Меркалиевата скала на јачина се користи за мерење на јачина на земјотрес. Оваа скала ги опишува ефектите од земјотресите на Земјината површина, луѓето, природните објекти и производите на човечкиот труд со скала од 1 до 12.

Меркалиевата скала произлегла од масовно користена скала од десет степени Роси-Форел, која била ревидирана од италијанскиот вулканолог Ѓузепе Меркали во 1883 и 1902. Изразот Меркалиева скала на јачина или Меркалиева скала не треба да се користи, освен ако не се мисли на оригиналната скала од 10 степени од 1902 година.

Во 1902 година Меркалиевата скала од десет степени била проширена на дванаесет степени од италијанскиот физичар Адолфо Канкани. Таа подоцна била комплетно преработена од геофизичарот Август Хајнрих Зиеберг и стана позната како Меркали-Канкани-Зиебергова (МКС) скала.

Оваа скала била уште двапати доплнувана од Хари О. Вуд и Френк Нуман и конечно од Чарлс Рихтер. Денес оваа скала е позната како Изменета Меркалиева скала - MMI.[1]

Пониските степени во оваа скала се дефинираат според осетот на луѓето, додека повисоките степени се засновани на забележаните ефекти од земјотрес.

Меркалиевата сеизмичка скала има 12 степени:

I. Незабележлив Луѓето не чувствуваат никакво помрднување. Може да се регистрира само со сеизмолошки инструменти.
II. Занемарлив Некои луѓе чувствуваат помрднување ако мируваат или се наоѓаат на повисоките спратови во зградите.
III. Слаб Многу луѓе, ако се во затворен простор, чувствуваат треперење. Висечките објекти (пример, лустери) се нишаат. Луѓето на отворен простор не забележуваат ништо.
IV. Умерен Повеќето луѓе, ако се во затворен простор, чувствуваат помрднување. Висечките објекти се нишаат, ѕвечкаат чиниите, а прозорците и вратите чкрипат.
V. Прилично силен Скоро сите го забележуваат помрднувањето, а оние што спиеле - се будат. Вратите се отвораат, садовите паѓаат, сликите на ѕидовите се лулаат. Малите предмети се помрднуваат или се превртуваат. Дрвјата може да се лулаат, течноста се прелева од отворените садови.
VI. Силен Сите го чувствуваат потресот. Луѓето имаат проблеми со одењето. Предметите паѓаат од полиците, а сликите од ѕидовите. Мебелот се поместува, пука малтерот на ѕидовите, дрвјата се тресат. Се појавуваат мали оштетувања на лошо градените куќи. Нема структурно разорување.
VII. Многу силен Луѓето имаат проблеми со стоењето, возачите чувствуваат дека возилата им се тресат. Некој мебел пука. Послабо прицврстените ќерамиди паѓаат од покривите. Оштетувањата кај квалитетните објекти се мали до средни, а значителни на постарите објекти.
VIII. Разорен Возачите имаат проблеми со возењето, куќите се рушат, а високите структури како облакодерите и оџаците се лулаат и можат да се срушат. Добро изградените згради претрпуваат оштетувања. Стеблата се кршат, а нивото на водата во бунарите се менува.
IX. Опустошувачки Добро градените објекти имаат сериозни оштетувања, а подземните цевки пукаат. Земјата напукнува. Резервоарите имаат тешки оштетувања.
X. Уништувачки Повеќето куќи се оштетени, а некои мостови се рушат. Браните се тешко оштетени. Се појавуваат големи лизгања на земјиштето. Водата се прелева преку бреговите на реките, езерата и каналите. Железничките пруги се деформираат. Земјата пука на повеќе места.
XI. Катастрофален Повеќето куќи се рушат до темел. Некои мостови исто така се рушат и се појавуваат големи пукнатина на земјата. Железничките шини значително се извиткани.
XII. Катаклизмичен Тотално уништување — Скоро сè е уништено. Објектите летаат во воздух. Земјата се движи во вид на бранови. Се помрднуваат големите карпи, а во одделни случаи дури и реките го менуваат текот.

Поврзано уреди

Извори уреди

  1. Земјотрес, хазард и ризик Архивирано на 6 март 2016 г. (македонски)