Богомила

село во Општина Чашка

Богомила — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Богомила

Поглед на сретселото на Богомила

Богомила во рамките на Македонија
Богомила
Местоположба на Богомила во Македонија
Богомила на карта

Карта

Координати 41°35′35″N 21°28′18″E / 41.59306° СГШ; 21.47167° ИГД / 41.59306; 21.47167
Регион  Вардарски
Општина  Чашка
Област Азот
Население 359 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1415
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29005
Надм. вис. 510 м
Богомила на општинската карта

Атарот на Богомила во рамките на општината
Богомила на Ризницата

До 2004 година, селото претставувало административно средиште на поранешната истоимена општина, а служи како главно село за останатите села во областа Азот. Се наоѓа на половина пат на железничката пруга Скопје-Битола.

Потекло на името

уреди

Името на селото првпат е споменато како „Богомила“ во 1337 година. Името потекнува од личното име „Богомил“ и означува село што му припаѓа на Богомил.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Улица низ селото

Селото се наоѓа во областа Азот, во источниот дел на територијата на Општина Чашка, во изворишното сливно подрачје на реката Бабуна. Како најголема населба во овој крај, Богомила претставува и важна железничка станица на линија Скопје-Битола.[3] Богомила, иако е ридско село, сепак, лежи на алувијална рамнина на реката Бабуна, на надморска височина од 510 метри. До неа е изграден локален второстепен пат од мостот на реката Бабуна кај селото Извор, а инаку од градот Велес, селото е оддалечено 46 километри.[3]

Богомила е заградена на север со Јакупица, на запад со Даутица и на југ со планината Бабуна. Селото се наоѓа во северозападниот дел од Богомилско Поле и лежи на бреговите на реката Бабуна. Низ селото тече и малата река Сушица, која се влева во Бабуна. Селото зафаќа положба во која рамнината околу реката од исток се допира со планинската падина на запад. Селото е сместено на надморска височина од 510 метри. Од градот Велес е оддалечено 46 километри, а од градот Прилеп е оддалечено 48 километри. Селото е поврзано со железничката пруга Велес-Битола. Околните села Нежилово, Папрадиште, Ореше и Бистрица се поврзани со Богомила со асфалтни патишта.

Поединечни краеви на атарот вдолж неговата граница ги носат следните називи: Осојница, Старец, Преслап, Кале (овие две места се во непосредна близина и преку нив води патот од Азот и долината на Бабуна за Прилепско), Буниште, Павлева Нива, Бобиш, Орешка Река, Свирчовец, Црна Стена, Пепелавец, Црешневска Река, Ќаве и Дупка. Внатрешните делови на атарот се викаат: Присој, Сеченица, Сулејманец, Нивишта, Кораб, Ралева Орница, Калуѓерци, Радов Дол, Лагови, Вилашица, Горно Село, Драгасија, Желинец, Слатина, Здуње.

Богомила е село од збиен тип, во кое се разликуваат следните маала: Станковска, Данчевска, Камчевска, Крстевска, Поповска, Лукановска, Видоевска, Клисаровска, Валајчарска и Бубановска. Последното маало се наоѓа лево од реката Бабуна, додека сите останати се на десниот страна од Бабуна.

Богомила, заедно со уште 12 села сместени по текот на реката Бабуна, ја претставува областа Азот. Името на оваа област, кое потекнува од турскиот збор „асии“ што значи непокорлив.[4]

Историја

уреди
 
Римски мост на реката Бабуна на влезот од селото
Дел од темата „Петар Поп Арсов
 

Богомила спаѓа во редот на старите населби во областа на Бабуна и Азот. Нејзиното име потекнува од познатата верска секта и општествено-филозофското движење наречено богомилство или патаренство, кое било започнато од попот Богомил уште во првата половина на X век и од овие краишта се раширило низ целиот Балкан и Западна Европа. Споменатото верско движење и секта оставило и други длабоки траги во имињата на пределите (топономастиката) околу Богомила како што се: планината и реката Бабуна (богомилите биле познати и под името бабуни), Богомилско Поле итн. Овие имиња јасно укажуваат дека областа на Бабуна и Тополка била една од главните подрачја на богомилството. Во Македонија, богомилството било засилено во XII век, а потоа повеќе се одомаќинило во Босна, од каде што се раширило и во Италија, јужниот дел на Франција, па сѐ до Шпанија и Португалија, каде богомилите биле познати и под името „катари“.

Со оглед на стратешки важната местоположба, на патот кој во срцето на средишниот дел на Македонија води кон Прилепско, Скопско, Порече и останатиот дел на Азот и Велешко, на местото на Богомила население имало уште од древните времиња кога во овие предели била границата каде живееле античките македонски племиња Пеонци, Пелагонци и др. Важноста на местото на Богомила се зголемила и во римскиот период и средновековието, за што сведочат стариот камен мост на селото и повеќе остатоци од тврдини и ѕидини на одбранбени утврдувања во околината. Под името Богомила во пишаните историски извори, селото за првпат се споменува во 1335 и 1337 година. Во еден документ некаде пред 1329 година се наведува дека Стефан Дечански го испратил својот син Душан „на безбожните и погани Бабуни“. Овој пак многу од нив ги испоубил земајќи голем плен. Набрзо потоа, во 1335 година, во областа на Бабуна се споменуваат повеќе „пусти селишта“ како – Хоморани, Техово. Друг историски спомен за Богомила потекнува од околу 1460 година, кога селото имало 46 куќи. Народното предание наведува дека порано околу денешното село Богомила постоеле и други помали македонски села: Кораб на југоисток, Калуѓерци на запад, Горно Село на северозапад, Желинец крај реката Бабуна на исток, Слатина и Здуње. Тие селца подоцна пропаднале затоа што нивните жители преминале во поголемото средишно село Богомила. Тоа се случило во втората половина на XVIII век. На селиштата на споменатите села се познаваат остатоци од куќи, гробишта, се ископуваат земјени ќупови итн.

Во текот на XIX век, благодарение на природниот прираст и доселениото население од околните села, Богомила станала значајна населба во горното течение на долината на Бабуна. Според бројот на домаќинства, заостанувала единствено зад селото Бистрица. Богомила се наоѓа под превојот Преслап преку кој води стариот пат помеѓу областа на Бабуна и околината на Прилеп. Поради тоа Богомила во текот на XIX век се развивала на попречниот каравански пат и како трговско средиште. Во Богомила се создал пазар и започнале да се продаваат производи од едната и другата област: стока и сточарски производи од областа во сливот на Бабуна и жито од околината на Прилеп. Во пазарен ден овде се продавале и до 200 товари жито. Ваквата голема и активна стопанско-економска состојба, доаѓањето на луѓе на пазарот од разни места, но и долгата историска традиција уште од времето на богомилството, придонела луѓето од Богомила да се развијат како доста свесни и будни луѓе во однос на општествените и политичките текови. Поради ова Богомила отсекогаш се истакнувала со луѓе кои биле големи и посветени борци за слободата на Македонија и македонскиот народ. Меѓу нив, најпознат е големиот македонски револуционер, еден од основачите на ТМОРО (ВМРО) — Петар Поп Арсов — кој во 1868 година се родил и живеел во Богомила, каде денес се наоѓа негова спомен-куќа. Тој потекнувал од познатото семејство на Поп Арсови кој бил истакнат преродбенички род од Богомила. Тие биле едно од водечките семејства во Богомила и Азот во постојана служба на народот и Македонија. По иницијатива на ова семејство, во 1868 година во Богомила било отворено четиригодишно основно училиште, во кое се предавало на македонски народен јазик. Споменатото училиште било изградено со заеднички пари на сите селани во висина од 10.000 гроша.

Во XIX век, Богомила било село во Велешката каза на Отоманското Царство.

Населението на Богомила доста настрадало во Првата светска војна, кога бугарската војска убила околу 120 старци, жени и деца. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, запишал дека Богомила е најпознатото село во Азот и претставува негово административно и трговско средиште. По изградбата на железничката пруга кон Прилеп и Битола, во 1935 година, поволната положба во однос на сообраќајот уште повеќе го поттикнала и интензивирала економскиот живот и стопанскиот развој на Богомила, која станала важна увозна и извозна станица во горниот слив на Бабуна. Во големи размери се извезувале дрва, стока и сточарски производи. Оттогаш, Богомила уште повеќе се истакнала како голема населба.

За време на Втората светска војна, првата акција на партизанските одреди во Македонија се случила токму во Богомила, на 21 август 1941 година, кога кај тунелите над Богомила бил убиен еден бугарски војник. Во октомври 1942 година, со цел да се разбие духот на овој народ и неговиот стремеж за национална слобода, бугарските окупаторски сили ја спровеле т.н. „Бабунска акција“. Во неа, на 17 октомври 1942 година, само во Богомила брутално биле убиени и масакрирани 16 борци, 64 души биле интернирани во логорите во Бугарија, а други 48 во затворите во Скопје и Велес. Селото е познато и по т.н. Богомилски поход што партизанските единици го презеле во 1944 година, како дел од познатиот Февруарски поход. По Втората светска војна, Богомила кратко време била седиште на посебна истоимена општина, која подоцна постоела и по осамостојувањето на Македонија, во периодот од 1996 до 2004 година.

Стопанство

уреди
 
Железничката станица во селото

Селото има голем атар, која зафаќа површина од 31,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.415,1 хектар, обработливото земјиште зазема површина од 1.040,7 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 467 хектари.[3]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]

Во селото Богомила мештаните, кои повеќето се постари лица, се занимаваат со земјоделство, но само за своите потреби (грав, пченка, компири), а во мал обем се одгледува и тутун. Од пролет до есен, селаните и други гости во селото берат шумски плодови, лековити растенија и печурки. Бидејќи селото е опкружено со пространи ливади и шумски предели, тоа има услови за одгледување на пчели.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.351—    
19531.475+9.2%
19611.544+4.7%
19711.249−19.1%
1981824−34.0%
ГодинаНас.±%
1991596−27.7%
1994458−23.2%
2002476+3.9%
2021359−24.6%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Богомила имало 900 жители.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Богомила имало 1.248 жители.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 1.150 Македонци.[7]

Во 1961 година, селото броело 1.544 жители и било големо село, додека во 1994 година бројот се намалил на 458 жители, од кои 450 биле Македонци и 4 жители Срби.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Богомила живееле 476 жители, од кои 471 Македонец, 2 Албанци, 1 Турчин, 1 Србин и 1 останат.[8]

Селото бележи константен пад на населението, така што од пописот во 1961 до 2002, населението се намалило дури за 69 проценти.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 359 жители, од кои 319 Македонци, 3 Албанци, 1 Бошњак, 4 останати и 32 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 900 1.238 1.351 1.475 1.544 1.249 824 596 458 476 359
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

уреди

Богомила е македонско православно село.

Во селото Богомила отсекогаш живееле претежно православни Македонци. Староседелски родови во селото се: Поповци, Стамболџиовци, Луковци и Видоевци.[14] Доселени родови се: Станковци, Митковци, Ристевци, Крстевци, Клисаровски (сите доселени од соседното раселено село Кораб), Дончевци (од соседното раселено село Калуѓерци), Камчевци, Валајчаровци (од соседното раселено село Слатина), Бубановци (од соседното раселено село Желинец), Мишевци, Веселиновци, Антевци (сите од с. Согле), Кочовци (од битолското село Гопеш), Ореовчани (од с. Ореов Дол).[15]

На староседелските родови Поповци и Стамболџиовци (20 к., Петковден) куќите им се наоѓаат во Поповското Маало. Тие потекнуваат од ист предок и за нив не се знае дали се доселени од некаде, односно се претпоставува дека се старинци. На Луковци (20 к., Петковден) куќите им се наоѓаат во посебно родовско маало и за нив не се знае дали се дојдени од некаде, поради што и тие се најверојатно старинци. На Видоевци (10 к., Петковден) куќите им се во посебно маало. Доселените родови Станковци, Митковци и Ристевци (околу 30 к., Свети Никола) потекнуваат од тројцата браќа: Станко, Митко и Ристе кои дошле од соседното сега раселено село Кораб, во втората половина на XVIII век. Во родот Станковци се знае следното родословие: Дончо (жив на 82 години во 1965) – Најдо-Марко-Никола-Велко-Станко, основачот на родот кој се доселил во Богомила. Крстевци (16 к., Свети Никола) имаат исто потекло како и претходно наведените родови. Клисаровски (13 к., Свети Никола) имаат исто потекло какои претходно споменатите родови. Дончевци (16 к., Свети Никола) потекнуваат од предок кој го основал родот доселувајќи се од соседното сега раселено Горно Село. Од таму заедно со Дончеви дошле и Петревци кои сега не постојат како род во Богомила. Камчевци (13 к., Митровден) основачот на родот се доселил од соседното сега раселено село Слатина. Валајчаровци (14 к., Свети Никола) имаат исто потекло како и родот Камчевци. Во Богомила имале валавница поради што го добиле родовското презиме. Бубановци (13 к., Петковден) имаат посебно маало на левиот брег на реката Бабуна. Се доселиле од соседното сега раселено село Желинец. На родовите Мишевци (2 к.), Веселиновци (2 к.) и Антевци (1 к.) куќите им се наоѓаат во Бабунското Маало. Нивното потекло е од соседното село Согле, од каде што „избегле кога таму дошле Албанци“. Од родот Веселиновци има преселеници во Оморани. Кочовци (3 к.) куќите им се во Бубановското Маало, а потекнуваат од доселеници кои дошле од битолското село Гопеш во втората половина на XIX век. Ореовчани (6 к.) се доселени во шеесеттите од Ореов Дол каде што биле старинци. Во Богомила имало и одреден број (околу 30) македонски домаќинства чии членови не може да се сметаат како постојани жители на селото. Тоа се семејствата на учители, наставници, железничари, полицајци, лекари и други службеници кои работеле во Богомила како средишно место за пошироката околина.

Општествени установи

уреди
 
Поглед на централниот објект на основното училиште „Петар Поп Арсов“ во Богомила
Образование

Во 1868 година, по иницијатива на поп Илија Поп Арсов, во Богомила било отворено првото училиште на македонски народен говор.[4] Денес, во Богомила се наоѓа центалното основно училиште Петар Поп Арсов во чии рамки работи градинка, комбинирана настава од прво до четврто одделение и одделенска настава од петто до осмо одделение. Зградата во која е сместено училиштето е изградена во 1936 година и последен пат била обновена во 1998 година. Училиштето има сопствена менза, во која учениците добиваат топол оброк и сопствено парно греење. Градинката е отворена во учебната 2002/03 година и неа ја посетуваат петнаесетина деца од претшколска возраст.

За разлика од 1960-тите години, кога ова училиште броело повеќе од 900 ученици кои наставата ја посетуваа во две смени, подоцна, како последица на миграцијата, нивниот број значително се намалил на околу 90 ученици. Покрај училиштето во Богомила, ЦОУ „Петар Поп Арсов“ ги опфаќа и подрачните училишта од селата Извор, Согле и Ореше. Во овие училишта се изведува настава до четврто одделение, а потоа учениците наставата ја продолжуваат во Богомила. За оние ученици кои патуваат се обезбедува организиран превоз, а за останатите во рамките на училиштето во Богомила има интернат. Наставата ја изведува наставнички кадар од градот Велес, како и наставници од селото.

 
Обновениот задружен дом во селото, кој денес се користи како преноќиште
Здравство
  • Амбуланта — посетувана од лекар еднаш седмично

Во Средниот век, во Богомила, за здравјето на населението се грижеле Богомилите. Здравјето, според нив, претставувало најголемо богатство. Тие, посебно внимание посветувале на хигиената, водата и воздухот како постулати на доброто здравје. Богомилите биле познати лекари. Во рамките на нивните братства основале и богомилски болници во кои работеле лекари, и тоа од двата пола. Еден од најпознатите и најпочитувани лекари во овој период на овој терен бил Василиј, во исто време и водач на Богомилите. Тој рано го напуштил монашкиот живот за да се посвети на лекарскиот позив.

Денес, во Богомила работи подрачната амбуланта, која функционира во рамките на болницата од Велес. Во минатото во нејзини рамки работеле: ординација на општ лекар, стоматолошка ординација, аптека и брза помош. Во 1950-те години, било планирано во Богомила да се изгради болница за лекување заразни болести, но од непознати причини, таа се пренаменила и била изградена во селото ИзворЈасеново.

Други
  • Дом на културата — поранешниот задружен дом е обновен од страна на Здружението на пензионери од Велес и се користи како мотел
  • Пошта (1415)

Самоуправа и политика

уреди
 
Спомен-куќата на Петар Поп Арсов (во минатото и седиште на поранешната Општина Богомила)

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било административно седиште на некогашната Општина Богомила.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото било седиште на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Богомила, во која покрај селото Богомила, се наоѓале и селата Бистрица, Капиново, Нежилово, Ореше, Папрадиште и Црешнево. Општината Богомила постоела и во периодот 1950-1952 година, во која влегувале селата Богомила, Бистрица, Капиново и Црешнево.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачко место бр. 2211 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селскиот дом. Покрај жителите на Богомила, во ова избирачко место се запишани и гласачите од селата Црешнево, Капиново Папрадиште[17]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 254 гласачи.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 235 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Атанасиј“
 
Манастирската црква „Св. Спас“
Археолошки наоѓалишта[20]
Цркви[21]

Во Богомила има две цркви, повеќе манастири и свети води. Првата е Горна Црква. За нејзината изградба нема точни податоци, но се смета дека потекнува од XIII век. Меѓутоа, од првичната градба сочуван е само олтарниот дел и неговиот фрескоживопис. Подоцна, во продолжение на остатоците од старата градба изградена е трпезарија. Црквата е посветена на Св. Илија Чудотворец и својот патрон го слави секоја година на 2 август. Втората, Долна Црква, изградена е во 1837 година и посветена е на Св. Атанасиј. Својот патрон го слави на 31 јануари, по нов стил. Црквата е целосно обновена. Трпезаријата се наоѓа во истата градба, додека кршталната и канцелариите за потребите на црквата веднаш до неа во друга. Во оваа црква, секоја недела и секој празник се служи богослужба на која присуствуваат голем број верници.[4]

Покрај овие две цркви, во Богомила се наоѓа и манастирот Манастир „Св. Спас“, кој особено е значаен како туристички објект. Се наоѓа на надморска височина од 550 метри. Изграден е во 1996 година. Покрај манастирот, изградени се и конаци. Во конаците има четири соби со по три кревети, кујна со трпезарија и бања со WC. Во близината на Богомила се наоѓа и манастирот Св. Ѓорѓија, на надморска височина од околу 800 метри и обиколен со висока букова шума. Веднаш под манастирот има поток кој ја надополнува идиличната слика.[4]

Манастири
Спомен-куќи
Споменици
  • Споменик за загинатите борци во НОБ на селските гробишта
Реки
  • Бабуна — голема река под селото
  • Сушица — помала притока на реката Бабуна

Редовни настани

уреди

Личности

уреди
Родени во Богомила
Починати во Богомила

Култура и спорт

уреди

Спорт

уреди

Во 1948 година, Драги Ѓорѓиевски–Чабгаја ја донел првата фудбалска топка во Богомила и предизвикал своевидна револуција. Веќе во 1958 година, во Богомила биле регистрирани два фудбалски клубови. Првиот бил ФК „Партизан“, создаден во 1952 година, а вториот бил ФК „Бабуна“, создаден во 1958 година. Во 1962 година, со спојување на ФК „Партизан“ и ФК „Бабуна“, бил создаден ФК Железничар, кој се натпреварувал во Штипскиот потсојуз. Попознати фудбалери од постарите генерации биле: Петре Коларовски, Војо Марковски, Ристо Алексовски, Пеце Поп Арсов, Бобе Маџур, Боре Топлик и други, додека подоцна се истакнале: Томе Наќевски, Ѓоре Ѓорѓиевски, Томе Димовски–Буба, Владо Дудевски, Слободан Стефановски–Сантос, Бошко Тодоровски, Димче Тренковски–Шеки, Фери, Миле Колибачко итн. Потоа клубот се натпреварувал во Општинската и во Регионалната лига, а најголемиот успех на ФК „Железничар“ бил настапот во Втората македонска фудбалска лига, во сезоната 1994/95. Денес, ФК „Железничар“ се натпреварува во Општинската лига.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 62.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 32. Посетено на 2 август 2018.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Ивана Коцевска, „Богомила“, Betty магазин, година IV, број 37, март 2017, стр. 32-33.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 август 2018.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 239.
  15. Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 239-240.
  16. „Образование“. Општина Чашка. Посетено на 2 август 2018.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 2 август 2018.
  18. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-11-21. Посетено на 2 август 2018.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди