Светомир Шкариќ
Светомир Шкариќ (р. 1 јануари 1941 во Сретеново) — македонски правник и универзитетски професор на Правниот факултет во Скопје.[1]
Светомир Шкариќ | ||
Роден | 1 јануари 1941 Сретеново, Вардарска Бановина, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Народност | Македонец | |
Занимање | правник, универзитетски професор |
Животопис
уредиОсновно образование завршил во Дојран и Гевгелија, а гимназија во Струмица во 1960 година. Бил победник на првите два натпревара во ораторство на Скопскиот универзитет (1961 и 1962), учесник на четири младински работни акции на автопатот „Братство и единство“ (1958, 1959, 1962 и 1963) и на студентската работна акција за расчистување на урнатините од земјотресот во Скопје (1963).
Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1965 година. Активно учествувал во студентските протести на Белградскиот универзитет во 1968 година. Магистрирал во 1972 година и докторирал на Правниот факултет во Белград на тема „Смислата и значењето на делегатството во општествено-политичкиот систем на Југославија“ во 1978 година.
Бил избиран за асистент во 1969 година, за доцент во 1978 година, за вонреден во 1983 година и за редовен професор на Правниот факултет во Скопје во 1988 година по Уставно право и политички систем. На факултетот бил основач на научните дисциплини: Споредбено уставно право (1993), Уставно право на Европа (2005), Политички теории и Теории за мирот и конфликтите.
Имал студиски престој во Гренобл (1971-1972), како и во Сапоро и Токио (1996).
Бил директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1978–1982), член на Европскиот комитет за правна соработка на Советот на Европа (1998–2003), судија на Европскиот граѓански суд во Берлин за утврдување на одговорноста на германските пратеници и политичари за бомбардирањето на СР Југославија (1999–2000) и визитинг професор на Правниот факултет на Универзитетот „Монтескје“ во Бордо, Франција (2002).
Учествувал на конгресите на Меѓународното здружение за уставно право (1983, 1995, 2007), на Меѓународното здружение за политички науки (1978 и 1982), на Меѓународното здружение за истражување на мирот (1996, 1998, 2000 и 2002) и на Светскиот јавен форум – Дијалог на цивилизациите (2005 и 2007), како и на поголем број меѓународни научни конференции и симпозиуми на триесетина универзитети од сите континенти.
Поднесените трудови ги објавил во книгата „Македонија на сите континенти: мир, демократија и геополитика“ во Скопје во 2000 година. Објавил над 150 статии од областа на уставното право, политичките науки и мировните студии, од кои поголемиот дел на француски, англиски, руски и јапонски јазик.
Бил претседател на Здружението за уставно право на Македонија од 1994 година, експерт на ООН за избори од 1998 година, професор по уставно право на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од 2008 година, како и советник на Претседателот на Република Македонија од 2009 година.
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Шкариќ“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1653. Text "series " ignored (help)