Љубанци
Љубанци — село во Општина Бутел, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.
Љубанци | |
Поглед на селото Љубанци | |
Координати 42°6′30″N 21°27′16″E / 42.10833° СГШ; 21.45444° ИГД | |
Регион | Скопски |
Општина | Бутел |
Област | Црногорија |
Население | 1.075 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1011 |
Повик. бр. | 02 |
Шифра на КО | 25081, 25581 |
Надм. вис. | 570 м |
Љубанци на општинската карта Атарот на Љубанци во рамките на општината | |
Љубанци на Ризницата |
Потекло на името
уредиИмето на селото Љубанци потекнува од лично име на некој човек.[2] Најверојатно се работи за Љубомир, Љубан, кој можно е во најдалечните времиња да бил основач и поседник на селото.
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во северозападниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Бутел, чиј атар се издигнува до сртот на планината Скопска Црна Гора, каде што се допира со подрачјето на Општина Липково.[3] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 570 метри. Од градот Скопје, селото е оддалечено 15 километри.[3]
Куќите на ова големо село се наоѓаат во долината на Љубанска Река, на граница помеѓу планинска падина на север и ниското земјиште на југ. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од извори соѕидани во чешми. Главни извори во селото се Чаушевац, Долна Чешма, Горна Чешма и Млака.[2]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Пупљак, Црн Камен, Чука, Орниче, Дубрава, Јадриовци, Јазвиње, Капиштец, Босилковац, Тијановац, Љубански Камен, Попова Млака, Остри Камен, Утовец, Кула, Лапчина, Мачишта, Цигаревац, Присоји, Граишка Чука, Говедарник, Бел Камен, Вуча Рупа, Студено, Рајкови Ливади, Бундова Ливада, Гарина, Ливадишта, Соколовец, Китка, Вирови, Згуровци, Здравчи Камен, Маристена, Манастирски Осој, Касановац, Делба, Страишта, Падина, Голема Нива, Лопушане, Црквиште, Радишки Рид, Коритница, Пожарница, Орловац, Побушка Река или Јапков Рид, Асанова Млака, Манастириште, Маркова Чешма и Рамна Нива.[2]
Селото има збиен тип и е поделено на девет маала, чии имиња потекнуваат од главните родови коишто живеат во нив. Маалата се Ниникева, Раева, Којчикева, Шаманска, Шишманска, Долно или Ново, Пештер, Терзинска и Цоцово. Долното маало е најново и тоа настанало со преселување на семејства од постарите маала.[2]
Низ селото протекува Љубанската Река, која е притока на реката Серава. Соседни села се Љуботен на исток и Побожје на запад, со кои е поврзано со асфалтен пат.
За географијата и местоположбата на Љубанци и опис на неговата околина запис дал и Ѓорче Петров во чии записи стои дека Љубанци е расположено три часа на север од Скопје, по ридовите Пијановец и Дубичиња и на самиот отвор на долот на Љубанска Река, при што билото над Пијановец се нарекува Рамно, а она над Дубичиња, Бреза. Долината на реката, како и падините на ридовите се покриени со градини од овошни дрвја, најмногу црешови и оревови, а по падините има и красти. Тоа е второто село по живописноста на местоположбата после Бањани.[4]
Над самото село Љубанци во шумовиот предел веднаш до манастирот Свети Никола, постои детското одморалиште „Страхил Андасаров“, во кое повремено се згрижувале бездомници.
Историја
уредиСелото Љубанци е една од постарите населби на Скопска Црна Гора за што сведочат повеќето цркви и манастири во неговата околина кои датираат од XI и XII век, како и големиот број на сочувани старинечки родови и родови доселени од две околни села (Лопушани и Згуровци), кои сега не постојат. На атарот на селото Љубанци има остатоци од различни културни епохи, а особено стари гробови, пари, остатоци од црквишта, кои селаните ги ископувале на местата Гребиште, Делба и Св. Јован.[2]
Во минатото, во непосредната околина на Љубанци постоеле селата Згуровци на планинската падина над сегашното село и Лопушани за кое има пишани податоци уште од 1302 и 1308 година, кога било наведено во грамота на кралот Милутин како сопственост на средновековниот Горњански манастир, а кое се наоѓало на ниско земјиште околу три километри јужно од денешното Љубанци. Споменатите села имале свои цркви: во Лопушани се наоѓала црквата „Св. Петка“, а во Згуровци црквата „Св. Илија“.[2]
Животот на жителите на овие две села Згуровци и Лопушани за време на отоманското владеење бил многу тежок, бидејќи постојано биле напаѓани од муслиманските Албанци на планината од север и чифлик-сајбиите Турци од југ. Поради тоа, тие се собрале во поголемото потпланинско село Љубанци каде што како христијани можеле полесно да се бранат од насилствата на споменатите муслимани.[2]
Од пишаните документи од средновековниот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски Вилает, селото е запишано како Лубанце и во него живееле вкупно 54 македонски христијански семејства, кои произведувале пченица, јачмен, ’рж, просо, овес, граор, бостан, лен, лозја, чувале свињи и пчели во улишта, одгледувале свилена буба во кожурци, за што имале црници (дудинки), како и други овошни дрвја како круши, ореви и друго овошје и работеле 4 воденици за што остварувале приход од 11.725 акчиња. Подоцна во XVI век, во 1544 селото имало 72 македонски христијански семејства, а исто толку се запишани и во 1568 каде што е одбележано дека имало и втор назив - Пустинец.[5]
Првото училиште во Љубанци се отворило уште во 1853 година.[2]
Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.
За селото Љуботен во средината и на крајот на XIX век записи даваат и македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот и македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Во својот напис „Црна Гора Скопска“ објавен на 15 февруари 1855 година, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за Љубанци запишал дека се наоѓа на реката Љуба (Љубанска Река), чии води течат според уредбата на Ехо и чудесно шумолат, а луѓето се весели. Таму е основан манастирот љубански „Свети Никола“, но седел така без духовник. Во 1851 година во него наместиле еден духовник, добар Србин, кој го обновил манастирот, но злите духови христијански од Скопје го наклеветиле на буљукбашијата и тој како чесен човек си заминал. Тоа село било достојно за учител, зошто имало мажи по природа доста разумни.[6]
Опширен и детален опис за Љубанци и неговите жители, нивниот дух, стопански занимања и живот во XIX век, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Во тоа време Љубанци имало 120 македонски куќи, а атарот бил мал сразмерно со селото, планината повеќе гола, заради што жителите биле бедни, но печалбарството ги направило доста будни. Отворени, живи и весели луѓе се љубанчани и не паѓаат подолу и во гостопримството, па изреката: „На село, на гости, на тевна ќотек“ е вистинита и применлива за сите села, но во Љубанци остануваш толку задоволен и задолжен од нивната услужливост што ги забораваш вообичаените селски незгоди. Просторот меѓу Коренска и Песчинска Река се нарекува Кула затоа што на него се наоѓаат урнатини од една стара кула, а за таа кула се раскажува дека до пронаоѓањето на пушката нејзиниот сопственик се бранел со стрели, а откако излегле пушката и топот тој се криел во неа. Турците, кога ја освојувале Црна Гора, долго време не можеле да ја заземат таа кула и најпосле една баба им го покажала местото каде што таа можела да се бие и набрзо паднала во нивни раце. Над Љубанци во Скопска Црна Гора имало две стари сега непостоечки села Згуровци и Едриевци. До пред 80[7] (денес 200) години атарите на тие 3 села биле спахилак.[5] Љубанчани најпрвин го откупиле својот атар, а бидејќи тој бил мал, подоцна тие ги откупиле атарите на другите две соседни села.[4]
До крајот на турската власт во 1912 година, селото трпело напади од страна на муслиманските жители и не добивало заштита од страна на државата. Нападите доаѓале од соседното село Љуботен на исток и од Брест на север.[2]
Животот на жителите на Љубанци до крајот на отоманското владеење бил доста тежок поради честите пљачкашки напади од муслиманските Албанци од соседните села Љуботен на исток и Брест на планинскиот масив на север, поради што одредени мажи од селото започнале да одат на печалба каде работеле претежно како пекарници, а помалку како бозаџии.[2]
За разлика од останатите околни и соседни села на Скопска Црна Гора во кои е силно изразено србоманството, Љубанци и неговото население се одликуваат со висока македонска национална свест, голема приврзаност и свест за припадност кон Македонија, како и изразен македонски патриотизам и преданост на идеалите на ВМРО. Поради овие одлики, жителите на Љубанци од останатите претежно србомански села се нарекувани Бугари. За тоа сведочи и Ѓорче Петров, кој запишал дека важно е тоа село во тој однос што од почетокот на црковното прашање, па дури до сега не се откажало од својата тврдост во бугарштината (денес, македонштина) и сите обиди на српските агитатори да се вметнат меѓу селаните наишле на силен отпор, макар што имало многумина од тоа село кои биле видни богаташи во Србија, чии убедувања, исто така, не наоѓале добра почва. Дури и роднините на српскиот конзул во Солун, родум од тоа село, се откажале од роднинските врски кога тој се обидел да ги поткупи да станат Срби. Тоа село држи силна спротивставеност на Кучевиште, кое е гнездо на српската пропаганда.[4]
Во 1934 година, во селото било отворено сезонско лекувалиште со 35 постели за лекување на туберкулоза.[8]
Во непосредна близина на Љубанци, во соседното село Љуботен, на почетокот на август 2001 година, се воделе тешки борби помеѓу македонските безбедносни сили и албанските терористи при што дел од населението на ова село учествуваше во одбраната на Љубанци, главниот град Скопје и Македонија.
На 10 август 2001 година, на нагазна мина кај месноста Љуботенски бачила загинале осум припадници на македонската војска. Истиот ден во вечерните часови во селото Љубанци пристигнала полициска единица предводена од Јохан Тарчуловски (родум од Љубанци), која извршила извидување на Љуботен. Веќе на 12 август, околу 8 часот наутро, од Љубанци започнал нападот врз селото Љуботен изведен од полициската единица, што ја командувал Тарчуловски, кој за оваа полициска акција ќе биде осуден од меѓународниот трибунал во Хаг.
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 24,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.166 хектари, на пасиштата отпаѓаат 627 хектари, а на обработливото земјиште 546 хектари.[3] Љубанци имало корија од даб, погоре леска, бука, јасика и див дрен или клен–вид јавор,[4] од која големи и значајни делови и денес сè уште се зачувани.
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција,[3] а самиот атар на селото Љубанци е доста поволен за сточарство, шумарство и земјоделство при што таквата комплеметарна земјишна основа е створена како една географска целина околу населбата.[2]
На падините во непосредната околина на Љубанци има голем број на лозја од кои многу домаќинства произведуваат вино и ракија, а македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга од 1896 запишал дека прочуеното скопско вино, коешто се ползува со голема слава и познатост во Србија, Босна и Македонија се произведува од четири скопски села: Нерези, Љубанци, Кучково и Никиштани, при што љубанското вино било прво во Скопска Црна Гора и второ во Скопската каза после нерешкото. За стопанството на Љубанци, понатаму Ѓорче Петров запишал дека главните занимања на жителите се земјоделство и сточарство, освен тоа во Скопје носат и малку овошје, а некои одат и на печалба. Сточарството во XIX век било силно развиено, имало до 15.000 глави по билото на планината и до 2.000 глави добиток во селото, а од лозарството, исто така, многу се печалело. Тоа село давало спахилак 200-250 товари грозје. Само во љубанскиот дел на Скопска Црна Гора имало костени, кои некогаш давале значителен приход на селаните, но сега се без значење. По реката нагоре од селото имало до 30 воденици на кои се мелело брашно, не само од Љубанци, туку и од многу села во Полето.[4]
Сепак, сточарството било главна стопанска гранка на жителите на Љубанци до крајот на турската власт, но и до крајот на Втората светска војна. Се користеле пасиштата на Скопска Црна Гора, особено месностите Згуровци, Јадриовци и други, каде мештаните имале бачила, каде лете во нив престојувале повеќе луѓе заради сточарски и земјоделски работи, а зиме таму останувале само оние кои ја хранеле стоката - претежно кози и говеда. Жителите живееле во големи куќни задруги кои биле одлика на стопанскиот живот на љубанчаните сè до крајот на Втората светска војна после која сточарството нагло опаднало, а семејните задруги исчезнале. Најпознати задруги кои биле најимотни со добиток биле: Костенцови, Спасенцови, Раеви и Шаркови. По долго неискористување на пасиштата на планината,[2] денес во Љубанци повторно заживува сточарството, а посебно козарството.
Населението во најголем дел се занимава со земјоделство, најмногу со одгледување на полјоделски култури (житни и градинарски), а поради неговата местоположба и непосредната близина на градот Скопје, значаен дел на населението се занимава со разни видови на стопански дејности. Во Љубанци работат три продавници и уште неколку дуќани со угостителско-услужна дејност, меѓу кои познатиот рибник, како и мелницата за жито и производство на брашно.
Денес, во Љубанци и околината се прават обиди да се развие туризмот.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 53 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 191 мажи христијани, со 32 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 446 жители.[9]
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 260 жители.[10]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Љубанци живееле 780 жители, сите Македонци.[11] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Љубанци имало 1.032 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[12]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 1.050 Македонци.[13]
Љубанци е големо село, коешто во 1961 година имало 1.312 жители, од кои 1.298 биле Македонци, а 10 Срби. Во 1994 година бројот се намалил на 863 жители, од кои 859 Македонци и 3 жители Срби.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Љубанци живееле 928 жители, од кои 912 Македонци, 9 Роми, 6 Срби и 1 останат.[14]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.075 жители, од кои 981 Македонец, 2 Турци, 10 Роми, 1 Влав, 8 Срби, 2 останати и 71 лице без податоци.[15]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 780 | 1.032 | 1.364 | 1.494 | 1.312 | 968 | 942 | 902 | 863 | 928 | 1.075 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[16]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[17]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[19]
Родови
уредиЉубанци отсекогаш во целост е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Тоа спаѓа во оние села на Скопска Црна Гора во кое се сочувани и живеат голем број на старинечки родови.[2]
Според истражувањата на Ѓорче Петров на крајот на XIX век, првите семејства основачи на селото биле: Ниниеви, чиј родоначалник Нино според една книга на умрените во тоа време имал родослов стар 350-400 години, Капраникови и Цоцови кои биле преселени од Сириник, додека новиот род Чанкулови дошол од селото Пустиник (Качаничко - веднаш до денешната гранична линија), а има доселеници од Порече, од Дебарско и од косовските села.[4]
Според истражувањата на Јован Трифуноски од шеесеттите години на XX век, во селото ги има следниве родови:[2]
- Староседелци: Ниникеви (слават Воведение на Пресвета Богородица), чии куќи им се во посебно маало и за кои се вели дека се „најстари во селото“; Шаманци (слават Воведение), и нивните куќи се во посебно маало, а се делат на помали родовски гранки: Козарови, Костенцови и други; Шишманци (слават Свети Никола), имаат посебно маало, а старото име им било Калови; Цоцови (слават Воведение), имаат посебно маало и се делат на помали огранки: Андасарци и други и Пештерци (слават Свети Никола), се доселиле од сега раселеното село Згуровци, кое што се наоѓало на планинскиот масив северно од Љубанци, имаат посебно родовско маало, а правото родовско име им е Сурлови.
- Доселеници:
- Доселеници со познато потекло: Којчикеви (слават Воведение), куќите им се во посебно родовско маало, а се делат на помали родовски гранки по име: Мерџанови, Ќосеви и други; Рајови или Раевски (слават Воведение), се доселиле од сега раселеното село Лопушани, кое се наоѓало меѓу Љубанци и Радишани, а во овој род во XIX век живеел познатиот домаќин Сокол Раев, а пред крајот на отоманското владеење овој род дал неколку видни домаќини и личности; Кекенови (слават Свети Ѓорѓи - посен по Митровден), се доселиле исто така од некогашното раселено село Лопушани, а порано се викале и Чурукови. Од овој род потекнуваат повеќе денешни македонски видни јавни личности, професори и политичари; Уткови родовска гранка од Раевци кои живеат во Долното Маало; Терзиини се доселил нивен предок како терзија од пределот Сириник на Шар Планина; Тарчугови се доселиле од селото Нерези на планината Водно; Петкинчови (слават Света Петка), по потекло се од Мирковци од каде што преминале во Јазирци, кое денес не постои, а од таму се доселиле во Љубанци и Бочварови потекнуваат од домазет доселен од Порече.
- Доселеници со непознато потекло: Рајкови и Попадини, чии куќи се во Долното Маало, а можно е да се деленици и гранки на некои од претходно споменатите родови.
Во селото живеат и Исмаиловци (1 к.), муслимански Роми, доселени во турско време.
Општествени установи
уреди- ОУ „Гоце Делчев“, деветгодишно основно училиште во селото
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Бутел, која била новосоздадена општина при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, издвојувајќи ја општината од некогашната Општина Чаир.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чаир.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.
Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Љубанци, во која покрај селото Љубанци, се наоѓале и селата Брест, Бродец, Љуботен, Радишани и Раштак. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Љубанци, во која влегувале селата Бродец, Љубанци, Љуботен, Радишани и Раштак.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 2952 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото.[20]
На претседателските избори во 2019 година, на ова изборнo местo биле запишани вкупно 890 гласачи.[21]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[22]
- Љубанци — осамени наоди од римско време.
- Цркви[23]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква. Народното предание наведува дека таа е градена во исто време кога и познатата Јахја-пашина џамија во Скопје, бидејќи главната заслуга за изградбата на црквата ја имал еден предок на денешниот род Ниникевци кој добил дозвола за нејзина изградба од самиот Јахја-паша. Црквата била повторно поправена и живописана во 1881 година;
- Црква „Св. Богородица“ — гробјанска црква, потекнува од средновековниот период. Подолго време била во урнатини и не се знаел точниот датум на подигнување;
- Црква „Св. Никола“ — манастирска црква, подигната во 1337, а обновена во 1847 година со живопис кој датира до XVII век. Селаните велат дека го изградиле истите мајстори и зографи кои работеле на соборниот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје. Во текот на XIX и почетокот на XX век тука се собирало бројното подјармено население на собор на 22 мај (летен Св. Никола) кој се прославува и одржува и денес;
- Црква „Св. Меркуриј“ — го нарекуваат и „манастир“, изградена е како капела-манастирче по Втората светска војна западно од селото на зарамнет терен;
- Црква „Св. Јован“ — помала црква, околу која во поново време се подигнати и конаци и голема камбанарија.
- Манастири
- Љубански манастир — манастир источно од селото
- Споменици
- Споменик за загинатите македонски бранители од воениот конфликт во 2001 година, кои загинаа во близина на селото
- Реки
- Љубанска Река — тече низ селото, се влева во Серава
Редовни настани
уреди- Карневал за Прочка — по повод празникот Прочка, во Љубанци се одржува карневал под маски.
- Меморијално хуманитарен турнир во мал фудбал — секоја година во Љубанци се одржува овој турнир во чест на бранителите од конфликтот во 2001 година.
- Ликовна колонија „Љубанци“ — традиционална ликовна колонија[24]
Личности
уреди- Родени во Љубанци
- Гоце Чанкуловски (1962–2001) — македонски бранител
- Јове Кекеновски (р. 1962) — поранешен градоначалник на Скопје, професор на универзитетот ФОН, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ВМРО (Вистинска)
- Љубомир Кекеновски (р. 1962) — професор по економски науки и декан на Економскиот факултет во Скопје, голем познавач на античката македонска историја, особено на нејзиниот економски и финансиски систем
- Томе Бадаревски (1968–2001) — македонски бранител
- Јохан Тарчуловски (р. 1974) — припадник на македонските полициски сили во воениот конфликт од 2001 година, обвинет од Хашкиот трибунал
- Страхил Андасаров (1927-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Божин Тарчугов (1925-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Борис Бочваров (1919-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Борислав Кирков (1929-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Димо Шилков (1926-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Јордан Смилков (1924-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Никола Шекеров (1924-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Санде Шарков (1920-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Тодор Тапшанов (1926-1946) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Томе Мацкинов (1925-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Цветко Ќунгуров (1912-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Култура и спорт
уреди- ФК Љубанци — помал фудбалски клуб, кој се има натпреварувано и во Првата македонска фудбалска лига.
Иселеништво
уредиПоради немање на доволни пририодни и стопански услови за живот на бројно население, многу домаќинства се иселиле и тоа најмногу во Скопје, особено во населбите Бутел (преку 40 куќи), Чаир, Радишани, како и во следните села во Скопското Поле: во Бујковци се иселиле семејствата: Симоновски, Јаневски, Костовски, Ацеви, Шеркови и Спасевски, во Илинден и во други села, каде купиле земја од „беглери“ по завршетокот на Првата светска војна. Кон крајот на 1969 едно семејство се иселило во Австралија, а денес има и неколку семејства иселени во Западна Европа.[2]
Галерија
уреди-
Поглед на најгорниот дел на селото Љубанци
-
Глетка од Љубанци
-
Панорамска глетка на Љубанци
-
Поширок поглед на селото Љубанци
-
Влезот на селото Љубанци
-
Љубанска Река на влезот во селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 184. Посетено на 28 февруари 2019.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 358–359. ISBN 978-608-245-113-8.
- ↑ 5,0 5,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 191–192.
- ↑ Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 79
- ↑ Овој податок (80 години) е според книгата во моментот на нејзиното издавање, односно 1896 година.
- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Болоњски“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 189. Text "series " ignored (help)
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 114-115.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 февруари 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 февруари 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-02-29. Посетено на 29 февруари 2020.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Отворена изложба со дела од деветта ликовна колонија „Љубанци 2019"“. МИА. Архивирано од изворникот на 2019-12-04. Посетено на 2020-03-04.