаѓа Тиквешката котлина; оваа конфигурација на издигнувања и спустови се повторува до сливот на реката Вардар во Егејското море. Бреговите на овој огромен ров на Вардарската зона се многу нестабилни, често се движат и повремено предизвикуваат земјотреси од различна јачина и вид. Сеизмичките движења во Вардарската зона можат да бидат вертикални или хоризонтални, или во двата правца истовремено, како што било во случајот со Скопскиот земјотрес.[8]

Југословенскиот научник д-р Коста Петковиќ, врз основа на податоците за поранешните земјотреси на скопското подрачје, заклучил дека сеизмичката област на скопскиот базен се наоѓа меѓу планинските масиви и порано била многу активна, а и интензитетот на таа активност се одржува и понатаму. Изразено активна се покажала раселинската линија што го одвојува северниот дел на подножјето на планината Водно од скопскиот базен. Паралелно по должината на оваа линија, се наоѓаат линиите што го одвојуваат скопскиот базен од планината Скопска Црна Гора, по што своевремено потонало и тлото формирајќи ја скопската котлина. Во минатите геолошки периоди во скопската котлина навлегувал залив на Егејското море. Кога се повлекло морето, останало езеро. Кога исчезнало и езерото, останале седиментни слоеви кои што не биле во состојба се спротивстават на бочните притисоци и движењата на гореспоменатите раселински линии. Така, овие слоеви пукаат, се поместуваат, по што предизвикуваат земјотреси.[8]

Тлото во Вардарската долина постепено и незабележливо тоне поради притисокот што го што го вршат обата раздвоени планински делови на масивот, со што наталожените слоеви во вардарскиот ров постојано се во напната состојба. Напнатоста се зголемува повремено до таму што предизвикува слоевите да се виткаат надолу во вид на лак, или нагоре во вид на свод. Во моментот кога напрегнатоста ќе ја премине границата на еластичност на материјалите од кои што е составен свитканиот слој, местото каде што напрегнатоста е најголема се прекршува, при што едно парче од скршениот лачен слој се спушта, а друго се подигнува. Бидејќи во такви случаи доаѓа до нагло движење на огромни маси, овие раседнувања на површината на земјата се манифестираат како силни земјотреси, пратени од татнеж, и се катастрофално разорни ако во нивниот епицентар се наоѓаат населби, а особено градови.[8]

Исто како Скопскиот земјотрес, можно е овие неизбежни движења на земјишните слоеви во Вардарската зона да го предизвикале и Валандовскиот земјотрес од 1931 г.[8]

Општ список на разурнати градби

уреди

Градби од јавен карактер што биле целосно срушени или наполно растресени особено во замислениот правоаголник во и околу Општина Центар:[8]

  • Старата железничка станица;
  • Офицерскиот Дом;
  • Народниот театар;
  • Домот на Југословенската народна армија;
  • Сообраќајната пошта бр. 2;
  • Главната поштенска зграда, во истата се наоѓала и телефонска централа;
  • Домот на културата „Кочо Рацин“;
  • Зградата на општина „Идадија“
  • Зградата на Скопскиот универзитет, во кој се наоѓале Филозофскиот, Правниот и Економскиот факултет;
  • Зградата на Републичките секретаријати;
  • Хотелот „Македонија“ (хотелот бил полн со гости, меѓу кои многу странци - Бугари, Белгијци, Французи, Американци итн. Многу мал дел од жртвите биле извлечени живи);
  • Хотелот „Скопје“;
  • Зградата на Надворешно-трговските претпријатија;
  • Деловната и станбена зграда на Југобанка и Народна банка;
  • Студиото на Радио-телевизија Скопје;
  • Две деловни и станбени петкатници спроти Железничката станица;
  • Блок станбени четирикатници на плоштадот „Слобода“;
  • „Инженерската зграда“;
  • Зграда што се наоѓала на аголот на ул. Осма ударна бригада бр. 16 и ул. Наум Наумовски бр. 7;
  • Станбени згради на ул. Васил Главинов бр. 22 и 36, бул. ЈНА бр. 32 и 36, ул. Ѓуро Ѓаковиќ бр. 19, ул. Карл Маркс бр. 41, ул. 29 Ноември бр. 16, и др.
  • Зграда бр. 13 во населба Карпош;
  • Зграда на ул. Водњанска бр. 40 спроти Клиничкиот центар во Скопје;
  • Хотел за самци на градежното претпријатие „Бетон“, во индустрискиот дел на градот од левата страна на реката Вардар (загинале 11 работници, повеќето биле излезени на терен);

Галерија

уреди

По земјотресот

уреди
 
Југословенската делегација на чело со Јосип Броз-Тито, на улица „Иво Рибар Лола“.

Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз-Тито, изјавил:

Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.

Овие зборови (букви) биле изработени од стиропор и закачени на старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на пост-земјотресно Скопје.[9] Пораката била отстранета во 2000 година од страна на тогашниот директор на Музејот, со објаснување дека буквите ќе се заменат со нови, а ѕидот ќе се реконструира. Но, до денеска тоа не е направено.[9][10]

Наскоро, градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на земјотресот. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Една од првите мерки на градските власти било организираното евакуирање на скопските деца низ Македонија и низ СФР Југославија. За да биде евакуирањето поорганизирано, било формирано Одделение за народна одбрана при Градското собрание, сместено на игралиштето на ФК Работнички, а со евакуација биле опфатени неактивните жители: жени, стари и изнемоштени, инвалиди и сите деца до 15-годишна возраст. Вкупно 105.000 лица биле евакуирани по земјотресот, од кои околу 30.000 биле деца.[11] Дел од евакуираните (63.200 лица) заминале кај свои роднини и пријатели во внатрешноста на Македонија, а 41.743 биле распоредени во другите југословенски републики. Така, во деновите по земјотресот, Скопје станал град без деца.

Низ градовите во Србија биле евакуирани околу 44.000 лица, и тоа: во Белград, Ниш, Лесковац, Крагуевац, Краљево, Смедерево, Сремска Митровица, Шабац, Кањижа, Боговоѓа, Пионерскиот град и други помали места. Скопската општа околиска болница била преселена во Врање, а се користеле нервната клиника, венерологијата, гинекологијата и оториноларингологијата во Ниш. Во Косово и Метохија биле евакуирани болните во Интерната болница во Приштина.[12]

Во Словенија биле евакуирани 2.875 деца од Скопје, во места како што се: Солкан кај Нова Горица, домот Иван Цанкар во Љубљана, Изола, Постојна и Дебели Ртич кај Копар. Низ Босна и Херцеговина биле сместени околу 11.000 евакуирани лица, во објекти во Сараево, Бихаќ, Бања Лука, Илиџа и на други места. Црвениот крст на Црна Гора овозможил сместување на околу 1.171 лице. Голем број од децата биле сместени на Црногорското приморје, како и во Титоград, Цетиње, Никшиќ, Бар, Рисан, Иванград, Жабљак и други места.

Во Хрватска заминале 3.136 евакуирани деца: Риека, Сплит, Осиек, Преко кај Задар, Водице кај Шибеник, женскиот дом кај Карловац, Српска Моравица, Црквеница, Загреб, а на хрватското приморје на гостите им биле откажувани туристичките аранжмани со цел да се примат скопските деца.[13]

Скопскиот земјотрес 1963 како тема во уметноста

уреди
 
Споменик посветен на земјотресот.
  • „Под точка разно“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски од 1966 година.[14]
  • „26 јули“ – кус расказ на македонскиот писател Горан Петревски.[15]
  • „А клучевите од фиќото, кај ви се?“ — краток расказ на Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[16]
  • „Земјотрес“ — алтернативен музички фестивал кој се одржува од 2013 г.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Сеизмички проценки за движењето на тлото за земјотресот со M6.1 во Скопје, Македонија 26 јули 1963 Архивирано на 11 април 2008 г. Факултет за науки за земјата, Универзитет во Трст, Трст, Италија
  2. 2,0 2,1 Земјотресот во Скопје (Македонија) во 1963 г. SeismoArchives, Здружени установи за сеизмолошко истражување
  3. 3,0 3,1 44-годишнината од Скопскиот земјотрес МРТ 26 јули 2007
  4. Податоци за загинатите и повредените во скопскиот земјотрес - МИА
  5. Скопски земјотрес - загинаа 1.070 луѓе, а околу 4.000 беа повредени Архивирано на 1 април 2010 г. - Макфакс
  6. Скопскиот земјотрес од 1963 Архивирано на 13 мај 2008 г. - In Your Pocket City Guides
  7. На денешен ден: 26 јули; 1963: Илјадници загинати во земјотресот во Југославија Би Би Си
  8. 8,00 8,01 8,02 8,03 8,04 8,05 8,06 8,07 8,08 8,09 8,10 8,11 8,12 8,13 8,14 8,15 8,16 8,17 8,18 8,19 8,20 8,21 8,22 8,23 8,24 8,25 8,26 8,27 8,28 8,29 8,30 8,31 8,32 8,33 8,34 8,35 8,36 8,37 8,38 8,39 „Скопје, Катастрофа што го возбуди целиот свет“, Јован Пешиќ, Народна задруга (Панде Ташковски), 1963 г., Скопје
  9. 9,0 9,1 „Напис во ВЕСТ од 2003“. Архивирано од изворникот на 2016-08-12. Посетено на 2017-07-26.
  10. Вести на novatv.mk
  11. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 48
  12. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 70-71
  13. Група автори: „До видување Скопје, довидување граду наш мил“, Паблишер, Скопје, 2016, стр. 75
  14. Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 79.
  15. Современост број 3/2023, стр. 27-28.
  16. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 328-329.

Надворешни врски

уреди