Федерико Гарсија Лорка

Федерико Гарсија Лорка (шпански: Federico del Sagrado Corazón de Jesús García Lorca; Фуенте Вакерос, 5 јуни 1899 - 19 август 1936) — шпански поет, драмски писател, режисер, пијанист, сликар и музичар. Денес, тој се смета за еден од најголемите лиричари воопшто, а неговото творештво извршило значително влијание врз развојот на европската поезија.

Федерико Гарсија Лорка
Лорка во 1932 година
Роден/а5 јуни 1898(1898-06-05)
Фуенте Вакерос, Гранада, Шпанија
Починат/а19 август 1936
Гранада, Шпанија
Занимањепоет, драматург, театарски режисер
НационалностШпанец
ПериодМодернизам, прва половина на 20 век
ЖанрПоезија
Книжевно движењеГенерацијата '27
Потпис

Животопис

уреди
 
Гарсија Лорка о. 1904

Федерико Гарсија Лорка е роден на 5 јуни 1899 година во Фуентевакверос, во шпанската провинција Гранада, во семејство на имотни земјопоседници. Во еден свој есеј за Лорка, Луј Паро пишува дека од својто татко (земјопоседник), поетот ја наследил љубовта кон земјата, андалусиската душа и благодарноста, а од својата мајка (учителка) - дарбата, интелигенцијата и љубовта кон уметноста.[1] Основото училиште го завршил во Алмерија. Во 1919 година за првпат го посетил Мадрид каде се запознал и се спријателил со големите шпански уметници - Салвадор Дали, Луис Буњел, Бергамино итн. Во 1923 година ги започнал студиите по право во Гранада философија и право, истовремено учејќи да свири на гитара и на пијано. Во 1927 година, во Барселона, Дали и неколку пријатели на Лорка организирале изложба на боените цртежи на Лорка. Во 1929 година учествувал на конференцијата во Лицеум-клубот во Мадрид на тема: „Имагинацијата, инспирацијата и простирањето во поезијата“. Пролетта 1930 година, Лорка престојувал во Њујорк и во Куба, каде одржал низа предавања.[2][3]

Во 1931 година, заедно со Едуардо Угарте, Лорка бил назначен за директор на универзитетскиот театар „La Barraca“, во кој работел и како режисер. Со театарот, Лорка патувал низ селата ширум Шпанија, прикажувајќи ги претставите на класиците: Сервантес, Лопе де Вега, Тирсо де Молина и Калдерон. Во текот на 1933-1934 година патувал по Јужна Америка (Аргентина, Бразил и Уругвај). Во Аргентина останал цели шест месеци, исполнети со предавања, режирање и соработка со разни списанија. Во декември 1934 година се вратил во Шпанија. Во 1936 година, Лорка се подготвувал за ново патување во Њујорк и во Мексико, но во јули започнал бунтот на генералот Франко. Истата година, на 16 август, Лорка се вратил во родната Гранада. На 19 август 1936 година, поради неговите напредни идеи, франкистите го стрелале во околината на Гранада.[2][3]

Во едно предавање за Лорка, одржано во Париз во 1937 година, Пабло Неруда опишал една случка во која Лорка како да ја претчувтсвувал својата блиска смрт: „Една ноќ, во некое село во Естремадура, не можејќи да заспие, тој станал пред зората... Федерико седнал загледан во сонцето што се крева меѓу две стари срушени статуи... Ги набљудувал Федерико скршените торза пламнати во белината на изгрејсонцето, кога едно јагне оддалечено од своето стадо почнало да пее блиску до него. Наеднаш му го пресекле патот пет или седум црни свињи што се нафрлиле на јагнето и за неколку минути, пред неговото изненадување и ужас, го раскинале и изеле. Федерико, обземен од исконски страв, здрвен од ужас, ги гледал црните свињи како го убиваат и растргнуваат јагнето меѓу усраните статуи, во таа осамена мугра. Додека ми го раскажуваше ова, по враќањето во Мадрид, неговиот глас трепереше, трагедијата на смртта толку ја беше обзела до делириум неговата сенизбилност на дете... Можеби на овој голем поет, нежен и пророчки, животот однапред и како страшен симбол му ја подари визијата на неговата сопствена смрт.“[4]

Поезијата на Лорка

уреди

Во својата поезија, Лорка најчесто обработувал мотиви од суровата Андалусија, за кулите, камбаните и зорите на Гранада, биковите и тореросите, Циганите и нивните песни и ритми, насадите со маслини и портокали итн. Неговите стихови се полни со сликарско-музички елементи, со компликувана оркестрација, голема звучност и меѓузвучност и бројни јазични пресврти. Иако во основата на неговата поезија лежат народните и циганските песни од Андалусија, Лорка изградил оригинален и модерен поетски јазик. Лорка останал настрана од тогашниот водечки поетски правец во Шпанија - ултраизам (шпанска варијанта на модернизмот), но од него ги презел најсмелите и најтешките елементи.

Своето прво дело Лорка го објавил во 1918 година - збирката песни во проза „Импресии и пејзажи“, а во 1921 година се појавила неговата прва поетска збирка, „Книга песни“. Во 1925 година објавил неколку песни од подоцнежните збирки „Цигански романсеро“ и „Песната на Канте ходно“ и ја завршил драмата во стихови „Маријана Пинеда“ која била поставена на сцената две години подоцна, во режија на Маргарита Хиргу, а сценографијата била дело на Салвадор Дали. Во 1927 година го напишал есејот „Поетската слика кај Гонгора“; една година подоцна излегла од печат збирката „Цигански романсеро“, а истата година напишал неколку песни од подоцнежната збирка „Поетот во Њујорк“; во 1930 година, во Мадрид била поставена неговата пиеса „Чудесната чевларка“; во 1931 година била објавена збирката „Песната на Канте хондо“, како и некои песни од „Поетот во Њујорк“, а истовремено почнал да го пишува циклусот „Тамаритски диван“; во 1933 година биле прикажани драмите „Крвави свадби“ и „Љубовта на дон Перлимплин“; во 1934 година се одржала првата изведба на драмата „Јерма“ и ја напишал поемата „Тажачката за И. С. Мехијас“, која ја прочитал во Мадридскиот театар при стотата претстава на „Јерма“; во 1935 година излегле од печат шесте галисиски песни, како и неколку газели и касиди, а ја напишал и „Дона Росита или говорот на цвеќето“; во 1936 година биле објавени „Крвави свадби“ и „Први песни“, а пред поетите Гиљен, Алонсо и де Торе за првпат ја прочитал драмата „Домот на Бернарда Алба“. Првите собрани дела на Лорка биле објавени во 1938 година, во Буенос Аирес, а во Шпанија, неговите собрани дела биле објавени дури во 1954 година.[5]

Најпознати негови дела се:

  • „Песни“ (поезија),
  • „Цигански романсеро“ (поезија),
  • „Поет во Њујорк“ (поезија),
  • „Крвави свадби“ (драма)
  • „Домот на Бернарда“ (драма).

Најпознати песни на Лорка се: „Неверна жена“, „Тажачката за Игнасио Санчес Мехијас“ и „Романса на шпанската жандармерија“.[6]

Во едно писмо, Лорка вака ја опишал својата книжевна постапка: „Сега пишувам поезија за да се отворат вените, со емоција во која се огледува целата моја љубов кон нештата и мојата радост кон нештата. Љубовта на смртта и фарсата на смртта. Љубовта. Моето срце. Така е тоа. По цел ден развивам, како некаква фабрика, поетска активност“.[7] Во друга прилика, на едно предавање за својата поетика, тој истакнал дека „не верува во уметникот што седи, туку во уметникот кој е постојано во движење“.[8]

Осврт кон поезијата на Лорка

уреди

Творештвото на Лорка било предмет на бројни студии, предавања, есеи и книги, а за него пишувале: Рафаел Алберти, Алтолагире, Сернуда, Хименес, Дали, Мачадо, Гиљен, Ернандес, Пабло Неруда, Паро, Пандолфи, Диего, Касу, Салинас, де Торе, Цара, Беламиш, итн.[9]

Автентичната и генијална поезија на Лорка, една од големите обновителки на новата шпанска лирика, поаѓа од убавината и богатството на шпанската народна песна и од барокниот раскош и виртуозната поезија на Луис де Гонгора. Сепак, нуркањето на Лорка во шпанската народна и книжевна традиција не одделила од современите текови во поезијата. Навистина, неговиот вкус, ерудиција и фантазија ѝ се спротивставуваат на помодноста, но во неговите стихови се огледаат сликите на негвоите учители, Мачадо и Хименес, како и метафорите на модерната европска поезија, од симболизмот до надреализмот.[10]

Уште се својата прва збирка „Книга со песни“ од 1921 година, Лорка го свртел вниманието како исклучителна новина во шпанската поезија. Исполнета со младешките возбуди и спомените од детството, збирката ја бара рамнотежата меѓу богатата шпанска книжевна традиција и новите тенденции, особено надреализмот и ултраизмот. Оваа збирка ги содржи песните „Сенката на мојата душа“ и „Балада за морската вода“ - првата е младешка, нежна песна со нова поетска структура, слободен стих и со мека инкантација на асонансите, а втората густа синтеза на болката која ги навестува идните нежни и блескави пејзажи на Лорка. Овој период од неговото творештво е многу значаен зашто во него се започнати циганските романси и „длабоките песни“ кои подоцна ќе го кренат во врвот на шпанската поезија. Заедно со своите врсници Гиљен, Алберти, Диего, Салинас и Алтолагире, Лорка ги прифатил идеите на неговите претходници од познатата генерација на 1898 година и ја започнал големата обнова на шпанската поезија. Токму 1920-тите се пресудни во формирањето на поетскиот профил на Лорка, а тоа е времето кога тој созреал духовно и интелектуално, го култивирал својто поетски јазик, го згустил поетскиот израз, а неговата поезија се исполнува со богати духовни содржини.[11]

Ако во поезијата на Лорка треба да се издвојат главните точки, тоа се збирките: „Длабоки песни“, „Цигански романсеро“, „Тажачката за Игнасио Санчес Мехијас“ и „Поетот во Њујорк“. Навистина, меѓу нив, Лорка создал голем број сериозни остварувања (оди, газели, касиди итн.), но во овие неколку збирки доаѓа до израз она што е вистински ново и вредно во творештвото на Лорка. „Песната на Канте хондо“ е целосно свртена кон изворите на сигирии, саети и солеи, задлабочена во бунарот на гитарата и во сеќавањата на Шпанија од минатото. Иако збирката содржи цел регистер на музичкиот фолклор и народната поезија, сепак таа претставува вистинска модерна лирика. Народниот фолклор е инспирација и за најпознатото дело на Лорка, „Цигански романсеро“, а со „Тажачката за Игансио Санчес Мехијас“ се заокружува поезијата на Лорка инспирирана од типично шпанските теми. Збирката „Поетот во Њујорк“, објавена посмртно, претставува речиси единственото негово излегување надвор од шпанските теми и со него Лорка навлегол во сцоијално ангажираната поезија. Во сите дела на Лорка постојано се провлекуваат два мотива: љубовта и смртта, кои во неговата поезија се преточени во единство. Лорка пее за љубовта кон Шпанија, кон жената, кон убавината на светот, а над љубовта, како судбина и како неизбежна вистина, се наднесува смртта.[12]

Драмско творештво

уреди

Лорка бил голем љубител на театарот и делувал како организатор, режисер, сценограф и композитор на драмски претстави. Во 1931 година, заедно со Едуардо Угарте, Лорка бил назначен за директор на универзитетскиот театар „La Barraca“, во кој работел и како режисер. Со театарот, Лорка патувал низ селата ширум Шпанија, прикажувајќи ги претставите на класиците: Сервантес, Лопе де Вега, Тирсо де Молина и Калдерон. Во текот на 1933-1934 година патувал по Јужна Америка (Аргентина, Бразил и Уругвај), а во Аргентина останал цели шест месеци, режирајќи ги своите драми.[2]

Драмското творештво на Лорка може да се подели во две категории: во првата, со дискретност и интелектуална воздржаност, а повремено и со херметичност, тој ја застапува тезата за популарен, комуникативен театар; втората група ја сочинува трилогијата „Крвави свадби“ (1933), „Јерма“ (1934) и „Домот на Бернарда Алба“ (1936), која го претставува врвот на неговото драмско творештво. Меѓу овие две групи се наоѓаат пиесите: „Маријана Пинеда“ (1933), „Чудесната чевларка“ (1933), „Љубовта на Дон Перлимплин со убавата Белиса во неговата градина“ (1933) и „Дона Розита или говорот на цвеќето“ (1935). Во драмите на Лорка најчесто се обработени класичниот мотив на растурената свадба, стерилноста на човекот и на институциите и одбраната на моралот. Меѓутоа, овие традиционални мотиви во себе зрачат висока трагика и повеќеслојна поезија. Во нив особено силно се прикажани ликовите на жените, исполнети со трагика, со претчувство на смртта што доаѓа и со чемерна болка. Во тој поглед, Жан Касу вели дека драмите на Лорка се „алгебра на фаталноста“.[13][14]

На едно свое предавање, Лорка рекол: „Преку театарот поезијата се одделува од книгата и се инкарнира. Тогаш таа зборува, вика, плаче и очајува... Театарот е школа на плачот и смеата и слободна трибина на која луѓето можат да ги изнесат на видело старите и лажни морали и со жив пример да ги објаснат вечните закони на човечкото срце и на негвоите чувства... театарот што не го сфаќа социјалниот пулс, историскиот пулс, драмата на својот народ и чистата поја на својот пејзаж и на својто дух, со смеата и солзите, нема право да се нарече театар, туку игралиште или место во кое се врши онаа страотна работа што се вика „убивање на времето“.“ Овие сфаќања во потполност се предочени во драмскиот опус на Лорка и така може да се објасни неговото враќање кон шпанскиот златен век, неговата љубов кон маските и марионетите, патувањата во шпанските села и рецитаторските вечери со неговите пријатели.[15]

Драмскиот опус на Лорка, кој е инспириран од истите мотиви како и неговата поезија, претставува напор за воспоставување рамнотежа меѓу старите форми и новите содржини. Неговото драмско творештво претставува премин од поезијата кон драмата при што цврстите драматуршки структури се отвораат ги примат во себе распеаните слики на неговата фантазија. Во неговите драми насекаде е присутна поезијата - во ослободувањето на натуралистичките сцени од нивниот груб набој, во универзализацијата на трагиката и во облагородувањето на горчливиот хумор. И тогаш кога сценските целини во кои се прикажуваат исечоци од шпанското секојдневие, и тогаш кога тие се плод на неговата бујна поетска имагинација, позијата е длабоко во функција на пиесата, во нејзините модерни симболи, во атмосферата и во сензибилитетот. Благодарение на тие вредности, драмскиот опус на Лорка молскавично ги освоил сцените во Шпанија и Во Латинска Америка, а по неговата смрт и европските театарски сцени.[16]

Лорка како музичар

уреди

Лорка уште како дете покажувал голем музички талент, а подоцна, со години студирал музика и сонувал да стане музичар, а истовремено бил пријател со Мануел де Фаља. Лорка ги собирал и забележувал народните песни кои често ги хармонизирал и обработувал и често ги изведувал на клавир и ги пеел. Поради својата музичка дарба, уште во текот на животот го нарекле „Андалусиски славеј“.[17]

Лорка како сликар

уреди

Лорка се занимавал и со цртање. Така, во 1927 година, во Барселона, група негови пријатели, меѓу кои и Салвадор Дали, организирале изложба на цртежите на Лорка.[18] Во 1934 година, за време на посетата на Буенос Аирес, Лорка направил серија цртежи како илустрации на песните на Пабло Неруда. Притоа, на еден од цртежите, Лорка ги прикажал својата и главата на Неруда како се поставени на една маса, облезани со млазови крв што истекува на подот. Потезите на цртежот се едноставни, природни, прецизни, чисти и спокојни, со нагласување а темнината на очните дупки на Лорка и густите веѓи на Неруда. А над нив, отстрана во празниот простор, стои профилот на месечевиот срп. Исто како и неговата поезија, и овој цртеж како да ја содржи визијата на Лорка за неговата прерана, трагична смрт.[19]

Наводи

уреди
  1. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 154.
  2. 2,0 2,1 2,2 Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 155-156.
  3. 3,0 3,1 Tanasije Mladenović, „F. G. Lorka“, во: Lorka, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 99.
  4. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 165-166.
  5. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 155-157.
  6. Tanasije Mladenović, „F. G. Lorka“, во: Lorka, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 99-107.
  7. Tanasije Mladenović, „F. G. Lorka“, во: Lorka, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 106.
  8. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 153.
  9. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 157.
  10. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 154-155.
  11. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 156-158.
  12. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 158-162.
  13. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 164-165.
  14. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 156.
  15. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 163.
  16. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 162-163.
  17. Tanasije Mladenović, "F.G. Lorka", во: Lorka, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 99-107.
  18. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 155.
  19. Матеја Матевски, „Федерико Гарсија Лорка 1898-1936“, во Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 166-167.