Десанка Максимовиќ
Десанка Максимовиќ (српски: Десанка Максимовић; 16 мај 1898, Рабровица, Ваљево, Кралство Србија - 11 февруари 1993, Белград, СР Југославија) била српска поетеса, професор по книжевност и член на Српската академија на науките и уметностите.[1]
Десанка Максимовиќ | |
---|---|
Роден/а | 16 мај 1898 с. Рабровица (Ваљево), Кралство Србија |
Починат/а | 11 февруари 1993 Белград, Србија |
Занимање | поет, прозаист |
Националност | Србинка |
Жанр | лирика |
Животопис
уредиДесанка Максимовиќ е родена како најстаро дете на учителот Михаил и мајката Драгиња. По нејзиното раѓање, Михаил Максимовиќ бил прекомандуван на друго место, поради што целото семејство се преселува во Бранковина. Таму, Десанка го поминала своето детство; гимназија завршила во Валево. Во почетокот на август 1933 година се венчала за Сергеј Сластиков, но никогаш немала деца.
Дипломирала на Философскиот факултет во Белград, на отсекот за светска книжевност, општа историја и историја на уметноста. По дипломирањето, најпрвин работела во гимназијата во Обреновац, а потоа и како суплент во Третата женска гимназија во Белград. Во Париз живеела една година како стипендист на француската влада. Од 3 септември 1925 година работела во учителската школа во Дубровник, по што повторно се вратила во Белград за да се вработи во Првата женска гимназија.[2] Една од нејзините ученички била и Мира Алечковиќ, која подоцна станала поетеса и блиска пријателка на Десанка Максимовиќ. По почетокот на Втората светска војна, Максимовиќ заминала во пензија, но во службата се вратила веќе во 1944 година и во истата школа останала до нејзиното конечно пензионирање, осум години подоцна.
Максимовиќ постојано патувала низ сите земји на поранешна Југославија и се спријателила со голем број познати писатели и поети; меѓу нејзините блиски познаници биле: Милош Црњански, Иво Андриќ, Густав Крклец, Исидора Секулиќ, Бранко Ќопиќ и многу други. На 17 декември 1959 година била избрана за дописен член на Српската академија на науките и уметностите, а на 16 декември 1965 и за нејзин редовен член.
Максимовиќ умрела во четврток, на 11 февруари 1993 година, во Белград, во својата 95. година. Погребана е во нејзиното родно место - Бранковина крај Валево.
Творештво
уредиДесанка Максимовиќ е поет, раскажувач, романсиер, писател за деца, а повремено се занимава и со препејување на поезија од руски, словенечки, бугарски и француски јазик. Таа има објавено околу педесет збирки поезија, низа песни и прозни дела за деца и младинци, раскази, романописецска и патописна проза. Денес, таа се смета за најголемата поетеса во српската поезија.[2]
Максимовиќ започнала да пишува поезија уште за време на своите гимназиски денови, но своите први песни започнала да ги објавува дури по Првата светска војна. Својата прва песна ја објавила во 1920 година, во списанието Мисао („Мисао“). Веќе нејзините први збирки поезија, „Песме“ (1924), „Врт детињства“ (1927) и „Зелени витез“ (1930), го покажале нејзиниот лирски израз со чисти тонови и несекојдневна свежина, кои веднаш зазеле значајно место во српската поезија. Подоцна, нејзиниот лирски израз добил посебна тежина во збирките поезија за деца, додека новите изразни можности на Максимовиќ биле искажани во збирките: „Тражим помиловање“ (1964), „Немам више времена“ (1973), „Летопис Перунових потомака“ (1976), „Ничија земља“ (1979) и „Слово о љубави“ (1983).
Нејзини најпознати песни се: Предосећање („Претчуство“), Стрепња („Трепет“), Пролећна песма („Пролетна песна“), „Опомена“, На бури („На бурата“), Тражим помиловање („Барам помилување”) и Покошена ливада („Искосена ливада“). Откако дознала дека едно дете било стрелано во Крагуевац на 21 октомври 1941 година, поетесата ја напишала својата најпозната песна „Крвава бајка" - вистински сведок за теророт на окупаторот врз невиното население за време на Втората светска војна. Песната била објавена дури по завршувањето на војната. Таа има напишано и три патриотски поеми: „Ослобођење Цвете Андрић“ (1945), „Отаџбина у првомајској поворци“ (1949) и „Отаџбино, ту сам“ (1951), а борбата против германската окупација ја обработила и во делата „Спомен на устанак“ и „Србија се буди“.[2]
Најпознати дела во опусот на Максимовиќ се:[3]
- Песме („Песни“, поезија, 1924)
- Врт детињства („Градина на детството“, поезија, 1927)
- Зелени витез („Зелениот витез“, поезија, 1930)
- Лудило срца („Лудило на срцето“, раскази, 1931)
- Срце лутке спаваљке и друге приче за децу („Срцето на заспаната кукла и други приказни за деца“, раскази, 1931, 1943)
- Гозба на ливади („Гозба на ливадата“, поезија, 1932)
- Како они живе („Како живеат тие“, раскази, 1935)
- Нове песме („Нови песни“, поезија, 1936)
- Распеване приче („Распеани приказни“, раскази, 1938)
- Шарена торбица („Шарена торбичка“, песни за деца, 1943)
- Ослобођење Цвете Андрић („Ослободувањето на Цвета Андриќ“, поема, 1945)
- Отаџбина у првомајској поворци („Татковината во првомајската поворка“, поема, 1949)
- Самогласници А, Е, И, О, У („Самогласките А, Е, И, О, У“, поезија, 1949)
- Страшна игра („Страшна игра“, раскази, 1950)
- Отаџбино, ту сам („Татковино, тука сум“, поезија, 1951)
- Ветрова успаванка („Приспивната песна на ветерот“, поезија, 1953)
- Отворен прозор („Отворен прозорец“, роман, 1954)
- Пролећни састанак („Пролетен состанок“, поезија, 1954)
- Мирис земље („Мирисот на земјата“, избрана поезија, 1924)
- Ако је веровати мојој баки („Ако може да ѝ се верува на мојата баба“, раскази, 1959)
- Заробљеник снова („Заробеник на сонот“, поезија, 1960)
- Говори тихо („Зборувај тивко“, поезија, 1961)
- Патуљкова тајна („Тајната на џуџето“, раскази, 1963)
- Тражим помиловање („Барам помулување“, лирска дискусија, 1964)
- Хоћу да се радујем („Сакам да се радувам“, раскази 1965)
- Ђачко срце („Детско срце“, поезија, 1966)
- Прадевојчица („Прадевојка“, роман, 1970)
- На шеснаести рођендан („На шеснаесеттиот роденден“, поезија, 1970)
- Празници путовања („Празници на патувањето“, патописи, 1970)
- Немам више времена („Немам веќе време“, поезија, 1973)
- Летопис Перунових потомака („Хроника на потомците на Перун“, поезија, 1976)
- Песме из Норвешке („Песни од Норвешка“, поезија, 1976)
- Међаши сећања („Меѓите на сеќавањето“, поезија, 1983)
- Слово о љубави („Збор за љубовта“, поезија, 1983)
- Памтићу све („Ќе помнам сѐ“, поезија, 1989)
- Небесни разбој („Небесен разбој“, поезија, 1991)
Критички осврт кон поезијата на Максимовиќ
уредиПоезијата, расказите, романите, книгите за деца и низа есеи на Максимовиќ се преведени на огромен број светски јазици, а исто така поединчни песни од нејзиното творештво се влезени во голем број светски антологии.
Најчест мотив во поезијата на Десанка Максимовиќ е љубовта, зашто според неа, секоја нејзина форма самата по себе е поезија. Често и обилно користи алитерации и внатрешни рими. Нејзино основно поетско мото е дека поезијата треба да биде разбирлива, јасна, искрена, отворена кон човекот и животот. Многу од нејзините песни претставуваат повик кон човекот да стане добар, благороден, горд, благороден, да ги почитува луѓето со други верувања и сфаќања, мислења, бои и вери и да биде строг спрема своите маани како и кон туѓите. Од вредностите во животот кои Максимовиќ ги велича, особено се истакнуваат, покрај љубовта, и верноста, храброста, добрината и некористољубивоста.
Десанка Максимовиќ не спаѓа во громогласните говорници и поети за светот околу себе, особено во првиот период од нејзиното творештво, туку таа зборува тивко и разговара самата со себе. Во почетната фаза, таа е загледана во себе и се држи далеку од светските настани. И токму со тоа, таа се издвојувала од нејзините современици: нејзините песни биле исполнети со љубовта, пролетта и младоста, делувајќи топло, непосредно и наивно-искрено. Основното поетско чувство на Максимовиќ е младоста, отелотворена во пролетта и љубовта. Нејзината младост е страсна, но не претерано соголена; полна со гревови и чисти страсти. Во нејзините песни, љубовта не е нешто што еднаш се раѓа и еднаш умира, туку таа се обновува непрекинато, се прелива и претставува плима и осека на човековата душа. Во основа, поезијата на Максимовиќ значи восхит кон животот и затоа кај неа нема целосен пад и пораз, а минатото е присутно само како опомена, бидејќи она што доаѓа значи живот, нешто што носи убавина. Подоцна, во нејзината поезија се јавува нов став кон животот и луѓето - враќањето кон родниот крај. Притоа, таа ја чувствува својата изгубеност во „злобниот свет“, но таа изгубеност нема ништо декандентно и песимистичко. Во таа смисла, ненаметливо, едноставно како игра во нејзината поезија се наметнува односот меѓу градот и селото. Нејзината социјална поезија, заснована токму на тој однос, отскокнува од останатата српска литература во 1930-тите. Најпосле, од 1941 година, во нејзината поезија се јавува и нов мотив - љубовта кон својот народ и кон својата земја.[4]
Награди и признанија
уредиДесанка Максимовиќ има добиено голем број на книжевни награди. Првото свое признание го добила во 1925 година, на конкурсот за најдобра песна на списанието на Мисао („Мисла“). Во 1964 година ја добила Седмојулската награда за животно дело; во 1974 година ја добила Вуковата награда, а следната година и Специјалната Вукова награда; во 1984 година ја добила Његошевата награда за збирката „Слово о љубави“ (1983).[2]; а таа е добитник и на Наградата АВНОЈ. Во 1988 година, Десанка Максимовиќ е одликувана со Златен венец на Струшките вечери на поезијата.
Во 1985 година било реновирано основното училиште во Бранковина каде учела Десанка Максимовиќ и во кое нејзиниот татко бил учител. Ова училиште денес го носи името „Десанкина школа“. Уште во текот на нејзиниот живот, во Валево бил подигнат споменик во нејзина чест. Споменикот го открил Матија Бечковиќ на 27 октомври 1990 година. Поетесата не била многу задоволна од овој чин, но го прифатила, откако била убедена дека тоа е споменик на поезијата со нејзин лик. Исто така, таа е избрана за почесен граѓанин на Валево. По повод стогодишнината од нејзиното раѓање, Унеско ја прогласило Десанка Максимовиќ за личност на културата во 1998 година.
На 12 февруари 1993 година, владата на Србија донела одлука нејзиното име и дело трајно да остане запаметено преку основањето на Фондацијата Десанка Максимовиќ која ја доделува Наградата „Десанка Максимовиќ“. Одлуката на владата е реализирана со иницијатива на министерството за култура на Србија, како и на Народната библиотека на Србија.[5] Фондацијата е основана на 19 март 1993 година. Со основачкиот акт и статутот било назначено дека фондацијата треба да „створи услови за трајно зачувување и негување на споменот за Десанка Максимовиќ, еден од најголемите поети на српски јазик во XX век”.
На 23 август 2007 година бил откриен споменик на Десанка Максимовиќ во Белград, на Ташмајданскиот парк.[6]
Наводи
уреди- ↑ Раде Силјан, Странски авиори&дела, Натица Македоонска, Скопје,2001, стр. 465.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 U.K., „Beleška“, во: Desanka Maksimović, Izabrane pesme. Beograd: BIGZ, 1985, str. 225-226.
- ↑ Tode Čolak, „Desanka Maksimović“, во: D. Maksimović, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 133.
- ↑ Tode Čolak, „Desanka Maksimović“, во: D. Maksimović, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 133-137.
- ↑ „Фондацијата Десанка Максимовиќ“. Архивирано од изворникот на 2008-12-17. Посетено на 2007-09-26., „За фондацијата”.
- ↑ Дневник онлајн Архивирано на 27 септември 2007 г., "Откриен е споменик на Десанка Максимовиќ."
Надворешни врски
уреди- Песни на Десанка Макимовиќ. (српски) (англиски)
- Песни на Десанка Макимовиќ. Архивирано на 17 јануари 2008 г. (српски)