Света Петка

светица-испосничка
Оваа статија се однесува на Света Петка Епиватска или Света Петка Трновска. За други значења, видете Света Петка (појаснување).

Света Петка (позната и како Света Параскева и како Мајка Параскева) — светителка од градот Епиват, кој се наоѓал меѓу Силинаврија и Цариград. Таа е родена кон крајот на X век, во петок, денот кога Евреите се подготвуваат за празнување на празникот Сабат (сабота). Затоа, нејзе ѝ го дале името Параскева, што значи „подготовка“. Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка, имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал епископ Малитски.

Икона на Света Петка

Живот

уреди

По смртта на родителите, девицата Петка, желна за подвижнички живот, го напуштила родителскиот дом и отишла најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што останала до својата старост. Нејзиниот долг пустински живот во молитва и пост може да биде спореден со 40 дневницата која што Исус ја спроведол в пустина.

Кога св. Петка била стара, еднаш ѝ се јавил ангел и ѝ рекол: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послушала небесниот глас, ја оставила својата омилена пустина и се вратила во Епиват. Таму, таа поживеала уште две години и умрела во XI век. Бидејќи нејзините сограѓани ја сметале за туѓинка, по нејзината смрт ја погребале надвор од христијанските гробишта. Кога поминале многу години од нејзината смрт, во градот требало да се погреба некој непознат давеник. Бидејќи бил туѓинец решиле да го погребаат надвор од гробиштата и тоа на истото место каде што била погребана светицата. Кога го отвориле нејзиниот гроб, забележале дека нејзиното тело не е распаднато, се зачудиле, но помислиле: Ако ова тело е свето, Бог тоа ќе го открие преку некакви чуда. Со таа мисла, тие повторно го затрупале гробот.

Чуда

уреди

Ноќта, еден од работниците што учествувал на погребот по име Георгиј, на сон видел некоја царица седната на пресветол престол и окружена со светли војници. Еден од војниците му се доближил, го фатил за рака и му рекол: Георгиј, зошто така го омаловаживте телото на преподобна Параскева и крај неа погребавте смрдлив труп. Потоа и светлата царица му рекла: „Побрзај и извади ги моите мошти и положи ги на чесно место, зашто не можам повеќе да ја трпам смрдеата од оној труп. Зашто и јас сум човек, а моја татковина е Епиват, каде што вие сега живеете.” Таа ноќ ист сон сонувала и некоја благочестива жена по име Ефтимија. Утредента тие двајцата ги раскажале своите виденија на сите. Кога тоа го слушнал благочестивиот народ, со свеќи побрзале кон моштите на преподобна Параскева, и со стравопочит ги извадиле од земјата, радувајќи се како на скапоцено богатство. Светите мошти свечено биле положени во црквата „Св. Петар и Павле”, во Епиват. По молитвите на преподобната Параскева се давале многу исцеленија на болните: слепи – прогледувале, куци – проодувале, секакви болни и демоноопседнати добивале здравје.

Два века по смртта на света Петка, со Цариград и околината владееле крстоносците. Во 1238 г. бугарскиот цар Јован Асен успеал од нив да ги преземе светите мошти и да ги пренесе во својата престолнина Трново. Тогаш царот го испратил блажениот Марко, митрополитот Преславски, со многу епископи и свештеници, за светите мошти на преподобната да ги пренесат во Трново. Во Трново светите мошти биле свечено пречекани и положени во придворната црква, каде што, почивајќи негнилежно, точеле разновидни исцеленија на сите што со вера им пристапувале.

Кога турскиот султан Бајазит (1389-1402) го зазел Трново, моштите на света Петка се пренесени во Влашка (Романија). А, кога во 1396 г. и Романија паднала под Османлиската власт, српската царица Милица го замолила султанот Бајазит да ѝ дозволи да ги пренесе светите мошти во Србија. Султанот се согласил и моштите на светицата биле пренесени во Белград, на месноста Калемегдан. Кога во 1521 г. султанот Сулејман II го зазел Белград, ги запленил и светите мошти на света Петка и ги поставил во своите дворци. Таму почнале да се случуваат чудеса, па затоа освен христијаните, светицата почнале да ја слават и муслиманите. Тоа ги загрижило муслиманите, и тие плашејќи се верата во чудотворната сила од светите мошти на света Петка да не се прошири уште повеќе меѓу муслиманите, а и заради молбите и застапништвата на христијаните, ги предале овие свети мошти на цариградските христијани, кои чесно ги положиле во Патријаршиската црква.

Преселба на моштите

уреди

Во 1641 г., војводата Василиј Лупул, војводата на Молдавија, добил вест дека светите мошти на преподобна Параскева се наоѓаат во Патријаршиската црква. Тој од сето срце посакал тие чесно да бидат пренесени во неговата држава. Оваа негова желба, Господ кој се слави во неговите свети, ја помогнал и посакувајќи и во Молдавија да ја прослави својата светителка, Тој го вдахнал цариградскиот патријарх Партениј да го исполни барањето на молдавскиот господар. Тогаш патријархот, со согласност на целиот свештен собор и со дозвола на другите пресвети патријарси, ги испратил чесните мошти на мајка Параскева на благочестивиот господар, војводата Василиј, во неговиот престолен град Јаш. Во 1641 г., на 14 октомври, (односно 27 октомври), со голема свеченост и огромна радост на жителите на цела Молдавија, нераспаднатите мошти на света Петка биле положени во Соборната црква на градот Јаш „Св. Три Ерарси”, каде што се наоѓаат и денес.

Нејзините мошти низ вековите биле пренесувани: во Цариград, во Велико Трново (Бугариjа), па пак во Цариград, па во Белград. Сега, тие се наоѓаат во Романија, во градот Јаш. Во Белград постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера кон светителката. Во Скопје, во населбата Црниче, постои црква посветена на оваа светица.

Празник

уреди

Празникот посветен на св. Петка се слави на 27 октомври. На иконите на кои е прикажана оваа светица, најчесто стои натписот: „Верувам во еден, единствен Бог и во Светото тројство“. Еден од обичаите кои се практикуваат на празникот на св. Петка е „петолебие“, кога луѓето носат пет лепчиња во црквата, во спомен на настанот од Библијата, кога Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе. Притоа, петте лепчиња се осветуваат, при што едно му се дава на верникот, а четири остануваат во црквата.[1]

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. „Испосничката света Петка чува од несреќи“, Дневник, година XVIII, број 5601, понеделник, 27 октомври 2014, стр. 28.