Браќа Грим
Браќата Грим (германски: Die Brüder Grimm или Die Gebrüder Grimm) Јакоб Грим (4 јануари 1785 - 20 септември 1863) и Вилхелм Грим (24 февруари 1786 - 16 декември 1859) биле германски филолози, јазичари и собирачи на германското народно творештво. Тие се најпознати по своите збирки од сказни и бајки, наречени „Сказни на браќата Грим“. Браќата Грим се сметаат за основачи на германската филологија и на германистиката.
Живот
уредиПотекло и раното детство
уредиЈакоб Лудвиг Карл Грим (познат и како Карл) и Вилхелм Карл Грим се родени на 4 јануари 1785 година и 24 февруари 1786 година, соодветно, во квартот Волфганг од Ханау, Германија близу до Франкфурт во Хесен, како синови на Филип Вилхелм Грим, правник и судски извршител со канцеларија во Шлухтерн и Стајнау, по потекло од Ханау и Доротеја Грим, поранешна сосетка и ќерка на аптекар. Нивното семејство броело девет деца, од кои шест го преживеале детството. Семејството Грим живеело близу до куќата на судијата во периодот од 1790 до 1796 година, додека таткото работел за принцот од Хесен. Кога најстариот син Јакоб имал 11 години, нивниот татко Филип Вилхелм умрел и семејството се преселило во тесна градска куќарка. По две години, умрел и дедо им, оставајќи ја мајка им сама да ги издржува во тешки околности. Раното детство и младоста го поминале во голема сиромаштија.
Касел и образовната кариера
уредиБраќата Јакоб и Вилхелм завршиле средно образование во гимназијата "Фридрих" во Касел, a подоцна студирале право на Универзитетот во Марбург. Таму биле инспирирани од нивниот професор Фридрих фон Савињи, кој им го разбудил интересот за минатото. Биле во своите рани дваесетти години кога започнале со лингвистичките и филолошките студии кои кулминирале со Законот на Грим и нивните собрани изданија на бајки и сказни. Иако нивните збирки бајки станале неизмерно популарни, тие всушност биле нус-производ од јазичаричките истражувања кои биле примарна цел на браќата.
Во 1808 година, Јакоб Грим бил назначен за судски библиотекар на Кралот од Вестфалија. Во 1812 година, браќата го објавиле својот прв том бајки Приказни за децата и домот. Тие ги собирале приказните од селаните и мештаните, а им помагал и нивниот близок пријател Август фон Хакстхаузен. Во оваа соработка, Јакоб го извршувал поголемиот дел од истражувањата, а Вилхелм, како понерешителен, ги пренесувал делата во литературна форма за да бидат привлечни за децата. Тие биле заинтересирани и за фолклорот и примитивната литература. Во 1816 година, Јакоб станал библиотекар во Касел, каде што работел и Вилхелм. Во периодот од 1816 до 1818 година, тие објавиле два тома германски легенди и еден том рана литературна историја.
Престојот во Готинген
уредиВо 1825 година, Вилхелм се оженил со Хенриета Доротеја (Дортхен) Вајлд (Јакоб никогаш не се оженил и го поминал поголемиот дел од својот живот во домот на брат му). Во 1830 година заедно се преселиле во Готинген, каде двајцата си обезбедиле места во Универзитетот во Готинген. Истата година, Јакоб станал професор по германските класични студиии и главен библиотекар, а Вилхелм станал професор во 1835 година.
Во 1837 година, браќата Грим им се придружиле на пет нивни колеги професори на Универзитетот во Готинген, подоцна наречени Седумката Готинген во протестите против укинувањето на либералниот устав на Кралството Хановер од страна на кралот Ернест Август I, реакционерниот син на кралот Георг III. Како последица на тоа, тие биле отпуштени од нивните универзитетски позиции, а тројца од нив биле депортирани, вклучувајќи го Јакоб Грим, кој се сместил со Вилхелм во Касел, надвор од кралството на Ернест, во домот на нивниот брат Лудвиг. Сепак, следната година браќата Грим биле поканети во Берлин од кралот од Прусија.
Сказните на Грим
уредиГлавна статија: Бајките на Грим
Браќата Грим се вбројуваат во најпознатите раскажувачи на европски сказни. Нивните најпознати приказни се: „Пепелашка“ (Aschenputtel), „Принцот жаба“ (Der Froschkönig), „Јованче и Марика“ (Hänsel und Gretel), „Златокоса“ (Rapunsel), „Румпелстилцхин“ (Rumpelstilzchen), „Заспаната убавица“ (Dornröschen), „Снежана“ (Schneewittchen), "Бременските музиканти", "Сламката, јагленчето и зрното грав", "Храбриот кројач", "Волкот и седумте јариња", "Лисицата и гуските", "Мрзливиот Ханц", "Грне за каша", "Чевларот и џуџињата" итн.
Браќата Грим започнале да собираат сказни околу 1806 година како одговор на бранот пробуден интерес за германскиот фолклор по објавувањето на збирката народни песни Des Knaben Wunderhorn („Магичниот рог на младите“) од Лудвиг Ахим фон Арним и Клеменс Брентано 1805-08 г. До 1810 година Гримови создале збирка во ракопис од неколку приказни, коишто ги запишувале слушајќи ги раскажувачите кои ги канеле во своите домови. Иако им кажувале дека приказните ги дознавале од селаните, многу од нивните информатори биле луѓе од средната класа или аристократи што им раскажувале приказни што ги слушнале од своите слуги. Некои од информаторите биле Хугеноти по потекло и раскажувале приказни што потекнуваат од Франција. Дел од стручњаците тврдат дека одредени елементи од приказните биле „пречистувани“ за браќата кои биле побожни христијани.
Во 1812 година ја објавиле збирката со 86 германски бајки, „Детски и семејни бајки“ (Kinder- und Hausmärchen). Вториот том со 70 бајки го објавиле во 1814 година („1815“ на насловната страна), со што било комплетирано првото издание на збирката со 156 приказни. Исто така, тие го напишале делото во два тома (објавени во 1816 и 1818 година) насловено како "Германски саги" (Deutsche Sagen), што вклучува 585 германски легенди. Легендите се организирани по хронолошки ред на историските настани со кои се поврзани. Браќата ги распределиле регионалните легенди тематски според секое суштество, како на пример џуџиња, џинови, чудовишта итн., а не по некаков историски ред. Овие легенди не биле толку популарни како бајките.
Во периодот од 1819 до 1822 година се појавило второ издание на „Детските и семејните бајки“ со вкупно 170 бајки. Потоа биле издадени уште пет изданија во кои се додавале или одземале бајки при што седмото издание од 1857 година содржело 211 бајки. Многу од промените биле направени поради негативни критики, особено оние кои зборувале дека и покрај насловот, не сите бајки биле соодветни за децата. Бајките биле оценети и како недоволно германски, што влијаело не само на приказните кои биле вклучени, туку и на нивниот јазик. Тие ја смениле „fee“ (самовила) во маѓепсница или мудрица, секој принц во син на кралот, секоја принцеза во ќерка на кралот. (Откриено е дека некои од овие подоцна додадени приказни имаат произлегуваат од пишани а не од усни извори). Овие изданија, надополнети со белешки од стручњаци, се сметале за сериозни фолклорни дела. Браќата го објавиле и малото издание (германски: Kleine Ausgabe), што содржело збирка од 50 приказни посебно наменети за деца (спротивно на поформалното големо издание; германски: Große Ausgabe). Десет тиража од малото издание биле издадени во периодот од 1825 до 1858 година.
Браќата Грим не биле првите што објавувале збирки сказни. Имало и други, меѓу кои и Јохан Карл Август Музеус со германска збирка објавена во периодот од 1782 до 1787 година. Сепак, постарите збирки не претендирале строго да се држат до веродостојни извори. Браќата Грим биле првите во овој жанр што ги презентирале своите приказни како верни интерпретации на видот директни фолклорни материјали кои се основа на комплексноста на приспособувач како Перолт. Со тоа, Грим направиле основен и значаен чекор кон изучувањата за модерниот фолклор, што водело до делата на фолклористите како Петер и Јона Опи и други.
Големата заслуга на браќата Грим е тоа што во собраните сказни го сочувале народниот дух. Нивните приказни ги сочувале националните особености, социјалните мотиви, едноставноста и богатството на народниот јазик и врската со реалниот живот. Во тој поглед, Фридрих Енгелс напишал: „Јас познавам само двајца автори кои имаат доволно критична принципиелност, вкус за правилен избор и умешност да го ползуваат старинскиот народен стил - тоа се браќата Грим.“ Нивните приказни може да се поделат на три групи: волшебни (фантастични), приказни за животните (басни) и битови. Ликовите од приказните на браќата Грим се луѓе од народот - селани, занаетчии итн., кои се предадени со сите нивни квалитети и недостатоци. Така, во предговорот на нивната книга, Вилхелм Грим пишува: „Тие приказни се проникнати со онаа духовна чистота на која ние ѝ се восхитуваме и ја цениме кај децата“. Браќата Грим имале јасна претстава за поучното дејство на приказните, пишувајчи дека „... кога ги собиравме, ние мислевме дека и самата поезија скриена во тие приказни може полезно да влијае врз сечие образование“. Голем дел од нивните сказни имаат висока уметничка вредност и им служат како четиво на децата ширум светот.[1]
Научното творештво на браќата Грим
уредиНа самиот почеток на 19 век, времето во кое живееле браќата Грим, Светото Римско Царство била распаднато, а современата германска нација не постоела. Во тоа време, Германија претставувала конфедерација од 39 мали и средноголеми држави, од кои многу биле создадени од Наполеон како земји-штитенички. Најголемиот обединувачки фактор за германскиот народ во тоа време бил заедничкиот јазик. Дел од она што ги мотивирало браќата Грим во нивните дела и животи била желбата да се помогне во создавањето на германски идентитет.
Браќата Грим се најпознати како собирачи на германското народно творештво. Сепак, истовремено, тие се заинтересирале за постарите јазици и нивната поврзаност со германскиот јазик. Така, Јакоб Грим е познат по формулирањето на Законот на Грим, германската теорија за системското менување на фонемите во зборовите, којашто била најпрво проучувана од данскиот филолог Размус Кристијан Раск. Законот на Грим претставува прво значајно откритие за систематското менување на фонемите. Исто така, Јакоб Грим е автор на две значајни дела за германскиот јазик: "Историја на германскиот јазик" и "Германска граматика".[2]
Околу 1832 година, Јакоб Грим го објавил првиот том од „Германската митологија“, а подоцна, во 1844 и во 1854 година биле објавени и вториот и третиот том. Ова дело делувало инспиративно за многу собирачи на бајки и легенди.
Тогаш, двајцата браќа се осврнале на басните со животни и во 1834 година, Јакоб Грим го завршил делото што го започнал во 1811 година „Лисицата Рајнеке“ (Reineke), што е првото објавување на оваа традиционална епска песна и првиот јасен запис на народните верзии.
Јакоб Грим бил правник, а неговиот правен труд „Германски правни антиквитети“ (германски: Deutsche Rechtsaltertümer) од 1828 година, претставува вредно сведочење за потеклото и значењето на многу правни историски идиоми и симболизми.
Германскиот речник
уредиПосебно значење во творештвото на браќата Грим има нивниот придонес во создавањето на германскиот речник - Deutsches Wörterbuch. Тој бил обемен, составен од 33 тома и со тежина од 84 кг. и сѐ уште се смета за стандардна референца за германската етимологија. Браќата Грим ја започнале својата работа на Речникот во 1838 година, но до крајот на нивните животи ги завршиле само деловите од буквата „А“ до буквата „F“. Првиот том од Речникот бил објавен во 1854 година, a целосно, делото било завршено дури во 1960 година.
Браќата Грим во популарната култура
уредиПочнувајќи од триесеттите години од 19 век, многу сказни на Грим се адаптирани за филмови и за други медиуми. Таков е случајот со приказната Јованче и Марика која има голем број оперски претстави, филмови и телевизиски адаптации; исто како и ''Снежана'' (1937), Пепелашка (1950), Заспаната убавица (1959), Принцезата и жабата (2009) - адаптација на „Принцот жаба“; Заплеткана - (2010) адаптација на „Златокоса“ итн. Хенри Левин и Џорџ Пал во 1962 година го прикажале филмот Прекрасниот свет на браќата Грим во кои главните улоги ги играле Барбара Иден, Рас Темблин, Ивет Мимо и други првокласни ѕвезди од тоа време. Во режија на Хенри Левин, филмот ја испреплетува измислената верзија на животите на браќата Грим како млади луѓе со илузирана продукција на некои од нивните бајки (режија на Џорџ Пал). Во 1963 година, овој филм бил номиниран во неколку категории за Оскар, меѓу кои и за најдобра костимографија и бил еден од филмовите со најголема заработка.
Во 1977 година бил прикажан телевизиски мјузикл насловен Си беа еднаш браќата Грим којшто се прикажувал во САД. Во главните улоги биле Дин Џонс како Јакоб и Пол Сенд како Вилхелм. Заплетот во серијата прикажува како браќата патуваат и се губат во шумата, каде што среќаваат различни ликови од бајките што ги направија популарни. Во доцните осумдесетти и раните деведесетти години, била прикажувана цртана серија насловена „Класиците од бајките на Грим“ како дел од дневната програма на Ник Јуниор. Првично, серијата била прикажувана во Јапонија како „Gurimu Meisaku Gekijou“. Во 1998 година во филмот „Засекогаш“, браќата Грим одат во посета на големата дама (Grande Dame)од Франција, која ги прашува за нивната верзија на бајката Пепелашка. Тие ѝ одговараат дека не можат да ја потврдат автентичноста на нивната приказна, бидејќи имало многу различни верзии. Таа продолжува да ја раскажува верзијата од „Даниел де Барбарак“.
Германскиот криминалистички телевизиски трилер, номиниран за наградата Грим (The Grimme Prize), насловен Убиствена бајка (Ein mörderisches Märchen) со продукција од 2001 година, користел елементи од бајките на браќата Грим. Во филмот, режиран од Мануел Зибенман a напишан од Даниел Мартин Екхарт, стариот убиец ги предизвикува детективите со загатки од бајките на браќата Грим. Во 2002 година, писателот на стрипови Бил Вилингам го создал стрипот Басни, во кој дел од главните ликови се ликовите од басните на браќата Грим. Авторот Мајкл Бакли во 2005 година создал популарна серија за младите читатели (за деца на возраст од 7 до 12 години) насловена Сестрите Грим во која двата главни лика, сестрите, се директни потомци на браќата Грим. Тие ја откриваат семејната тајна дека приказните не се измислени, туку дека се сведочења за вистинитите бајки. Браќата ги донеле сите ликови во Њујорк бегајќи од прогонство. Сестрите решаваат мистерии во градовите каде што ликовите биле заробени. Во 2005 година, филмот Браќата Грим режиран од Тери Гилијам, заснован на браќата Грим и нивните приказни, со Хит Леџер како Јакоб Грим и Мет Дејмон како Вилхелм во главни улоги, ја отсликува повеќе сагата околу збирките на браќата отколку нивните академски дејности. Во оваа верзија браќата Грим не се невини собирачи на бајки.
Зенескоп Ентертејнмент (Zenescope Entertainment) во 2005 година започнал месечно да издава серија стрипови насловени Бајките на Грим, хорор-стрипови што ги прикажуваат класичните бајки, но со современи измени и додатоци. Џон Коноли, ирски писател, истата година, објавил книга со наслов ''Книга за изгубените работи'', која била негова прва немистериозен роман. Книгата содржи многу помрачни адаптации на бајките на Грим, меѓу кои и Црвенкапа, Снежана, Заспаната убавица и Румпештилцхен. Криминалистичкиот роман Братот Грим од Крег Расел, бил објавен во 2006 година. Сериски убиец го демне Хамбург и користи мотиви од бајките на браќата Грим, ги напаѓал жртвите и смислувал загатки за следната жртва. Главниот детектив Јан Фабел мора да трага по Убиецот од Бајките, како што печатот набрзо го нарекува. Во 2010 година, романот е адаптиран за германска телевизија, режиран од Урс Егер, со сценарио на Даниел Мартин Екхарт, под наслов Wolfsfährte (македонски: трага од волци), германскиот наслов на романот од Крег Расел. Глумецот Петар Ломајер ја презел улогата на главниот детектив Јан Фабел.
Во книгата Наследството на Гримод Поли Шулман, објавена во 2010 година, се раскажува за девојка која започнува да работи во мистериозен музеј во кој се наоѓаат предмети од бајките на Грим. Истата година, Lethe Press ја објавил книгата „Дел од Грим“ од Вилијам Холден, збирка од сказни на Грим прикажани на хомосексуално еротски начин. NBC Universal одобри пилот-епизода насловена „Грим“ во 2010 година, со Битси Тулок, Кејт Бартон, Расел Хорнсби и Силас Вајр Мичел во главните улоги. Во изработка на Дејвид Гринвалт и Џим Коуф и во режија на Марк Бакланд, Грим е опишан како мрачна но фантастична полициска драма за свет во кој постојат ликови инспирирани од бајките на браќата Грим.
Во 1983 година, британската рок-група „Дет калт“ (Death Cult) ја објавила плочата со наслов „Браќата Грим“ (Brothers Grimm).[3]
Дела на браќата Грим на македонски јазик
уредиПриказните на Браќата Грим доживеале бројни изданија на македонски јазик, како што се:
- „Волкот и седумте јариња“, Македонска книга, Скопје (без дата), во превод на Јован Бошковски и со илустрации на Берхард Наст
- „Храбриот кројач“, Култура, Скопје (без дата), во превод на Бранко Пендовски
- „Градски Музиканти“, Култура, Скопје (без дата), во превод на Илија Корубиноски
- „Сказни“, Наша книга, Скопје, 1972
- „Храбриот кројач“, Детска радост, Скопје, 1980, во превод на Ранка Грчева
- „Пепелашка“, Детска радост, Скопје, 1993, во превод на Здравко Ќорвезироски
- „Снежана“, Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, Скопје, 1993, во превод на Здравко Ќорвезироски.
Наводи
уреди- ↑ Видое Подгорец, „Браќа Грим“, во: Браќа Грим, Сказни. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 33-34.
- ↑ Видое Подгорец, "Браќа Грим", во: Браќа Грим, Сказни. Скопје: Наша книга, 1972, стр. 33.
- ↑ YouTube, Death Cult - Brothers Grimm (12") (пристапено на 3.5.2017)