Грош (латински: Grossus, германски: Groschen, италијански: grossone, чешки: groš, литвански: grašis, полски: grosz, унгарски: garas, украински: гроші, романски: gros, руски: грош) е назив за монета користена во неколку германски држави, како и во некои земји на Средна Европа (Бохемија, Полска итн.). Зборот доаѓа од италијанскиот збор denaro grosso, или голема пара.[1]

Тиролски грошеви од 1286

Грошот во Османлиското Царство

уреди

Во Османлиското Царство, грошот бил ситна сребрена монета со вредност од 40 пари (за споредба, една лира вредела 4.000 пари). Во 1811 година, еден османлиски грош тежел 9,60 грама и имал чистота од 46,6%, т.е. содржел 4,42 грама сребро, но со текот на времето тој постојано обезвреднувал. Така, во 1820 година, грошот тежел 6,41 грам и имал чистота од 46%, т.е. во него имало 2,95 грама сребро. Две години подоцна, грошот тежел само 4,28 грама, со чистота од 54%, така што содржел 2,32 грама сребро. Во 1822 година, вредноста на грошот била петпати помала во споредба со 1780 година, кога тој тежел 18,5 грама. Инаку, во старите ракописни книги во Македонија, вредноста на грошот секогаш била изразена во неговата куповна моќ, а многу ретко во некоја друга валута. На пример, во 1838 година, Ѓурчин Кокале купил пет книги од манастирот Лисокој за седум гроша, или 12 минеи за 81 грош. Во записите од 1741 година е наведено дека едно јагне вредело три гроша, а ока сол се продавала за пет гроша, додека шест години подоцна некој јеромонах купил четири книги за пет гроша. Во 1875 година, една ока слама се продавала за еден грош, додека во 1818 година некој монах запишал дека „едно јагне се продаде за пет гроша“. Слично на тоа, на маргините на едно евангелие од 1879 година било запишано дека „тогаш беше евтина овцата, сосе јагне се даваше за 120 гроша, а само јагне 60 гроша, маслото 20, сирењето 10 гроша, пресното 6 гроша, урдата 5 гроша, месото јагнешко до 8 гроша, јарешко 5 гроша“. Според бугарски извори, во 1880 година, платата на судија изнесувала 1.500 гроша, а еден квалитетен леб чинел два гроша.[2]

Наводи

уреди
  1. Groschen in the Grimm online dictionary“. Архивирано од изворникот на 2011-04-18. Посетено на 2009-03-21.
  2. Блаже Миневски, „Сплавови со шест тони стока од Велес до Солун стигнувале за неколку часа“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 4-5.