Бременските градски музиканти
Бременските градски музиканти (германски: Die Bremer Stadtmusikanten) — сказна од браќата Грим.
Содржина
уредиЕден човек имал магаре кое со години му служело верно, извршувајќи секакви тешки работи, но кога тоа остарело, човекот сакал да се ослободи од него. Магарето го претчувствувало злото и затоа избегало во шумата. Размислувајќи што да прави, тоа се упатило кон градот, со цел да оформи музичка дружина. Патем, магарето видело стар загар, кој едвај избегал од својот стопан, кој наумил да го убие. Кучето му се придружило на магарето, а понатаму, тие сретнале стара мачка, чија сопственичка сакала да ја фрли во реката. Мачката ѝ се придружила на дружината, а понатму тие сретнале петел, кој слушнал дека планираат да го заколат за вечера. Така, четирите животинки го продолжиле патот и вечерта пристигнале во некоја густа шума, каде што здогледале една куќа. Животните се приближиле до прозорецот и во куќата здогледале група арамии како вечераат. Бидејќи биле гладни и измрзнати, животните скроиле план како да ги избркаат разбојниците од куќата. Магарето ги кренало нозете, на него се качил песот, мачката се качила на песот, а над неа се качил петелот и сите заедно запеале. Потоа, животните се втурнале во куќата и арамиите се уплашиле и избегеале. Животните се сместиле во куќата и добро се најале, а потоа си легнале, така што магарето легнало на буништето, песот се склопчил зад вратата, мачката легнала до печката, а петелот се искачил на една греда. Околу полноќ, арамиите се вратиле до куќата, но кога еден од нив влегол внатре за да ја извиди состојбата, животните ги нападнале и тој избегал. Кога се вратил кај другите разбојници, тој им раскажал дека во куќата имало вештерка, која го зграпчила со канџите, некој човек сакал да го прободе со нож, некое чудовиште почнало да го мава по грбот со стап, а некој од покривот им викал на другите: „Убиете го, убиете го!“ Уплашени, арамиите не се осмелиле повторно да се приближат до куќата и така животните си живееле мирно и безгрижно до крајот на животот.[1] [2]
Изданија на македонски јазик
уредиПриказната „Бременските градски музиканти“ е повеќепати објавена на македонски јазик:
- Браќата Грим, Градски музиканти, Култура, Скопје (без дата), во превод на Илија Корубиновски. Сликовницата е објавена како седма по ред во рамките на циклусот од 10 сказни под наслов „Бајки од браќата Грим“. Печатењето било извршено во печатницата „Југореклам“ во Скопје.
- „Бременски музиканти“, во: Браќа Грим, Сказни. Наша книга, Скопје, 1972.[3]
- „Бременските градски музиканти“ во: Браќата Грим, Храбриот кројач, Детска радост, Скопје, 1980, во превод на Ранка Грчева.