Карабуниште
Карабуниште (офиц. Карабуњиште) — село во Општина Велес, во околината на градот Велес.
Карабуниште Карабуњиште | |
![]() Поглед на селото Карабуниште | |
Координати 41°48′34″N 21°39′12″E / 41.80944° N; 21.65333° EКоординати: 41°48′34″N 21°39′12″E / 41.80944° N; 21.65333° E | |
Регион | ![]() |
Општина | Велес |
Население | 0 жит. (поп. 2002) |
Пошт. бр. | 1408 |
Шифра на КО | 29029 |
Надм. вис. | 500 м |
![]() |
Географија и местоположбаУреди
Карабуниште е мало село во сместено во северозападниот дел на Општина Велес од десната страна на реката Вардар на нејзиниот излез од Таорската Клисура[1], недалеку од вливот на Пчиња во Вардар. Селото е многу мало и е на пат да се расели во него живеат само 4 луѓе, Македонци. Карабуниште е ридско село расположено на надморска височина од 500 метри[2], во подножјето на планината Голешница. Селото е тешко пристапно, до него може да се стигне одејќи пеш од железничкото стојалиште „Пчиња“ или со теренско возило (џип) и трактор преку земјениот пат кој го поврзаува Карабуниште со селата С’лп, Белештевица, Раштани и градот Велес. Над селото Карабуниште има силен извор на вода, која ја напојува селската чешма и чешмата во манастирот „Свети Илија“ недалеку од селото. Водата е студена, чиста и одобрена од надлежните институции за пиење. Карабуниште е опкружено претежно со дабова шума, како и со тополи, јасики, маслинки, смокви, ореви и нискостеблести грмушки. Месности околу селото се Крст, Петров Гроб.
ИсторијаУреди
Според местоположбата на селото, а и големиот број на старини од антиката и средновековието во пошироката околина, живот во Карабуниште имало од најстари времиња. Потеклото на името на селото е составено од два зборови кара (турски:црно) и буниште (синоним за македонските зборови ѓубриште или латинизмот депонија), но не е исклучено името на селото да произлегува од Карабунариште (поради силните извори), а со текот на времето да го добило ова име. Во селото постоела црква која била разрушена од Турците. Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Скопскиот вилает и имало 50 семејства и 1 неженет, сите христијани.[3]
Во својот напис за Цариградски весник од 7 март 1859 под наслов „Велес - статистическо описание“, македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот веројатно погрешно запишал дека селото е населено само со турско население[4]. Со оглед на големиот број на македонски родови кои од Карабуниште се иселиле во голем број на скопски и велешки села кон крајот на XVIII и во текот на XIX век како и податокот што го изнесува Јордан Хаџи-Константинов - Џинот, за минатото на Карабуниште може да се заклучат две издржани претпостваки. Едната е дека по бурните настани од крајот на XVII век и големата несигурност за Македонците по Карпошевото востание и Австриско-турската војна, ридско-планинскиот терен на кој се наоѓа ова село бил сигурно прибежиште и живеалиште за Македонците од ниските предели , како што било случај со многу села (пр. Драчево) кои во овие периоди се раселиле, а нивните македонски жители - христијани отишле да живеат во збегови по планините на масивот Мокра Планина. Втората претпоставка е дека со продорот и населувањето на муслимани Албанци во планинските предели во текот на XVIII и XIX век, тие почнале да се доселуваат во околината на Карабуниште , како што е впрочем случај и со сите македонски села на Караџица и Голешница, при што од големата несигурност многу Македонци од Карабуниште започнале да се иселуваат на чифлизите каде имало поголема сигурност.
СтопанствоУреди
Главно занимање во селото се земјоделството и сточарството. Постојаните жители на селото одгледуваат градинарски култури за свои потреби и тоа: грав, грашок (на месниот говор: „безелје“), компир (од видот „златица“), кромид, лук, пипер, патлиџан, бостан (тиква), краставици. Во Карабуништесо земјдоелие се занимаваат и луѓе кои имаат земја, а не живеат во селото. Тие одлгедуваат и жито (пченица). Од сточарството најмногу се одгледуваат кози, од кои постојаните жители прават козјо сирење и млеко, за што добиваат и субвенции од државата. Исто така се одгледуваат и кокошки, за сопствени потреби. Едно домаќинство се занимава и со пчеларство и има околу 15ина пчелни сандаци.
ДемографијаУреди
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Карабуниште живееле 153 жители, од кои 128 Македонци и 25 Турци.[5]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Карабуниште имало 80 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Карабуниште е многу мало село и е на пат целосно да се расели. Бележи постојано опаѓање на бројот на жители од 109 во 1961 година на само 2 жители во 1994 година[1]. Во него денес постојани жители се само 4 луѓе, сите Македонци[7][8]. Четворицата жители (3 мажи и 1 жена) на Карабуниште се стари лица над 60 години. За време на викендите, како и во текот на летниот период во селото доаѓаат поголем број на луѓе од Велес, Скопје, Зелениково, кои имаат потекло и куќи во Карабуниште. Тогаш селото брои од 60 до 80 луѓе.
На табелата е прикажана состојбата на населението во сите пописни години:[9]
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 153[5] | 80[6] | 109 | 146 | 109 | 10 | 5 | 2 | 2 | 0 |
РодовиУреди
Според записи од 1935 година во селото живееле следните македонски православни христијански родови: Бошковци (старинци) од кои потекнуваат селските родови Балабановци или Левкови и Трајковци или Гоцови,Соколовци (од с. Добрино во поречието на Кадина Река денес Општина Зелениково) и Јовановски или Крстевци (од с. Сопот)[10].
Општествени установиУреди
Цркви и манастириУреди
- Манастир „Св. Илија“ - Карабуниште - со црвките Св.Илија (нова и стара) и Св. Богородица
Самоуправа и политикаУреди
Поради малиот број на жители селото Карабуниште заедно со селото Белештевица спаѓаат во рамките на месната заедница на селото С'лп.
Културни и природни знаменитостиУреди
Редовни настаниУреди
На патрониот празник на манастирот Свети Илија, Илинден, се одржува голем општонароден собор на кој покрај луѓе со потекло од селото, доаѓаат верници и од Велес, Скопје и околните села.
ЛичностиУреди
- Бранислав Велешки (1834 - 1919) — револуционер
Култура и спортУреди
ИселеништвоУреди
Најголем дел од населението на Карабуниште е иселено во Велес, потоа во Скопје, Зелениково и Драчево. Во помала мера има иселеници во околните села. Во странство има само еден иселеник-повратник од Холандија кој има куќа и штала во селото. Карабуниште дало голем број на иселеници во Скопско кон крајот на XVIII и во текот на XIX век, кога се забележани македонски родови со потекло од ова село во скопските села Белибегово, Орешани, Драчево, Градовци, Маџари, Зелениково, Јурумлери[11].
НаводиУреди
- ↑ 1,0 1,1 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.147
- ↑ http://www.veles.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=17&Itemid=40
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.512
- ↑ http://www.promacedonia.org/bmark/jhk/jhk_2.htm#7
- ↑ 5,0 5,1 Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 157.
- ↑ 6,0 6,1 D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 118-119.
- ↑ Теренско истражување на Марио Шаревски од 16.06.2011
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика.
- ↑ Филиповиќ, Миленко. Северни велешки села. Белград, 1935. стр.547
- ↑ Види во делата на Трифуноски Ф.Јован за Скопската Котлина