Горноџумајско востание

(Пренасочено од Горемско востание)

Горноџумајското востание започнало во септември 1902 година и ги зафатило териториите од левата и десната страна на реката Струма.[1] Организатор на востанието бил Врховниот македонски комитет на чело со Стојан Михајловски и Иван Цончев, кои дејствувале со согласност на бугарската влада и кнезот Фердинанд I. Бидејќи населението во Македонија не востанало, Горноџумајското востание не претставува востание во вистинска смисла на зборот. Оваа раздвижување во Македонија придонело да дојде до една реформска иницијатива која е позната како Февруарски или Падарски реформи. Најголемата последица од врховистичкото движење е што тоа во голема мера влијаело да дојде до предвремено кревање на Илинденското востание.

Горноџумајско востание

Знаме на неколку чети. Најпрво било користено од четата на Петар Начев и Никола Мутафов во Мелничкото востание, а подоцна го користела четата на Иван Цончев.
Датум 1902
Место Македонија
Исход Задушување на востанието, растројство во Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ и надворешен притисок за кревање на Илинденското востание, раздвижување на европската дипломатија и донесување на Падарските реформи
Завојувани страни

Македонски комитет

Османлиско Царство

Сила
2850 четници 13 960 души аскер

Причини уреди

Навлегување на врховистите уреди

Иван Цончев, откако успеал да го заземе Македонскиот комитет во свој раце, започнал со праќање на врховистички чети во Македонија.

Кон крајот на 1901 и почетокот на 1902 година врховистите ги зазеле Горноџумајско, Малешевско и Петричко, а во останатите делови на Македонија врховистички чети ја продолжиле својата пенетрација.

Врховистичката пенетрација најсилно се почувствувала во Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ. Овие два округа се граничеле со Бугарија од каде што доаѓал врховизмот, врховистичката акција била координирана од еден центар и претставува единствен процес во двата реона.[1] Во текот на првата половина на 1902 година врховистите ја продолжиле својата агитација кај населението и борбата со ТМОРО за контрола на териториите. Врховистите при својата агитација се користеле со закани, присила и предавства. Иван Пашалијата во едно свое писмо од 11 март 1902 година истакнал:

Браќа селани... ВК ќе не снабди со оружје и ќе не зачува од непријателите (ТМОРО б.н), сиот народ е наш, силата е наша... изберете се двајца луѓе, дајте им писмени овластувања да отидат во Z за да добијат оружје за целото село, а Јас ќе ви дојдам на помош и ќе ги смачкаме главите на непријателите... секој Бугарин во Македонија треба да бара помош од ВМОК во Софија, зошто тој е одреден од големите сили да го покровителствува ослободувањето на Македонија и Одринско [2]

Дончо Златков бил уште повеќе дрзок, тој во едно писмо до еден пограничен раководител на ТМОРО му пишал: Господин Z... да ги советуваш пријателите да не пречат на работата, да не ги мамите селаните да се колебаат, зашто некоја вечер ќе заспиеш и не ќе се разбудиш... јавно ви велам дека ќе ви дојдам во градот, та сите... ќе ве пратам во Подрум Кале [2].

Ваквите закани станувале реалност. Алекса Поројлијата на 11 мај 1902 година испратил писмо до мудирот од село Долно Порој во кое истакнал: Уќуматот ги бара и преследува комитите по планините... Четите не се по планините, туку под носот на власта. Како такви ги посочил Лука Поп Теофилов, Димитар Атанасов, Атанас Ников во Сер, учителот Динков во Баракли Џумаја и учителите Трушков и Динев во Петрич... Тие ја вознемируваат земјата. Тие се вистински комити, кои и мене ме направија таков [1]. Во наредниот период врховистичкото движење продолжило и својата кулминација ја достигнува со Горноџумаксото востани и т.н Тушимско востание.

Цел уреди

 
Мемоар на ВМОК до бугарската влада од 1901 година, потпишан од Стојан Михајловски, Иван Цончев и Стефан Николов

Српскиот дипломатски претставник во Софија, кон крајот на март 1902 година истакнал дека новата врховистичка провокација во Македонија е резултат на судирот кој настанал меѓу поранешното и актуелното раководство на Македонскиот комитет, како и различните погледи за решавање на Македонското прашање.

Според него: Сарафов и неговите приврзаници, кои ја држат во раце Внатрешната револуционерна организација, не криеја дека сакаат своето дејствување да го одделат од династичките интереси на кнезот Фердинанд, кој секогаш настојуваше тајно да раководи со комитетскиот ред, на тој начин спроведувајќи ја големата бугарска идеја, за да ја зачува и зголеми својата популарност [3]. Истиот тој српски претставник истакнал дека:

Сарафов и неговите приврзаници отворено изјавуваа дека ним не им дошло до политички проповеди, туку до национално ослободување, за кое народот треба да се подготви и воодушеви, за во дадениот час да биде готов да се жртвува. Малку расположени да му служат на политичките интереси на кнезот Фердинанд и на славистичките стремежи на бугарските државници, тие се воодушевуваат од идејата за самостојна Македонија, до која, според нивното мислење, во денешните политички услови може да се дојде под сизеренство на Султанот. И токму затоа што не сакаат да допуштат автономијата да послужи како мост за подоцнежната бугарска анексија, предизвикаа кај кнезот Фердинанд и тогашниот шеф на владата - Каравелов,запален шовинист, прв да ги гони (Сарафистите б.н). Само со тоа гонење може да се објасни, што на чело на ВМК дојде резервниот генерал Иван Цончев и поетот Михајловски, од кои првиот е повереник на кнезот Фердинанд, а другиот приврзаник на Каравелов [3]

Според Ѓорче Петров:... востанието на Цончев било со поддршка на кнезот (Фердинанд б.н) со две цели: 1. Да се испрати еден фишек за да може подготвуваното востание од Организацијата, да се искористи на дипломатски план. 2. Владата на Радославов на лесен начин да го привлече патриотскиот елемент на своја страна, за да го искористи во партиски цели, без да мисли дека е можно едно сериозно востание [4].

Подготовки уреди

Планот на ВМОК за востание уреди

 
Повик до Македонците од Анастас Јанков

Во мај 1902 година Македонскиот врховен комитет подготвил план за востание во Македонија, а тој се состоел од три точки:

а) Стојан Михајловски и Иван Цончев документирано да ја претстават неподносливата положба на населението во Горноџумајско и Малешевско пред бугарскиот министер за внатрешни работи Људсаков и Радев, а со тоа била побарана дозвола за кревање на востание во Македонија.
б) Иван Цончев и Стефан Николов да навлезат во Македонија и да извршат инспекција до реката Вардар, по што ќе одлучеле дали да се крева востание.
в) Полковникот Атанас Јанков да навлезе со чета во Битолскиот револуционерен округ [5].

Мисијата на полковникот Јанков уреди

Дел од темата
Македонски комитет
 
 
Атанас Јанков

Во јуни 1902 година Јанков се нашол од десната страна на реката Струма. Таму врховистите веќе ја започнале борбата со силите на ТМОРО, а со минувањето на Јанков состојбата уште повеќе се усложнила.

Додека полковникот Атанас Јанков се наоѓал таму, Тодор Саев и Иван Пашалијата му поставиле заседа на Христо Чернопеев, а во судирот имало неколку ранети. Како се доближувало времето за кревање на врховистичкото востание, ТМОРО на десната страна на Струма префрлила дополнителни сили но таквото засилување било задоцнето. Атанас Јанков својата свита ја поделил на три дела и тие агитирале во Струмичко, Радовишко и Петричко дека востанието ќе биде објавено во август.

Со оваа агитација врховистите успеале да привлечат голем број на села и да си ги зацврстат позициите во Горноџумајско, Малешевско и Петричко. Јанков својот поход го продолжил кон Струмичко, а по неговото поминување таму се заилил врховистичкиот војвода Алекса Поројлијата, а тој својата дејност ја насочил на запад кон Дојранско и Струмичко.

Средба на Цончев со Елиот уреди

Пред одржувањето на Х македонски конгрес Цончев имал разговор со англискиот дипломатски претставник Елиот. Од него сакал да го разбере каков ќе биде ставот на големите сили доколку дојде до востание во Македонија.

Цончев истакнал дека Врховниот македонски комитет отсекогаш се залагал за мирољубиви средства меѓутоа дека многумина сметат дека ослободувањето на Македонија не може да стане без пролевање на крв. За да ја отфрли одговорноста од себе, Цончев истакнал дека доколку водачите во Македонија одлучат за востание, тогаш Врховниот македонски комитет нема да може да спречи движењето.

Елиот во овој разговор истакнал дека големите сили ќе дадат слобода на Османлиското Царство да го задушат востанието, а Цончев и покрај таквиот став истакнал дека луѓето се очајни и доколку се даде сигнал за востание, Комитетот нема да може да ги одврати.

Ставот на бугарската влада уреди

 
Стојан Михајловски

Една недела пред одржувањето на Х македонски конгрес бугарската влада подготвила план. Бугарскиот министер за внатрешни работи Александар Људсканов во разговор со српскиот дипломатски претставник во Софија истакнал дека Бугарија егзистираат 43 македонски друштва кој го признаваат Врховниот комитет на Цончев додека пак 35 македонски друштва се опозициски настроени.

Според министерот на конгресот ќе им биде дозволиле да учествуваат само оние кој го признаваат комитетот Михајловски - Цончев, а ако опозиционерите притиснат да учествуваат во работата на конгресот, тогаш Цончев и неговите луѓе со оружје ќе го растурат конгресот, а владата ќе го укине Врховниот комитет, меѓутоа не веднаш туку ќе се чека погоден момент за да не бидат обвинети од собранието.

Српскиот претставник прашал колку се вистинити гласините дека ВК во Македонија ќе започне востание на денот на прославата на Шипка, Људсканов истакнал дека востанието нема да биде во септември туку во август веднаш по конгресот.

Људсаков, за да ја отфрли замешаноста на бугарската влада, истакнал дека тие презеле соодветни мерки за да се неутрализира секое движење. Во тој контекст, Људсканов истакнал дека на границата кон Македонија биле распоредени дополнителни 100 жандари, а била издадена наредба на границата да не се задржува ниту еден Македонец.

На крајот од разговорот министерот истакнал: Ние сме сигурни дека движењето не ќе има апсолутно никаков успех, прво, затоа што сите селани сега се зафатени со полска работа, второ, што турската воена сила во Македонија е доста силна, и трето, што никакво движење во Македонија не може да успее, ако не го поддржува една од соседните држави, што овој пат не е случај. Но, ние сепак не можеме никако да ги спречиме луѓето да не направат некаква будалаштини и залудно да пролијат крв[1].

Агитација за востание уреди

 
Стефан Николов

По Х македонски конгрес Цончев почнал јавно да агитира за востание, а ги прекинал контактите со рускиот дипломатски претставник Бахматјев со кој имал редовни средби. Цончев истакнал дека ќе ја расипе прославата на Русите.

Поради таквата атмосфера бугарската влада за да се оправда пред големите сили презела одредени мерки. Најпрво било спречено преминувањето на една чета од 80 души, а на 20 август во Дупница биле приведени Цончев и Стефан Николов по што биле интернирани во своите родни места. Кај нив биле најдени револуционерни наредби потпишани од Љусаков и Радев.

На 20 септември 1902 година Стојан Михајловски ги повикал бугарските граѓани да го поддржат востанието во Македонија: Сега не се гледа кој е прав, а кој крив! - Робот е востанат и треба да се поткрепи![1].

Меѓутоа на таквата агитација истапил отцепениот комитет на чело со Христо Станишев истакнувајќи дека отаде Рила нема востание. Расправијата меѓу двата комитет внел забуна меѓу бугарските граѓани, а додека тие се расправале дали има или нема востание во Македонија тоа започнало на 23 септември 1902 година.

Советувањето во Градево уреди

Неколку дена по интернирањето Стефан Николов се нашол во Македонија. Под негово претседателство било извршено советување на врховистичките војводи во селото Градево. На ова советување било донесена одлука востанието да започне на 25 септември 1902 година, од десната страна на Струма со востанието да раководат Тодор Саев и Кочо Лефтеров, а од левата страна капетан Јурдан Стојанов.

За оваа одлука бил известен и Врховниот македонски комитет, а Антон Бозуков поднел оставка бидејќи не се дејствувало во согласност на бугарската влада. На 27 септември од дреновскиот затвор исчезнал Иван Цончев, тој на 5 октомври ја минал границата и по три дена им се придружил на востаниците.

Врховистички чети уреди

Почеток уреди

 
капетан Јурдан Стојанов
 
Четата на капетан Јурдан Стојанов

Ноќта на 22 септември 1902 година во селото Србиново (денес Брежани), капетанот Јурдан Стојанов ги дал последните упатства до селаните. Истата ноќ 4 четници на Тодор Саев убиле тројца таксилдари во Железнец (Железница). Дел од селаните се исплашиле и заминале кај Саев на совет меѓутоа тој со развеано знаме истакнал дека востанието е објавено.

Во меѓувреме во Железнец се судриле аскерот и селаните, а тие биле разбиени дел од нив избегале во планина, а дел од нив заминале кај Христо Чернопеев. Тој внимавал да не се прошири востанието во останатите села, а на селаните им рекол да мируваат но за секој случај зазел позиција.

По три дена Османлиите почнале да настапуваат, а Саев и Чернопеев се повлекле. Во Малешевско Чернопеев и Крсто Асенов заробиле четник на врховистичкиот војвода Васил Пеливанов и од него разбрале дека врховистите имале сличен план за Малешевско на 30 септември. Затоа Чернопеев ја поделил својата чета на три дела и тие го обиколиле Малешевско и таму не дошло до врховистичко движење.

Судирот кај Железнец бил сигнал за почеток на востанието село Србиново. Истиот ден таму бил убиен еден бег од село Крупник и поради тоа дел од селаните избегале во планина, а дел од нив на чело со локалниот војвода Павле Давков зеле учество во востанието.

 
Обединетата чета на Тодор Саев и Никола Лефтеров

По судирот кај Железнец, Јурдан Стојанов со 35 души се упатил кон Кресна за да се сретне со Дончо Златков. На патот за Кресна работеле 80 помаци. Тие откако ги слушнале истрелите кај Железнец и Србиново се упатиле кон своите села за да се вооружаат и потоа да пљачкаат, но капетан Стојанов дел од нив растурил, а дел ранил.

По овој судир капетан Стојанов влегол во Оштава, каде веќе бил Дончо со што селото било вовлечено во востанието. Истиот ден кај селото Градево имало судир со аскерот. Судирите кај Србиново и Градево траеле 4 дена. На 24 септември кај Градево и Кочовата Маала дошло до судир. Аскерот се повлекол кон Ораново. Следните денови Кочовата Маала била напаѓана од Симитли и Разлошко. На 26 септември капетан Стојанов учествувал во борбите.

На 29 септември Османлиите презел поголема офанзива. Бил ангажиран аскер од Крупник, Кресна, Симитли и Горна Џумаја. Со настапувањето на аскерот биле запалени Полето и Кочовата Маала. Останатите селани биле разбиени кај Обесник. Следниот ден аскерот влегол во Србиново. Дел од селаните, претежно жени, деца и старци биле колени, мачени или однесени во Горна Џумаја. Околу 500-600 селани поради таквите случувања избегале кон Бугарија.

Петричко уреди

 
Дончо Златков
 
Четата на Лефтеров

По првиот востанички бран дошло до затишје. Меѓутоа тоа било искористено од врховистите за реорганизирање своите силите и проширување на востанието во Петричко и Мелничко.

Со врховистите во Петричко, односно во Каршијак командувал Дончо Златков. Неговиот притисок врз населението се чувствувал во почетокот на септември 1902 година. Дончо и неговите луѓе остро се пресметувале со секого кој не се подавал на врховистичката агитација. Затоа тие го обесиле организацискиот раководител Танче од село Рибница. Меѓутоа и покрај сите напори, врховистите не ја добиле поддршката на населението. Во Каршијак по разни основи во востанието биле вовлечени 10 села.

Во Петричко борбите биле интензивирани по започнувањето на борбите во Горноџумајско, а од Каршијак врховистите извршиле напад врз Кресненската кллисура. Од таму требало движењето да се прошири во Мелничко. Во борбите околку Кресна загинале 54 турски војници, а 50 до 60 биле ранети кој биле пренесени во Солун. Борбите околу Кресна траеле три дена со загуби на двете страни, а со офанзивата на Османлиите, врховистите биле избркани.

Мелничко уреди

 
Тодор Саев

По борбите кај Србиново и Градево, капетан Стојанов ос 80 души се нашол во село Влахи, Мелничко. Меѓутоа поради аскерот морал да го напушти селото, а во меѓувреме во Мелничко со 50 души се нашол Дончо Златков.

Капетан Стојанов и Дончо ги здружиле своите сили и му пишале на Дуката, кој бил раководител во селото Бождово, за да им даде храна и сместување. Меѓутоа Дуката со своите луѓе го напуштил селото за да не стапи во контакт со нив. По неговото заминување врховистите се нашле во Бождово, а Дончо и неговите луѓе се сместиле во куќата на Дуката.

Во текот на нивниот престој таму тие го ограбиле тамошниот дуќан, ја исклале стоката, дел од виното го испиле, а дел го истуриле. Веднаш потоа Дончо и капетан Стојанов им пишале на селата Мало Цалим, Дебрене и Белевехчево да дадат по 20 души за напад на градот Мелник.

Меѓутоа, раководителот од Дебрене истакнал дека без дозвола на ОК на ТМОРО неможат да преземаат ништо, дека тоа е вештачко востание, и дека ги прекршилле статутите на ТМОРО. Затоа побарале од врховистите да вратат назад. Овие села се обратиле кај Јане Сандански и побарале помош од него, а за секој случај во селата биле поставени ноќни стражи. Поради тоа капетан Стојанов и Дончо се откажале од нападот на Мелник и се решиле да го нападнат селото Џигурово.

Меѓутоа Дончо се откажал и од овој напад и се вратил во Бождово каде успеал да го фати раководителот Дуката. Од него било побарано да даде содејство за да востанат и останатите села, но Дуката се спротивставил и поради тоа бил убиен. Селаните од Мало Цалим и Дебрене кога разбрале дека врховистите се вратиле им поставиле заседа и ги нападнале.

Разлошко уреди

 
Иван Цончев

Во Разлошко врховистите се обиделе да го востанат селото Белица. Околу селото се движела една врховистичка чета од 8-10 души. Во четата имало двајца беличани кој ги излажале селаните дека се испартени од Лука Поп Теофилов за да ги исчистат 250 пушки во селото.

Истворемено истакнале дека во селото ќе дојде голема чета која ќе го подели оружјето на селаните. Меѓутоа ваквиот обид бил откриен од Гоце Делчев и тој во писмото од 11 октомври го изветсил Никола Малешевски дека околу селото Белица се врти врховистичка чета и дека таа може да ги привлече Турците. Аскерот барајќи ја четата ќе наиде на пушките и затоа Делчев побарал тие да бидат пренесени на друго место.

Неколку дена подоцна Саев и Кочо Лефтеров ја напуштиле дената страна на реката Струма и се нашле во селото Белица со 70 души. Тие на 26 октомври 1902 година на Митровден имале судир со аскерот кој траел цед ден.

Кон крајот на октомври 1902 година борбите се прошириле во селата во близината на бугарската граница. На 19 и 20 октомври 1902 година врховистичките сили предводени од Иван Цончев, Александар Протогеров и Стоенчев воделе борба со аскерој кај Бистрица. Во борбите имало големи загуби и од двете страни.

Според официјалните османлиски извори во борбите загинале 75 четници, а 38 души биле заробени, додека пак од страна на Турците 17 души паднале и 33 биле ранети. По судирот селаните предале 150 пушки. На 20 октомври 1902 година при судирот кај Белица бил ранет генералот Иван Цончев.

Струмичко уреди

 
Иван Пашалијата

По разбивањето на востанието во долината на Струма, врховистите направиле обид за заживување на движењето во Струмичко. Обидот бил направен од страна на врховистичките војводи кој биле потиснати од Горноџумајско. Како војвода се титулирал Иван Пашалијата, подвојвода Стојанов, а како раководители се потпишувале Стојко Бакалов, Атанас Јанчев и Стоил Крстев.

На 15 октомври четата на Пашалијата и Бакалов имала судир на Огражден меѓу селата Стиник и Барбарево. Судирот траел 7-8 часа со загуби од двете страни. Поради тоа на Огражден се распрснал аскер од 40 души и четата морала да се повлече. Аскерот во текот на своето настапување го уништиле селото Стиник, а таму дел од селаните биле уапсени по што биле однесени во Ново Село каде што биле мачени и тепани.

Веднаш потоа имало судир кај селото Смолари во кој загинале 6 души од Аскерот. Овие два судира се случиле во близината на Ново Село и затоа тоа било опсадено од страна на аскерот. Врховистите истовремено од Ново Село испратиле една жена кај дипломасткиот кор во Солун да разгласи дека:

...овчарските колиби биле полни со комити и разбегани селани, дека тие се решени да се борат до смрт и дека ќе започнат со напади на поголеми населени места[1]

Судирот кај Бориево уреди

Иако било најавено дека ќе има напади на поголемите места всушност дошло до само до престрелка во селото Бориево. Таму врховистичката чета ранила еден таксилдар, а убила една жандар и падарот од селото. Во текот на престрелката загинал еден четник, а четата со себе по повлекувањето го повела машкото население.

Поради пукањето во Бориево дошло до организирање на башибузлук од страна на Турците од села Турново, Еднокуќево и Секирник. Башибозлукот набргу се нашол во Бориево, а таму дошла и една потера од 50 души од Банско. Селото било ограбено, а дестенина селани биле претепани до смрт.

На 18 ноември во Бориево дошла потера од 40 - 50 души од Ново Село под команда на Али Ефенди. Биле уапсени 16 селани и однесени во Ново Село каде што биле мачени за да предадат пушки.

Настанот во селото Бориево ги засегнал и околните села. Турците започнале истрага која ги опфатила селата Нивичино, Куклиш, Дабиље, Белотино, Муртино, Вељуса, Пиперово, Робово, Водоча, Дрвош, Барбарево, Сачево и др. Биле уапсени 428 души, 230 биле мачени.

Ново Село уреди

 
Панорама на Ново Село

По судирите кај Стиник и Смолари Османлиите започнале истрага. Центарот на истарагата бил во Ново Село и под дирекна команда на струмичкиот кајмакам Црната Брада. Центараот бил намерно поставен во Ново Село бидејќи претходната година во истото село се разврзала Струмичката афера и властите ги искористиле претходните сознанија.

Ново Село биле сместени 800 војници на чело со мајор и бинбашија. Тие се сместиле сретсело и почнале да бараат оружје. Селаните предале неколку пушки и револвери претежно кременлии.

Османлиите не се задоволиле со тоа и барале оружје од понов тип. На селаните им бил даден рок од три дена да го предедат оружјето, а во меѓувреме биле уапсени неколку селани и мачени. Откако си заминала првата војска дошол нов аскеро од 1000 души и тие се сместиле по куќите на селаните. Аскерот повторно почнал да пребарува оружје. Пребарувањето било проследено со тепање и мачење. На луѓето им биле врзувани камења од 20 до 25 оки на врат. Така тие требало да стојат на една нога, подложени на ќотек. Во текот на истрагата ова село поминало најлошо од сите.

Настапување на Османлиите уреди

Број и состав на османлиските сили уреди

 
Струма

Османлиите настапиле со вкупно 10.000 војници. Односно против врховистичкото востание биле ангажирани 2 пешадиски баталјона од Солун, 5 од Сер, 1 од Драма, 1 од Скопје и батерија од 6 ридски топови од Сер. Најголемиот дел биле редифи.

Главнината од војската ја претставувале пешадиските сили со јачина од 3.000 души, а како авангарда настапувала коњаницата.

Задушување на востанието уреди

Османлиската пешадија била поделена на две колони. Едната се движела по левиот брег на Струма кон Кресна, Влахи и Србиново. Втората колона се движела на по десниот брег на Струма кон Железнец.

Првата колона се запрела во Влахи. Таму селските првенци им покажале тројца сосечени селани од Дончо Златков затоа што не сакале да востанат. Од таму се упатиле кон Оштава, Кресна, Србиново и Градево.

Во почетокот на ноември Османлиите ги протерале врховистите од Петричко и Џумајско. При влегувањето на војската во селата таа верувала амнестија. Турските офицери ја објавиле прокламацијата за амнестија доколку селаните доброволно го предадат оружјето. Веднаш потоа доаѓало до насилство, односно до мачења, силувања, тепања и палеж. Во текот на задушувањето на востанието Турците се послужиле со комбиниран метод. Односно со насилства и ветување на реформи.

Поледниот врховистички обид за акција е од 10 ноември кога една банда облечена во бугарски униформи се обидела од Разлошко да замине за село Годлево, но биле разбиени со што врховистичкото движење замрело.

Тортура уреди

 
Бегалци од Горноџумајското востание

Кон крајот на октомври во Струмскиот чифлиг пристигнала една комисија на чело со џумајскиот кајмакам. Комисијата ги посетила Покровник и Моштанец. На тамошните селани им била прочитана прокламацијата за амнестија и било побарано селните да го предадт оружјето. По мачењето на коџабашијата биле селаните предале 58 пушки. Набргу комисијата си заминала, а по нив дошол аскер од 50 души кој извршил жестокости и си заминал.

На 30 октомври 1902 година дошле 200 арнаути од кои проплаклао се. Тогаш околу 500 селани од Железнец, Покровник, Падеж, Крџово, Дреново, Лисија и др. побегнале за Бугарија. Во Железнец пристигнал аскер од 200 души и започнал да бара пушки. Од селото биле мачени 40 селани, а повеќе жени биле силувани. Во текот на претресот биле заклани две деца.

Во Падеж биле силувани 3 жени, а 15 селани биле мачени. Во Покровник до смрт биле тепани 15 селани, а сите фатени жени биле силувани. Во Лисија мажите побегнале од селото но сите жени и моми биле силувани. Овој метод бил применет во сите села. Еден јусбашија се фалел во една кафеана во Горна Џумаја како:

ги соблекувал жените и ги водел пред шаторите на војската, додека тој ги јавал[1]

Репресивните мерки биле применети и во Разлошко иако таму немало врховистичко движење како во Горноџумајско. Во Џумајско и Разлошко биле убиени 37 мажи и 8 жени, 304 мажи и 134 жени биле мачени, 111 жени и моми биле силувани, 807 куќи биле ограбени, а 67 опожарени. Поради таквото настапување на османлиските власти дошло до времено раселување во внатрешноста како и до бран на иселување во Бугарија. Таму побегнале 2.000 жители.

Епилог уреди

Ставот на дипломатските претставници уреди

 
Константин Величков
 
Иван Гешов

Странските дипломатски претставници во Отоманското Царство разбрале дека не станува збор за масовно востание во Македонија, дека тое е вештачки исценирано движење и наметнато од надвор. Во тој дух се изјаснил и рускиот конзул од Солун, кој истакнал:

покренатото движење... ни од далеку не се одликува со таква сила, каква што му се препишува од Македонскиот комитет[1]

Бугарските дипломатски претставници разбрале дека со едно наметнато движење од надвор не може ништо да се постигне и затоа бугарскиот дипломатски претставник во Белград, Величков истакнал:

Ако е потребно едно востание за да се покрене македонското прашање... таа цел би можела да се постигне само преку едно востание, кое би избувнало внатре во Македонија, кое би било орагизирано така што ќе ги опфати сите краишта на земјата и во едно подолго време да даде отпор на непријателските сили[1]

Неговиот цариградски колега, Гешов бил уште попрецизен. Според него:

Некои од нив (европските дипломати во Цариград б.н), не го пропуштија случајот без да забележат дека резулатат од едно такво востаничко движење, нафрлено од надвор и не можел да биде поинаков... Вистината е дека сите претставништва на големите сили тука имаат јасно и определено разбирање за спротивставувањето кое Внатрешната револуционерна организација на Македонија го направи толку упорно против последните востанички обиди на Софискиот врховен комитет, но не сите признаваат дека тоа е главната причина што движењето на успеа да се прошири во самата средина на македонскиот народ[1]

Февруарски (Падарски) реформи уреди

 
Засегнати села од Горноџумајското востание (Оргиналот е во фондот Форин офис во Архивот на Македонија

Врховистичкото востание ја раздвижило дипломатијата на големите сили, првенствено на Русија и Австроунгарија. Рускиот министер за надворешни работи Ламздорф презел една турнеја на Балканот. Тој ги посетил Белград и Софија. Од тамошните власти успеал да издејствува согласност за едни нови реформи.

Во декември, Ламздорф се нашол во Виена и имал средба со министерот за надворешни работи на Австроунгарија, Голуховски. Двајцата министри се договориле заеднички да настапат пред Високата Порта, а од тука призлегла една Руско-австриска програма за реформи. Двете држави успеале да ја добијата наклонетоста на останатите потписнички на Берлинскиот конгрес.

На 21 февруари германскиот дипломатски престваник во Цариград, реформите ги претставил на великот везир Ферди паша и од него побарал Османлиското Царство да ги прифати.

Последици врз македонското револуционерно движење уреди

Горноџумсјкото востание имало последици врз целото македонско револуционерно ослободително движење. Особено била засегната Македонската револуционерна организација.

Во поголемиот дел од Македонија нејзината мрежа била растресена, голем дел од оружјето кое со години било собирано се нашло во рацете на Османлиите.

Горноџумајското востание од 1902 година, како и најавеното ново врховистичко движење за идната година, го предизвикале решението на Солунскиот конгрес за кревање на Илинденското востание во 1903 година.

Извори уреди

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  2. 2,0 2,1 Право II/26, 15.08.1902, София, 2
  3. 3,0 3,1 АМ, ПО, мф. 454, пп. бр. 1109, 27.03.1902.
  4. Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.
  5. Г. Ив. Бьлевъ, Из живота на четить, Ил. Илинденъ, VI/7 (57), София 1934, 12-13