Бујковци

село во Општина Илинден

Бујковци — село во Општина Илинден, во околината на градот Скопје.

Бујковци

Поглед на селото Бујковци и рафинеријата „ОКТА“ во позадината

Бујковци во рамките на Македонија
Бујковци
Местоположба на Бујковци во Македонија
Бујковци на карта

Карта

Координати 42°1′3″N 21°39′11″E / 42.01750° СГШ; 21.65306° ИГД / 42.01750; 21.65306
Општина Илиден
Население 918 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25019
Надм. вис. 300 м
Бујковци на општинската карта

Атарот на Бујковци во рамките на општината
Бујковци на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Глетка од селото Бујковци и рафинеријата „ОКТА“

Бујковци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина во средишниот дел на Општина Илинден, недалеку од левата страна на делницата на Скопје - Куманово на автопатот „Александар Македонски“[2]. Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 300 метри[2]. Селото Бујковци е сместено како последно село во широката долина на Бучинската Речица која се спушта високо од Скопска Црна Гора кон североисточниот раб на Скопската Котлина, а во која уште се сместени од север кон југ и селата Грушино, Бучинци и Мршевци[3]. Расположено е во подножјето на ридовите кои се издигнуваат кон запад, а непосредно веднаш до самото село од исток е рафинеријата за нафта „ОКТА“. Од градот Скопје селото Бујковци е оддалечено 25 километри[2]. Атарот на селото зафаќа површина од 8,5 км2, на кој обработливото земјиште зазема простор од 516,2 хектари, пасиштата 241,7 хектари, а шумите само 1,3 хектари[2]. Бујковци е село од збиен тип издолжено од север кон југ[4]. Северниот дел кој е постар и каде што се наоѓа селската црква се нарекува Горно Маало и во него куќите се наоѓаат поблиску една до друга, додека по Првата светска војна во јужниот дел се основало Долно Маало чии куќи се пооддалечени една од друга и со обработени површини околу нив[4].

Историја

уреди
 
Селската црква Успение на Пресвета Богородица

Во пишаните историски документи селото Бујковци се споменува уште во средновековието. На 10 август 1355 година во грамота од царот Душан е потврдено дека селото Боиковци е приложено како дар на Богородичниот манастир во Ахрилевица од страна на севастократот Дејан Драгаш[3]. Имајќи го предвид географскиот опфат на подрачјето што го држел под власт Дејан Драгаш кое што се протегало во Скопско, со сигурност може да се заклучи дека споменатото село Бојковци се однесува токму на Бујковци[3]. На повеќе места источно од селото во правец на автопатот и пругата се наоѓани поголем број старини како гробиштата со остатоци од старословенски и римски гробови, остатоци од градби, темели и ќерамиди поради што може да се претпостави дека тие се остатоци од некогашното средновековно село кое се раселило кон крајот на XVII век односно во времето на Карпошевото востание и Австриско-турската војна од 1689 година[3]. Голема е веројатноста на оваа претпоставка, ако се има предвид дека географската местоположба на селото Бујковци се наоѓа токму во средиштето на ова востание и голема војна. Сегашното село Бујковци најверојатно е основано на почетокот на XVIII век[3].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. До крајот на отоманското ропство постоеле повеќе чифлици на „стари беглери“ кои живееле во Скопје и еден новоснован чифлик пред самиот крајот на владеење од страна на албанскиот род Кајраковци од скопското село Љуботен[4]. За време на турското ропство според населението Бујковци било чисто македонско село, при што Македонците ја обработувале земјата на чифлиците и живееле во „беглерски“ куќи, додека како лична сопственост ја имале само живата стока[4]. Во 1908 година селото имало 23 македонски домаќинства, но поради тогашните комитски акции на четите на ВМРО на железничката пруга и репресалиите на турската власт некои македонски семејства се иселиле во Скопје, при што во 1912 година при заминувањето на отоманската империја Бујковци било затечено со 15 македонски домаќинства[4]. На поединечни предели на голите ридови западно од селото во минатото сѐ до XIX век постоеле шуми кои во тоа време биле исечени и „ископачени“ за потребите за правење барут во селата Јурумлери, Кадино, Трубарево и Белимбегово во Скопското Поле[4]. По заминувањето на турската власт обработливото земјиште од чифлиците им било доделено на жителите на селото, додека по Првата светска војна три предели со пасиштата од српската окупаторска власт биле доделени на колонистите кои биле населени во соседното село Мршевци[4].

Сѐ до скорешната изградба на селската црква, селото Бујковци никогаш немало своја црква, заради што за верски потреби биле посетувани црквите во прилично оддалечените села Таор и Студена Бара сѐ до изградбата на познатиот Дељадровски манастир манастир во Дељадровци[4]. Во селото уште во турско време „на сила“ бил поставен камен крст посветен на Свети Атанасиј[4], кој и денес постои зачуван и ограден веднаш до новоизградената селска црква. За селските слави Св. Атанасиј и посебно за Ѓурѓовден селаните од Бујковци со своите гости и селаните од околните села сѐ до 1924 година приредувале голем општонароден собор во месноста Светец во атарот на соседното село Текија, по што соборот бил преместен во тогаш новоизградениот Дељадровски манастир[4].

Потекло и значење на името

уреди

Името на селото Бујковци потекнува од македонскиот јазик. Според проучувањата на топономастиката во периодот меѓу двете светски војни за името на селото Бујковци се смета дека е придавка („адјектив“) од прекарот („хипокористик“) Бујко кој доаѓа од личното име Буислав[3]. Ваква претпоставка за потекло на името Бујковци од личното име Бојко доста присутно во средновековниот период (како и денес) може да се потврди и со записот за селото во Душановата грамота од XIV век по обликот Боиковци. Во ваков облик Бујковци би имало значење на село во посед на некој Бујко (или Бојко). Сепак врз основа на географската местоположба во земјен и каменест дол на Бучинската Речица, за името на селото Бујковци може да се даде претпоставка и дека потекнува од македонскиот збор буица со значење на вода што тече силно, брзо, што надоаѓа обично по пороен дожд[5]. Ако се земе предвид местоположбата на Бујковци во самото подножје на ридовите со неколку испресечени помали долови, а на самиот крај и дно на широката долина на Бучнската Речица од билото на Скопска Црна Гора, појавата на буици по силни поројни дождови била честа појава како во минатото така и денес, поради што можно е името да потекнува од овој збор со што Бујковци би значело место каде што има буици и бујна вода.

Стопанство

уреди

Според составот на атарот, селото Бујковци има поледелска функција[2]. Местоположбата и земјиштето на Бујковци овозможуваат одлични услови за земјоделство и сточарство, кои се две гранки кои меѓусебно се надополнуваат[6]. Таква комплементарна земјишна основица е создадена како една географска целина околу селото[6]. Со изградбата на рафинеријата „ОКТА“ на плодното долинско дно, зарамнетите делови на ридовите сѐ повеќе се искористуваат за одгледување на поледелски култури, особено жита. Од земјоделските кутури најмногу успеваат пченица, пченка и тутун, додека од стока најмногу се одгледуваа овци (до 30 грла), говеда и свињи[6]. Населението сепак најмногу се занимава со полјоделство особено со одгледување на житни култури. Потоа следи одгледувањето на градинарски култури под пластеници и на отворено како домат, пиперки, кромид, лук, марула, морков, спанаќ, како и помали овошни насади од јаболка, цреши, сливи, ореви и кајсии во дворовите и на ридскиот предел. Земјоделството и сточарството кај селските домаќинства по Втората светска војна добиле послаби размери на развој, поради тоа што младите започнале сѐ повеќе да се иселуваат ида се вработува во државни претпијатија во Скопје[7]. Напуштената земја на иселените домаќинства од 1959 година ја преземал земјоделскиот комбинат „Скопско Поле“[7], по чие распаѓање по социјализмот повторно е вратена и се обработува од месното население. Во непосредната близина на самото село на почетокот на осумдесеттите години на XX век, била изградена рафинеријата за нафта - денешна ОКТА, во која сѐ до денес е вработен дел од жителите на Бујковци, како полначи (манупуланти), возачи на цистерни и други работни места. Помал дел од жителите се занимава и со автопревоз, градежништво, работа во фабричките погони во блиската индустриска зона „Бунарџик“ или претпријатија во градот Скопје.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948509—    
1953485−4.7%
1961543+12.0%
1971554+2.0%
1981609+9.9%
ГодинаНас.±%
1991630+3.4%
1994645+2.4%
2002946+46.7%
2021918−3.0%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било забележано како Бијикли со христијанско население, каде имало 23 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 82 мажи христијани, со 7 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 180 жители.[8]

Стефан Верковиќ во 1857 година го забележува со 56 жители.[9]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бујковци живееле 105 жители, сите Македонци[10].[11] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бујковци имало 120 Македонци[10], под врховенството на Бугарската егзархија.[12]

После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од Општина Бунарџик и има 129 жители.[13]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци.[14]

Селото Бујковци бележи постојан пораст на бројот на своите жители, па така во 1961 година во Бујковци живееле 543 жители од кои 447 Македонци, 54 Срби и 39 Турци, додека во 1994 бројот се зголемил на 645 жители од кои 613 Македонци и 23 Срби[2]. Околу етничкиот состав на селото треба да се забележи дека Бујковци е населено исклучиво со Македонци, додека значителниот број попишани Роми кој воопшто не е забележан во претходните пописи е поради тоа што ромската населба која се наоѓа на нешто повеќе од 3,5 км од Бујковци, сместена веднаш преку патот, железничката пруга и бензинската пумпа на влезот на рафинеријата „ОКТА“, а на самиот крај на селото Миладиновци (по основното училиште) всушност се наоѓа на подрачјето на пространиот атар на Бујковци кој се протега и преку автопатот. Поради ова најверојатно Ромите се запишани како жители на селото Бујковци, иако административно на терен, нивната населба се наоѓа во рамките на Миладиновци (по самата патоказна табла) и воопшто не е просторно поврзана со селото Бујковци, туку е физички оддалечена повеќе од 3,5 километри. Ова се потврдува и доколку се земат предвид и податоците за населението во Миладиновци во кое во 1994 се попишани 277 Роми[15], а во 2002 само 62.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 946 жители, од кои 641 Македонец, 295 Роми, 5 Срби и 5 останати.[16]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 946 жители, од кои 504 Македонци, 349 Роми, 1 Влав, 17 Срби, 7 останати и 40 лица без податоци.[17]

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[18]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 509
1953 392 31 61 ... 1 485
1961 447 39 ... ... 54 ... 3 543
1971 504 6 ... 42 ... 2 554
1981 560 45 ... 4 609
1991 594 32 4 630
1994 613 28 4 645
2002 641 295 5 946
2021 504 349 1 17 7 40 918

Родови

уреди

Бујковци е мешано село.

Според истражувањата од 1963 година, родови во селото се:[19]

Македонски

  • Доселенички: Крстевски (8 к.), Митковци (5 к.) и Радевци (7 к.) за нивното потекло ништо не се знае. Се вика дека се стари доселеници во селото. Крстевски порано се викале Узуновци и Златановци; Јовчевци (10 к.) доселени се во XIX век од некое село во Овче Поле; Гајдарџиовци (7 к.) доселени се кога и Јовчевци од селото Ѓуземелци во Овче Поле; Битолци (5 к.) доселени се од некое село во Битолско; Атанасковци (2 к.) доселени се од соседното село Бучинци; Симоновски (5 к.), Јаневски (2 к.), Крстевски (2 к.), Ацеви (1 к.), Шаркови (1 к.) и Спасевски (1 к.) доселени се после Првата светска војна од селото Љубанци; Грозданоски (1 к.) доселени се од селото Романовце. Поддалечно потекло од кумановското село Пезово; Шопови (10 к.) доселени се после Втората светска војна од Кривопаланечко (од Герман и други села).

Српски

  • Доселеници: Цветановци (5 к.) доселени се во 1920 година од селото Лесница во Горна Пчиња; Тасиќи (3 к.), Станковиќи (2 к.), Ташковиќи (2 к.), Митиќи (1 к.) и Недељковиќи (1 к.) доселени се од разни села во околината на Врање.

Албански

  • Доселеници: Алијеви (1 к.) и Беќирови (2 к.) доселени се од селото Никуштак кај Куманово. Алијеви во турско време, додека Беќирови во 1927 година.

Општествени установи

уреди

Цркви

уреди

Редовни настани

уреди

Прослава на селските слави Свети Атанасиј (31.01.) и Ѓурѓовден (06.05.) со голем општонароден собор.

Иселеништво

уреди

Во 60-тите години на XX век во Бујковци живееле и 6 српски и 2 албански родови доселени од Врањско и с. Никуштак[6], кои постепено целосно се иселиле.

Култура и спорт

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 43
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 44
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 45
  5. - Буица - дигитален речник на Македонскиот јазик
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 46
  7. 7,0 7,1 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 47
  8. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  9. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  10. 10,0 10,1 Македонците биле забележани како Бугари.
  11. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.207
  12. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-115.
  13. Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
  14. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
  15. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 195
  16. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  17. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  18. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  19. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 45-46

Надворешни врски

уреди