Светиврачко-петричка Котлина

котлина во Пиринска и Егејска Македонија

Светиврачко-петричка Котлина или Санданско-петричка Котлина (бугарски: Санданско-Петричка котловина) — котлина во југозападна Пиринска Македонија и сосем мал дел од Валовишко (Демирхисарско), Егејска Македонија. Сместена е во поречието на реката Струма и нејзината десна притока Струмица (нарчена и Струмешница).[1]

Поглед кон Светиврачко-петричката Котлина од Беласица. Долу е Петрич, а во пазувите на планината се гледа Свети Врач.
Реката Струма како минува низ згаснатиот вулкан Кожув.

Географски одлики

уреди

Местоположба, граници и големина

уреди

Котлината е сместена меѓу планините Пирин (на исток), Малеш и Огражден (на запад и северозапад), Беласица (на југозапад) и Сенгелска и Славјанка (на југоисток). Средната надморска височина изнесува околу 200 метри, а зафаќа површина од околу 550 км2. Достига најголема должина од 42 км и најголема ширина од 13 км. Условно се дели на две полиња — Светиврачко (поголемо, во правец север-југ) и Петричко (помало, во правец запад-исток); меѓу нив се наоѓа младиот изгаснат вулкан Кожув (Кожух). Најистурените делови на Кожув се издигат речиси 200 м над коритото на Струма. На север Кресненската Клисура ја поврзува со Симитлиската Котлина, а на југ преку Рупелската Клисура — со пространото Серско Поле во Егејска Македонија. На запад е широко отворена кон Струмичкото Поле во Р Македонија.

Геолошка градба, земјишни облици и природни богатства

уреди

Настанокот на котлината започнал во почетокот на терцијарот, со грабеновидно пропаѓање. Во плиоценот се образувало пространо езеро, кое се исцедило во квартарот. Котловината е силно раслченета со многу долини и од изгаснатиот вулкан Кожув. Во јужниот дел е образувана малата, но изразена Марикостинска Клисура меѓу Митин и Бански Рид. Нејзината голема заливна тераса во рамките на котлината на места е заблатена[2]. Двете главни долини во котлината на Струма и Струмица имаат широки алувијални дна. Во северниот дел, во пазувите на Малеш крај с. Палат има наоѓалишта на флуорит. По околните раседи по кои потонала котлината избиле повеќе минерални извори — кај Свети Врач (Сандански), Левуново, Марикостиново, во месноста Рупите во изгнаснатиот вулкан Кожув кај Петрич.

Клима, води и почви

уреди

Во котлината владее преодна средоземна клима, и ова е едно од најтоплите места во денешна Бугарија. Тука се највисоките средни годишни температури — 13,9 °C во Свети Врач и 13,6 °C во Петрич; средна јануарска температура: 2,4 °C во Свети Врач и 1,6 °C во Петрич; средна јулска температура: 24,6 °C во Свети Врач и 25,1 °C во Петрич. Вкупните годишни врнежи изнесуваат 534 мм во Свети Врач и 670 мм во Петрич, со највеќе врнежи преку зимата. Овој крај е најсувиот во целата држава[3]. Снежната покривка се задржува само неколку денови.

Светиврачко-петричкото Поле се одводнува од река Струма и нејзините бројни притоки кои ивираат од соседните планини. Леви притоки се: Влаина Река, Светиврачка Бистрица, Мелничка Река, Пиринска Бистрица и др.; десни се: Цапаревска Река, Лебница, Струмица и др.

Крај речните корита почвите се претежно алувијални и делувијални, а по ридските делови и надворешноста — од циметен ливадски шумски вид.

Стопанство, флора и фауна

уреди

Во котлината има доста зеленчукови насади, како и овоштарници од праски, киви, смокви и маслинарници. Добро развиени земјоделски гранки се лозарството, тутунарството и овоштарството. По поречието на Струма се среќаваат водољубиви растенија како елата, тополата, врбата и јаворот, а животинският свет е претставен со средоземните видови на отровни пајаци, водната полјанка, блатната желка, шарката, поскокот, смокот и други. Светиврачко-петричката Котлина лежи на една од главните воздушни магистрали за преселба на птиците од Европа во Африка — „Вија Аристотелис“ (Задбалканскиот пат).

Во наносните конуси на дното на котлината се насобрале значајни количества на подземни води. Поради мноштвото минерални извори се развиваат и бањските лекувалишта, како и производството на зеленчуци во стакленици.

Населени места

уреди

Поради поволните климатски и почвени услови, котлината е густо населена. Во неа има 3 града и 53 села.

Во Пиринска Македонија
Во Егејска Македонија

Сообраќај

уреди

Низ котлината минуваат делници на 4 патишта од државната патна мрежа:

  • Од север кон југ: од градот Кресна до ГП „Кулата“, во должина од 47,4 км — делница од првокласниот пат пат бр. 1 ВидинСофијаГорна Џумаја – ГП „Кулата“ кон Валовишко, Егејска Македонија
  • Од североисток кон југозапад, во должина од 12,7 км — целата делнциа од третокласниот пат бр. 108 Ново ДелчевоПетрич
  • Од запад кон исток, меѓу селата Ново Делчево и Хотово, во должина од 5,3 км — делница од третокласниот пат бр. 109 Ново ДелчевоМелник
  • Од исток кон запад, од Катунци до ГП „Златарево“, во должина од 50,9 км — делница од третокласниот пат бр. 198 НеврокопПетрич – ГП „Златарево“ за Струмичко, Р Македонија

Напоредно на првокласниот пат бр. 1 минува и пругата од Софија за Солун и отклонот од ЖС „Припечене“ (Генерал Тодороов) до Петрич.

Подрачјето на котлината речиси наполно е искористено. Туризмот и земјоделството се добро развиени и овозможуваат стопанска устојчивост.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Мичев, Николай и др. (1980). Географски речник на България. София: Наука и изкуство. стр. 426–427.
  2. Наведено во: География за 10 клас; Автори: доц. Румен Пенин, Мариана Султанова, доц. д-р Веселин Бояджиев, гл. ас. д-р Тони Трайков; Издателство Булвест 2000. Урок: Рило-Родопска област. София, 1997, стр. 65.
  3. „Осоговско-Беласишката планинска редица и долината на р. Струма“. Архивирано од изворникот на 2007-10-28. Посетено на 2020-02-04.