Материјали по изучувањето на Македонија

Материјали по изучувањето на Македонија — опширен научен монографски труд посветен на проучувањето на Македонија од областа на географијата, економијата, етнографијата, етнологијата, историјата, лингвистиката, геостратегијата. Напишана и издаден е од македонскиот револуционер Ѓорче Петров во печатницата В’лков во Софија во 1896 година со наслов на оригиналот „Материали по изучванието на Македония“.[1] Книгата во основа е напишана на бугарски јазик со значителен број на народни и стари архаични македонски, руски, турски и црковнословенски зборови и изрази.

Материјали по изучувањето на Македонија
„Материјали по изучувањето на Македонија“, корица на оригиналот.
АвторЃорче Петров
Изворен насловМатериали по изучванието на Македония
ПреведувачМарио Шаревски
ЗемјаБугарија
Јазикбугарски
Жанргеографија, етнографија, економија, историја
ИздавачПечатница Вълков (1896), Единствена Македонија (2016)
Издадена
1896
2016 (македонски превод)
Страници734 (484 - превод)

Содржина

уреди

Оригиналот на книгата содржи 734 страници текст и е поделена во четири главни делови: 1) Орографија на Скопско и Битолско – детален опис на релјефот, планините и котлините со правците на нивното протегање, разгранување и особености во однос на растителниот свет и составот на почвите; 2) Хидрографија – опис на реките, речните сливови и езера; 3) Патни врски – опис на сообраќајните, патните и железничките врски како и условите за одвивање на сообраќајот и патувањето; 4) Топографија – опширен и детален опис на географијата, економијата – производството и трговијата, животот, говорот, носиите и историјата на населението во селата и градовите во Тетовско и Гостиварско, Кичевско, Скопско, Кумановско, Кратовско, Кривопаланечко, Кочанско со Пијанец (Делчевско) и Малешево (Беровско), Штипско, Радовишко и Леринско. Овие четири главни делови понатаму се поделени на одделни глави и поглавја посветени на растителниот свет, водите, патиштата, населението, стопанските односи, производството, земјоделството, трговските врски и можности, преданијата, обичаите, носиите, говорот и наречјата, средствата за сообраќај, изгледот, архитектурата и уредувањето на куќите, улиците, селата и градовите во соодветните предели области, така што книгата иако е првенствено насочена кон изучување тогашниот Скопски Санџак (од Косовскиот Вилает) содржи огромен број на целосни или делумни податоци и информации за проучувањето и истражувањето на речиси цела денешна Република Македонија и делови од Егејска и Пиринска односно етничка Македонија.

Научниот пристап на Ѓорче Петров во изучувањето на предметната област на оваа книга е навистина на високо ниво и во голема мерка соодветсвува на современите научни истражувања од областа на географијата, геостратегијата и разузнавањето како што се на пример истражувањата за стратешки можности и потенцијали на државите и областите во геополитиката (налик на книгата на факти на ЦИА), а исто така во описите авторот покажува и големи и сестрани познавања од геоморфологијата, педологијата, економијата, трговијата, етнологијата, дијалектологијата (лингвистиката) и историјата.

Современа употреба

уреди

Имајќи ги превид огромниот и извонреден број на податоци, информации и материјали за Македонија кои ги содржи книгата, во периодот од 2013 до 2016 таа е преведена и издадена на македонски јазик од здружението Единствена Македонија, со главна цел и намена таа да се има и распространи во широка употреба во науката, образованието, туризмот, уметноста, културата во јавноста и современото живеење во Република Македонија[2]. Во тој однос, добивање на примерок од книгата е предвидено како главна награда за успешно исполнување на Планинарскиот предизвик „12 Врвови“[3] за чија организација на програмата за искачување планински врвови ширум Македонија, во голема мера се користат материјали од книгата, а исто така на основа на извадоци од неа во 2015 година од здружението Единствена Македонија во рамки на проектот „Младите и историјата на Скопје“ во три средни училишта во Скопје се одржани предавања на тема „Скопје во делатата на македонските дејци од XIX век“ по што следел и натпревар по историја.

Мисли и извадоци

уреди

За природните убавини со кои е надарена Македонија:

... Благословена земја е Македонија со своите полиња и езера, особено со првите! Заградени со гори и планини, богато напојувани со реки и потоци од окружувачките им водести планини, тие полиња претставуваат места каде што се излеал сиот Божји благослов на земјата. Покриени со бујна, шарена растителност, тие се цветници многу пријатни за гледање, грижливо обработени од густото и трудољубиво население тие се вистински градини! Јас сум уверен, дека и швајцарските полиња би позавиделе на некои од нејзините полиња за плодноста, красотата и нивната свежина[4].

Ѓорче Петров, „Материјали по изучувањето на Македонија“, 1896

За српските и бугарските тврдења во однос на народноста на Македонците:

... Денешните историски докажувања и расправии како тоа дека тука владеела Србија, дека српскиот дух е силен и други такви со кои се служат „браќата“ за да докажат дека сме Срби и обратно, тврдењата на „Новини“ врз основа на некои факти од „Бугарската историја“ и врз мислењата на разни историчари и патописци, дури врз историските спомени на населението за српските владетели на кои спомени многу се силат „браќата“ или големото влијание на мизиските и тракиските Бугари врз Македонците и нивното заемно учество во разни движења, нивната нова заедничка историја, најпосле „славата“ на Милоевиќ и „курбанот“ на г. Шопов, сето тоа се бессодржински докажувања и аргументи кои можат да даваат материјал на секојдневните весници и списанија наменети за масата, но за науката не вредат ни луле тутун.[5]

Ѓорче Петров, „Материјали по изучувањето на Македонија“, 1896

Галерија

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). София: Печатница Вълков.
  2. Шаревски, Марио (4 февруари 2016). „Материјали по изучувањето на Македонија“. Скопје: Единствена Македонија. Архивирано од изворникот на 2016-08-01. Посетено на 5 февруари 2016.
  3. Ј., С. (20 декември 2016). „Колку маркирани планини, толку видливи убавини“. Нова Македонија. Посетено на 5 мај 2017.
  4. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 146. ISBN 978-608-245-113-8.
  5. Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). София: Печатница Вълков. стр. 711–712.