Папрадиште (Велешко)
Папрадиште — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Папрадиште | |
Поглед на селото Папрадиште | |
Координати 41°38′29″N 21°26′21″E / 41.64139° СГШ; 21.43917° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Чашка |
Област | Азот |
Население | 14 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1415 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 29056 |
Надм. вис. | 960 м |
Слава | Петровден |
Папрадиште на општинската карта Атарот на Папрадиште во рамките на општината | |
Папрадиште на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Азот, во западниот дел на територијата на Општина Чашка, во горното изворишно сливно подрачје на реката Бабуна, чиј атар високо се издига на јужната падина на Јакупица.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 960 метри.[2]
Селото се наоѓа во областа Азот, југозападно од градот Велес. Папрадиште е планинско село сместено на падините на планината Даутица на надморска височина од 980 метри. Со асфалтен пат е поврзано со селото Богомила од кое е оддалечено 8 километри.
Ова познато село лежи на надморска височина од 950 до 1000 метри на стрмна падина на планината Мокра во близина на пределот помеѓу Даутица и Јакупица кој во суштина го претставува долот на Чеплеска Река. Падината е свртена кон исток, а на нејзиното подножје се наоѓа коритото на Бабуна. Околни села се Нежилово, Капиново и Ореше.
Жителите се служеле со вода од извори соѕидани во чешми. На планинскиот атар подалеку од селото избиваат изворите: Празна Торба, Студен Извор, Мечкин Извор, Радев Извор, Чеплеска Чешма и други.
Краевите во атарот околу селото ги носат следните називи: Широка Падина, Присој, Гарван, Куртовица (тука се пасиштата заедно со Ореше, кои порано припаѓале на некојси Куртиш-бег од Велес по кого месноста го добила името), Плавник, Бела Колиба, Чеплес, Горна и Долна Бабина Дупка, Горна Сланица, Митев Камен, Турска Кула, Попова Ливада.
Папрадиште воглавно е село од збиен тип. Роднинските куќи се блиску една до друга и повеќе собрани на куп. Такви групи на куќи се „маалата“: Кузмановско, Марковско, Николовско, Симоновско итн.
Иако е раселено, Папрадиште и денес е едно од најуредените и најнапредните села во Азот.
Историја
уредиПапрадиште заедно со Ореше се единствените мијачки села во областа Азот и целиот велешки регион. Селото е создадено од Мијаци од селата Тресонче, Лазарополе, Гари, Галичник во Мијачијата во Западна Македонија кои овде се доселиле бегајќи од нападите на албанските качачки банди. Народното предание наведува дека порано на пространиот атар на денешното село Папрадиште постоеле три посебни села — старо Папрадиште или Ѕвезданово, Чеплес и Гарван. Ѕвезданово или Старо Папрадиште се наоѓало на местото на денешното Папрадиште, додека Чеплес и Гарван се наоѓале северозападно и северно во долот на Чеплеска Река, десна притока на Бабуна која што се влева во неа кај Нежилово. Тие се оддалечени по еден час одење пеш од денешното Папрадиште. Тие стари села пропаднале „во некој бозгунлок“ (т.е. бој, битка или борба). На селиштата Чеплес и Гарван се познавале остатоци од куќи, гробови и од една црква. За некои иселеници од Чеплес се мисли дека преминале во Ново Село кај денешниот Стари Град. На Чеплес во денешно време постои познатиот планинарски дом, додека на Гарван жителите на Папрадиште имаат ниви со компир. Таму избива особено силниот извор Празна Торба.
Сегашното село Папрадиште е настанато во поново време: го основале предците на родовите доселени од мијачкиот крај. Тоа би можело да биде кон крајот на XVIII век. Во времето на доселувањето, атарот го купиле од некој бег: платиле „сто ќеси“ грошеви. Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, Ѓорче Петров запишал дека Папрадиште е населено со Мијаци доселени тука пред 80 години. За време на населувањето предците на денешните селски родови, биле сточари, терзии (шивачи и кројачи) и ѕидари. Условите за споменатите занимања биле доста поволни и во новата област. Изгледа тоа било главната причина што тие се населиле тука. Благодарение на овие занимања жителите на Папрадиште успеале да создадат многу богатство и капитал, да одат на печалба, да патуваат и остваруваат контакти со луѓе во странство и слободниот свет што придонело луѓето во селото да бидат многу свесни и будни за општествено-политичките прилики и активно да се залагаат и борат за ослободување на Македонија и македонскиот народ и сеопшто подобрување на состојбите.
Во тој поглед спаѓаат познатиот голем македонски национален деец, научник и револуционер Димитрија Чуповски (р. 1878) и неговиот брат Наце Димов (р. 1876) исто така македонски национален деец. Тие сесрдно со научно-публицистичка и револуционерна дејност се залагале за слободата и независноста на Македонија и македонскиот народ во Русија и родниот крај кон крајот на отоманското ропство, за време и по балканските војни. Истовремено, дел од жителите развиле големи склоности кон уметноста, како што се големиот, познат и прочуен градител на цркви низ Македонија и Балканот Андреја Дамјанов (р. 1813), потоа познатиот сликар, последен зограф и основоположник на македонското модерно сликарство Димитрија Андонов – Папрадишки (р. 1859), зографот Ѓорѓи Зографски (р. 1871). Сѐ до раселувањето на селото во втората половина на XX век, жителите на селото сѐ уште се занимавале. Единствено опаднал бројот на терзиите, а нагло се зголемил бројот на молерите.
Во Папрадиште често се споменувал и се раскажувало за некој Анѓелко Шикле кој имал околу 200 овци. Анѓелко бил и главен изведувач на градежните работи (неимар) во други блиски и далечни населени места каде што работел со голема дружина. Со одгледување овци во поголем обем се занимавале припадниците од родовите Лопатаровци и Мечкаровци (гранка од родот Кузмановци) при што секоја нивна куќа имала од 100 до 300 овци кои лето се чувале на три бачила во местата Куртовица и Чеплес во секое по 400 до 700 овци. Во Папрадиште се одгледува и доста компир, при што едно домаќинство годишно произведувало по 5 до 6 илјади килограми компир. Како што беше наведено, поради наведените занимања жителите на Папрадиште често патувале, доаѓале во допир со други луѓе, заработувале доста пари и внесувале новини во своите куќи. Затоа ова село, како и Горно Врановци во поречието на Тополка, важело како најнапредно во целиот велешки крај, а такви биле и неговите луѓе од кои се дел големите македонски напредни великани, дејци, уметници како горе споменатите Димитрија Чуповски, Наце Димов, Андреја Дамјанов, Димитрија Андонов – Папрадишки, Ѓорѓи Зографски.
Летото 1884 година, албански пљачкаши кои дошле од запад („од Зајас“) ги запалиле куќите во Папрадиште и извршиле колеж меѓу населението. Тие пљачкаши ги повикал некојси Абдула кој бил „сејмен“ папрадишки. На чело на пљачкашите се наоѓале Селим Марк и Мече Качак. Овој настан е опеан и во народна песна, а е насликан и на познатото ликовно дело на сликарот Ѓорѓи Зографски. Папрадиште и Ореше биле познати по опустошувањата кои им ги направиле Албанците-дебрани и во 1889 година и после овој настан албански пљачкаши – качаци доаѓале во Папрадиште заради што турската власт на една зарамнетост над Папрадиште изградила кула во која секое лето престојувала по една воена единица. Тоа место денес го носи називот Турска Кула.
Во горниот дел на Папрадиште се наоѓа црквата „Свети Петар и Павле“ изградена пред околу 120 години на местото на некоја постара црквичка која останала од раселеното Ѕвезданово (старо Папрадиште). Денешната црква е една од најголемите и најубавите цркви во нашата земја. Планот за изградба на црквата го сочинил Андон Стаменков од селото. Гробиштата се кај црквата. На денот на црковната слава е селскиот собор. Тогаш во ова село доаѓаат голем број на гости, дури и нивни иселеници од Софија, Белград и Скопје. Порано, на Петровден се одржувале и селските свадби. Жителите на Папрадиште брачни врски склопувале само меѓу себе или со жителите од соседното село Ореше. Понекогаш биле доведувани девојки или вдовици од мијачкиот крај. Кон средината на шеесеттите години на XX век Папрадиште имало 103 домаќинства.
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 13 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 735 хектари, на пасиштата отпаѓаат 337 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 115 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита функција.[2]
Папрадиште има погодни услови за сточарство (особено одгледување на овци) кое било главна гранка на неговите некогашни жители. Денес, селото има големи ресурси за селски и планински туризам.
Во Папрадиште постои планинарски дом (обновен пред неколку години) и селото е попатна станица на планинарите кои одат да ги освојуваат врвовите Чеплес и Солунска Глава.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Папрадиште имало 420 жители.[3] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Папрадиште имало 592 жители.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 400 Македонци.[5]
Од Папрадиште, во кое што живее македонско население, се иселил значителен број од населението, така што селото е во фаза на целосно раселување. Во 1961 година селото броело 716 жители, а во 1994 година бројот се намалил на само 4 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Папрадиште живееле 7 жители, сите Македонци.[6]
За време на летото, на верските и останатите празници во Папрадиште доаѓаат неговите некогашни жители и нивните потомци кои имаат куќи во селото. Во овој период во Папрадиште доаѓаат и до 2.000 луѓе, поранешни жители и нивни потомци кои живеат во Велес и Скопје.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 14 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 420 | 592 | 612 | 660 | 716 | 475 | 63 | 18 | 4 | 7 | 14 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]
Родови
уредиМакедонски родови во селото се: Кузмановци (16 к.) првите мијачки доселеници. Дошле на крајот на XVIII век. Предците на останатите родови се доселиле наскоро после нив. Од тие предци потекнуваат родовите Лопатаровци (11 к.), Симоновци (11 к.), Николовци или Калинци (10 к.), Ѓушеровци (10 к.), Галевци (10 к.), Марковци (10 к.), Чуповци (5 к.), Еленинци (5 к.), Китановци (4 к.), Тасевци (4 к.), Ќулафковци (2 к.), Стојанчевци (2 к.), Петковци (1 к.), Волашовци (1 к.) и Василковци (1 к.). Наведените мијачки родови дошле право од мијачкиот крај со исклучок на родот Лопатаровци кој е доселен преку познатото мијачко село Смилево во Демир Хисар. Еден брат од родот Лопатаровци, доаѓајќи од Смилево, се населил во македонското муслиманско („торбешко“) велешко село Мелница. Од него таму потекнува поисламениот род Јашаровци. Славите на наведените родови се различни: Свети Никола, Воведение, Атанасовден, Митровден и Ѓурѓовден.
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
- Планинарски дом „Папрадиште“, сместен во селото
- Планинарски дом „Чеплез“, сместен во месноста Чеплес, во рамки на селскиот атар
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Богомила, во која покрај селото Папрадиште, се наоѓале и селата Бистрица, Богомила, Капиново, Нежилово, Ореше и Црешнево. Во периодот 1950-1952 година, селото претставувало седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Нежилово, Ореше и Папрадиште.
Избирачко место
уредиСелото е опфатено во избирачкото место бр. 2211 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селскиот дом во Богомила. Покрај жителите на Папрадиште, во ова избирачко место се запишани и гласачите од селата Црешнево, Капиново и Богомила[11]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 254 гласачи.[12]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[13]
- Црква „Св. Петар и Павле“ — главна селска црква, изградена во 1900 година; и
- Црква „Св. Илија“ — манастирска црква
- Споменици
- Спомен-плоча на Димитрија Чуповски во близина на селската чешма
Редовни настани
уреди- Верски прослави
- Петровден (12 јули) — селска слава на селото со црковно-народен собир
- Велосипедски настани
- Започнувајќи од 2015 година, кон крајот на мај или почетокот на јуни велосипедистите од големата тура на велосипедскиот настан Азот МТБ Предизвик го посетуваат селото Папрадиште, како попатна станица.[14]
Личности
уреди- Родени во Папрадиште
- Китан Петров (1793-1866) — градител и резбар
- Ангелко Андонов (?-?) — зограф
- Велјан Андонов (?-?) — зограф
- Ѓорѓи Џонгар (?-околу 1900) — градител
- Андреја Дамјанов (1813-1878) — градител
- Андон Китанов (1829-1914) — градител
- Димитар Андонов Папрадишки (1859-1954) — основоположникот на европското сликарство во Македонија
- Антон Лопатарев (1861-?) — градител и дарител
- Павле Ќулафковски (1865-1940) — македонски национален деец
- Павле Чуповски (1867-1943) — револуционер
- Ѓорѓи Зографски (1869-1945) — зограф и сликар
- Наце Димов (1876-1916) — македонски национален деец, брат на Димитрија Чуповски
- Ангелко Чупаров (1878-1907) — револуционер
- Димитрија Чуповски (1878-1940) — македонски национален деец, во селото постои спомен плоча посветена на него
- Иван Чупаров (1880-1913) — свештеник и револуционер
- Антон Стериов (1882-1924) — револуционер
- Петре Георгиев (1884-1966) — столар, социјалистички деец и новинар
Иселеништво
уредиЗемјиштето на кое се наоѓа Папрадиште не е производително заради што еден дел од населението повремено се иселувал. Пред крајот на отоманското владеење неколку семејства се отселиле во Бугарија, главно во Софија. Од нив таму се намножиле околу 50 домаќинства. Останатите иселеници го напуштиле Папрадиште нешто подоцна. Некои од нив сега живеат во Белград, Скопје (околу 20 к.), познатата „Велешка населба“ или Потстаница кај Драчево, Велес (околу 10 к.) и Солун. Папрадишки иселеници има и во некои блиски и подалечни селски населби. Во областа на Бабуна такви села се: Оморани (Жеглевци 1 к.), Плевење (Лопатаровци 12 к.), Согле (Папрадиштани 10 к.), Мартолци (Папрадиштани 2 к.), Ораовец (Мијаковци 1 к.) и Војница (Стојковци 1 к.). Родот Василевци (1 к.) е иселен во прилепското село Браилово. Наведените иселеници во најголем дел се гранки на денешните селски родови. Има и сосема иселени родови: Крстевци, Деловци, Ѓурчиновци и др.
Галерија
уреди-
Селската чешма во Папрадиште
-
Поглед на селото
-
Параклис пред влезот во селото
-
Куќи во селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 229. Посетено на 26 август 2018.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 157.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 јули 2013.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 25 август 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-11-21. Посетено на 25 август 2018.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Јачевска, Соња; Дарко Андоновски (3 мај 2016). „Во Азот се белите дробови на Македонија“. Нова Македонија. Скопје. Посетено на 14 јули 2016.[мртва врска]
Надворешни врски
уреди- Папрадиште (Велешко) на Ризницата ?