ФК Железничар
ФК Железничар е македонски фудбалски тим од Богомила, оформен во 1962 година.
Во 1948 година Д-р Драги Ѓорѓиевски – Чабгаја ја донесе првата топка во Богомила и предизвика своевидна револуција. Веќе во 1958 година во Богомила се регистрирани два фудбалски клубови. Првиот е ФК Партизан формиран во 1952, а вториот е ФК Бабуна формиран во 1958 година. Богомилчани ги зафаќа фудбалската треска. Се случува на тренинзите на екипите да има и по двесте посетители. Често се организираат пријателски фудбалски натпревари кои претставуваат вистинско дерби. Во 1962 година двата клубови се обединуваат под името ФК Железничар. Клубот под тоа име и тие бои постои сè до денес. Постарите генерации никогаш нема да ја заборават извонредната игра на: Петре Коларовски, Војо Марковски, Ристо Алексовски, Пеце Поп Арсов, Бобе Маџур, Боре Топлик и други, за подоцна да ги наследат: Томе Наќевски, Ѓоре Ѓорѓиевски, Томе Димовски – Буба, Владо Дудевски, Слободан Стефановски–Сантос, Бошко Тодоровски, Димче Тренковски–Шеки, Миле Колибачко и многу други. Најголемиот успех клубот го постигна во сезона 1994/95, кога настапуваше во 2 МФЛ (Втора македонска фудбалска лига).