Мирковци
Мирковци — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.
Мирковци | |
Поглед на селото Мирковци | |
Координати 42°5′39″N 21°24′23″E / 42.09417°N 21.40639°E | |
Регион | Скопски |
Општина | Чучер-Сандево |
Област | Црногорија |
Население | 1.165 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1011 |
Повик. бр. | 02 |
Шифра на КО | 25089 |
Надм. вис. | 465 м |
Слава | Свети Пантелејмон |
Мирковци на општинската карта Атарот на Мирковци во рамките на општината | |
Мирковци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, а на јужната страна на територијата на Општина Чучер-Сандево, во подножјето на планината Скопска Црна Гора.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 475 метри.[2]
Мирковци се наоѓа на рамен полски простор на надморска височина од 480 до 500 метри. Северно од селото се наоѓа планината Скопска Црна Гора. Околни села на Мирковци се Кучевиште на североисток, Бањане на северозапад и Глуво на југозапад. Поседува поволна местоположба и атарот изобилува со обработливо земјиште. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од една чешма и 15 бунари, кои лете честопати пресушувале. Во околината на селото, посилни извори се Докша и Сливовиќ.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Рамниште, Сенокос, Докша, Сливовиќ, Папрад, Пашиновац, Бела Бара, Градиште, Присој, Бунар, Бањашница, Гроб, Зарбова Ливада, Црквен Рид, Коприве, Јаори, Преслап, Ајдучко Кладенче, Кумановско Кладенче, Голема и Мала Ледина, Компириште, Под Село, Блатина, Мел, Бузалак, Доња Река, Гребиште, Река, Голиово, Караџинац, Орлов Брест, Бара и Батов Брест.[3]
Селото има збиен тип, издолжено од север кон југ. Меѓутоа, селото може да се подели на два краја: Горно и Долно маало. Понатаму, во секое маало постојат групирани куќи по родови, како што се Шишкови, Кајсторови, Левајкови, Смокови и други.[3] Куќите се разделени на стари и нови. Старите куќи се изградени пред Втората светска војна, а некои и за време на турското владеење.
На јужната страна од селото во непосредна близина се наоѓа излетничко место „Чардак“ и манастирот Св. Илија (Долни Свети Илија).
Источно, близу селото тече Кучевишка Река. Селото има свој центар, мал плоштад, со убава чешма.
Историја
уредиСелото е староседелско, по преданијата, можеби, се населиле уште во времето кога се населувале Словените со Скопје и околијата. Има остатоци на стари градби во наоѓалиштето Развраниче, Шумарица и тоа: гробови, камен, покривна керамика, остатоци од стара црква, најверојатно ранохристијанска базилика.
Месноста Градиште се наоѓа во планинскиот дел на атарот на селот. Се наоѓа на поранешниот пат кој водел од Скопска Црна Гора кон областа Биначка Морава. Денес, таму се наоѓаат мали остатоци од ѕидини.[3]
Во Мирковци има мала група на староседелци, поради што може да се заклучи дека се работи за старо село. Меѓутоа, во историските извори тоа првпат се сретнува во XV век, односно на 9 февруари 1445 година, кога Иса-бег го приложил на медресата во Скопје.[3]
Во селото покрај староседелците, се населиле и поранешните жители на раселеното село Сливовиќ (во атарот на Мирковци), како и од денешните албански села во Качаничката Клисура, но и од кумановското село Матејче. Доселувањето се случиле кон крајот XVIII век и во првата половина на XIX век.[3]
Селото отсекогаш било едно од поважните села во областа Црногорија. Поради тоа, селото поседувало училиште од 1844 година.[3]
Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.
По Втората светска војна, еден дел од куќите се обновени и оспособени за современо живеење, додека помал број се напуштени и служат за сместување на земјоделски производи.
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 15,9 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 894 хектари, на обработливото земјиште отпаѓа 399 хектари, а на пасиштата 266 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]
Мештаните се занимавале со земјоделство и со сточарство. Стока особено чувале големите родови во селото. Најмногу се одгледувале кози, а потоа овци и говеда. Се користеле пасиштата на Скопска Црна Гора, особено месностите Сливовиќ, Докша, Сенокос и Папрат.[3]
Селаните по Првата светска војна добиле плодна земја во Скопската Котлина. Меѓутоа, тие продолжиле да се занимаваат со сточарство. Сепак, по Втората светска војна, селаните целосно го напуштиле сточарството.[3]
Население
уредиСпоред опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 53 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 192 мажи христијани, со 14 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 412 жители.[4] Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 531 жител.[5]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мирковци живееле 720 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Мирковци имало 896 жители, од кои 456 патријаршисти и 440 под врховенството на Бугарската егзархија и во селото функционираат бугарско и српско училиште.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 950 Македонци.[8]
Мирковци е големо село, со незначителна промена на бројот на населението. Така, селото во 1961 година имало 838 жители, од кои 819 биле Македонци, 9 Срби, 2 Црногорци и 5 останати, а во 1994 година 866 жители, од кои 797 биле Македонци, 50 Срби и 19 други.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Мирковци живееле 969 жители, од кои 883 Македонци, 72 Срби, 9 Роми, 1 Влав и 4 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.165 жители, од кои 894 Македонци, 2 Албанци, 6 Роми, 1 Влав, 77 Срби, 13 останати и 172 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 720 | 896 | 1.039 | 1.073 | 838 | 795 | 958 | 941 | 866 | 969 | 1.165 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиМирковци е доминантно македонско православно село. Дел од родовите се сметаат за староседелци, додека другите родови се доселени.[3]
Според истражувањата од 1960-тите години, родови во Мирковци се:
- Староседелци: Новковци (6 к.), Вучковци (4 к.), Копчаровци (3 к.), Каровци или Костиќевци (2 к.), Кимовци (2 к.), Зотевци (4 к.) и Урумовци (5 к.), староседелски родови. Во родот Урумовци, во средината на XIX век постоел предок Станко, нарекуван и Урум-бег, кој поседувал задруга од 90 члена и Галички хан и Бела кафана во Скопје;
- Доселеници:
- Доселеници со познато потекло: Смоковци (9 к.), Каскаровци (4 к.) и Тоскинчевци (2 к.), доселени се од денешното албанско село Блаце; Вучовци (8 к.), доселени се од денешното албанско село Ѓургевдол кај Качаник; Шолиовци (4 к.), доселени се од селото Дробњак кај Качаник; Дабовци (2 к.), доселени се од денешното албанско село Паливоденица кај Качаник; Ковачевци (3 к.), доселени се од селото Чагловица во Косово, кое лежи на патот Приштина-Липљан; Шишковци (14 к.), доселени се од селото Матејче, Кумановско; Кајсторовци (12 к.), доселени се од селото Сливовиќ, раселено село во атарот на Мирковци. Меѓутоа, некои од овој род имаат предание дека се доселени од Прилепско, што е помалку веројатно; Курбалијевци (5 к.), и тие се доселени од раселеното село Сливовиќ; Јанковци (4 к.), доселени се од раселеното село Сенокос на планината Скопска Црна Гора; Зотевци (4 к.), доселени се од селото Бардовци, таму се викале Туневци; Кумановци (2 к.), доселени се од околината на Куманово;
- Доселеници со непознато потекло: Левајковци (9 к.), Шолиовци (3 к.), Темковци (2 к.), Шутевци (1 к.), Зивисовци (6 к.), Грујовци (4 к.), Инглизовци (3 к.), Манџуковци (1 к.), Врсаќевци (8 к.), Бундевци (4 к.), Балшиќевци (3 к.), Беличевци (3 к.), Цангаревци (2 к.), Калемџиовци (1 к.), Вучовци (7 к.), Цимбаровци (5 к.), Пијаковци (4 к.), Бајевци (7 к.) и Шкрипчевци (3 к.), доселени се, но не знаат од каде.
Општествени установи
уреди- ОУ „Александар Урдаревски — средишно училиште за повеќе села во областа, катастарски припаѓа во селото Мирковци
- Полициско одделение „Мирковци“[15]
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.
Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Мирковци, се наоѓале и селата Бањане, Блаце, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Горњане и Чучер. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 2469 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 818 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[18]
- Преку Река — осамен наод од римско време; и
- Шуманица — некропола од доцноантичко време.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Илија“ (позната и како Св. Илија Долни) — главна манастирска црква на Чардачкиот манастир;
- Црква „Св. Никола“ — селска црква во Долно маало;
- Црква „Св. Богородица“ — селска црква во Долно маало;
- Црква „Св. Петка“ — селска црква во Горно маало;
- Црква „Св. Меркуриј“ — селска црква во Горно маало; и
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — црква во месноста Сливовиќ.
- Манастири
- Чардачки манастир — манастир јужно од селото
-
Црква „Св. Никола“
-
Црква „Св. Богородица“
-
Црква „Св. Петка“
-
Црква „Св. Меркуриј“
-
Црква „Св. Ѓорѓи“
Редовни настани
уреди- Слави[3]
- 9 август (Свети Пантелејмон)
Личности
уреди- Родени во Мирковци
- Петар Манџуков (1878 - 1966) — македонски револуционер-анархист, соработник на Гоце Делчев
- Ратко Левајковски (1926-1944) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[20]
- Ангеле Каимов (1916-1945) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стоилко Каимов (1915-1944) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Благоја Каскаров (1922-1945) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Душан Шишков (1923-1944) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Јован Грујов (1927-1945) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стојан Варсаковски (1909-1944) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Иселеништво
уредиОд Мирковци имало малку иселувања. Како постари иселеници се Мирковци (9 к.) и Анџици (3 к.) во селото Сушица и Петкинчеви (1 к.) во Љубанци.[3]
По Втората светска војна, од селото имало иселеници во Визбегово (5 к.), Скопје (околу 20 к.), банатското село Глогоњ (4 к.).[3]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 197. Посетено на 22 февруари 2019.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 114-115.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 22 февруари 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Полициски станици“. МВР. Посетено на 2020-02-23.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 22 февруари 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-02-22. Посетено на 22 февруари 2020.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 84. На
|first=
му недостасува|last=
(help)