Мршевци
Мршевци — село во Општина Илинден, во околината на градот Скопје.
Мршевци | |
Поглед на селото Мршевци | |
Координати 42°2′20″N 21°38′58″E / 42.03889° СГШ; 21.64944° ИГД | |
Општина | Илиден |
Население | 547 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 25093 |
Надм. вис. | 330 м |
Мршевци на општинската карта Атарот на Мршевци во рамките на општината | |
Мршевци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиМршевци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина на територијата на Општина Илинден, на 27 километри оддалеченост од градот Скопје[2]. Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 330 метри[3] во долниот широк дел на Никуштанската речица[4]. Има исклучителна полјоделска функција. Мршевци се наоѓа во подножјето на возвишението Ајватовски Рид, веднаш зад рафинеријата „ОКТА“. Изгледот на Мршевци се разликува од останатите села, бидејќи во него плански биле доселувани српски колонисти во периодот на српската окупација (Кралство СХС) пред втората светска војна. Селото се состои од четири долги улици во правец север - југ и три пократки кои се протегаат во правец исток - запад[4]. Атарот на селото зафаќа површина од 7,9 км2 на кој доминира обработливото земјиште со 618 ха[3].
Историја
уредиВо XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.
До 1908 година Мршевци било чисто македонско село населено со Македонци и броело 3 куќи од родовите: Крстевци, Серафиновци и Лазеви[4]. Македонците од Мршевци работеле на чифлизите на Нури и Асан-Бег од Скопје, сè до 1908 година кога турската државна власт ги откупила чифлиците, ги раселила Македонците (Крстевци и Серафиновци отишле во Скопје, а Лазеви во Агино Село), а на нивно место населила околу 100 „бошњачки“ муслимански домаќинства[4]. Муслиманите се задржале во Мршевци до крајот на турското владеење во 1912 година, кога се повлекле со турската војска, плашејќи се од одмазда, бидејќи често им напакостувале и ги ограбувале селаните од околните села или патниците кои минувале низ селото одејќи за Скопје или Куманово[5]. Од 1912 до 1921 година, Мршевци било пусто селиште, разрушените куќи станале змијарници, а целиот атар бил обраснат со коров и трња. Во март 1921 година во селото започнале да се доселуваат српски колонисти од јужна Србија, Далмација и Босна, а српската окупаторска власт дури им доделувала (подарила) потетези (Курилово, Рамниште, Два Брата, Голем Рид) со плодно земјиште и пасишта, кој неправедно ги одземала од соседните чисти македонски села Бучинци и Бујковци. Во јуни 1941 година бугарските фашистички окупаторски власти ги иселиле речиси сите српски доселенички семејства, освен 2 семејства кои биле по потекло од Македонија, а на нивно место доселила семејства од околината на Крива Паланка и Куманово[6]. По втората светска војна еден дел од српските колонисти успеал да се врати назад во селото, a во поголем дел почнале да се доселуваат Македонци од североисточна Македонија.
Стопанство
уредиСелското население во најголем дел се занимава со земјоделство и сточарство, особено со одгледување на житни култури, посебно пченица, 'рж и јачмен и тоа на големи посеви. Исто така се одгледуваат и спанаќ, морков, зелка и градинрско производство на зеленчук под пластеник, највеќе пиперки, марули, домати, кромид. Од сточарството најзастапено е краварството. Во помал дел е застапено и лозарството. Поради непосредната близина на рафинеријата за нафта „ОКТА“ еден дел од населението е вработено во неа, а некои од жителите работат и во индустриските хали и погони во економската зона „Бунарџик“ и индустриската зона „Илинден“. Слабата развиеност и опаѓање на сточарството се должи зафаќањето на сите пасишта за одгледување на жита од земјоделскиот комбинат „Скопско Поле“ во шеесеттите години на XX век[7]. Поради послабите услови за поединечно земјоделство и сточарство, во времето на социјализмот, младото население на селото се посветувало повеќе на други стопански занимања, Македонците претежно работеле како градежни работници поради тоа што тоа занимање им било познато уште во крајот од каде што им била старината, додека Србите оделе на изучување занаети во Скопје, по што станувале бравари, возачи итн[7].
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото е заведено под името Емир Шахли и било христијанско, каде имало 10 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 30 мажи христијани, со 3 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 66 жители.[8]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мршевци живееле 30 жители, сите Македонци.[9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мршевци имало 40 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[11]
Според пописот од 1961 година во селото Мршевци броело 666 жители од кои 388 Македонци, 260 Срби и 18 неопределени, додека во 1994 година, во селото Мршевци живееле 650 жители од кои 385 Македонци, 255 Срби и 10 попишани како други[3].
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 651 жител, од кои 403 Македонци, 242 Срби и 6 останати.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 547 жители, од кои 395 Македонци, 1 Албанец, 1 Влав, 143 Срби, 2 останати и 6 лица без податоци.[13]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[14]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 526 |
1953 | 293 | 1 | — | — | — | 250 | ... | 2 | — | 546 |
1961 | 388 | — | — | ... | ... | 260 | ... | 18 | — | 666 |
1971 | 360 | 2 | — | — | ... | 263 | ... | 17 | — | 642 |
1981 | 401 | — | — | — | — | 244 | ... | 11 | — | 656 |
1991 | 394 | — | — | — | — | 252 | — | 10 | — | 656 |
1994 | 385 | — | — | — | — | 255 | — | 10 | — | 650 |
2002 | 403 | — | — | — | — | 242 | — | 6 | — | 651 |
2021 | 395 | — | — | — | 1 | 143 | — | 2 | 6 | 547 |
Родови:
уредиМршевци е македонско-српско село.
Според истражувањата од 1963 година, родови во Мршевци се:
- Српски родови: Радуловиќи (3 к.) и Николиќи (2 к.) најстари селски родови, доселени се на почетокот од 1921 година од селото Кијевац кај Сурдулица; Сврабиќи (2 к.) доселени се во 1921 година одма после првите родови, доселени се од местото Суње во Хрватска; Медаревиќи (2 к.) и Стојановиќи (1 к.) доселени се од околината на Дрвар во Босна и Херцеговина; Милковиќи (1 к.) доселени се во 1922 година од околината на Крушевац во Србија; Вучиќеви (2 к.) доселени се во 1922 година од околината на Чачак во Србија; Јерац (1 к.) доселени се од околината на Трстеник во Србија; Пешиќи (4 к.) доселени се во 1922 година од селото Рупља кај Грделичка Клисура; Крстиќи (5 к.), Стојановиќи (4 к.), Станојевиќи (2 к.), Цветковиќи (1 к.), Момчиловиќи (1 к.), Данковиќи (2 к.) и Илиќи (1 к.) доселени се во 1922 и 1923 година од селото Предајане кај Грделичка Клисура во Србија; Јовиќи (1 к.) доселени се во 1923 година од Врањска Бања во Србија.
- Македонски родови: Богдановци (1 к.) и Стојчевци (1 к.) првите се доселени од Кривопаланечко, а вторите од областа Козјачија. Во текот на Втората светска војна во куќите на иселените српски колонисти од страна на бугарските се населени (50 к.) од Кривопаланечко и Кумановско. Некои од поголемите родови доселени се викаат Томевци, Ангеловци, Димитријевци, Трајановци, итд.[15]
Општествени установи
уредиСамоуправа и политика
уредиКултурни и природни знаменитости
уредиЦркви
уредиРедовни настани
уредиСелска слава на селото Мршевци е Спасовден, што е воедно и патронен празник на селската црква.
Личности
уредиЛичности родени во Мршевци:
- Игнат Николиќ ( 1921 ― 1944) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Култура и спорт
уредиКлубот ФК Мршевци е основан во 1970 година и се натпреварува во четвртата лига.
Иселеништво
уредиИселеници од Мршевци има во околните села Бујковци, Текија, Дељадровци и градовите Скопје и Куманово. Најголем дел од колонизираните Срби од страна на окупаторската власт на Кралство СХС биле протерани и иселени во Србија од страна на бугарската фашистичка окупаторска власт за време на Втората светска војна.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.38
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.203
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр.38
- ↑ Исто
- ↑ Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр.39
- ↑ 7,0 7,1 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр.40
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.207
- ↑ D.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, р.114-115.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован (1964). Сеоска насеља скопске котлине. Скопје.