Гопеш
Гопеш — село во Општина Битола, во областа Ѓават-Кол, во околината на градот Битола.
Гопеш | |
Поглед на селото | |
Координати 41°7′12″N 21°7′18″E / 41.12000° СГШ; 21.12167° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Ѓават-Кол |
Население | 1 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7314 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 02029 |
Надм. вис. | 1.140 м |
Слава | Преображение Христово |
Гопеш на општинската карта Атарот на Гопеш во рамките на општината | |
Гопеш на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Ѓават-Кол, во западниот дел од Општина Битола.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 1.140 метри.[2]
Атарот зафаќа површина од 9,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 703 хектари, на пасиштата отпаѓаат 132 хектари, а на обработливото земјиште само 51 хектар.[2] Од градот Битола е оддалечено 28 километри.[3]
Селото се наоѓа во пазувите на планината Бигла, западно од Битола. До него води асфалтен пат, направен во 1997 година.[4]
Историја
уредиСелото е основано од Власи од Москополе, Албанија (поточно од истоименото село). Постои предание кое тврди дека селото постоело и претходно, подолу кон езерото Стрежево, каде што седум браќа подигнале населба со седум куќи и црква посветена на „Св. Никола“, кого заеднички го празнувале.[4]
На новата положба во близина на патот кон Битола и кон Ресен, Гопеш многу брзо се развил во големо и мошне богато село. По само неколку децении броело 900 куќи и 5.000 жители. Селаните најмногу се занимавале со занаетчиство и трговија, од која и го стекнале големото богатство.[4]
Во XIX век, Гопеш било село во Ресенската нахија во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото добило улично осветлување во 1912 година.[4]
Во 1911 година, Браќа Манаки го снимиле филмот „Романска делегација во посета на Гопеш“, при што е забележано пристигнувањето и пречекот на делегацијата во селото.
Штабот на Седмата македонска ударна бригада, додека истата делувала во Битолско, бил сместен во Гопеш.[5]
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Стопанство
уредиВо минатото селото било развиено и во 1900 година биле забележани 22 бакалници, 7 фурни, 5 касапници, 1 фотограф и 1 аптека.[3]
Селото нема посебна стопанска функција.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Гопеш имало 2.460 жители, сите Власи христијани.[7] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Гопеш имало 2.400 жители.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Власи и 50 Македонци.[9]
Гопеш е мало село коешто во 1961 година имало 97 жители, а во 1994 година само тројца жители, Власи.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Гопеш немало жители.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Влав.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 2.460 | 2.400 | 243 | 214 | 97 | 98 | 0 | 3 | 3 | 0 | 1 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиГопеш е влашко село.
Во 1957 година, во селото живееле 38 влашки домаќинства. Од нив, најстариот сој биле 26 домаќинства: по две семејства имале родовите: Папа, Јанаки, Чунга и Мустрик; по едно семејство имале родовите Ќира, Албо, Бела, Мазни, Карали, Ерка, Топал, Катаробе, Дукарица, Дудуш, Шути, Генани, Цингар, Михо, Шарка, Христа, Пица и Санту. Овие родови по потекло се од истоименото село во Албанија и од околината на Москополе. Се доселиле кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век.
Останатите доселеници во Гопеш (12 куќи) биле доселениците од Музакија, приморска Албанија. Тоа биле Ѓендеровци (4 куќи), Тоти (2 куќи), Пеле (2), Буле (2), Спиро (1) и Моча (1). Овие домаќинства во Гопеш се доселиле по ослободувањето на Турците и по Првата светска војна (дошле во 1913 и во 1920 година). Од иселените постари Власи купиле куќи и малку земјиште; претежно ливади. Меѓу поранодоселените Власи и новите постоеле значителни разлики во начинот на животот, уредувањето на куќите и во влашкиот говор.
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Битола, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе биле придодадени поранешните општини, Бистрица, Кукуречани и Цапари. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Цапари.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Кажани, во која влегувале селата Гопеш, Доленци, Ѓавато, Кажани, Маловиште и Лера.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кажани, во која покрај селото Гопеш се наоѓале селата Доленци, Ѓавато, Кажани, Лера, Маловиште, Рамна, Ротино, Српци и Цапари.
Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Дихово.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола.
Избирачко место
уредиСелото е опфатено во склоп на избирачкото место бр. 0207 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Доленци и Гопеш, кое е сместено во основното училиште во Доленци.[15]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 227 гласачи.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 223 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[18]
- Црква „Св. Преображение“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Илија“ — помала селска црква на патот кон селото; и
- Црква „Св. Никола“ — црква на тромеѓето на атарите на селата Доленци, Лера и Гопеш.
Редовни настани
уредиЗа време на христијанскиот празник Преображение Христово, кој се слави на 19 август, во селото престојуваат повеќе стотици посетители и иселеници од сите краеви на светот.
Личности
уреди- Родени во Гопеш
- Александар Кошка (1873-1907) — револуционер и офицер
- Сотир Шундовски (1933-2002) — архитект
- Наум Торбов (1880-1952) — архитект
Иселеништво
уредиВо минатото, селото Гопеш било големо, со околу 5.000 жители и имало голем број иселеници во Франција, Англија, Америка итн., каде се занимавале со трговија и други дејности. Оттаму, печалбарите носеле разна стока која ја продавале во Битола, при што, жителите на селото биле едни од побогатите во битолско. Така, уште во 1930-тите, во селото пристигнал првиот автомобил од марката „форд“, кого го донел некој печалбар од Америка, кој таа година дошол на одмор во родниот крај. Фотографијата која го прикажува иселеникот со автомобилот и ден-денес се чува во црквата „Свето Преображение“.[19]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 72. Посетено на 29 ноември 2017.
- ↑ 3,0 3,1 „Гопеш“. Мој Роден Крај. Архивирано од изворникот на 2017-12-08. Посетено на 29 ноември 2017.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 „Пророштвото од XIX век го претскажа опустошувањето на селото Гопеш“. Матица на иселеници. Посетено на 30 ноември 2017.[мртва врска]
- ↑ „Борби за ослободување на Битола“. Битола. Посетено на 22 април 2022.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 174-175.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 ноември 2017.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 ноември 2017.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-05-29. Посетено на 29 ноември 2017.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Во Гопеш се возел „форд“ пред девет децении“, Дневник, број 5292, година XVII, четврток, 17 октомври 2013, стр. 18.