Поплава во Скопје 1962
Поплавата во Скопје од 1962 година се случила на 16 ноември 1962 година. Скопје, Охрид, Струга, Титов Велес, Ресен, Кичево, Битола, Новаци, Прилеп, Тетово, Крушево, Богомила и голем број села и населби во Западна Македонија, тој ден биле погодени од водената стихија, што била резултат на вонредно силни дождови. Водите на Шарпланинскиот слив од Бистра и од другите планини што гравитираат кон Треска, запенавени и матни се струполувале во коритото на матната река Вардар. Забележани се четири човечки жртви.[1]
Причини за поплавата
уредиСедумстотини и триесет кубици истекувале од главниот испусен тунел во хидроцентралата Матка, а преку 70 кубни метри вода во секунда ги преплавувале ѕидиштата на браната. Водата и натаму растела, и само за 15 минути е забележан пораст од 4 сантиметри. Машинската хала на централата била поплавена, турбогенераторите исклучени, целото езеро Матка било полно со трупци дрвја.[2]
Езерото почнало да надоаѓа точно во 11:55 часот, односно тогаш ја поминало браната. Во 13:00 часот се прелило во машинското одделение, го однело бетонскиот и камен потпирач пред централата како да е сламка, насипот се растопил.
Скопје
уредиНа 16 ноември 1962 година, во текот на целиот ден и претходната ноќ, на подрачјето на Скопската околија дошло до силни врнежи, што предизвикале големи полави во Скопје, Петровец, Ѓорче Петров. Во Скопје се удавени 4 лица, пријавени до 18 часот. Во Скопје најмногу настрадале подрачјата на Општина Идадија, кај Градскиот парк, околината на улица „Илинденска“, околу главната пошта и градскиот плоштад. Во градот биле загрозени куќите по должината на улица „Цветан Димов“, поради излив на реката Серава.
Некаде околу 16:00 часот сите училишта биле распуштени. Оние ученици кои живееле блиску, биле пречекани од родителите на училишната врата, но имало деца кои живееле далеку и не можеле да си одат дома поради водата.
На новиот бетонски мост, поради силните дождови, работите биле прекинати. Но работниците не ги напуштиле своите места и заедно со стручњаците, уште од три часот изутрината, со долги железни шипки ги отстранувале големите трупци што ги носеле опасните брзаци на Вардар. Овој мост требало да биде пуштен во употреба на 29 ноември 1962 година. Кај овој мост хидрометеоролошката служба поставила водомер. Во 14:30 часот, тука бил забележан водостој за осум сантиметри повисок во споредба со 5 ноември 1937 година, кога нивото на водата било за 260 см над нормалата, односно 330 см.
Особено биле загрозени пешачките дрвени мостови: кај Народниот театар, и мостот што се наоѓа меѓу новиот бетонски и железничкиот. Поради нивната нестабилност под притисок на надојдените води, на 16 ноември претпладнето на нив бил забранет печашкиот сообраќај.
Железничкиот мост кај Воена болница бил забранет за сите возови, а движењето по Железничкиот мост кај Ѓорче Петров било дозволено со пет километри. Само еден мост на Вардар бил сигурен — Камениот мост.
Околискиот штаб за елементарни непогоди веднаш презел мерки загрозените семејства од подрачјето на Идадија и Кисела Вода да бидат сместени во осмолетката „Кочо Рацин“, а загрозените семејства од Општина Кале и Општина Саат Кула, во Здравствениот дом на овие општини. Во овие два пункта во градот, биле сместени и сите загубени деца.
Вардар се излеал на „Илинденска“, на плоштадот „Маршал Тито“, во Градскиот парк, кај стадионот, и секаде каде заштитните насипи биле најниски. Многу визби се наполниле со вода, а повремено делови на градот останувале без струја.[1]
Водата ги поплавила тесните и длабоки простории на манастирот „Св. Андреја“, и сè во ресторанот крај езерото Матка, било под вода.
Настрадале и селата од околината на Ѓорче Петров. Пробиена била браната на новиот акумулационен базен кај село Бојане. Поради големиот водостој на Треска, било преполнето езерото кај ХЕЦ „Матка“, па заради тоа, водата постепено била испуштана за да не дојде до опасност и самата брана на езерото. Во Сарај биле поплавени терените за камп-куќички.
Поплавата низ Македонија
уредиВо Охрид се нашле под вода 400 куќи, Кичево без сообраќајни врски, во Пелагонија многу поплавени површини, големи материјални штети во сите поплавени реони.[1]
Во Охрид биле евакуирани неколку илјади граѓани, а поплавени биле преку 500 куќи. Сите ресенски села се нашле под вода. Делови на Титов Велес и Кичево биле сериозно загрозени. Богомила била отсечена од другите градови. Слично било и во Дебар. Тетово останал без ПТТ врските. Крушево било наполно изолирано од светот.
Два дена и две ноќи луѓето од Струга се бореле против огромната водена стихија на езерото. По Охридско Езеро: расфрлени чамци, полни со кал и некакви куќни предмети. Во Струга, езерото се излило и ја поплавило целата туристичка населба. Сатеска Река поплавила голем дел од Струшкото Поле. Јабланичка Река се излеала, и го поплавила и разнела патот на повеќе места.
Поради долгите поројни дождови, реките Видобишка и Коселска Река се излиле во широчина од 3, односно 2 километра низ целиот тек. Овие две реки поплавиле и дел од Охрид. Покрај овие две реки, се излила и реката Даљан, во широчина од околу 2 километри. Од надојдените води во Охрид, десетина куќи се урнале. Бидејќи водата била надојдена повеќе од еден метар, кон поплавените куќи можело да се пристапи само со чамци. Евакуирани биле околу 350 семејства, и сместени во осумгодишното училиште „Братство – единство“, во хотелот на Југохром и хотелот на ПТТ.
Од водената стихија, урнати биле повеќе куќи во Ресен, Царев Двор, Дрмени, Горна и Долна Бела Црква, и други. Сите граѓани од 15 до 55 години биле мобилизирани. Село Езерени, јужно од Ресен, било отсечено од другите населби.
Битола и Пелагонија биле под вода. По силните дождови надошла Црна Река, потоа Шемница, Драгор во Битола и Курдерес, како и сите нивни притоки и селски потоци. Изутрината Драгор го надминал коритото кај кланицата, а во истиот момент и Курдерес, па водите се здружиле поплавувајќи огромна површина веднаш до Битола, пред железничката линија. Кај селото Новаци, Црна Река поплавила 3.000 хектари обработлива земја. Водите на Црна Река ги урнале и двата големи моста кај селото Брод. Оштетен бил и рибникот Вукри.
Кај Титов Велес, Вардар и Тополка биле надојдени 4,5 метри над нормалата. Целата улица „Васил Левски“, од левата страна на Вардар, била поплавена. Зградата на училиштето „Трајко Андреев“ и „Благој Кирков“ биле под вода до првиот кат. На градското пазариште, водата достигнала висина од еден метар. Пет семејства биле евакуирани во текот на првиот ден по поплавата. Два моста на Тополка биле однесени. Уништени биле 6.000 кокошки и пилиња на претпријатието „Сточар“.
Бабуна се излила од коритото. Богомила била сосема изолирана од железничката станица, затоа што не можело да се помине на мостот преку Бабуна. Водената стихија корнела дрвја крај брегот на реката, а го поплавила и фудбалското игралиште. Во Богомила и Тетово биле поплавени повеќе куќи, и според првите проценки, околу 70 хектари засеани површини.
Тетовска околија: прекинат патниот и ПТТ сообраќај. Надојдената Пена, чие ниво нараснало повеќе од еден метар, ги урнала на неколку места крајбрежните ѕидови и ги поплавила улиците: „Ленинова“, „Мирче Ацев“ и „Јени Мало“. Поплавени биле визбите на некои установи, како и на Ветеринарната станица.
Прилепско: Ореовечка Река надошла и ги однела двата дрвени моста во подрачјето на Табана. Во ова подрачје била загрозена и една приватна куќа, поради лизгање на земјиштето на левиот речен брег. Реката довлекла дрвја и неколку грла стока. Големи површини на Прилепското Поле се нашле под вода.[3]
После поплавата
уредиВо Скопје урнати 1.050 куќи, 157 згради под вода, 4.445 граѓани без покрив; во Петровечко поплавени близу 4.000 хектари плодна земја.[4] Водената стихија урнала три моста во Скопје и три во Ѓорче Петров. Во Охрид, биле урнати од поплавата 36 куќи, оштетени - 57, а во 56 куќи не можело да се влезе затоа што во нив два дена по поплавата имало кал и вода.[5]
Во голем број градови извршена била општа мобилизација на населението, на припадниците на ЈНА и Народната милиција, а биле ангажирани сите можни превозни средства.
Стоковната куќа „Скопје“ ја пријавила првата материјална штета од 300 милиони динари. Се претпоставувало дека вкупната штета од поплавата е преку 10 милијарди динари.
Канализационата и водоводната мрежа биле тешко оштетени, уништена била пумпната станица кај Рашче и онаа кај Козле. Сарај бил комплетно уништен, до него не можело да се пријде.
Се појавувале подземни води кои избивале и на оддалечени места од Вардар, како на пример кај Железничката станица. Зградата на Народниот театар во Скопје била оштетена, посебно електричните инсталации, механизмот за ротирање на сцената и кулисите.
Уште првиот ден по поплавата, свои екипи од војници и пожарникари, испратиле Ниш, Лесковац, Сурдулица, Урошевац, Косовска Митровица, Белград, Призрен и други.
Од Неготино до Демир Капија, Вардар бил широк 400 метри во просек. Кај Гевгелија езеро широко 8 километри. Во гевгелиско урнати 5 мостови. На 2 километри до Гевгелија, возовите „пловат“ 200 метри низ вода. Во тетовско, поплавени 3.000 хектари, и однесени 8 мостови.
Архивскиот материјал на претпријатието за производство на филмови „Вардар – филм“ е наполно уништен. Наполно се уништени негативите на сите долгометражни играни и документарни филмови, снимени од 1945 година до денот на поплавата.[6]
Во Зоолошката градина во Скопје, загинале само околу 20 отсто од животните, а останатите се спасиле, меѓу кои: лавовите, мајмуните, слонот, нилскиот коњ, тигарот и тигрестиот питон.[6]
Кон напорите на Југословенската народна армија, целото население и народната милиција се придружиле младинците, кои во голема мера придонеле за давање помош на настраданите од елементарните непогоди во сите краишта на Македонија. Младинските работни бригади и групи се ставиле на располагање на штабовите за борба против елементарните непогоди. Младинските и студентските работни групи учествувале во расчистување на настраданите куќи и во спасување на загрозените семејства. Тие организирано започнале заштитување и чистење на училиштата, интернатите и другите простории. Само на 19 ноември 1962 година, на расчистување на улиците во Скопје работеле 3.830 младинци, додека на 20 ноември 1962 година, во постраданите реони во Скопје и околината вклучени биле околу 5.000 младинци.
По иницијатива на Главниот и Околискиот одбор на Црвениот крст и Штабот за борба против елементарни непогоди од општина Идадија, група младински раководители и активисти организирале префрлање и згрижување на децата од најзагрозените семејства од подрачјето на општина Идадија во центарот на Црвениот крст на Водно. Во овој прифатен центар биле префрлени 72 деца на возраст од 7 до 14 години.
Ваквата ангажираност на младинците е забележана и во други делови на Македонија: Битола, Титов Велес, Охрид, Гевгелија и други загрозени подрачја. Младинските организации помагале и при акциите на санитарните органи за вакцинирање на населението, со цел да се спречи евентуално ширење на заразни болести.[7]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Нова Македонија, Скопје, сабота, 17 ноември 1962 година, година XVIII, број 5777, стр. 1.
- ↑ Нова Македонија, Скопје, сабота, 17 ноември 1962 година, година XVIII, број 5777, стр. 2
- ↑ Нова Македонија, Скопје, сабота, 17 ноември 1962 година, година XVIII, број 5777, стр. 3.
- ↑ Нова Македонија, Скопје, понеделник, 19 ноември 1962 година, година XVIII, број 5780, стр. 1
- ↑ Нова Македонија, Скопје, недела, 18 ноември 1962 година, година XVIII, број 5779, стр. 1.
- ↑ 6,0 6,1 Нова Македонија, Скопје, среда, 21 ноември 1962 година, година XVIII, број 5782, стр. 3
- ↑ Млад борец, год. XIX, бр. 42, 22 ноември 1962 година, Скопје, страница 1
Надворешни врски
уреди„Поплава во Скопје 1962“ на Ризницата ? |
- Опширен напис за поплавата од 1962 г. со видео, Галена Николовска Ризвановиќ, 360 степени