Скопска Блатија

(Пренасочено од Блатија)

Скопска Блатија (или само Блатија) — област во источниот дел на Скопското Поле од левата страна на реката Вардар во околината на Катлановското Блато по што се претпоставува дека оттаму го добила и името. Ја опфаќа територијата на Општина Петровец и дел од територијата на Општина Зелениково. На запад областа се граничи со градот Скопје, на југ со областа Торбешија, на исток и југоисток со Таорската Клисура и Велешко, а на север со Општина Илинден.

Потекло на името и села во Скопска Блатија

уреди

Името на областа Блатија потекнува од нејзината близина до Катлановското Блато, а и од самото мочурливо и блатесто земјиште во близината на реката Вардар поради честите негови излевања од коритото.

Во составот на областа Скопска Блатија влегуваат следниве села: Петровец, ’Ржаничино, Долно Коњари, Средно Коњари, Горно Коњари, Сушица (Скопско), Дивље, Летевци, Катланово, Бадар, Брезица, Кожле, Блаце, Огњанци, Градманци, Ќојлија (под Општина Петровец), Таор, Ново Село и Пакошево (под Општина Зелениково). Во крајниот северозападен дел влегувало и денес непостоечкото село Наово, кое се наоѓало помеѓу Петровец и р. Вардар.

Население

уреди
 
Народна женска носија од Скопска Блатија

Во областа Скопска Блатија денес живеат 12.332 жители од кои 6.768 (54,88%) се Македонци, 3.093 (25,08%) се Албанци, 1.633 (13,24%) се Бошњаци итн. Во минатото етничкиот состав на областа бил составен исклучиво од Македонци и Турци, кои масовно се отселиле од областа во педесеттите и шеесеттите години на XX век, а на нивно место се доселиле Албанците и Бошњаците.

Стопанство

уреди

Со векови главна стопанска гранка на областа Скопска Блатија било полјоделството (одгледувањето на пченица) и сточарството (одгледувањето на крави). Со мелиоративните зафати за пресушување на Катлановското Блато во шеесеттите години на XX век значително се зголемени обработливите површини и тоа со голема плодност на земјата. Денес најмногу се одгледува пченицата, а од полјоделските култури се застапени и раноградинарските производи, но во помала мера. Во ридестиот предел во околината на Катланово е застапено и лозарството. На територијата на Скопска Блатија работат повеќе млекарници поради тоа што во овој крај масовно се одгледуваат крави. Скопска Блатија е аткивна и по својот бањски туризам поради Катлановската Бања. Поради својата близина до градот Скопје и со изградбата на автопатот кон Велес и Солун економијата во областа е во значителен подем.

Етнологија

уреди

Скопска Блатија е етнолошки многу богата област, со големо културно наследство. Денес областа Скопска Блатија најповеќе фигурира во етнологијата. Скопска Блатија е позната по своите народни носии особено по женската носија која се одликува со разнобојна и разиграна орнаментика и на која е застапен срмениот вез (за кои постои книга) и по своите народни ора, игри, песни, приказни, преданија и легенди.

Личности

уреди

Личности од Скопска Блатија:

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди