Барбарево
Барбарево — село во Општина Ново Село, во околината на градот Струмица. Името на селото може да се сретне и како Барбаро̀во.
Барбарево | |
Координати 41°27′38″N 22°53′48″E / 41.46056° СГШ; 22.89667° ИГД | |
Општина | Ново Село |
Население | 11 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 03001 |
Надм. вис. | 665 м |
Барбарево на општинската карта Атарот на Барбарево во рамките на општината | |
Географија и местоположба
уредиНаселбата е сместена на јужната падина на планината Огражден и припаѓа на Општината Ново Село. Селото е планинско, на надморска височина од 840 метри. Од градот Струмица населбата е оддалечена 30 км.
Историја
уредиСе претпоставува дека селото го добило името од грчкиот збор „барба“ што значи „стар“, односно „стара населба“. Селото првпат се споменува во пописот од 1519 година. Низ Барбарево тече мала река што го дели селото на два дела: источно и западно маало. Во селото се наоѓа итн. Чучур чешма. Во неговиот атар се простира населбата од римскиот период, Црвено Поле. Во Барбарево постои и училиште. Црквата „Св. Атанас“ е изградена 1870 година, а селската слава се празнува на 15 мај. Селаните од ова место масовно се иселуваат, па така на пописот од 1971 година тоа имаше 375 жители, а денес само 62, сите Македонци со православна вероисповед.
Револуционерно дело
уредиПри крајот на 1909 година во селото се формира комитет на ВМРО од страна на Христо Чернопеев и Михаил Думбалаков. Во својата книга „Во пламенот на животот и револуцијата“ (Презъ пламъцитѣ на живота и революцията), Михаил Думбалаков истакнува:
Здрави, смели и жилави планинци, барбаревци се одликуваат со приврзаноста им кон делото и со неизброените услуги кои ги покажаа за револуционерната организација.[2]
При избувнувањето на Балканската војна во 1912 година четири души од Барбарево се доброволци во Македонско-одринското ополченство[3]. Селото е ослободено од османлиска власт од четите на Михаил Думбалаков и Кочо Хаџи Манов[4].
Стопанство
уредиАтарот е мошне голем и зафаќа простор од 30,1 км2. На него доминираат шумите на површина од 1.939,9 ха, потоа следат пасиштата на површина од 964 ха, а на обработливото земјиште отпаѓаат 100,8 ха, така што во основа селото има сточарско-шумарска функција.[5]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
За првпат селото се спомнува во Лесновскиот поменик од XVI век и во Трескавичкиот кодекс од 18 век како Барбарево[6].
Во Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника се вели дека 1873 г. селото Барбарово имало 100 семејства односно 382 жители.[7]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Барбарево живееле 480 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Барбарево имало 560 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
Познатиот бугарски археолог Богдан Филов го посетил струмичкиот крај во летото 1915 година при што забележал:
„ | Над селото Барбарево, во Огражден имало „русалиски гробишта“, останати од русалиските обичаи. Кога две групи кои земале учество во прослава се сретнувале, требало едните да поминат под ножевите на другите. Кога никоја група не отстапила, настанало тепачка и убиените биле погребани во тие гробишта[10]. | “ |
Според етнографот Јован Трифуноски, во Барбарево се доселиле жителите на денес непостоечкото село Брест, наводно поради убиство кое се случило во 1901 г.[11]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[12]
Според пописот од 2002 година, селото Барбарево има 62 жители, сите Македонци.[13]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 11 жители, од кои 10 Македонци и 1 лице без податоци.[14]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 480 | 560 | 593 | 566 | 506 | 278 | 52 | 26 | 18 | 62 | 11 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]
Општествени установи
уредиСамоуправа и политика
уредиИзбирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1781 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 42 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
уреди- Црква „Св. Атанасиј“ - Барбарево, изградена во 1870 година[21].
- Горно Ориште, археолошко наоѓалиште
- Црвено Поле, археолошко наоѓалиште
Редовни настани
уреди- 15 мај, селска слава
Личности
уредиРодени во Барбарево
- Ангел Трајчев (1887 - 1921), деец на ВМРО
- Андон Атанасов, деец на ВМРО
- Атанас Илиев, деец на ВМРО
- Атанас Тренчев, деец на ВМРО
- Божин Георгиев, револуционер, раководител на месниот комитет на ВМОРО
- Георги Атанасов, деец на ВМРО
- Илија Трајков (? - 1925), војвода на ВМРО
- Панделија Стојанов (1900 - 1983), револуционер, струмички војвода на ВМРО и деец на МПО
- Стојан Панев Шукев (1885 - 1905), револуционер од ВМОРО, четник на скопскиот војвода Петар Апостолов
- Трендафил Стоилков, деец на ВМРО
Култура и спорт
уредиИселеништво
уредиКако и повеќето села во Република Македонија, населението масовно се иселува во средината и крајот на XIX век. Во почетокот на XIX век селото имало околу 560 жители, денес тоа има само 62 жители.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Думбалаковъ, Михаилъ. Презъ пламъцитѣ на живота и революцията, томъ ІІ, София, 1937, стр. 71.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 828.
- ↑ Думбалаковъ, Михаилъ. Презъ пламъцитѣ на живота и революцията, томъ ІІ, София, 1937, стр. 165 - 167.
- ↑ Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 19–20.
- ↑ Селищев. А. М. „Македонские кодики XVI - XVIII веков“, София, 1933, стр. 145.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 186-187
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 161.
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905. pp. 106-107.
- ↑ Филов, Богдан. Пътувания из Тракия, Родопите и Македония 1912 - 1916, София, 1993, стр. 80.
- ↑ Трифуноски, Јован Ф (1976). „Расељена села у Струмичкој котлини“. Гласник српског географског друштва. LVI (2): 73.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Општина Ново Село, Населени места, Барбарево