Зографско евангелие
Зографско евангелие — средновековен македонски книжевен споменик кое потекнува од X или почетокот на XI век напишано на глаголица и пронајдено во Македонија[1].
Зографско евангелие | |
---|---|
Руска национална библиотека | |
![]() Страна од Зографското евангелие на која започнува Евангелието по Марко "ⰵⰲⰰⰳⰳ[ⰵ]ⰾⰻⰵ ⱁⱅⱏ ⰿⰰⱃⱏⰽⰰ (Єваггєлїе отъ Маръка)" | |
Година на изработка | Крајот на Х или почетокот на XI век |
Материјал | пергамент |
Големина | 304 листа |
Писмо | Глаголица |
Содржина | четвороевангелие со синаксар |
Ракопис Уреди
Ракописот потекнува од крајот на Х или почетокот на XI век и е напишан на 304 листа од пергамент со димензии 180х225 мм[1]. Кон првобитниот текст (272 листови) во XII век на местото на изгубени листови се додадени 16 нови листови испишани со глаголично писмо, а на крајот од ракописот во XIII век е додаден синаксар пишуван на кирилица[1]. Вториот глаголички дел од ракописот е пишуван врз пергаментни листови од коишто претходно е избришан глаголички текст од X век[1]. Недостасува почетниот дел од ракописот и неколку листа од внатрешниот дел на евангелието. Го пишувале двајца глаголописци - едниот од нив го пишувал основниот дел од ракописот, а другиот - додадениот палимпсестов дел, како и двајца кирилописци - при што едниот го запишувал синаксарот, а другиот кириличните записи во глаголичниот дел на ракописот. Од нив е познато само името на пишувачот на синаксарот - Јоан јереј[1].
Писмо Уреди
Писмото на ракописот е обла глаголица. Аглести форми има кај поновиот глаголички текст, а глаголица од висечки тип има кај избришаниот текст од палимпсестовиот дел на ракописот[1]. Користен е архаичен правопис со разделно пишување на ук, употреба на диграф шт и ретка вокализација на еровите[1].
Содржина Уреди
Според содржината претставува четвороевангелие со синаксар. Евангелието го опфаќа текстот од Матеј 3,11 до крајот на Евангелието според Јован.
Орнаментика Уреди
Според орнаментиката ракописот содржи знаменца и коцновки во геометриски стил и плетени иницијали[1]. Содржи и минијатура на апостолите Петар и Павле и уште неколку невешти цртежи[1]. Повезот е нов и потекнува од XIX век и претставува имитација на окована подврзија од XIV век на грчки ракописен зборник од светогорскиот манастир „Пантократор“[1].
Пронаоѓање Уреди
Ракописот е откриен во Зографскиот манастир во 1843 година од австрискиот конзул во Солун - Антун Михановиќ[1]. Во 1860 монашкото братство му го подарило на рускиот цар Александар Втори кој го предал во Руската национална библиотека во Санкт Петербург, каде што и денес се чува под сигнатура Глаг.1[1]. Дигиталната верзија е достапна во нивната дигитална ризница. зографско евангелие
Поврзано Уреди
„Зографско евангелие“ на Ризницата ? |