Економски факултет - Скопје
Економски факултет - Скопје или само Економски факултет — факултет во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија, и една од првите високообразовни институции во Македонија. Бил основан на 14 ноември 1950 година, како петти факултет во рамките на Скопскиот универзитет.
Економски факултет - Скопје | |
Поглед на зградата на Економскиот факултет, дел од општествениот кампус на Универзитетот | |
Гесло | Традиција, Знаење, Иднина |
---|---|
Вид | јавен |
Основан | 14 ноември 1950 година |
Матична установа | Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ |
Декан | Предраг Трпески |
Место | Скопје, Македонија 42°00′N 21°26′E / 42.00° СГШ; 21.44° ИГД |
Јазик | македонски |
Припадност | ASECU, WCO, CEEUN, INCU, EDUNIVERSAL |
www.eccf.ukim.edu.mk | |
Историја
уредиЕкономскиот факултет во Скопје е најстариот факултет од областа на економијата во Македонија. Тој бил основан на 14 ноември 1950 година со Одлука на Владата на Македонија. Економскиот факултет е основан како петти факултет во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, додека во поранешна Југославија бил меѓу првите три економски факултети. Во 1951 година, Факултетот бил преименуван во Правно-економски факултет со два отсека – Правен и Економски, а од 1956 година Економскиот факултет повторно работел како самостојна институција.
Студиски програми
уредиЕкономскиот факултет - Скопје нуди студиски програми за додипломски, постдипломски и докторски студии, односно прв, втор и трет циклус на студии. Програмите за работа се менувани неколкупати при постоењето на факултетот, а изменувани се и самите насоки.
На првиот циклус на студии се нудат студии на седум различни департмани:
- маркетинг
- финансиски менаџмент
- сметководство и ревизија
- надворешна трговија
- менаџмент
- економија
- е-бизнис
На вториот циклус на студии се нудат студии на повеќе различни насоки. Воедно на вториот циклус студии постојат едногодишни и двегодишни студии.
Едногодишни студии се следниве насоки:
- сметководство и ревизија
- МБА - менаџмент
- монетарна економија, финансии и банкарство
- економски развој и меѓународни финансии
- маркетинг
- европски студии
- управување со јавниот сектор
- статистички методи за бизнис и економија
- е-бизнис менаџмент
- менаџмент во осигурувањето
- стратегиски менаџмент на човечки ресурси
Двегодишни студии се следниве насоки:
- маркетинг
- монетарна економија, финансии и банкарство
- сметководство и ревизија
- е-бизнис менаџмент
- статистички методи за бизнис и економија
- стратегиски менаџмент на човечки ресурси
Одбележување
уредиПо повод 50-годишнината од постоењето на факултетот, Народната банка на Македонија издала пригодни ковани пари, односно 2 златни денари. Одлуката за ова ја донела Владата на Македонија на 9 мај 2000 година.[1]
Народната банка издала 2 златни денари во 1.000 примероци со тежина од 7 грами. На аверс страната се наоѓало петоаголно лого на Економскиот факултет 1950-2000, додека на реверс страната се наоѓала гравура на зградата на Основното училиште „Гоце Делчев“, каде во 1950 година биле одржани првите часови. Парите биле изработени од ковницата „Голдмак“ од Радовиш, а нивен автор била Билјана Унковска.[2]
-
Аверс на златникот
-
Реверс на златникот
Наводи
уреди- ↑ „Одлука за изработување на пригодни ковани пари по повод 50 години од основањето на Економскиот факултет - Скопје“ (PDF). Влада на Македонија. Службен весник на Република Македонија. 18 мај 2000. Посетено на 2 септември 2014.
- ↑ „50 години од основањето на Економскиот факултет во Скопје, 1950 - 2000“. Народна банка на Македонија. Народна банка на Република Македонија. Посетено на 2 септември 2014.
Надворешни врски
уреди- Официјална страница (македонски) (англиски)