Политика

(Пренасочено од Политичар)

Политика (од старогрчки πολιτικος, [politikós]: граѓанин, граѓански), е процес во кој група луѓе донесува заеднички одлуки. Терминот главно се однесува на однесувањето во рамките на граѓанското владеење, но се користи и за други групни односи, вклучувајќи ги корпоративните, академските, и религиските институции. Се состои од„општествени односи кои вклучуваат власт или моќ“ и се однесува на регулацијата на јавните случувања во рамки на политичка единица и на методите и тактиките кои се користат за формулирање и употреба на политиката.[1]

Серијал за Политика:
Подсерии од Политика
За политичкото списание, види Политика (списание).

Потекло на поимот уреди

Зборот „политика“ потекнува од грчкиот "Πολιτικά" моделиран врз основа на книгата за владеење и влади „работи поврзани со полисот“, напишана од Аристотел, која била преведена на англиски во 15 век со латинизиран наслов "Polettiques"..Поради тоа во текот на 1520-те станал "politics" во средноанглискиот јазик. (види „Концизен оксфордски речник“). Во 1430 година зборот "politic" се појавил во англискиот, од среднофранцускиот "politique", кој потекнува од латинскиот "politicus", кој претставува романизација на грчкиот "πολιτικός" (политикос), кој меѓу другите значења, значи „од, за или поврзано со граѓани“, „граѓански“, „на државата“ од "πολίτης" (политис), „граѓанин“, кој доаѓа од "πόλις" (полис) „град“.

 
Европски Парламент

Различните видови на политичко искуство уреди

 
Положување на свечена заклетва на ратификацијата на Договорот од Минстер во 1648 година. (1648) by Жерард тер Борх.

Според Аристотел, државите се поделени на монархии, аристократии, тимократии, демократии, олигархии и тирании. Поради проширувањето на познавањето на историјата на политиката, поделбата била изоставена. Општо гледано, не може да се рече дека некоја форма на владеење е најдобра, ако за таква се сметаа таа што е најприкладна во околностите. Сите држави припаѓаат на типот на единична држава - суверената држава. Сите денешни велесили владеат на принципот на суверенитет. Суверенитетот може да биде носен од поединец како во автократијата или од група како во уставното владеење. Устав е пишан документ кој ја одредува и ограничува моќта на различните гранки од владата. Иако Уставот е пишан документ, постои и непишан Устав. Непишаниот устав постојано се надополнува од законодавната гранка на владата. Ова е случај кога околните случувања одредуваат која форма на владеење е најсоодветна. Сепак, пишаниот устав е најважен. Англија ја воведе навиката на пишување на устави за време на граѓанската војна, но после Реставрацијата се откажа. Навиката беше продолжена од американските колонии по нивната еманципација, Франција по револуцијата и остатокот од Европа вклучувајќи ги европските колонии.

Постојат две форми на владеење, едното е со силна централна влада како во Франција, другото е локално владеење, слично на старите поделби во Англија, слабо но без многу бирократија. Овие две форми овозможија оформување на федералното владеење, најпрвин во Швајцарија, потоа во САД во 1776 година, во Канада во 1867 година, во Германија 1870 година и во Австралија во 20 век. Федералните држави го вовеле новиот начин на договарање преку договор. Споредена со федерација, конфедерацијата се разликува по тоа што нема судска власт.За време на американската граѓанска војна, тврдењето на државите од конфедерацијата дека некоја држава може да се оддели од Унијата било неосновано поради извршната, законодавната и судската моќ на федералната влада.

Според професорот А.В.Дајси во Вовед во науката за правото во Уставот, основни одлики на федералниот устав се: Пишан устав наменет за спречување на спорови помеѓу овластувањата на федералните и државните власти. Распределување на моќта помеѓу федералната и државните влади и Врховен суд наменет за толкување на уставот и спроведување на правото, кој не е зависен од извршната и законодавната власт..

Политичка партија уреди

Политичка партија е политичка организација која настојува да стекне и одржи политичка моќ во владата, обично преку учествување во изборни кампањи, агитација или протесни дејствија. Партиите често застапуваат веќе изразена идеологија или визија опфатена со напишана програма со одредени цели, и стапуваат во коалиција за различни интереси.

Како академска дисциплина уреди

Политиката како наука, го испитува стекнувањето и применувањето на моќ.

Првата катедра за политички науки во САД била основана при катедрата за историја и политички науки во Универзитетот Колумбија и била водена од прускиот емигрант Франсис Либер во 1857 година.

Спектри уреди

Левица и десница во политиката уреди

Во поново време, политичките аналитичари и политичари ја делат политиката на лево крило и десно крило, често користејќи ја идејата за централна политика како средна патека помеѓу левицата и десницата. Поделбата е скорашна (не била користена од Аристотел) и датира од времето на француската револуција, кога членовите на националното собрание кои ја поддржувале република, обичниот народ и секуларното општество седеле лево, а поддржуваните на монархијата, аристократијата и црквата седеле на десната страна.

Значењето на етикетирањето се усложнило со текот на годините. Позначаен настан било издавањето на Комунистичкиот манифест од Карл Маркс и Фридрих Енгелс во 1848 година. Манифестот предлага правец на делување за пролетерска револуција за рушење на буржоаското општество и укинување на приватната сопственост, со верувањето дека ова би довело до општество без класна поделба.

Значењето на десница и левица се разликува во различни земји во различни периоди, но општо, може да се каже дека десницата често ја застапува традицијата и општествената стратификација додека, левицата е често наклонета кон реформите и рамноправноста, центарот би требало да е балансот помеѓу двете крила, општествена демократија или регулиран капитализам. Според Алберто Бобио, еден од најистакнатите во оваа поделба, левицата е против општествената нееднаквост, додека десницата ја смета општествената нееднаквост како резултат на неискоренливата природна нееднаквост, и сите обиди за искоренување ги смета за утописки и авторитарни.

Некои идеологии, како христијанската демократија, ги комбинираат двете политички крила - тврди Џефри.К.Робертс и Патриша Хогвуд, „Во поглед на идеологијата, христијанската демократија вклучува многу либерални, конзервативни и социјалистички погледи во поширока рамка на морални и христијански принципи“. Движења кои тврдат или тврделе дека се над поделбата на левица и десница се: фашистичка трета-опција во Италија, гаулизам во Франција, перонизмот во Аргентина и националната политика за дејствување во Мексико.

Авторитарна - либерална политика уреди

Авторитаризам и либерализам се однесуваат на личната слобода која ја уживаат членовите на општеството. Еден автор ги опишува авторитарните политички системи како системи во кои „личните права и цели се вклештени во групните цели, очекувања и согласности“ додека либералите се противат на државната сопственост. Во најчистата форма либералните поддржувчи се анархисти, кои се за целосно укинување на државата, додека најчистата форма на авторитарното поддржување е тоталитаризмот кој е за државна контрола врз сите аспекти од општеството.

На пример, класичниот либерализам (познат како немешање на државата во економските прашања) е доктрина која ја нагласува личната слобода и ограничена улога на владата. Ова ја вклучува важноста на човечката рационалност, личните права на сопственост, слободни пазари, природните права, заштита на граѓанските слободи, уставно ограничување на владеењето и лична слобода од ограничување, како што е наведено во пишувањата на Џон Лок, Адам Смит, Дејвид Рикардо, Волтер, Монтескје и други. Според Либералниот институт за општествени науки, „перспективата на класичниот либерал за лична благосостојба е просперитет и општествена хармонија е засилена со колку што е можно повеќе слобода и колку што е потребно, помала власт“.

Светска политика уреди

 
Зградата наООН во Њујорк.

20-иот век беше сведок на две светски војни и не само подемот и падот на Третиот Рајх туку и подемот и падот на комунизмот. Развојот на атомска бомба овозможи побрзо завршување на конфликтот на САД со Јапонија во Втората светска војна. Подоцна водородната бомба стана крајното оружје за масовно уништување. Обединети Нации ја играа улогата на форум за мир во светот, на кој му се закануваше јадрена војна. „Создавањето на јадрени и вселенски оружја ја направија војната неприфатлива како инструмент за постигнување на политички цели.Иако целосен јадрен холокауст не доаѓа предвид, „јадреното уценување“ станува критично не само за предизвикот за одржување на светскиот мир, туку и за националниот суверенитет.. Во текот на октомври 1962 година, светот застана на работ на јадрена војна, за време на кубанската ракетна криза, со спроведувањето на уценувачката политика на САД против СССР. Поранешниот претседател Роналд Реган бил преплашен од јадрените оружја и верувал во можното постоење на живот на други планети. За претседателот, фантазијата за инвазија на светот од други светови која би ги приморала нациите да се обединат против заедничкиот непријател, била доволно силна да ги убеди сите дека човештвото би можело да се обедини за заеднички интерес како што е светскиот мир. На нивниот прв состанок во Женева во 1985 година, претседателот Реган му го споменал прашањето за можна инвазија од други светови, на Михаил Горбачов. Генералот Колин Пауел бил убеден дека предлогот за мир на Реган за Горбачов бил инспириран од научно - фантастичниот филм, Денот кога Земјата мируваше. На 21 септември 1987 година, Реган, на Генералното Собрание на Обединетите Нации изјави: „...понекогаш размислувам, колку брзо би исчезнале разликите во светот доколку би се соочувале со вонземјанска закана.“

Политичка корупција уреди

:Главна статија: Политичка корупција

:„Неограничената моќ настојува да ги расипе умовите на тие што ја поседуваат“ - Вилијам Пит - Постариот

Политичка корупција е користењето на законодавната моќ од страна на владините службеници за незаконска лична корист. Злоупотребата на владина моќ за други цели, како на пример: угнетување на политичките неистомисленици и општа полициска бруталност, не се смета за политичка корупција. За корупција не се сметаат ниту постапките на физичките лица или корпорации кои не се директно поврзани со владата. Незаконска постапка на носител на извршна функција претставува политичка корупција само ако постапката е директно поврзана со нивната службена должност.

Формите на корупција се разликуваат, но главно вклучуваат: поткуп, изнудување, кронизам, непотизам, покровителство, мито и проневерување на пари. Иако корупцијата ги олеснува злосторничките потфати како трговија со дрога, перење на пари и трговија со луѓе, не е ограничена на овие области.

Активностите кои спаѓаат во корупција се разликуваат во зависност од земјата и судството. На пример, одредени политички финансирања кои се незаконски на едно место можат да бидат во согласност со законот на друго. Во некои случаи, владините претставници немаат добро дефинирани овластувања, што го отежнува разликувањето на законските и незаконските дејствија. Во светски рамки се смета дека годишно, во поткуп одат повеќе од еден билион американски долари.. Држава со неограничена политичка корупција е позната како клептократија, што се буквално се преведува како „владеење на крадци“.

„Протекционизмот е единствената корист на моќтаРичард. Л. КемпПолитика е уметноста на создавање на ситуации кои вклучуваат закана за загуба.“

Поврзано уреди

Политиката како тема во уметноста и во популарната култура уреди

Политиката како мотив во книжевноста уреди

  • „Државна историја“ — кус расказ на австрискиот писател Томас Берхнард од 1978 година.[2]
  • „Двајцата политичари“ — басна на американскиот писател Емброуз Бирс.[3]
  • „Политичари“ — басна на Емброуз Бирс.[4]
  • „Одморот на државникот“ (англиски: The Stateman's Holiday) — песна на ирскиот поет Вилијам Батлер Јејтс.[5]
  • „Насмевки“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[6]
  • „Деца на епохата“ - песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[7]

Политиката како мотив во популарната музика уреди

  • „Политика“ (англиски: Politics) — песна на американската панк-рок група Bad Religion.[8]
  • „Музиката и политиката“ (англиски: Music And Politics) — песна на американската рап-група The Disposable Heroes Of Hiphoprisy од 1992 година.[9]
  • „Политичар“ (англиски: Politician) — песна на англиската хард-кор група Intense Degree.[10]
  • „Политичар“ (англиски: Politician) — песна на британската рок-група Крим (Cream) од 1968 година.[11]
  • „Политичка песна за да ја пее Мајкл Џексон“ (англиски: Political Song For Michael Jackson To Sing) — песна на американската рок-група Минитмен (Minutemen) од 1984 година.[12]
  • „Политиката на времето“ (англиски: The Politics Of Time) — песна на Минитмен (Minutemen) од 1984 година.[12]

Политиката како мотив во филмот уреди

  • „Американскиот претседател“ (англиски: The American President) — филм на режисерот Роб Рајнер (Rob Reiner) 1995 година.[13]

Наводи уреди

  1. „Definition of politics“. dict.die.net.
  2. Томас Бернхард, Имитатор на гласови. Скопје: Темплум, 2008, стр. 141-142.
  3. Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 25.
  4. Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 54-55.
  5. Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 183-184.
  6. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 185-186.
  7. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 236-237.
  8. YouTube, Bad Religion - Politics (пристапено на 13.1.2017)
  9. Discogs, The Disposable Heroes Of Hiphoprisy – Hypocrisy Is The Greatest Luxury (пристапено на 8.10.2021)
  10. Youtube, Intense Degree - Politician (пристапено на 15.10.2021)
  11. Discogs, Cream (2) ‎– Wheels Of Fire (пристапено на 29.1.2019)[мртва врска]
  12. 12,0 12,1 Discogs, Minutemen ‎– Double Nickels On The Dime (пристапено на 22.1.2021)
  13. Američki predsjednik, američki film (1995.) (пристапено на 28.1.2024)