Мала Преспа
Мала Преспа — географска област во денешна Албанија, покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро. Целата област се состои од десетина села коишто се организирани во општина. Селото Пустец е најголемата населба, а истовремено и седиште на општината. Градоначалник на општината е Едмонд Темелко, етнички Македонец кој со големо мнозинство од гласовите победи на локалните избори одржани на 18 февруари 2007 г. Сите членови на општинскиот совет се етнички Македонци.
Население
уредиКарта со населени места на Општина Пустец
Во Мала Преспа живеат околу 5 700 жители, сите Македонци со православна вероисповед.
Македонците од Мала Преспа се признати како македонско национално малцинство, и како такво тоа има право на образование на македонски јазик. Македонскиот јазик се користи и во општинската администрација (види го грбот) и културата. Општината има позитивна демографска слика, и во многуте македонски семејства и домаќинства е карактеристична големата бројка на деца и младо население (по 5,6 и повеќе деца). Помал дел од Македонците од Мала Преспа од 1991 година живеат во одморалиштето „Царина“ во Република Македонија (во близина на албанската граница), а голем дел од населението на Мала Преспа има македонски државјанства.
Села во Мала Преспа
уредиВо областа Мала Преспа спаѓаат следниве села: Глобочани, Горна Горица, Долна Горица, Зрновско (или Зрноско), Леска, Пустец, Туминец (Безмиште), Шулин, Церје, кои ја сочинуваат Општина Пустец, како и селата Прогун, Ракицко, Шуец и Заградец од Општина Девол.
Стопанство
уредиОвој дел е еден од најсиромашните во Република Албанија. Населението се занимава со риболов, земјоделство и сточарство, но во многу мал обем и во примитивни услови. По соборувањето на некогашниот сталинистички режим и отворањето на границите, повеќето жители се преориентираа кон трговија и печалба во Македонија и Грција, а некои работат во поголемите албански градови. Голем број од жителите на Мала Преспа секојдневно мигрираат на пазарите во Скопје, Битола и другите поголеми македонски градови продавајќи разна стока како маслиново масло, коњак, цигари и разни земјоделски производи и рачно изработени производи (разни плетени, дрвени и други предмети).
Култура
уредиМакедонците од Мала Преспа го издаваат весникот „Преспа“, а имаат и свое приватно радио. Радио програма на македонски јазик се емитува и од соседниот град Горица (Корча), на Радио „Корча“. Во Пустец, во рамките на средното училиште работи и библиотека со богат фонд книги на македонски јазик.
Во крајбрежниот езерски појас постојат бројни пештерски цркви, украсени со живопис.
Историја
уредиВо времето на Балканските војни, кога доаѓа до поделбата на Македонија помеѓу Грција, Бугарија и Србија, југозападниот дел на Преспанско Езеро е придодаден кон новосоздадената албанска држава. До вакво решение се дошло поради тоа што жителите економски биле зависни од градот Горица (населен со православни Албанци, Власи и Македонци).
До Втората светска војна албанската држава води силна асимилаторска политика кон малцинствта, вклучувајќи го и македонското. Ваквата политика е напуштена по војната, кога Македонците во овој дел на Албанија се признати како македонско национално малцинство со право на образование на мајчин македонски јазик.
Со демократизацијата на албанското општество во последната деценија на XX век, се создадоа услови овдешните Македонци активно да се вклучат во општествено-политичките процеси во Албанија.