Ѓорге Иванов (р. 2 мај 1960 во Валандово) — македонски политичар, универзитетски професор и поранешен Претседател на Македонија во периодот од 2009 до 2019 година. На функцијата стапил на 12 мај 2009 откако победил на претседателските избори истата година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а за втор мандат бил избран во 2014 година. Претходно бил професор по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје. Иако во младоста се интересирал за технички науки, завршил право на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Извесно време работел како новинар во МРТ, а бил и член на подмладокот на Сојуз на комунистите на Југославија. Во 1998 станал професор на Правниот факултет во Скопје, а ја извршувал и функцијата продекан на факултетот во еден мандат. Пред да стане претседател, имал левичарски убедувања и бил активен во невладиниот сектор како член на управниот одбор во фондацијата Отворено Општество.

Ѓорге Иванов
Ѓорге Иванов

Портрет на Ѓорге Иванов.


Мандат
12 мај 2009 – 12 мај 2019
Претходник Бранко Црвенковски
Следбеник Стево Пендаровски

Роден 2 мај 1960(1960-05-02)(64 г.)
Валандово, Македонија, Југославија
Партија ВМРО-ДПМНЕ (до 2009 година)
Независен (од 2009 година)
Сопружник Маја Иванова
Професија Професор по политички науки
Религија Православен христијанин
Потпис
Претседатели на Македонија

За време на претседателските избори во 2009, Иванов добил поддршка од повеќемина јавни личности од академската, политичката, културната, и спортската фела. На неговата прва инаугурација присуствувале претседателите на Србија, Хрватска, Албанија, и Црна Гора. Имал затегнати односи со косовскиот претседател, поради промена на поканата од официјална во работна. Во 2014 освоил втор претседателски мандат, но не бил признат од СДСМ поради обвинувања за изборен фалсификат и од ДУИ поради немање поддршка од Албанците во Македонија. За време на вториот мандат ги заладил односите со ЕУ и Германија, обвинувајќи ги за неажурност во справувањето со европската мигрантска криза. Неговата одлука во април 2016 за општа аболиција на сите осомничени од страна на СЈО ја предизвикало Шарената револуција, повеќемесечни протести низ повеќе градови во Македонија против претседателскиот акт. Одлуката ја повлекол во јуни, но ги обвинил опозицијата и странските амбасадори за внесување на земјата во политичка криза.

Ран живот и новинарска кариера

уреди

Иванов е роден во Валандово на 2 мај 1960 година. Во раните денови повеќе го интересирале техничките науки и електрониката,[1] но по завршувањето на основното и на средното образование во Валандово, ги започнал студиите по право на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. За време на студиите започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации - отворајќи прогресивни теми во списанијата Млад борец, Студентски збор и Младински форум.[2] Дипломирал на Правниот факултет во 1982 година.[3] На 27-годишна возраст трајно се преселил во главниот град.[4]

Во 1988 година почнала неговата седумгодишна новинарска кариера во Македонската радио релевизија, каде што напредувал до позицијата уредник на третата програма во Македонското радио[2]. Во текот на новинарската кариера бил активен во напорите за реформирање на политичкиот систем. Бил член на претседателството на Сојузот на социјалистичка младина на Југославија пред распадот на поранешната држава, заедно со Бранко Азески.[5] Со распадот на еднопартискиот систем, активизмот на Иванов во младинските движења бил насочен кон промовирање на политичкиот плурализам и на пазарната економија. Оваа активност ја продолжил и на универзитетот, на кој почнал со работа во 1995 година.

Академска кариера

уреди

Иванов магистрирал политички науки во 1994 година на темата „Цивилно општество – новите контрадикторности на старата расправа“.[3][6] Во 1998 година докторирал на Правниот факултет во Скопје со одбрана на дисертацијата – „Демократијата во поделените општества, со посебен осврт на Република Македонија“.[3] Неговиот докторат е насочен кон градењето демократија во поделени општества, конкретно обработувајќи го примерот на Република Македонија.[6]

Својата академска кариера Иванов ја започнал во 1995 кога бил избран за асистент на Правниот факултет во Скопје. Бил асистент на професорот Љубомир Фрчкоски.[7] Во 1998 бил избран за доцент на предметите политички теории и политичка филозофија.[3] Во 1999 година бил избран за визитинг професор на постдипломските студии за Југоисточна Европа на универзитетот во Атина.[3] Од 2000 година станал член на Советот на директори на европските постдипломски студии за демократија и човекови права на универзитетот во Болоња и координатор на курсот за демократија, што се изведува на универзитетот во Сараево.[3] Во 2001 година станал раководител на политичките студии при Правниот факултет во Скопје. Во 2002 бил избран за вонреден професор, а во 2008 за редовен професор.[3] Од 2004 до 2008 бил продекан на Правниот факултет. Во 2008 година станал претседател е на Одборот за акредитација на високото образование на Република Македонија.[3]

На политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Иванов работел на претставување нови научни погледи на политиката меѓу своите студенти.[6] Иванов бил раководител на ТЕМПУС - програмата на Европската Унија за Македонија, воведувајќи реформи во наставната програма и магистерски програми на англиски јазик по европски институции и политики, и политички менаџмент. Како професор престојувал и држел предавања на повеќе странски универзитети и учествувал во меѓународни проекти.[3][6]

Професорот Иванов е меѓу соосновачите на првото македонско списание за политичка наука – Политичка мисла. Тој е основач и на првата политолошка струкова асоцијација во независна Македонија. Иванов е и еден од основачите на Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, реномиран аналитички центар во Македонија кој помогнал да се обликува македонската политичка сцена.[6] Негов специфичен академски интерес е милет системот на Османлиското Царство.[6] Иако никогаш не бил партиски член, професорот Ѓорге Иванов бил активен во формулирањето на реформската програма на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која го номинирала за претседателски кандидат на изборите во 2009 година.[6]

Политички ставови и кариера

уреди

Пред претседателските избори во 2009 година, Иванов не бил директно политички активен, но застапувал најразлични политички ставови. Како политички идол го наведува чешкиот драматург и дисидент Вацлав Хавел и неговата Група 77, групата интелектуалци кои го промовирале уривањето на комунистичкиот систем. Во годините на распадот на СФР Југославија, Иванов во Скопје го донел Зоран Ѓинѓиќ, кој подоцна станал жртва во своите обиди да го разбие режимот на српскиот претседател Слободан Милошевиќ.[2]

За време на неговата кариера во невладините организации и академскиот свет, Иванов држел сите партии во Македонија, преку разни програми на странски организации.[2] Иванов првично ја поддржувал левицата, за подоцна цврсто да за почне да ја поддржува конзервативната ВМРО-ДПМНЕ.[5][8]

Не го поддржувал Охридскиот рамковен договор со кој бил ставен крај на меѓуетничкиот конфликт во Македонија во 2001. Посериозни разидувања со политиките на СДСМ започнал да има во 2004 година. Го критикувал намалувањето на законскиот праг за избор на градоначалници за локалните избори во 2005 година, сметајќи дека новите градоначалници ќе немаат доволен легитимитет.[9] Сметал дека нерешените проблеми го предизвикале референдумот за територијалната организација во 2004 година, и го критикувал односот на СДСМ, политичките елити и странските амбасадори кон него. Исто така, застапувал цврсти ставови во врска со спорот за името со Грција и ја поддржал идејата граѓаните на референдум да се изјаснат по ова прашање.[5][8][10][11] Со СДСМ дефинитивно расчистил во 2005, кога во аферата „Југ“ бил уапсен неговиот брат, кој работел во полициската станица на преминот Богородица.[5]

Во 2006, предупредил дека падот на довербата во институциите на системот може доведе до појава на авторитарни политичари во Македонија.[12] Станал жесток критичар на политиките на тогашниот претседател Бранко Црвенковски.[5] Името на Иванов за првпат во политичките кругови се спомнува во февруари 2008 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ планирала да го испрати во Атина како шеф на канцеларијата за врски во Република Грција. На ова било реагирано од кабинетот на Црвенковски, според кои, таквото именување би било спротивно на законот за надворешни работи кој бара претседателски указ за ваквата амбасадорска позиција.[13]

Претседателски избори 2009 година

уреди

На 13 јануари 2009, само неколку часа по предлогот на СДСМ на Срѓан Керим за заеднички кандидат на претседателските избори, на изненадување на медиумите, од ВМРО-ДПМНЕ било официјално објавено дека Иванов ја поднел првата кандидатура за претседател за партиската конвенција. Зад кандидатурата на Иванов, застанале повеќе министри и членови на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Зоран Ставрески, Антонио Милошоски, Ивица Боцевски, Гордана Јанкуловска, како и неколкумина пратеници и истакнати професори. Освен четворицата министри, кандидатурата ја потпишале и Љубиша Георгиевски, Влатко Ѓорчев, Паско Кузман, Владимир Талески, Борис Змејковски, Александар Николоски и Вилма Трајковска. Свои потписи на писмото ставиле и ректорите на скопскиот, битолскиот и штипскиот универзитет Велимир Стојковски, Златко Жоглев и Саша Митрев, потоа професорите Светомир Шкариќ, Гордана Силјановска, Љубомир Кекеновски и Бранислав Саркањац. Иванов тврдел дека и премиерот Никола Груевски го поддржал. Поддршка дале и шест членови на МАНУ (академиците Цветан Грозданов, Блаже Ристовски, Ѓорѓи Ефремов, Томе Бошевски, Гане Тодоровски и Божин Павловски), членови на Друштвото на писатели на Македонија (претседателот Раде Силјан), глумците Игор Џамбазов, Ванчо Петрушевски и Александар Шехтански, оперските пејачи Весна Гиновска-Илкова, Цветан Стојановски, Славица Петровска-Галиќ, Ѓорѓи Цуцковски и Горан Начевски, режисерите Сашо Миленковски и Синиша Ефтимов, виолинистот Михајло Куфојанакис, балетските уметници Бобан Ковачевски, Мирјана Поп-Алексова, ракометарките Индира Кастратовиќ и Валентина Радуловиќ.

Кандидатурата веднаш била поддржана и од ВМРО-ДП. Во вакви услови, Љубе Бошкоски решил дека внатрепатриските извори нема да бидат фер и се решил за независна кандидатура за претседател.[14][15][16][16][17][18] По кратки шпекулации дека ДУИ ќе го поддржи Иванов како заеднички кандидат во првиот круг, тие сепак потврдиле дека ќе го кандидираат Агрон Буџаку за претседател.[19] СДСМ, кои во тој момент барале интерпелација на министерот за образование Перо Стојановски, побарале и оставка од ректорите на трите универзитети бидејќи според нив било срамно тие да се потпишат на интерен партиски оглас.[20] Набргу по поддршката од страна на академиците, сите вработени во МАНУ добиле двојно зголемување на примањата.[21]

На 25 јануари 2009 владејачката ВМРО-ДПМНЕ го номинирала Иванов за нивен претседателски кандидат. За него гласале 1.016 делегати од вкупно 1.143 присутни, додека неговиот противкандидат, претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, добил 91 глас. По номинацијата изјавил дека сака да биде кандидат кој ќе обединува.[22] Исто така, освен пратеничките потписи во Собранието, во текот на следните неколку денови за неговата кандидатура се потпишале 23.160 граѓани.[23] Уште утредента, Иванов започнал со средби со Македонската православна црква, Исламската верска заедница и ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а на 28 јануари се сретнал со Сојузот на стопански комори на Македонија.[24][25] Следниот дел добил поддршка од Социјалистичката партија на Македонија.[26] За време на кампањата, Иванов изјавил дека, доколку тој стане претседател ќе инсистира на состанок помеѓу него и претседателот на Грција и дека еден од неговите приоритети е решавање на спорот за името со Грција.[27]

Во првиот круг на македонските претседателски избори во 2009 година, Иванов освоил 345.850 гласа (35,04%), а втор бил кандидатот на СДСМ, Љубомир Фрчковски, со 202.691 глас (20,54%).[8][28] Во вториот круг на изборите, Иванов победил со 453.616 гласа (63,14%), наспроти противкандидатот Фрчковски кој освоил 264.828 гласа (36,86%).[29]

Веднаш по објавувањето на резултатите од Државната изборна комисија Иванов запалил свеќа во Соборниот храм во Скопје, го изразил своето задоволство што никој не му го спори легитимитетот и ја реафирмирал својата намера да се сретне со грчкиот претседател Каролос Папуљас, веднаш по стапувањето на функција во мај 2009.[30] Неговата прва средба била со водачот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, во која тие разговарале за ЕУ и НАТО интеграциите и во која тој ветил дека во кабинетот ќе вклучи албански интелектуалци. По средбата, на новинарски прашања околу спорот за името со Грција, одговорил дека се залага за разумен компромис, притоа не објаснувајќи што тоа значи: „разумен компромис е разумен компромис, не можам да ви објаснувам“.[31] На 16 април Иванов го добил уверението за избор од страна на ДИК.[32]

Прва инаугурација

уреди

На 12 мај 2009 Ѓорге Иванов и официјално ја презел својата нова должност, наследувајќи го Бранко Црвенковски како претседател на Република Македонија. По официјалната заклетва, тој го одржал својот прв говор во македонското Собрание.[33] Освен премиерот Никола Груевски и владиниот кабинет, на инаугурацијата присуствувале и претставници на други државни институции, на дипломатскиот кор, на судството, на верските заедници, дотогашниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски и првиот на независна Македонија Киро Глигоров, како и хрватскиот претседател Стипе Месиќ, српскиот Борис Тадиќ, албанскиот Бамир Топи и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ.[33][34] Од парламентарните партии опозициската Демократската партија на Албанците го бојкотирала неговиот избор.[33][34] Во своето прво обраќање како претседател, Иванов рекол дека неговите приоритети се јасни: македонската интеграција во НАТО и ЕУ, негувањето на добрите меѓуетнички односи внатре, како и со соседите, посебно со Грција.[33][34]

Прв мандат

уреди
 
Иванов со сопругата кај Барак и Мишел Обама

На истиот ден на неговата инаугурација, Иванов испратил писмо до американскиот претседател Барак Обама во кое ја истакнал решителноста за продолжување на дијалогот со Грција за изнаоѓање взаемно прифатливо решение во спорот за името, со кое ќе се почитува македонскиот национален идентитет, јазик и култура. Исто така, му изразил благодарност на Обама за неговата поддршка на Македонија на Самитот на НАТО во 2009 година.[35][36]

Неговата прва официјална посета се случила веќе следниот ден, кога заедно со Груевски и вицепремиерите Ивица Боцевски и Абдулаќим Адеми го посетиле Брисел. Таму се сретнале со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана, како и еврокомесарот за проширување Оли Рен. На средбата Иванов ги истакнал своите приоритети: определбата за интеграција на Македонија во Европската унија, визната либералазиција за македонските граѓани, како и почетокот на преговорите за полноправно членство во ЕУ, изразувајќи надеж дека ќе во меѓувреме ќе се изнајде взаемно прифатливо решение со Грција во спорот за името. Солана изјавил дека е многу важно што првата средба по назначувањето Иванов ја остварил во ЕУ и НАТО.[37]

Првата официјална посета на странски државник во неговиот мандат требало да биде посетата на претседателот на новопрогласената Република Косово, Фатмир Сејдиу, кој не бил поканет на инаугурацијата. Но, средбата била одбиена од косовска страна, бидејќи според нив, во меѓувреме од кабинетот на Иванов го смениле карактерот на посетата, од официјална, во работна, што Сејдиу го сметал за навреда.[38]

 
Ѓорѓе Иванов со претседателот на Русија, Дмитриј Медведев, на парадата на Денот на победата, 9 мај 2010

Во 2010 година, Иванов започнал да ја искажува својата заложба за Pax Europea, европски мир кој ја подразбира Европа како отворен простор во кој има слобода на движење на луѓе, на идеи, капитал и производи. Најпрво оваа заложба ја изразил на 14 април 2010, со авторски текст во париски Ле Монд под наслов „Дозволете и на Македонија да се интегрира во Европската унија“. Во текстот, кој претставува прв текст објавен од македонски претседател во овој весник, Иванов ја анализира европската историја низ вековите, низ призмата на националниот македонски идентитет, којшто со својата интеграција во Европа ја приклучува и целокупната историја на својата култура и цивилизациско наследство.[39] Својата визија за Pax Europea Иванов ја презентирал на повеќе меѓународни самити, конференции, предавања и свечености во 2010 и 2011 година, вклучувајќи и обраќање пред парламентарното Собрание на Советот на Европа.[40][41][42][43][44]

Истата, 2010 година, ја основал школата за млади водачи,[45] и ја востановил наградата „најдобар млад научник“.[46] Иванов ја напуштил политиката на еквидистанца кон соседите, промовирана од некој од неговите претходници, сметајќи дека „подеднаква блискост“ е подобра политика. Исто така, се залагал за подобри односи со македонската дијаспора.[2]

Претседателски избори 2014 година

уреди

На конвенцијата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на 1 март 2014, Ѓорге Иванов бил избран за нивен претседателски кандидат. На конвенцијата Иванов со 90 отсто од гласовите на делегатите ги победил противкандидатите Јове Кекеновски, Ставре Џиков и Божидар Ночев. Дополнително, за неговата кандидатура се потпишале 63.253 граѓани.[47] Во првите десет дена од кампањата на Иванов на изборите закажани за 13 април 2014 биле потрошени повеќе од половина милион евра, додека опозицискиот противкандидат, кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски потрошил нешто над 90.000 евра.[48]

Во првиот круг на македонските претседателски избори во 2014 година, Иванов освоил 449.442 гласа (25,26%), а втор бил кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, со 326.164 гласа (37,51%).[49] Во вториот круг на изборите, Иванов победил со 534.910 гласа (55,28%), наспроти противкандидатот Пендаровски кој освоил 398.077 гласа (41,14%).[50] Изборните резултати не биле признаени од СДСМ, ДПА, и други опозициски партии според кои изборите ги одбележала недемократска атмосфера со притисоци.[51] На 2 мај 2014, членот на ДИК, Бедредин Ибраими му го врачил уверението за избор на Иванов.[52]

Втора инаугурација

уреди

На 12 мај 2014 Ѓорге Иванов и официјално го започнал својот втор претседателски мандат. За разлика од првата инаугурација, на оваа седница не присуствувале колегите-водачи од регионот. Инаугурацијата била поздравена од владеачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската ДПА. Инаугуративната седница била бојкотирана од опозицискиот СДСМ кој не ги признавал изборните резултати и одбивал да ги прифати пратеничките мандати, како и од владеачката ДУИ според кои Иванов бил нелегитимен претседател затоа што ја немал поддршката на Албанците кои живеат во Македонија.

Во своето обраќање пред Собранието при потпишувањето на свечената изјава, Иванов нагласил дека останува на патот на европската и евроатлантската интеграција, но воедно истакнал и дека очекува Европската унија и НАТО да останат доследни на своите принципи во проширувањето. Во однос на спорот за името, тој нагласил дека нема да дозволи промена на уставното име на Република Македонија. По инаугурацијата, во својата резиденција Вила Водно, имал средби со обични граѓани.[53]

Втор мандат

уреди

Во март 2016, германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг го опишал Иванов како „најнерелевантниот претседател во историјата на Македонија“ и како „сервилен претседател без идеи и амбиција“.[54] Истиот месец, во интервју за најтиражниот германски весник Билд Иванов жестоко ги критикувал ЕУ и Германија за справувањето со европската мигрантска криза. Според него, Република Македонија потрошила 25 милиони евра, но не добила ниту еден цент европска помош за кризата, а ја штитела Унијата од напливот на бегалците. Германија ја обвинил за несоработка во поглед на споделувањето податоци за осомничени џихадисти. Во заклучок на интервјуто, изјавил и дека е лут на ЕУ бидејќи според него 25 години ги манипулирала и лажела македонските граѓани.[55] Официјален Берлин ги отфрлил овие обвинувања - портпарол на министерството за внатрешни работи изјавил дека Македонија разменува податоци преку Европол, додека портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт, изјавил дека Германија со голем ангажман работи на стабилизирање на западнобалканските држави: само за Македонија ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година ставала на располагање 664 милиони евра, а државата имала добиено 52 милиони евра за згрижување на бегалците. Реагирала и портпаролката на Европската Комисија, според која земјата од 2007 година добила помош од околу 900 милиони евра, а дополнително добила хуманитарна помош за бегалците. Иванов останал на својот став и барал докази за наводите на ЕУ и Германија.[56][57]

 
Граѓани протеситраат против одлуката на претседателот за општа аболиција.

На 12 април 2016, Иванов, во услови на распуштено Собрание, користејќи го своето повторно стекнато право за помилување на лица вмешани во изборен криминал, прогласил општа аболиција и ги прекинал сите кривични постапки против политичари и нивни соработници или поддржувачи од спротивставените страни во македонската политичка криза. Иванов изјавил дека тоа го направил самоиницијативно со цел да го заштити државниот интерес и за да придонесе во разрешувањето на политичката криза. Од опозицискиот СДСМ потегот го нарекле државен удар и го обвиниле Иванов за погазување на Уставот, законите и достоинството на граѓаните, како и погребување на Договорот од Пржино, барајќи повторно свикување на Собранието и негова оставка. Оставка на Иванов побарале и од Демократскиот сојуз.[58] Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ изјавиле дека се „фрапирани“ од Иванов и дека не ја поддржуваат неговата одлука.[59][60] Македонскиот Хелсиншки комитет го обвинил Иванов за злоупотреба на службената положба, донесување одлука без законска основа, пречекорување на овластувањата со што се ставил над правото, над парламентот и над политичкиот договор од Пржино.[61]

Утредента, на 13 април, илјадници граѓани протестирале против одлуката на протест кој започнал пред просториите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а продолжил по улиците на Скопје, при што била искршена и опожарена канцеларијата на Иванов во центарот на градот, како и прозорци на Министерството за правда. На протестот имало уапсени и повредени лица.[62] Во натамошните денови, одлуката за аболиција предизвикала серија на масовни протести од домашната јавност во повеќе градови, кои подоцна ќе го добијат името Шарена револуција, како и жестоки реакции од страна на САД, ЕУ и поединечни европски земји. Русија, пак, тврдела дека во Македонија се спрема „украинско сценарио“.[63][64]

На 27 мај 2016, Иванов најпрвин ја повлекол аболицијата за 22 „политички експонирани“ лица, а по 10 дена целосно ја повлекол аболицијата, сметајќи дека сепак донел вистинска одлука.[65] На 22 јуни 2016, Иванов во обраќање за јавноста за виновници за македонската политичка криза ги прогласил СДСМ и ДУИ, како и СЈО, кое според него, станало инструмент за селективно прогонување. Објаснувајќи ја контраверзната одлука за аболиција, Иванов рекол дека против Македонија се води специјална војна и дека одлуката била неопходна за да воспостави ред и да не ја ангажира Армијата на Република Македонија.[66] По обраќањето, од него повторно оставка побарале СДСМ, ДУИ, ДС и ЛДП.[67]

Награди и почести

уреди

Почести

уреди

Награди

уреди
  • 2011 - Признание за водство во намалувањето на ризиците од катастрофи, доделено од Меѓународната стратегија за намалување на катастрофи при Обединетите Нации[73]
  • 2012 - Признание „Мир и спорт“ од меѓународната организација „Мир и спорт“[74]
  • 2014 - Награда на Фондацијата за 2014 година на Форумот Кран Монтана[73]

Почесен професор / доктор

уреди
Универзитет Титула Година
Академија за јавна администрација, Баку, Азербејџан Почесен доктор [75] 2016
Универзитет „Хаџи Бекташи Вели“, Невшехир, Турција Почесен доктор [75] 2015
Московски универзитет „Ломоносов“, Москва, Русија Почесен професор [75] 2014
Југозападен Универзитет за финансии и економија, Ченгду, Кина Почесен професор [75] 2013
Универзитет „Истанбул“, Истанбул, Турција Почесен доктор [76] 2011
Христијански универзитет „Димитрие Кантемир“, Букурешт, Романија Почесен доктор [77] 2011
ТОББ-ЕТУ универзитет, Анкара, Турција[74] Почесен доктор [78] 2009

Во март 2012 година во Салцбург, Иванов бил инаугуриран за протектор на здружението Европска академија на науките и уметностите.[69][79] Во декември 2013 година, Иванов станал член на здружението Светска академија на науките и уметностите.[69][80] Сите почесни докторати на Иванов се по неговото стапување на функција претседател, што им го намалува нивното научно значење, според поранешниот министер за образование Ненад Новковски. Иванов не поседува ниедно признание од западноевропски универзитет.[69]

Државни посети

уреди

Поврзано: Список на државни посети направени од Ѓорге Иванов

Според неговата официјална биографија, во текот на својот мандат како претседател остварил рекордна дипломатска агенда со преку 200 билатерални средби со шефови на држави. Преку 150 средби со премиери, претседатели на парламенти и шефови на дипломатија. Преку 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. За време на својот мандат остварил повеќе од 100 средби со други странски државници, со високи претставници на меѓународни организации и со верски водачи. Бил домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија.[6]

Учества на интернационални самити и конференции

уреди
 
Иванов на Меѓународната конференција за безбедност во Минхен, 2010

Книги

уреди
  • „Цивилно општество“
  • „Демократијата во поделените општества: македонскиот модел“
  • „Современи политички теории“ (во соавторство со Љубомир Д. Фрчкоски)
  • „Политички теории - Антика“ (во соавторство со Светомир Шкариќ)
  • „Политички теории - Среден век“ (во соавторство со Светомир Шкариќ)

Семејство и личен живот

уреди
 
Маја Иванова

Во младоста, хоби на Иванов била електрониката и неговите соседи од Валандово се сеќаваат дека „Бат Ѓоко“ имал презентација на своите модели во Домот на културата. Иванов во младоста ги поправал музичките инструменти на групата Апсаздан. Со оваа група тој и запеал во селото Пирава каде што го имале првиот концерт, но потоа бил само логистичка поддршка на групата.[1]

Претседателот Иванов е оженет со Маја Иванова, која е вработена во Агенцијата за цивилна воздушна пловидба на Македонија. Со неа се запознале на крајот од 80-тите години во Претседателството на Републичкиот ССММ каде членувала. Имаат еден син, Иван.[93] Себеси Иванов се опишува како балканофил, вљубеник во Балканот, неговата музика, историја и храна.[2]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Валандово, град на претседатели“. Посетено на 17 јули 2016.[мртва врска]
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Македонска нација: Профил на Претседателот Ѓорге Иванов“. Посетено на 30 јуни 2016.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 „Правен факултет: Д-р Ѓорге Иванов“. Архивирано од изворникот на 2016-03-06. Посетено на 5 јуни 2016.
  4. „Правен факултет: Иванов го фаќа фудбалската треска“. Посетено на 5 јуни 2016.[мртва врска]
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 „Претседателскиот сон на професорот од Валандово“. Посетено на 2 јули 2016.[мртва врска]
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 6,7 „Официјална биографија на Претседателот на Република Македонија, Д-р Ѓорге Иванов“. Архивирано од изворникот на 2013-11-13. Посетено на 30 јуни 2016.
  7. „Правен ја чека битката меѓу професорите“. Посетено на 13 јули 2016.[мртва врска]
  8. 8,0 8,1 8,2 „Македонија: претседателски и општински избори 2009“. Посетено на 12 јули 2016.
  9. „Пендаровски: Избирачките одбори не знаат математика“. Посетено на 17 јули 2016.
  10. „Ќе добие ли Иванов поддршка од ДУИ во првиот круг?“. Посетено на 12 јули 2016.[мртва врска]
  11. „Иванов: „Нерешените проблеми го предизвикаа референдумот". Посетено на 17 јули 2016.
  12. „Граѓаните се разочарани во институциите и во политичарите“. Посетено на 17 јули 2016.
  13. „И амбасадорот во Атина е со указ на претседателот, реагира Црвенковски“. Посетено на 12 јули 2016.[мртва врска]
  14. „ВМРО-ДПМНЕ се мобилизира за номинација на Иванов“. Посетено на 12 јули 2016.[мртва врска]
  15. „Ѓорге Иванов ќе собира потписи“. Посетено на 12 јули 2016.[мртва врска]
  16. 16,0 16,1 „ВМРО-ДП: Ѓорѓе Иванов за претседател“. Посетено на 17 јули 2016.
  17. „ВМРО-ДПМНЕ во тесно поради кандидатурата на Љубе Бошкоски“. Посетено на 17 јули 2016.[мртва врска]
  18. „Потписот на уметникот - ДДВ на политиката“. Посетено на 20 јули 2016.[мртва врска]
  19. „Груевски тврди: Нема тајни договори со Ахмети“. Посетено на 17 јули 2016.[мртва врска]
  20. „Ректорските потписи за Иванов грев за оставка на Стојановски“. Посетено на 17 јули 2016.
  21. „Власта ги награди академиците“. Посетено на 17 јули 2016.[мртва врска]
  22. „Ѓорге Иванов сака да биде во обединувачка мисија“. Посетено на 12 јули 2016.[мртва врска]
  23. „Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател Ѓорге Иванов ги достави потписите до ДИК“. Посетено на 20 јули 2016.[мртва врска]
  24. „Иванов почна со средби“. Посетено на 20 јули 2016.[мртва врска]
  25. „Стопанствениците го запознаа Ѓорге Иванов со проблемите“. Посетено на 20 јули 2016.[мртва врска]
  26. „СПМ го поддржа Ѓорѓе Иванов“. Посетено на 20 јули 2016.
  27. „Иванов го омекнува тонот на ВМРО-ДПМНЕ спрема Атина“. Посетено на 5 јуни 2016.[мртва врска]
  28. „Граѓаните избираа претседател и градоначалници“. Архивирано од изворникот на 2019-01-11. Посетено на 5 јуни 2016.
  29. „Граѓаните избираа претседател и градоначалници“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-10-16. Посетено на 16 јуни 2016.
  30. „Иванов: Покана за Папуљас во мај“. Посетено на 16 јуни 2016.[мртва врска]
  31. „Иванов на првата политичка средба го одбра Ахмети“. Посетено на 17 јуни 2016.[мртва врска]
  32. „Иванов доби уверение за претседател“. Посетено на 19 јуни 2016.
  33. 33,0 33,1 33,2 33,3 „12 мај 2009 – инаугурација на Иванов (фотогалерија)“. Посетено на 19 јуни 2016.
  34. 34,0 34,1 34,2 „Инаугуриран новиот Претседател на Република Македонија“. Посетено на 19 јуни 2016.[мртва врска]
  35. „Писмо од Ѓорге Иванов до американскиот претседател Барак Обама“. Посетено на 19 јуни 2016.
  36. „Иванов испрати писмо до Обама“. Посетено на 19 јуни 2016.[мртва врска]
  37. „Вистинското место на Македонија е во ЕУ“. Посетено на 19 јуни 2016.
  38. „Сејдиу не му кревал слушалка на Иванов“. Посетено на 8 јули 2016.[мртва врска]
  39. „Иванов за „Ле Монд": Дозволете и на Македонија да се интегрира во ЕУ“. Посетено на 19 јуни 2016.
  40. јуни17 септември 55-07/2011 јули 19 октомври 40-39/218.html „Обраќање на Претседателот Иванов пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 19 јуни 2016.[мртва врска]
  41. јуни17 септември 55-07/2011 јули 19 октомври 40-39/279.html „Предавање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Кралскиот институт за меѓународни односи Егмонт во Брисел“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 19 јуни 2016.[мртва врска]
  42. јуни17 септември 55-07/2011 јули 19 октомври 40-39/480--37-.html „Обраќање на Претседателот д-р Ѓорге Иванов на 37-та конференција на Меѓународната Пан-европска унија во Линдау“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 19 јуни 2016.
  43. јуни17 септември 55-07/2011 септември 3 ноември 36-59/497.html „Претседателот Иванов на Меѓународна конференција во Софија: Европа не е цела без Балканот“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 19 јуни 2016.[мртва врска]
  44. јуни17 септември 55-07/2011 јули 19 октомври 40-39/739.html „Предавање: Свеченост на доделување почесен докторат на претседателот Иванов на романскиот универзитет „Димитрие Кантемир" Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 19 јуни 2016.[мртва врска]
  45. јуни16-13-26-14.html „Школа за млади водачи“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 26 јуни 2016.[мртва врска]
  46. јуни17 октомври 03-42.html „Најдобар млад научник“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 26 јуни 2016.[мртва врска]
  47. „Ѓорге Иванов кандидат за нов мандат за претседател на државата“. Архивирано од изворникот на 2014-03-04. Посетено на 19 јуни 2016.
  48. „Кампања: Иванов потрошил пола милион евра, а Халими ни денар“. Архивирано од изворникот на 2018-09-27. Посетено на 19 јуни 2016.
  49. „ДИК: Предвремени Парламентарни и Претседателски избори 2014“. Архивирано од изворникот на 2016-07-07. Посетено на 19 јуни 2016.
  50. „ДИК: Предвремени Парламентарни и Претседателски избори 2014“. Архивирано од изворникот на 2014-07-27. Посетено на 19 јуни 2016.
  51. „ВМРО-ДПМНЕ слави двојна победа“. Посетено на 19 јуни 2016.
  52. „ДИК му го врачи уверението на Иванов“. Посетено на 19 јуни 2016.
  53. „Иванов – инаугурација без водачи од надвор и со сериозен бојкот од внатре“. Посетено на 19 јуни 2016.
  54. „Ѓорге Иванов: сервилен претседател без идеи и амбиција“. Посетено на 10 јули 2016.
  55. „Иванов за „Билд": 25 години ЕУ нѐ лаже и манипулира!“. Посетено на 20 јуни 2016.
  56. „Берлин ги отфрла обвинувањата на Иванов“. Посетено на 20 јуни 2016.
  57. „Иванов не им „попушта" на Берлин и Брисел“. Посетено на 20 јуни 2016.
  58. „ДС: Оставка од Ѓорге Иванов“. Архивирано од изворникот на 2016-05-16. Посетено на 10 јули 2016.
  59. „Иванов ги амнестираше сите политичари против кои се водат постапки“. Посетено на 22 јуни 2016.
  60. „СДСМ зборува за државен удар, ВМРО ДПМНЕ е фрапирана од Иванов“. Посетено на 22 јуни 2016.
  61. „Јавна кривична пријава против Ѓорге Иванов“. Архивирано од изворникот на 2016-07-03. Посетено на 10 јули 2016.
  62. „Протести против Иванов на улиците на Скопје, уапсени и повредени“. Посетено на 22 јуни 2016.
  63. „Москва контра Брисел и Вашингтон во македонската криза“. Посетено на 10 јули 2016.
  64. „Како #Протестирам прерасна во #ШаренаРеволуција“. Посетено на 10 јули 2016.
  65. „Иванов целосно ја повлече аболицијата“. Посетено на 10 јули 2016.
  66. „СДСМ нема да учествува во работата на Собранието?“. Посетено на 10 јули 2016.
  67. „Топ тема: Реакции после обраќањето на претседателот Ѓорѓе Иванов“. Посетено на 10 јули 2016.
  68. „Орден за претседателот Иванов од Малтешкиот ред на „Св. Лазар". Посетено на 22 јуни 2016.[мртва врска]
  69. 69,0 69,1 69,2 69,3 „Сите ордени, медали и дипломи на Ѓорге Иванов“. Посетено на 8 јули 2016.
  70. јуни17 септември 55-07/2011 септември 3 ноември 36-59/2503-2013-12 ноември 12-37-53.html „Претседателот Иванов одликуван со Орденот Свети Ѓорги од Куќата на Хабсбург-Лотринген“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 22 јуни 2016.[мртва врска]
  71. „Претседателот Иванов во посета на општина Пустец“. Посетено на 22 јуни 2016.
  72. „† Осветени конаците Горни и Источен Палат - Бигорски Манастир“. Посетено на 22 јуни 2016.
  73. 73,0 73,1 „ПРИЗНАНИЈА“. Архивирано од изворникот на 2015-07-23. Посетено на 25 јуни 2016.
  74. 74,0 74,1 „Иванов доби признание на Форумот "Мир и спорт". Посетено на 25 јуни 2016.
  75. 75,0 75,1 75,2 75,3 „Претседателот Иванов прогласен за почесен доктор на науки на Академијата за јавна администрација на Азербејџан“. Посетено на 25 јуни 2016.
  76. „Претседателот Иванов- почесен доктор на науки на Универзитетот Истанбул“. Посетено на 25 јуни 2016.
  77. „Претседателот Иванов во посета на Романија“. Архивирано од изворникот на 2018-10-05. Посетено на 25 јуни 2016.
  78. „Претседателот Ѓорге Иванов во посета на Турцијa“. Посетено на 25 јуни 2016.
  79. „Иванов инаугуриран во заштитник на Европската академија на науките и уметностите“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 26 јуни 2016.
  80. „Иванов Иванов член на Светската академија на науките и уметностите“. Архивирано од изворникот на 2013-12-17. Посетено на 26 јуни 2016.
  81. „Евроазиски економски Самит“. Архивирано од изворникот на 2016-03-12. Посетено на 28 јуни 2016.
  82. „Глобална платформа за намалување на ризици од катастрофи“. Архивирано од изворникот на 2016-03-13. Посетено на 28 јуни 2016.
  83. „Претседателска конференција Facing Tomorrow 2011“. Архивирано од изворникот на 2016-03-11. Посетено на 28 јуни 2016.
  84. „Самит на Претседатели на држави и влади на земјите членки на ПСЈИЕ“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 28 јуни 2016.
  85. „9-ти Самит на претседатели на земји од ЈИЕ“. Архивирано од изворникот на 2016-03-13. Посетено на 28 јуни 2016.
  86. „Меѓународна конференција за мир и спорт во Монако“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 28 јуни 2016.
  87. јуни17 септември 55-07/2011 септември 3 ноември 36-59/1282.html „Балкански мир - визија за иднината со поуки од минатото - Конференција на Алијансата на цивилизации“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 28 јуни 2016.[мртва врска]
  88. „23-та сесија на Форумот Кран Монтана во Баку, Азербејџан“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 28 јуни 2016.
  89. јуни17 септември 55-07/2011 септември 3 ноември 36-59/2769.html „Претседателот Иванов учествуваше на „Самит 100" во Цавтат, Република Хрватска“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 28 јуни 2016.[мртва врска]
  90. „Форум Кран Монтана“. Архивирано од изворникот на 2016-03-12. Посетено на 28 јуни 2016.
  91. „Присуство на „Климатскиот самит 2014" во Њујорк“. Архивирано од изворникот на 2016-03-13. Посетено на 28 јуни 2016.
  92. „Иванов учествува на Форумот Кран Монтана“. Посетено на 28 јуни 2016.
  93. „Кој е Ѓорге Иванов?“. Посетено на 17 јули 2016.[мртва врска]

Надворешни врски

уреди
Политички функции
Претходник
Бранко Црвенковски
Претседател на Македонија
2009 – 2019
Наследник
Стево Пендаровски


  Статијата Ѓорге Иванов е добра статија. Таа исполнува одредени критериуми за квалитет и е дел од инкубаторот на Википедија.