Крива Паланка

град во Општина Крива Паланка
(Пренасочено од К. Паланка)

Крива Паланкаград во североисточниот дел на Република Македонија, сместен во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини на двата брега на Крива Река. Во непосредна близина на градот се наоѓа граничниот премин Деве Баир кон Република Бугарија. Крива Паланка од Куманово е оддалечена 62 км, а од Скопје 100 км во источен правец.[1]

Крива Паланка
Град
Крива Паланка со Крива Река
Крива Паланка со Крива Река
Знаме на Крива ПаланкаГрб на Крива Паланка
Крива Паланка is located in Македонија
Крива Паланка
Крива Паланка
Местоположба на Крива Паланка во Македонија
Координати: 42°12′N 22°20′E / 42.200° СГШ; 22.333° ИГД / 42.200; 22.333
ДржаваМакедонија
РегионСевероисточен
ОпштинаКрива Паланка
Управа
 • ГрадоначалникСашко Митовски (СДСМ)
Население (2021)
 • Вкупно13,481
Час. појасUTC+1
 • Лето (ЛСВ)UTC+2 (UTC)
Повик. бр.+389 031
Рег. таб.KP
Мреж. местоkrivapalanka.gov.mk

Потекло на поимот

уреди

Името на градот Крива Паланка доаѓа од така обликуваната долина на Крива Река. Поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“. Подоцна, зборот „Паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Историја

уреди

Градот е еден од помладите градови на територијата на Република Македонија. Градот бил формиран од Турците, поточно од Бајрам-паша и градот имал важност како воен и одбранбен центар. Тој центар имал за цел да го зајакне тој регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи од 1043 година по муслимански календар или по стандардното христијанско броење во 1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот во тврдината и била испишана со арапска азбука. Подоцна плочата се пренела во џамијата што се наоѓала во центарот на градот. Денес плочата се чува во Музејот на Македонија во Скопје.

Турскиот патописец Евлија Челебија во своите белешки за Крива Паланка од 1661-1662 година меѓу другото запишал: „Одбранбениот објект-тврдината, во обем има 800 чекори. Има една порта која се отвора кон југоисток. Во неа има складишта за муниција, житни амбари, десет шахи-топови, 200 војници, градски заповедник (диздар). Градската капија и ѕидовите-бедеми биле многу високи. Во самата тврдина имало 50 куќи, една џамија и купола за воена музика. Надвор од неа имало подигнато град (паланка) со околу 800 куќи, една џамија, голем ан, како и карвансарај и мал амам...За патниците кои минувале низ ова место храна имало во изобилство...Во касабата (гратчето) имало доволно дуќани, особено занаетчиски, во кои се изработувале метални предмети (клинци и сл.). Постоеле и мајстори-железари. Постоеле и работилници за железна руда...“[2]

Добрата положба на оваа мала населба ѝ овозможила да прерасне во поголемо населено место. Според пописите од 19 век, градот се сметал како населено место со христијанско македонско и со турско муслиманско население.

Во градот се оформува значаен христијански слој, којшто во XIX век ја понел на своите плеќи преродбата и развојот на градот, во еден христијански и православен манир. Во ова време се оформува градскиот слој на богати македонски трговци и занаетчии коишто тргуваат надвор од Отоманското Царство и со себе во градот ги носат новите текови и новите идеи на XIX век.[3]

 
Крива Паланка во почетокот на XX век
 
Извештај за ноќната стража во Крива Паланка, од 3 октомври 1915 година, датумот кога Крива Паланка потпаднала под Царство Бугарија, до 6 јануари 1916 година.

Во овој период во Крива Паланка, делува и еден од првите македонски преродбеници Јоаким Крчовски, којшто со помош на локалните трговци, во периодот 1814-1819, во Будим ги печати своите познати пет книги, на жив народен говор. Крчовски не само што ја развил потребата од описменување, туку извршил и пресудно влијание за основање на црковно–ќелијно училиште во 1817 г. коешто било сместено во Енгеровата куќа, во чија близина подоцна со големо залагање на градските првенци и самиот ктитор Давид Јереј, во 1833 г. ќе биде изградена градската црква Свети Димитрија.

Како резултат на црковно–просветната дејност, во Крива Паланка, уште во 1833 година дејствува црковно-епитропска општина, која во 1861 се трансформира во црковно–училишна општина, а веќе истата година ќе се самоуправува без официјално да се откаже од јурисдикцијата на скопскиот патријаршиски митрополит.

Првата и Втората светска војна

уреди
 
Споменик на паднатите борци од НОБ

По Првата светска војна, по 1918 година, Крива Паланка за првпат добива статус на општина во рамките на Вардарската Бановина на кралството СХС, го добива првиот домороден претседател (градоначалник), и го добива ликот којшто во голем дел го задржала и до ден-денес. Во тие години, Крива Паланка добива неколку значајни објекти: зградата на општината, Офицерскиот дом, училиштето Партизан, Старата болница, и ја добива првата регулација на коритото на Крива Река на потегот од Осичко маало до Нумулија. Исто така била започната изградбата на првата електрична централа во североисточна Македонија, на Дурачка Река, но истата подоцна била прекината[3].

Географија и клима

уреди

Градот се наоѓа во крајниот североисточен дел на Република Македонија, во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини. Претставува единствената градска населба во Славиште, при што игра улога како локално средиште и административен центар на педесетина населени места во овој регион.

Крива Паланка има умерено-континентална клима со умерено ладна зима, умерено топло лето, свежа пролет и релативно топла есен, што се должи на географската расположеност и на извесни влијанија кои навлегуваат од Егејското Море преку Крива Река. Високите делови на Осоговијата се под влијание на степската клима. Просечната годишна температура изнесува 10,2оС. Во текот на годината најтопол месец е јули со просечна температура од 20,0оС. Најстуден месец е јануари со просечна температура од -0,3оС. Просечното годишно температурно колебање изнесува 20,3оС. Во споредба со областите што ја опкружуваат, Кривопаланечката област добива значителни врнежи. Ова се должи на апсолутно големата висина која претставува природен кондензатор за водената пареа, што ја носат западните и јужните ветрови. Просечниот датум на првиот снежен покривач во оваа област е 30 ноември. Појасот над 1700 метри надморска височина има доста ниски средни годишни температури, затоа врвовите Руен и Царев Врв се под снежна покривка од октомври па до почетокот на јуни. На Руен снежната покривка се задржува и во јули[4].

Население

уреди

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Крива Паланка живееле 4.340 жители, од кои 2.500 Турци, 1.500 Македонци, 320 Роми и 20 Власи.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, градот имал 1.650 Македонци, 200 Турци и 100 други жители.[6]

Во првиот организиран попис на СФР Југославија од 1948 година, во Кривопаланечкиот срез имало 28.828 жители, од кои 1.967 во градот Крива Паланка, а 26.861 во селата во Славиште. Од етнички аспект, населението го сочинувале 27.300 (94,6 %) Македонци, 1.199 (4,15 %) Срби, 194 Роми и 135 останати.[7]

Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 14.558 жители и спаѓал во групата на средни градови.[8] Етнички гледано, населението е составено од:[9]

Националности[9]
Македонци
  
94,51 %
Роми
  
4,59 %
Срби
  
0,60 %
други
  
0,27 %
Турци
  
0,01 %
Власи
  
0,01 %
Бошњаци
  
0,01 %
Јазик

Во градот се зборуваат следниве јазици[9]:

Јазици[9]
македонски
  
94,63 %
ромски
  
4,55 %
српски
  
0,52 %
други
  
0,25 %
турски
  
0,05 %
бошњачки
  
0,01 %
јазик вкупен број % од вкупното население
македонски 13.776 94,63
турски 7 0,05
ромски 662 4,55
српски 76 0,52
бошњачки 1 0,01
други 36 0,25
Вероисповед

Во Крива Паланка се застапени следните религиски групи[9]:

Религија[9]
Православие
  
94,69 %
Ислам
  
3,63 %
други
  
1,59 %
Католицизам
  
0,10 %
религија вкупен број % од вкупното население
Православни 13.785 94,69
Муслимани 528 3,63
Католици 14 0,10
други 231 1,59

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Крива Паланка:

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.967—    
19532.539+29.1%
19612.844+12.0%
19714.955+74.2%
19818.860+78.8%
ГодинаНас.±%
199111.271+27.2%
199411.166−0.9%
200214.558+30.4%
202113.481−7.4%
Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 1.967
1953 2.009 3 81 336 0 70 40 2.539
1961 2.360 1 12 60 411 2.844
1971 4.301 6 16 369 118 145 4.955
1981 8.243 0 9 297 0 120 191 8.860
1991 10.517 0 1 479 1 122 151 11.271
1994 10.538 0 0 506 2 65 55 11.166
2002 13.758 0 2 668 2 88 1 39 14.558
2021 12.405 4 6 447 4 61 1 74 479 13.481

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Градот има поволна демографска слика со пораст на населението. Забележлив е високиот наталитет кај Македонците, со оглед на тоа дека во градот и неколку околни села живеат повеќе семејства од македонска националност со 4, 5, 8 и 10 деца.

Религија

уреди
 
Осоговскиот манастир

Мнозинството од населението во Крива Паланка е од православна вероисповед. Православието е длабоко навлезено во животот и традицијата на паланчани, а за тоа сведочат големиот број на цркви и манастири што се наоѓаат во градот, но и во непосредната околина. Крива Паланка во Македонија и пошироко е позната по еден од најубавите манастирски комплекси - манастирот Свети Јоаким Осоговски.

Стопанство

уреди
 
Црквата „Св. Димитриј“

Од стопанството во Крива Паланка најразвиена е трговијата поради близината со бугарската граница. Други развиени гранка се земјоделието (најмногу се одгледува компир, а во помала мерка и пченка, пченица, јачмен, ’рж, овес, и др.) и рударството (познати се рудниците Тораница (за олово и цинк) и „Бентомак“). Во центарот на Крива Паланка постојат повеќе стари занаетчиски дуќани, како часовничари, казанџии, опинчари и други занаети кои сѐ уште активно работат. Во центарот на градот работи и стоковна куќа, а на ридовите во близина на градот работат и повеќе пилани и сечи за огревно дрво и дрво за мебел.

Во градот работат повеќе градинки, три основни училишта и гимназија.

Поради својата местоположба на европскиот коридор Г-8, од поодамна во план е продолжување на железничката пруга до Крива Паланка и бугарската граница која во моментов е изградена до селото Бељаковце.

Во скора иднина ќе започне и реализацијата на проектот за гасификација на градот, за кој се обезбедени 7 милиони евра странска помош.

Туризам

уреди
 
Градскиот музеј на Крива Паланка

Во последните години, локалните власти во Крива Паланка сѐ повеќе вложуваат во туризмот како едно од важните гранки на стопанството во Македонија. Со својата природна убавина и богатата културно-историска традиција, Крива Паланка сѐ повеќе се промовира како кај домашните, така и кај странските туристи. Во својата програма, Крива Паланка ги понудува посетите на манастирите и историските места во градот и во својата околина, потоа организира посети и сместувања во еден од најубавите македонски манастири - манастирот Свети Јоаким Осоговски. Исто така, наоѓалиштата Градец, Трново и Станци се отворени за туристите во секое време.

  • Градец, Испосница на Свети Јоаким Осоговски. Селото Градец е во близина на Крива Паланка, поточно се наоѓа на 7 километри оддалеченост од градот. Според легендата, на ова место се подвигувал нашиот светец Јоаким Осоговски, пред да се премести во месноста Бабин Дол, каде што денеска се наоѓа неговиот манастир. Во близина на испосницата се наоѓа археолошкото наоѓалиште Градиште, со остатоци од доцната антика и средниот век. Исто така во селото се наоѓа црквата Св. Никола од 19 век, а во нејзина близина се наоѓа старото училиште, коешто е приспособено за сместување на туристи[11].
  • Трново. Селото Трново се наоѓа на 15 км североисточно од Крива Паланка. Во селото се наоѓа старата црква Св. Никола од 16 век, во чија близина се наоѓа парохискиот дом, којшто нуди услови за сместување гости. Во рамките на целиот комплекс се наоѓаат уште два објекти, старото училиште и задружниот дом, коишто со мали адаптации, можат да бидат ставени во функција на туризмот. Исто така, и тука гостите можат да дегустираат традиционални јадења, приготвени на традиционален начин[12].
  • Станци, Дренак и Дурачка Река. Се наоѓаат на 6 км југоисточно од Крива Паланка. Двете села, претставуваат пријатни места со прекрасни етно-амбиенти, со куќи изградени во стилот на традиционалната архитектура. Во селата сѐ уште се функционални валавиците и водениците, постарите жители сè уште носат традиционална народна носија и живеат на традиционален начин. Туристите можат да дегустираат храна (баница под вршник, качамак, кисело млеко) приготвена на традиционален начин, а можат да престојуваат во куќите на гостопримливите селани[13].

Култура

уреди
 
Крива Река и градот
 
Народна изведба на фолклорниот фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка

Во Крива Паланка секоја година се одржуваат повеќе културни настани меѓу кои најзначајни се: Ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски“, Летната школа за архитектура и фолклорниот фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.

Ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“

уреди

Ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски“ за првпат се одржала на 5 септември 1987 година. Колонијата се одржува секоја година од 5 до 20 септември и е со поддршка на Неговото Високо Преосвештенство, митрополитот полошко-кумановски, Господин Кирил. Во 1993 година колонијата се здобила со меѓународен карактер и во него земаат учество повеќе уметници од различни земји[14].

Фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“

уреди

Фолклорниот фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ е фестивал со меѓународен карактер и се одржува на 28 и 29 август во Крива Паланка. Досега, се одржале две изданија на фестивалот и во него зеле учество повеќе фолклорни друштва од Македонија, Бугарија, Србија и Црна Гора[14].

Архитектура

уреди

Сообраќај

уреди

Спорт и рекреација

уреди

Во Крива Паланка се одржуваат неколку спортски настани, меѓу кои најпознати се спортските настани за планинарење и искачување на околните врвови. Најпознати спортски настани во Крива Паланка се:

  • Тромеѓа – традиционална средба на тромеѓата на граничната линија помеѓу Македонија, Србија и Бугарија, во атарот на с. Голеш, која што се одржува на 12 јули (Петровден). Средбата е во организација на планинарските друштва од трите општини Крива Паланка, Босилеград и Ќустендил што гравитираат на граничната линија, и е со учество на организации, установи и локални власти од трите страни[15].
  • Трансверзала Царев Врв. ПСД РУЕН, традиционално секоја година, во втората половина на јуни, веќе 25 години по ред, ја организира транверзалата Царев Врв, или искачувањето на Царев Врв (2085 м). Трансверзалата започнува од Крива Паланка, преку манастирот Св. Јоаким Осоговски оди кон месноста Љуљки, па Света Вода, Тошино боиште, ПТЦ Калин Камен, врвот Калин Камен, Алтан Чешма и до врвот Царев Врв[15].
  • 4M – Меѓународна планинарска трансверзала. ПСД Руен, веќе неколку години по ред, во почетокот на месец мај, е организатор на меѓународната планинарска трансверзала 4М. Планинарската патека претставува дел од меѓународното поврзување со планинарски (tracking) патеки (според легендата од 11 век) на четворицата духовни браќа, пустиножителите Св. Јоаким, Св. Јован, Св. Прохор и Св. Гаврил. Патеката започнува од манастирот Лесново (Пробиштип), а завршува во Осоговскиот манастир (Крива Паланка)[15].
  • РУЕН – Традиционално искачување на највисокиот врв на Осоговските Планини, Руен(2252 м). Искачувањето се организира во првата половина на месец септември, а организатор е ПСД Руен. Искачувањето на Руен се одвива со вадења на дозвола, поради тоа што врвот на сместен на граничната линија помеѓу Македонија и Бугарија[15].
  • Меѓународен турнир во пинг–понг. Турнирот се одржува на 8 октомври по повод ослободувањето на Крива Паланка. На турнирот учествуваат најдобрите играчи до 18 години од балканските земји. Ова е една од најголемите спортски манифестации во регионот која според својот квалитет и масовност секоја година добива сè поголема афирмација. И оваа година од 3-5 октомври ќе се одржи V-от по ред меѓународен турнир „Крива Паланка 2008" на кој ќе земат учество преку 150 играчи од Балканот во машка и женска конкуренција[15].
     
    Панорама на градот

Знаменитости

уреди

Ноќен живот

уреди

Ноќниот живот во Крива Паланка се сведува на неколкуте дискотеки/кафичи што се наоѓаат во центарот на градот.

Личности

уреди

Збратимени градови

уреди

Градот Крива Паланка е збратимен со градовите:[16]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „За Крива Паланка“. Општина Крива Паланка. Посетено на 2020-05-02.
  2. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.44
  3. 3,0 3,1 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2020-12-25. Посетено на 2008-12-29.
  4. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-21. Посетено на 2008-12-29.
  5. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 224.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. http://pop-stat.mashke.org/yugoslavia-ethnic1948.htm
  8. Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 9,5 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 мај 2016.
  10. „Архиерејска божествена литургија во Крива Паланка“. МПЦ - ОА. 9 ноември 2007. Посетено на 2010-09-08.
  11. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-07-05. Посетено на 2008-12-29.
  12. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-07-05. Посетено на 2008-12-29.
  13. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-07-05. Посетено на 2008-12-29.
  14. 14,0 14,1 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-21. Посетено на 2008-12-29.
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 15,4 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-07-05. Посетено на 2008-12-29.
  16. „Збратимени градови“. Општина Крива Паланка.

Надворешни врски

уреди