Народна банка на Македонија

централна банка на Македонија

Народна банка на Македонија (НБМ; поранешна кратенка „НБРМ“, службено позната: Народна банка на Република Северна Македонија, НБРСМ) — централна и емисиона банка на Македонија.

Народна банка
на Македонија
Лого на Народната банка
Лого на Народната банка
100 златни денари. Опачина - Споменик „Македониум“ во Крушево.
100 златни денари. Опачина - Споменик „Македониум“ во Крушево.
СедиштеСкопје, Македонија
Основана19 октомври 1946
ГувернерАнита Ангеловска-Бежоска[1]
Централна банка наМакедонија
Валутаденар
MKD (ISO 4217)
Мрежно местоwww.nbrm.mk

Историја

уреди

Народната банка е основана на 19 октомври 1946 г. со спојување на Македонската стопанска банка со Народната банка - филијала Скопје. Прв главен директор на банката бил д-р Тодор Мировски. Од почетокот на 1947 г. го носела називот НБ ФНРЈ - Централа за Народна Република Македонија со Александар Богоев како главен директор. Меѓу 1947 и 1953 г., НБ ФНРЈ - Централа за НРМ била единствена банка во Македонија и истовремено работела како емисиона и деловна банка, т.е. извршувала централно банкарски работи, работи за републичкиот буџет, како и универзални банкарски работи. Во периодот 1954-1965 г., таа постепено ги напуштила универзалните банкарски работи и се насочила кон централнобанкарските активности и регулирањето и контролата на банкарскиот систем. Исто така, во овој период, биле укинати нејзините филијали, а банката го променила називот во Народна банка на Југославија - Централа во Скопје. Во текот на 1965-1971 г., централата на НБЈ во Скопје немала никаква улога во водењето на монетарно-кредитната политика, туку вршела само работи кои имаат извршен и оперативен карактер. Во декември 1971 г. бил донесен првиот Закон за Народна банка на Македонија, со кој таа била дефинирана како уставна категорија, а за прв гувернер бил именуван Стојан Ќосев. Сепак, Народна банка на Македонија и понатаму била во многу подредена положба во однос на Народната банка на Југославија и имала многу ограничена улога во формулирањето и водењето на монетарната политика.[2]

НБРМ по осамостојувањето на Македонија

уреди
 
Зградата на Народната банка на РМ

Уставот на Република Македонија од 1991 година ја определил НБРМ како емисиона банка, самостојна и одговорна за стабилноста на домашната валута, водењето на монетарната политика и општата ликвидност за плаќањето во земјата и странство. На 26 април 1992 год., Собранието го донело Законот за Народна банка на Република Македонија, како прв законски акт со кој се уредува работењето на централната банка по осамостојувањето на Македонија. Во овој период, функцијата гувернер ја извршувал м-р Борко Станоевски, кој поднел оставка во 1997 год. поради големиот финансиски скандал со штедилницата ТАТ. На местото гувернер, него го наследил д-р Љубе Трпески, кој оваа функција ја извршувал до 2004 год. Функцијата гувернер во периодот 2004 - 2011 ја извршувал м-р Петар Гошев. Од мај 2011 оваа функција ја извршувал Димитар Богов, сè до 22 мај 2018 кога на оваа функција била назначена Анита Ангеловска Бежоска.

Најголем пресврт во развојот на НБРМ по монетарното осамостојување на Македонија бил направен со донесувањето на новиот Закон за НБРМ од јануари 2002 год. со кој се зголемени сите аспекти на независноста во нејзиното работење (институционална, персонална, функционална и финансиска независност). Денес, НБРМ е модерна централна банка која не работи со нефинансиски правни лица, не го финансира јавниот сектор и самостојно ја формулира и остварува монетарната политика, при што, како нејзина основна цел, утврдена со Законот за НБРМ е одржувањето на ценовната стабилност. НБРМ е членка на Банката за меѓународни порамнувања (BIS - Bank for International Settlements), со седиште во Базел, Швајцарија.

Законско регулирање на работата на НБРМ

уреди

Во периодот по монетарното осамостојување, во Македонија во примена биле три законски решенија за НБРМ:

  • Закон за Народната банка на Република Македонија, „Сл. весник на РМ“ бр. 26/1992; 4/1993; 29/1993; 17/1996 и 37/1998 (прв закон),
  • Закон за Народната банка на Република Македонија, „Сл. весник на РМ“ бр. 3/2002, 51/2003, 85/2003, 40/2004, 61/2005 и 129/2006 (втор закон),
  • Закон за Народната банка на Република Македонија, „Службен весник на РМ“ бр. 158/2010 и 123/12 (трет закон).

Целите на НБРМ се дефинирани во член 6(1) од Законот за НБРМ, каде што е наведено дека основна цел на НБРМ е постигнување и одржување на ценовната стабилност; член 6(2) друга цел, подредена на основната цел, е да придонесува кон одржување стабилен, конкурентен и пазарно-ориентиран финансиски систем, и член 6(3) НБРМ ја поддржува општата економската политика без да го загрози остварувањето на основната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција. Член 82, во делот од Законот за НБРМ кој стапува во сила со зачленувањето на Република Македонија во ЕУ, се однесува на целите на НБРМ како дел од ЕСЦБ, при што се наведува дека НБРМ ги поддржува општите економски политики на ЕУ за исполнување на целите од член 2 од Договорот, без да е во спротивност со целите од членот 6 од Законот за НБРМ, односно со ценовната стабилност.

Според одредбите содржани во член 3 од Законот за НБРМ, Народна банка е централна банка на Република Македонија, со статус на правно лице со административна, финансиска и управувачка самостојност и овластувања за постигнување на целите и извршување на задачите. Според член 5, НБРМ е независна при постигнувањето на целите и задачите; членовите на Советот и вработените во НБРМ не смеат да примаат и да бараат инструкции од органи и тела на државната и локалната власт како и од кои било други правни и/или физички лица; горенаведените органи и тела не смеат да ги одобруваат, престануваат, поништуваат или менуваат одлуките на Советот на НБРМ, обврзани се да ја почитуваат независноста на НБРМ во секое време и не смеат да влијаат врз членовите на Советот и вработените во НБРМ. Во член 81, во делот од Законот кој стапува во сила со зачленувањето на Република Македонија во ЕУ, ваквата забрана е проширена и се однесува и на институциите и органите на ЕУ и владите на останатите земји-членки.

Со член 83, во делот од Законот за НБРМ кој стапува во сила со зачленувањето на Македонија во ЕУ, е утврдено дека НБРМ запишува и уплатува капитал во ЕЦБ во согласност со членовите 28 и 29 од Статутот. Во член 110 од Законот е наведено дека на денот на воведувањето на еврото како парична единица во Македонија, капиталот на НБРМ се претвора во евра, според утврдената стапка на претворање денар/евро.

Член 15 од Законот на НБРМ, во делот кој го регулира распределувањето на финансискиот резултат за распределба, предвидува распределување на 70% во општите резерви до постигнување на нивото на основниот капитал од член 12(1) од Законот, а остатокот се распределува во буџетот на Македонија, но оваа одредба ќе престане да се применува со зачленувањето на Македонија во ЕУ.

Според член 44 од Законот за НБРМ, НБРМ не одобрува, директно или индиректно, кредити на кои било државни тела, органи и јавни институции, а со член 87 оваа забрана е проширена и на сите институции и тела на ЕУ, и сите нивоа на власт и јавни претпријатија на земјите-членки на ЕУ.

Органи на управување

уреди

Според член 46 од Законот за НБРМ, со НБРМ управува Советот на НБРМ. Советот се состои од девет члена: гувернерот, тројца вицегувернери со статус на извршни членови и пет неизвршни членови, и претставува највисоко тело задолжено за дефинирање и формулирање на политиките и вршење контрола над нивното спроведување и надзор над работата на НБРМ. Согласно со Законот, гувернерот е именуван од Собранието, на предлог на претседателот на Македонија, вицегувернерите се именувани од Собранието на Република Македонија на предлог на гувернерот, а неизвршните членови ги избира Собранието, на предлог на Владата на Република Македонија. Членови на Советот може да бидат лица кои имаат познавања од областа на економијата, финансиите и правото. Во Советот не може да членуваат лица кои се наоѓаат во управните органи на банките или штедилниците.

Во член 49 (1) од Законот за НБРМ, мандатот на сите членови на Советот на НБРМ е утврден на седум години, вклучително и мандатот на гувернерот, кој, согласно со член 46 (4), претседава со Советот и има главна извршна функција во НБРМ. Во член 53(1) е наведено дека член на Советот, вклучително и гувернерот, ќе се разреши ако: веќе не ги исполнува критериумите потребни за именување како член на Советот определени во член 50; изврши злоупотреба или сериозен пропуст во вршењето на службените должности; не може да ги извршува задачите поради телесна и ментална неспособност повеќе од три месеци и ако не ги извршува должностите во последователен период од најмалку три месеци, за што одлучува Советот. Според член 53(4), гувернерот има право на жалба до надлежниот суд во рок од 15 календарски дена од одлуката за разрешување. Во член 88 во делот од Законот за НБРМ кој стапува во сила со зачленувањето на Република Македонија во ЕУ е наведено правото на гувернерот на жалба до Европскиот суд на правдата, по пристапувањето на земјата во ЕУ, без определен рок.

Советот на НБРМ одржува најмалку десет седници годишно и одлуките ги носи со просто мнозинство, со исклучок на оние за кои е потребно квалификувано мнозинство. Советот ја носи одлуката за целите на монетарната политика, ги донесува мерките за реализирање на монетарната политика, ги донесува финансискиот план, планот на инвестиции и годишната сметка на НБРМ, го донесува статутот на НБРМ, ги усвојува извештаите на НБРМ (годишниот извештај, полугодишните и кварталните извештаи, извештајот за банкарскиот систем и банкарската супервизија, извештајот за финансиската стабилност, извештајот за управувањето со девизните резерви итн.). Гувернерот го организира и раководи со секојдневното работење на НБРМ, ја претставува НБРМ и носи разни решенија што се однесуваат на материјално-фианнсиското работење на НБРМ, како и решенија кои се однесуваат на работењето на банките и штедилниците. На гувернерот во работата му помагаат тројца вице-гувернери.

Функции на НБРМ

уреди

НБРМ извршува повеќе функции:[3]

Исто така, НБРМ одржува вредна нумизматичка збирка од околу 17 000 монети од територијата на Македонија, кои го покриваат временскиот период од 6 век п.н.е., па сè до XV век.

Монетарна политика

уреди

Основна и најважна функција на НБРМ е да ја формулира и да ја реализира монетарната политика. Притоа, според Законот за НБРМ, основна и примарна цел на НБРМ е да ја одржува стабилноста на цените, а исто така, таа ја поддржува општата економска политика на владата, но само доколку со тоа не е загрозена основната цел. За остварување на основната цел, НБРМ ја применува стратегијата на таргетирање на девизниот курс во чии рамки, НБРМ ја одржува стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото (претходно во однос на германската марка). Оваа стратегија формално се применува од октомври 1995 год., иако нејзиниот фактички почеток датира од пролетта 1994 год. Главен инструмент на монетарната политика на НБРМ се аукциите на благајнички записи, со кои се регулира ликвидноста на банките и, оттука, паричната маса. Исто така, како инструмент на монетарната политика се употребува и задолжителната резерва на банките.

Меѓународни активности

уреди

Во 2020 година, Народната банка добила можност да искористи 400 милиони евра врз основа на склучениот договор за репо-трансакција со Европската централна банка.[4]

Нумизматички музеј

уреди
 
Поставки во Нумизматичкиот музеј на НБРМ

Нумизматичкиот музеј на Народната банка се наоѓа во зградата на банката. Следејки ги светските трендови во врска со улогата која ја имаат централните банки во грижата за сопственото културното наследство во 1999 г. НБРМ меѓу своите функции приклучила и откуп на стари и ретки пари од тлото на Македонија.

Збирката денес брои околу 17.000 примероци на монети, медаљи, ексагии и модерни банкноти што е резултат на систематски откуп и донации, и со оваа бројка таа прераснала во најголема јавна нумизматичка збирка во Македонија.

Наводи

уреди
  1. Анита Ангеловска-Бежоска нова гувернерка на НБРМ
  2. Кики Мангова - Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006.
  3. Официјално мрежно мест на НБРМ (пристапено на 1.10.2019)
  4. Мирослав Саздовски, ЕЦБ за првпат овозможи Народната банка да има пристап до девизна ликвидност во евра, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 6.

Надворешни врски

уреди