Илинден (населба)
- За други значења на поимот Илинден видете на појаснителната страница
Илинден (до 1951 г. Белимбегово) — село и административен центар на Општина Илинден, во околината на градот Скопје.
Илинден | |
Поглед на дел од нас. Илинден крај железничката станица | |
Координати 41°59′45″N 21°34′55″E / 41.99583° СГШ; 21.58194° ИГД | |
Општина | Општина Илинден |
Население | 5.161 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1041 |
Шифра на КО | 25010, 25510 |
Илинден на општинската карта Атарот на Илинден во рамките на општината | |
Илинден на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиИлинден е сместено во средишниот дел на Скопската Котлина, односно во средишниот дел на областа Блатија на допирот помеѓу две зони на почви, влажни под селото и суви над селото[2]. Населбата е рамничарска, расположена на 245 метри надморска височина и од центарот на Скопје е оддалечена околу 10 километри во источен правец. Веднаш крај Илинден поминуваат автопатот „Пријателство“, кој е дел од меѓународниот патен правец Е-75 и коридорот 10, а исто така и железничката пруга кон Куманово и Белград дел од истиот паневропски сообраќаен коридор.
Населбата има разбиен тип, а поради големиот број на население и доселеници, како и спојувањето со соседното место Марино, таа има сè повеќе урбани каркатеристики и важи за градска населба. На југ од Илинден води патниот правец на кој се наоѓа Јурумлери и води кон Драчево, на североисток се Ајватовци и Бунарџик, на северозапад е Арачиново, на исток и југоисток од Илинден се наоѓа Марино низ кој водат 2 локални патни правци кон Кадино и Мралино и кон Миладиновци, на запад е градот Скопје со населбите Хиподром и Маџари.
Историја
уредиПокрај селото Илинден, некогашно Белимбегово, сè до заминувањето на турските власти, на месноста Маркова Колепка се познавале стар гробови, кои не припаѓале на населението, кое пак врз основа на нивното постоење имало предание дека на местото на денешното село постоело друго село кое подоцна било уништено[3]. Денешната населба настанала за време на турското владеење, кога на ова место бил основан чифлик од страна на некојси Белим-бег кој се грижел и за производството на барут во соседното Јурумлери, а по кого селото го добило и името[3]. Во месноста Требоши, на 1 километар јужно од селото селаните често откопувале ќерамиди, ќупчиња, јазови, бунари и остатоци од мостови, при што постоело преданието дека некогаш таму постоело посебно чифлигарско македонско христијанско село, кое било заграбено и раселено од белимбеговските чифликсајбии, при што дел од населението преминало во Белимегово, а остантиот дел се раселил на разни места[3]. До крајот на турското владеење во Белимбегово постоеле 7 чифлици на скопски бегови и сите македонски семејства, освен родот Аџиовци кои имале своја земја, работеле како чифчии и момоци[3].
Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било забележано како Бехлул Бег со христијанско население, каде имало 27 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 110 мажи христијани, со 10 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 240 жители.[4]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, во Белим Бегово живееле 180 жители Македонци[5].
После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од Општина Бунарџик и има 244 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[7]
Од чифлигарството жителите Македонци започнале да се ослободуваат со аграрната реформа во 1927 година и со подоцнежната во 1946 година, кога започнале да добиваат и откупуваат земја во свој посед[3]. Во 1928 година во селото се доселило семејството Калкус (три брата) од Чешка, кои за кратко време створиле посед простран од 150 до 200 хектари, кој по Втората светска војна било одземено и национализирано за основање на земјоделското стопанство[8]. По Првата светска војна во Белимбегово масовно почнале да се доселуваат Македонци од селата на Скопска Црна Гора, при што тие го основале Плац Маалото[8]. Вториот голем бран на доселувања, започнал кон крајот на шеесеттите години на XX век, кога во Илинден се доселиле голем број на Македонци од селата во околината на Крива Паланка.
Сè до 1996 населбата Илинден припаѓала во рамките на скопската градска општина Гази Баба, по што била основана истоимена општина со седиште во оваа населба.
Стопанство
уредиПоволната географска положба и одличната сообраќајна поврзаност на населбата Илинден и овозможува одлична економска развиеност. Во непосредна близина на Илинден се наоѓаат индустриската зона „Илинден“, слободната економска зона „Бунарџик“ и рафинеријата „ОКТА“, каде што работат голем број на фабрики, производствени погони, стоваришта во кои работат жители на Илинден. Поголемиот дел на жители се занимаваат со секундарни стопански гранки како работа во индустријата, градежништвото, трговијата, угостителство. Во близината на Илинден се наоѓа и скопскиот Аеродром „Александар Велики“, сега познат како „Меѓународен аеродром Скопје“ и понекогаш познат како „Аеродром Петровец“ или „Аеродром Скопје“, на кој работат дел од жителите на Илинден.
Значаен дел од населението, посебно постарите селски родови со поголем земјиштен посед, се занимава со земјоделство. Најзастапено е полјоделството односно одгледување на житни растенија - највеќе пченица, јачмен и пченка. Во голема мера е застапено и градинарството и одгледувањето на кромид, марула, пиперки, домати, зелка и моркови. Сточарството и живинарството се доста застапени и голем број на домаќинства одгледуваат свињи, крави и живина. Во минатото како дел од земјоделското стопанство „Белимбегово“ постоела голема живинарска фарма, а денес во Илинден работат неколку приватни живинарски фарми кои произведуваат јајца и пилешко месо. Во непосредната близина на Илинден се наоѓа и млекарницата „Сведмилк“, а во населбата работат голем број на продавници и салони за бела техника, мебел, книжарници, фризерски салони, ресторани и кафеани.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 4.931 жител, од кои 4.285 Македонци, 2 Турци, 31 Ром, 1 Влав, 176 Срби и 96 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 5.161 жител, од кои 4.230 Македонци, 326 Албанци, 4 Турци, 21 Ром, 3 Власи, 111 Срби, 2 Бошњаци, 50 останати и 414 лица без податоци.[10]
Како привлечно место за доживување, во Илинден се доселуваат голем број на луѓе, па така бројот на населението бележи постојан пораст. Во 1981 година во Илинден живееле 4.077 жители, а во 1994 година 4.321 жител од кои 3.702 (85,67 %) Македонци, 224 Албанци, 194 Срби, 10 Роми и 190 жители се изјасниле како други.[11]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Илинден:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 906 |
1953 | 1.084 | 10 | 1 | 20 | — | 89 | ... | 17 | — | 1.252 |
1961 | 1.375 | 94 | 2 | ... | ... | 151 | ... | 39 | — | 1.661 |
1971 | 2.069 | 149 | — | — | ... | 181 | ... | 96 | — | 2.495 |
1981 | 3.410 | 48 | — | 3 | — | 212 | ... | 404 | — | 4.077 |
1991 | 3.588 | 154 | — | 13 | 1 | 161 | — | 450 | — | 4.367 |
1994 | 3.702 | 224 | — | 10 | 1 | 194 | — | 190 | — | 4.321 |
2002 | 4.285 | — | 2 | 31 | 1 | 176 | — | 96 | — | 4.931 |
2021 | 4.230 | 326 | 4 | 21 | 3 | 111 | 2 | 50 | 414 | 5.161 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
уредиИлинден е главно македонско село, но има и од други народности во селото.
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се:[12]
Македонски
- Староседелци: Аџијовци (3 к.)
- Доселеници: Риклевци (4 к.) доселени се во XIX век од скопското маало Чаир. И таму биле однекаде доселени; Аџаларци (6 к.) доселени се средината на XIX век од селото Аџалари. И таму биле доселени однекаде; Савевци или Нацевци (2 к.) гранка се од претходниот род; Паличкови (9 к.) доселени се од селото Сушица. Нивните истоимени роднини од Сушица се иселиле во Кадино (од таму прешле во Петровец) и Бунарџик; Пурчеви (5 к.) по потекло се од планинското село Дивле. Од таму се иселиле во Брњарци, па потоа прешле во Илинден; Бејтовци (8 к.) доселени се во XIX век од селото Карабуниште кај Велес. Познати се и под името Бошковци; Дончевци (6 к.) доселени се во XIX век однекаде; Пејовци (2 к.) доселени се одамна однекаде; Пројковци (1 к.) доселени се од Горно Лисиче; Џиковци (6 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Драчево; Најдовци или Пагарушовци (3 к.) доселени се од селото Пагаруша. Го знаат следното родословие: Анѓеле (жив на 50 г. во 1953 година) Најдо-Велко, кој се доселил; Стојанови (2 к.) доселени се од селото Деладровци; Роглевци (2 к.) доселени се од селото Бунарџик; Деспатови (1 к.) доселени се однекаде; Бушевци (3 к.) доселени се пред 1912 година. Пред тоа живееле во Трубарево и Идризово; Костадиновци (5 к.) доселени се од Маџари. Подалечно потекло од селото Карбуниште кај Велес; Шкодреви (3 к.) порано живееле во Ајватовци и Јурумлери. Овде се доселиле пред 1912 година; Караџови (2 к.), Шарковци (2 к.), Зајчеви (2 к.), Чанкуловци (9 к.), Бостанјеви (2 к.), Крстевски (1 к.), Љошевци (2 к.), Милошеви (2 к.), Спасоски (3 к.), Аврамови (3 к.), Димови (2 к.), Мерџанови (3 к.), Радески (3 к.), Петровски (2 к.), Крушкарои (2 к.) и Ушлиновци (2 к.) доселени се од 1926 до 1950 година од селото Бродец на Скопска Црна Гора; Рајевци (2 к.), Кошарчеви или Видинци (5 к.), Ниниќи (1 к.) и Кајоски (1 к.) доселени се од 1926 до 1949 година од селото Кучевиште на Скопска Црна Гора; Секуловци (1 к.), Крковци (1 к.), Јаневци (2 к.) и Јовевци (2 к.) доселени се од селото Сопиште; Нешовци (4 к.) доселени се во 1928 година од селото Љуботен; Паланчани (3 к.) доселени се во 1947 година од селото Трново кај Крива Паланка; Паликуровци (1 к.) доселени се во 1946 година од селото Паликура во Тиквеш; Романовци (2 к.) доселени се во 1949 година од селото Романовце.
Торбешки род
- Доселеници: Салијевци (1 к.) доселени се во 1916 година. По потекло од некое село кај Радика (Долна Река)
Српски
- Доселеници: Арсови (3 к.) доселени се пред крајот на турското владеење од Витина кај Гнилане во Косово; Стојановиќи (2 к.) доселени се во 1930 година од селото Жбевац кај Ристовац; Милиќи (1 к.) доселени се во 1935 година од околината на Заечар; Јефтиќи (1 к.) доселени се од селото Слатина кај Чачак.
Албанизирани Роми или Маљоци
Општествени установи
уредиВо населбата Илинден, на самиот нејзин крај кон селото Марино, работи основното училиште „Гоце Делчев“ и првото средно модуларно училиште во Општина Илинден[13].
Самоуправа и политика
уредиКултурни и природни знаменитости
уредиЦркви
уредиРедовни настани
уредиЛичности
уреди- Ангел Велковски (1926-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Блаже Ѓуровски (1924-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Култура и спорт
уреди- ФК Илинден, кој постои од 1957 година.
Иселеништво
уредиВо минатото се забележани следните иселувања: еден род по име Пакошево се доселил од селото Пакошево, па се иселил во Скопје уште во XIX век. Најголем број иселеници имало во градот Скопје и некогашните села, денес негови населби Кисела Вода и Тафталиџе, потоа во Драчево и Инџиково[14]. Во поново време има иселеници во странство, посебно во Германија, САД и Канада.
Поврзано
уреди- Илинден - национален празник
- Илинден (Пиринско) - село во Пиринска Македонија
- Општина Илинден
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.130-131
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.131
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Македонците биле забележани како Бугари.
- ↑ Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
- ↑ 8,0 8,1 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.132
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.136
- ↑ Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2012-07-06.
- ↑ Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр.134-135
Надворешни врски
уреди„Илинден (населба)“ на Ризницата ? |
- Официјална страница на Општина Илинден
- Страница за Илинден на Discover Macedonia