Таор

село во Општина Зелениково

Таор — село во Општина Зелениково, во околината на градот Скопје, сместено во традиционалниот регион Скопска Блатија.

Таор

Поглед на дел од селото Таор

Таор во рамките на Македонија
Таор
Местоположба на Таор во Македонија
Таор на карта

Карта

Координати 41°53′53″N 21°36′41″E / 41.89806° СГШ; 21.61139° ИГД / 41.89806; 21.61139
Регион Скопска Блатија
Општина Зелениково
Население 135 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25132
Таор на општинската карта

Атарот на Таор во рамките на општината
Таор на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на дел од селото Таор со црквата Свети Илија

Селото се наоѓа во Таорската Клисура од левата страна на реката Вардар на 26 километри оддалеченост од градот Скопје во источен правец. Реката Вардар го дели од селото Орешани кое е веднаш на спротивниот десен брег. Куќите се распоредени на тесна зарамнета тераса над реката Вардар на надморска височина меѓу 230 и 300 метри[2]. Таор има рамничарски карактер. Селото е од збиен тип и се дели на Горно Маало на север и Долно Маало на југ. Атарот на селото зафаќа површина од 5,5 км2, од кои 264 ха се обработливо земјиште, шумите зафаќаат 206 ха, а пасиштата 38 ха[3]. На север од Таор се протега пространата рамнина на Скопската Котлина, додека на југ е ридестиот предел на Таорската Клисура. Местоположбата на Таор, на рид на источниот раб на Скопското Поле и на влезот на Вардар во клисурата, како и непосредната близина на долината на Пчиња уште од дамнешни времиња, па и денес има големо стратешко значење. За ваквото стратешко значење на местоположбата на овој предел, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 запишал дека клисурите на Вардар и на Катланово (долината на Пчиња) лесно може даа се владеат од височината над Блатото кај селата Блаце и Таор, но влезот во полето откај Коњарската Клисура по кочанскиот пат е тежок за одбрана[4]. Селото Таор се наоѓа на рид во средишната најиздадена точка помеѓу овие долини и важни (природни) сообраќајни правци во кои во денешно време се наоѓаат меѓународниот Автопат „Александар Македонски“ (Е-75, коридор 8) и меѓународната железничка пруга од Скопје кон Солун.

Историја

уреди
 
Троњеви во селото Таор

Селото Таор е доста стара населба, позната и споменувана и во античкиот и во средновековниот период. Во антиката местото се викало Тауресиум, кога било дел од римската провинција Илирик. Во овој град е роден византискиот цар Јустинијан I, а остатоците од овој град се наоѓаат во месноста Градиште недалеку од селската црква и гробишта. Поради значајната и стратешки важната местоположба во населбата Tauresium - Таор, отсекогаш имало организиран живот и значајни воени утврдувања, заради што самото тоа е повеќепати споменувано и запишано во античките и средновековните записи. Најраниот запис за Таор - Тауресиум го дава познатиот византиски историчат Прокопиј Кесариски во VI век. Во XIII век царот Константин Асен (1258-1277) го подарил ова село на манастирот Свети Ѓорѓи во Скопје[2], на чие место се наоѓа денешната Мустафа-пашина џамија. Таор се споменува и во 1300 година во повелбата на кралот Милутин[2]. Под името Тавор селото се среќава и во пишаните историски документи од 1562 година, а во турските документи од 1452/53 и 1568 /69 за првпат е запишано со сегашниот облик на името Таор[5]. Во пишаните турски документи од средновековиот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает, во него живееле вкупно 13 македонски христијански семејства кои произведувале пченица, јачмен, овес, 'рж, просо, лозја, бостан, лен, чувале свињи и пчели во улишта и имале далјани-риболовиште од што се вкупно се остварувало приход од 1 650 акчиња[6]. Во подоцнежните записи од XVI век, во 1544 селото имало 8 македонски христијански семејства, а во 1568 /69, селото Таор било тимар во посед на некојси Мустафа и спаѓало во хасовите на Скопскиот санџак при што во него живееле 6 македонски христијански семејства кои се занимавале со производство на пченица, жито, грозје, бостан, сено, чувале свињи и ловеле риба во Вардар за што се остварувало севкупен приход од 2000 акчиња[7].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. Имало 3 чифлици на тројца браќа Турци од Скопје. Двајцата од нив уште во 1900 година ја продале земјата на Македонците кои живееле во Таор, а последниот Ферат-бег го имал чифлигот сѐ до 1919 година[2]. За време на Отоманското ропство селото Таор не било избегнато и од судирите на српската и бугарската црковно-просветна и политичка пропаганда во Македонија, така што и неговите жители биле црковно и образовно поделени. Сѐ до завршувањето на мелиоративните зафати за сушење на блиското Катлановско Блато, поради честите поплави и калливото земјиште во селото Таор постоеле карактеристичните наколни живеалишта (престојувалишта) со сламени покриви наречени троњеви.

Потекло и значење на името

уреди

Најстарите пишани податоци за селото Таор потекнуваат од 1227 година каде се споменува под името Тавор, под кое сесреќава и во XIV и XVI век[5]. Потеклото на името доаѓа од името на античката дарданска населба Ταωρησιον кое се зачувало до денес како Таор[5]. Името Taur, Tauresion, Taurision е предримско именување кое доаѓа од античкиот збор taura што значи рид, брдо[5], што соодветствува на местоположбата на селото сместено на рид над Вардар на влезот во клисурата. Село со исто име - Таор, постои и во Србија.

Стопанство

уреди

Населението на селото Таор се занимава со земјоделство и сточарство. Од земјоделието застапено е градинарството односно одгледување на домат, пипер, кромид, лук, зелка, марула, спанаќ и полјоделството односно одгледување на житни култури, особено многу пченица, како и јачмен и пченка. Исто така во доста голема мерка се застапени и развиени лозарството и овоштарството на ридовите околу селото. Од сточарството највеќе се одгледуваат кози, од кои се прави познатото козјо сирење, а во помал дел и крави и овци. Живинарството опфаќа одгледување на кокошки и мисирки. Еден дел од населението работи во градот Скопје. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во 1896 година, запишал дека Таор е едно од неколкуте села во Скопско каде што се одгледувал афион[8]. Кон средината на XX век во Таор владееле следните стопански прилики: мали ниви со жито лежеле на високото земјиште источно и северно од селото, при што тие биле плитки и каменити ораници поради што давале слаб принос заради што скоро сите семејства не можеле да издржат со своето жито преку целата година[2]. По изградбата на каналот и исушувањето на блатото со мелиоративни зафати, денес нивите со пченица и пченка се наоѓаат во рамничарскиот дел источно од селото во правец кон ’Ржаничино и Катланово при што на плодната алувијална почва даваат извонредно големи приноси. Селскиот атар се шири и западно од Таор по влажното земјиште на Скопска Блатија, каде што се наоѓаат пространи ливади (околу 90 хектари) и ниви со пченка[2]. Приносот од сеното во педесеттите години на XX векбил прилично обилен поради што селаните одгледувале приличен број на говеда[2]. Во денешно време говедарството е речиси исчезнато, а ливадите се заменети со ниви со житни и градниарски култури. До околу 1937 година додека не биле извршени мелиоративните работи во Скопска Блатија , жителите на Таор имале голема корист од риболовот[2]. Тие ловеле риба на каналот Мртвица кој го спојува некогашното Катлановско езеро со Вардар, про што се случувало („од Св. Тодор до Св. Илија“) дневно да се уловат по 1000 кг риба која што се продавала во Скопје[2]. Во 1950/51 на атарот на Таор зимувале и околу 300 овци од Шар Планина[2]. Порано за огрев селаните ја ложеле трската која ја сечеле во Катлановското Блато.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948156—    
1953183+17.3%
1961201+9.8%
1971147−26.9%
1981138−6.1%
ГодинаНас.±%
1991155+12.3%
1994158+1.9%
2002152−3.8%
2021135−11.2%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 10 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 30 мажи христијани, со 4 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 68 жители.[9]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Таор живееле 110 жители, сите Македонци.[10] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Таор имало 96 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[11]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 194 жители.[12]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[13]

Таор отсекогаш бил мала населба без големи и драстични промени во бројот на населението. Во 1961 година селото броело 201 жител, а во 1994 година 158 жители, сите Македонци[3].

Според пописот од 2002 години селото Таор има 152 жители, сите Македонци.[14]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 135 жители, од кои 131 Македонец и 4 лица без податоци.[15]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 602 96 156 183 201 147 138 155 158 152 135
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[16]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[17]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[19]

Родови

уреди

Таор е македонско село.

Според истражувањата од 1951 година, родови во селото биле:[2].

  • Доселеници: Ќурдовци (3 к.) најстар селски род. Доселени се во втората половина на XIX век од селото Пакошево; Батинчани (2 к.) доселени се после претходниот род од селото Батинци. Во Батинци живееле двајца браќа и нивната сестра. Таму некој муслиман сакал да ја грабне сестрата, потоа браќата го убиле човекот. Затоа тие избегале од таму, едниот брат се населил во Скопје, а вториот брат по име Павле, тој се населил најпрво во селото Орешани, и од таму во Таор. Го знаат следното родословие: Димче (жив на 68 г. во 1951 година) Божин-Павле, основачот на родот; Велковци (1 к.) доселени се од селото Градовци; Јанушевци (4 к.) доселени се околу 1900 година. Они најпрво живееле во Зелениково, од таму се населиле Огњанци, и на крај во Таор; Митровци (1 к.) доселени се од селото Огњанци; Симовци (1 к.) доселени се во текот на Првата светска војна од околината на Гнилане во Косово. Ги викаат и Моравци. Жителите на овој род имале потемна боја на кожата, и затоа ги викале и Цигани; Гијевци (1 к.) доселени се после 1918 година од селото Винце кај Куманово; Стаменковци (1 к.) основачот на родот е доселен како домазет од селото Градовци. Дошол кај некој Перко Стаменков; Младеновиќи (2 к.) потекнуваат од Равна Река во околината на Владичин Хан. Они во 1922 година се населиле во соседното Пакошево, од таму во 1927 година во Таор; Богдановци (1 к.) доселени се во 1927 година од селото Ново Село; Беќировци (1 к.) и Араповци (1 к.) доселени се во 1946 и 1948 година исто така од селото Ново Село.
  • Роми: Егемоски (2 к.) доселени се во 1944 година од селото Голеш во Дреница, тие се поалбанчиле.

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Црквата „Св. Илија“ во Таор

Во непосредна близина на селото Таор на помалку од 200 метри во источен правец, над селските гробишта, а веднаш до селските лозја, во месноста Градиште, се наоѓаат остатоците од античкиот (римско-византиски) град Тауресиум, родното место на византискиот цар, царот Јустинијан I.

Цркви

уреди

Редовни настани

уреди

Селска слава на селото Таор е Илинден (02.08), што е патронен празник и на селската црква.

Личности

уреди


Иселеништво

уреди

Забележани се следните иселеници од Таор: дедо-Цветковци уште во турско време се иселиле во ’Ржаничино, каде во 1922 се иселил и родот Тодоровски, додека во 1923 родот Николовски се ислеил во блиското блатиско село Огњанци[2].

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 105-106
  3. 3,0 3,1 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.294
  4. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 326 (488 во оригиналното издание). ISBN 978-608-245-113-8.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 158–159.
  6. Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 225–226.
  7. Соколоски, Методија (1984). Турски документи за историјата на македонскиот народ. VI. Скопје: Архив на Македонија. стр. 196.
  8. Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 515.
  9. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  10. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 207.
  11. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рр. 116-117.
  12. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  13. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  14. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  15. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  16. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  17. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  18. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  19. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.

Надворешни врски

уреди