Бистрица (Велешко)

село во Општина Чашка

Бистрица — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Бистрица

Поглед од далеку на селото Бистрица

Бистрица во рамките на Македонија
Бистрица
Местоположба на Бистрица во Македонија
Бистрица на карта

Карта

Координати 41°37′00″N 21°31′00″E / 41.61667° СГШ; 21.51667° ИГД / 41.61667; 21.51667
Регион  Вардарски
Општина  Чашка
Област Азот
Население 44 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1415
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29004, 02507
Надм. вис. 637 м
Слава Спасовден
Бистрица на општинската карта

Атарот на Бистрица во рамките на општината
Бистрица на Ризницата

Потекло на името

уреди

Името на селото првпат е споменато како „Бистрица“ во 1227 година. Името потекнува од хидронимиското име „бистар“ или „бистра“ и означува нешто што е брзо или чисто и прозрачно.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Стара куќа на сретселото во Бистрица

Селото се наоѓа во областа Азот, во источниот дел на територијата на Општина Чашка, во горното сливно подрачје на реката Бабуна, односно од нејзината лева страна, а под југоисточната падина на планината Јакупица.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 640 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 42 километри.[3]

Бистрица се наоѓа во близина на селото Богомила. Богато е со планински извори од кои извира ладна и чиста вода, а во долниот атар (како што го кажувале старите тамошни) се наоѓа реката Бабуна. Располага со голема географска површина од која голем процент е обработлив.

Селото Бистрица е сместено на допирот на пространата сува зарамнетост од југ и падината на планинскиот гребен на Голешница од север. Бистрица е ридско село сместено на надморска височина од 640 метри. Наведената положба е поволна од економско-стопански причини: на зарамнетоста жителите одгледуваат суви култури како жито, тутун, винова лоза, додека гребенот на Голешница се користи за сточарство и шумарство.

 
Една од селските чешми

Водата за пиење во селото се добива од 4 чешми и неколку кладенци. Околни села се: Богомила, Согле, Црешнево. Атарот кој се протега од југоисточната падина на планината Јакупица, па сѐ до алувијалнта рамнина на Бабуна е мошне голем.

Одделни краеви на атарот ги носат следните називи: Плевење, Карчица, Улјанчишта, Подрид, Урвали, Караџица, Липовица, Поп-Андин дол, Глоговица, Златаровец, Рамниште, Ливадица, Пештера (мала пештера во која може да се засолни стадо од околу 200 овци кога има невреме), Радики, Баба.

Бистрица е село од збиен тип, во кое се разликуваат маала кои се нарекуваат според родовите кои живеат во нив: Маѓеровци, Чакаревци, Василковци, Павлевци.

Историја

уреди

Бистрица спаѓа во редот на стари села во областа на Бабуна. Тоа јасно се гледа од еден историски пишан документ кој датира помеѓу 1258 и 1277 година, каде што се наведува селото „Бистрица во Бабуна“. Селото Бистрица во пишаните историски извори повторно се споменува во 1300 година кога царот Милутин го потврдил како посед на познатиот манастир „Св. Ѓорѓи“ кај Скопје. За Бистрица постојат пишани податоци и од XV век, околу 1460 година, кога имала 54 куќи.

Народното предание наведува дека порано околу Бистрица постоеле и други помали села: Глоговица на север, Липовица на исток, Улјанчиште на југозапад и Поп-Андин Дол на југ. Тие селца подоцна пропаднале затоа што нивните жители преминале во поголемото средишно село Бистрица. Тоа би можело да биде кон крајот на XVIII или почетокот на XIX век. На селиштата од тие села се познаваат остатоци од куќи, гробови ид-р Заради ова Бистрица се здобила со толку голем атар.

Во текот на XIX век благодарение на природниот прираст и доселувањата, Бистрица станала најголемо село во областа Азот и во сливот на Бабуна, воопшто. Во времето на заминувањето на отоманското владеење, според кажувањата, Бистрица имала 290 македонски домаќинства. Жителите најмногу живееле од сточарство и печалбарство. Во сточарството се истакнувало одгледувањето на кози, додека во печалбарството мажите најпрвин се занимавале со изработка на ќерамиди, потоа со изработка на тули (цигли и ќерпич (плитар)). Одгледувањето кози и печалбата престанале веднаш по Втората светска војна. Од тогаш жителите се посветиле на одгледување тутун.

По Првата светска војна, Бистрица започнала да опаѓа според бројот на жителите. Нејзините жители започнале да купуваат земја од чифлик-сајбии и иселени Турци во пониските села во велешкиот крај и соседните области, каде што и се преселувале. Според проценките тогаш од Бистрица се иселиле околу 100 домаќинства. Опаѓањето на Бистрица продолжило и по Втората светска војна, а особено се засилило по изградбата на железничката пруга кон Прилеп и Битола во 1935 година, од кога пак како главно и најголемо село се истакнала Богомила.

Бистрица има 2 цркви и манастирче, од кои најстара е малата црква „Св. Ѓорѓи“ која се наоѓа до селото на патот кога се доаѓа од Богомила. Во селото главна е црквата посветена на „Успението на Пресвета Богородица“ изградена во втората половина на XIX век. Манастирчето „Св. Петар“ е на 20 минути одење пеш северно од селото. Таму селаните се собираат за празниците: Тодорица, Духовден и Петровден. Селска слава на Бистрица е Спасовден. Постојат и три селски гробишта, едно кај црквата Св. Ѓорѓи, друго на местото Св. Илија и трето на местото Златаровец. Во средината на шеесеттите години на XX век, Бистрица имала вкупно 112 куќи.

Стопанство

уреди

Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 28,2 км2, а се протега од падината на Јакупица до алувијалната рамнина на Бабуна. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.219,9 хектари, обработливото земјиште зазема површина од 709,8 хектари, а на шумите отпаѓаат 400,4 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948738—    
1953801+8.5%
1961736−8.1%
1971568−22.8%
1981330−41.9%
ГодинаНас.±%
1991184−44.2%
1994159−13.6%
2002124−22.0%
202144−64.5%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Бистрица имало 1.100 жители.[4]

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бистрица имало 1.184 жители.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 850 Македонци.[6]

Од Бистрица се иселил мошне голем број од населението, така што селото преминало од средно во мало село. Во 1961 година, селото броело 736 жители, од кои 722 биле Македонци и 10 Црногорци, додека во 1994 година бројот се намалил на 159 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Бистрица живееле 124 жители, од кои 121 Македонец, 1 Србин и 2 останати.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 44 жители, од кои 41 Македонец и 3 лица без податоци.[8]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 1.100 1.184 738 801 736 568 330 184 159 124 44
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови

уреди

Предците на македонските родови во Бистрица се доселени, меѓутоа додека за еден дел од родовите се знае местото на доселување, за другиот дел местото на старината е заборавено, но можно е тоа да значи дека тие се и староседелци кои одамна се раселиле и поместувале во околината, па повторно се вратиле во селото. Македонски родови со познато потекло се: Туневци или Поповци (6 к., Свети Атанасиј) дошле од соседното, сега раселено село Глоговица. Постарото презиме им е Маѓеровци. Околу 11 нивни домаќинства се иселиле од Бистрица. Чакаревци (9 к., Свети Никола) и Стошевци (6 к., Петковден) за нив исто така се вели дека се доселени од Глоговица. Ќумезовци (6 к., Свети Никола) доселени се од селото Бистрица односно Бистренци крај Вардар во околината на Неготино во Тиквешијата. Во времето кога се доселиле во долината на Бабуна, една нивна родовска гранка се иселила во пониското село Мартолци. Најстариот предок на родот Ќумезовци, еднаш во Бистрица градел кокошарник. На прашањето што гради, тој рекол „ќумез“ па според тоа го добиле и родовското презиме. Бидејќи Ќумезовци дошле од Бистрица т.е. Бистренци во Тиквешијата, некои селани претпоставуваат дека тие се основачи на селото Бистрица во долината на Бабуна во Азот, меѓутоа ова не е точно бидејќи Бистрица се споменува уште во XIII век. Зборот „ќумез“ во македонскиот говор во Азот воопшто не е познат, а жителите на Азот велат „кокошарник“. И од овој род има многу иселеници. Василковци (6 к., Меркурија), Петревци (4 к., Свети Никола) и Стојанчевци (5 к., Митровден) дошле од соседното, сега раселено село, Липовица. Павлевци (7 к., Свети Никола) се доселени од соседното, сега раселено, село Улјанчишта. Нивните ниви („сермија“) и денес се наоѓаат на селиштето од тоа село. Ѓорчевци (6 к., Свети Никола) потекнуваат од предокот Ѓорче кој се доселил како домазет од денешното муслиманско село Горно Врановци во долината на Тополка. Го знаат следното родословие: Марко жив на 95 години во 1965 – Тоде-Нешо-Ѓорче, кој се доселил. Невеновци (3 к., Свети Ѓорѓи „есенски“) се доселени од некое село во околината на Прилеп. Имаат доста иселени домаќинства од Бистрица. Доселени македонски родови чијашто старина не се знае се: Ковачевци (4 к.) и Шаревци (4 к.) порано сочинувале еден род. Слава им е Свети Архангел. Мавнивиловци (7 к.), Миленковци (7 к.) и Кршаковци (6 к.) слават Свети Никола. Останати македонски родови со непознато потекло се: Нуновци (3 к.), Јанакиовци (3 к.), Ноновци (3 к.), Димановци (3 к.), Шашовци (2 к.), Терзиовци (1 к.) и Петкановци (1 к.). Од последниот род потекнува Т. Петкановски, народен херој, убиен од бугарскиот фашистички окупатор во 1943 г.

Општествени установи

уреди
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Богомила, во која покрај селото Бистрица, се наоѓале и селата Богомила, Капиново, Нежилово, Ореше, Папрадиште и Црешнево. Општината Богомила постоела и во периодот 1950-1952 година, во која влегувале селата Богомила, Бистрица, Капиново и Црешнево.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачко место бр. 2212 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селски објект.[13]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 21 гласач.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
 
Гробјанската црква „Св. Ѓорѓи“
Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви
Манастири
Споменици
Реки

Редовни настани

уреди
  • Спасовден — селска слава на селото со црковно-народен собир

Личности

уреди
Родени во Бистрица
Починати во Бистрица

Култура и спорт

уреди

Иселеништво

уреди

Во 1912 година Бистрица имала „без десет“ 300 македонски домаќинства. Тогаш била најголемото село во долината на Бабуна. По ослободувањето од турското ропство се појавиле големи иселувања од Бистрица. Иселениците оделе во други села од оваа област и околните краишта. Таму купувале земја од чифлик-сајбии и муслимани кои заминувале за Турција. Собрани се следните бројни податоци за иселеници од Бистрица кои кои се наоѓаат во разни села во областа на Бабуна и Тополка: Агушовци (2 к.), Анчевци (2 к.), Миленковци (2 к.), Ладевци (1 к.) Крстевци (1 к.), Стојковци (1 к.) и Стојанчевци (1 к.) живеат во Голозинци. Џаверовци (1 к.) живеат во Оморани. Бистричани (10 к.) живеат во Мартолци. Коцевци (4 к.), Американовци (2 к.) и Бистричани (3 к.) живеат во Бањица. Зугаровци (2 к.), Кеменџиовци (2 к.) и Чакаревци (1 к.) живеат во Стари Град. Пекмезови (3 к.) и Орданови (1 к.) живеат во Отиштино. Бистричани (1 к.) живеат во Раштани. Коларовци (2 к.) живеат во Еловец. Бистричани (3 к.) живеат во Чашка. Бистричани (2 к.) живеат во Согле. Бистричани (1 к.) живеат во Богомила. Мудуровци (4 к.), августовци (1 к.) и Бистричани (4 к.) живеат во Извор. Бистричани (2 к.) живеат во Долно Врановци. Кунтушовци (8 к.) живеат во прилепското село Сливје.

После Втората светска војна настанале нови иселувања од Бистрица главно во градовите Скопје и Велес, а помалку во Прилеп и Битола. Во споменатите градови живеат околу 80 бистрички домаќинства. Иселениците од Бистрица припаѓале на поединечни денешни селски родови, меѓутоа има и сосема отселени родови. Тоа се: Галабовци, Дојчиновци, Агушовци (имале 10 куќи), Домазетовци, Кршајковци и др. Кршајковци биле доселени од соседното пониско село Согле, а денес се иселени во Скопје.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 54.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 29. Посетено на 15 јуни 2018.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 11 јули 2013.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 17 јули 2018.
  14. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-10-16. Посетено на 17 јули 2018.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  17. Печков, Петар (18 септември 2012). „Започна да се гради црква во село Бистрица“. Ти реков ми рече. Посетено на 2013-03-21.

Надворешни врски

уреди