Текстови на народен јазик со грчко писмо
Освен ракописи пишувани на народен јазик со кирилско писмо, зачувани се и текстови пишувани на народен јазик, но со грчко писмо. Грчкото влијание во некои делови на Македонија, особено некои јужни градови, до средината на 19 век, било толку силно што место кирилицата била распространета грчката азбука. Таа се употребувала за секојдневна преписка, но и за книжевни текстови.
Четиријазичникот на поп Данаил е речник од четири јазици отпечатени во Венеција во две изданија (едно во 1794 и две во 1802 година) Тука имаме првпат македонски печатен текст кој во речникот е даден напоредно со грчки, албански и влашки. Преводот го направил поп Стефан (Стефанија) од Охрид, на охридски говор. Дека преводот е направен на охридски говор, ни потврдуваат некои типични црти на тој говор застапени во овој период: формата за трето лице множина на сегашно време завршува на -ет: аресает, сакает и слично. Исто така, потврда за тоа се завршетоците во второ лице множина на заповеден начин -ите: најдите, донесите, дојдите и сл. Преводот на поп Стефан е од големо значење, бидејќи ни дава можност да видиме како изгледал охридскиот говор пред двесте години.
Забележително е тоа што авторите на текстовите јазикот го нарекуваат „бугарски“ поради влијанието на соседните цркви (Егзархијата и и Патријаршијата) чие влијание во образованието оставило силен белег во поимувањето на книжевниот јазик.
Второ дело отпечатено со грчко писмо е Кониковското евангелие. Тоа е печатено во Солун во 1852 година. Преводот на ова евангелие е на воденски говор, а го извршил Павел Божигропски, од село Кониково, Воденско. Текстот на кирилица:
„Евангелие на Господа Бога и Спаса нашего Иисуса Христо, сига ново типосано на богарској језик за секоа недела от година догодина со рет. Преписано и диортосано от мене Павел јероманах, божигропски протосингел, родом Воденска (Епархија) от село Кониково. Солон, Стампа Кирјакова Дарзилен 1852“
Трето евангелие со грчка азбука е Кулакиското евангелие од селото Кулакија (денес Халастра) во областа Вардарија од 1863 година. Текстот на кирилица:
„Господново и сфетаго евангелио на бога нашаго голема црикфа христианоф, искарено на бугарцко изик тувашно збор на Вардариа за уф неделите сати за гудината и за сати празницити големите за цела година за литургиата. Са писало ут Евстатио Киприади уф селото Колакиа на 30 ноемврио месиц 1863“.