Милет (Отоманско Царство)

Оваа статија е за поделбата по религиозна основа во Отоманското Царство. За античкиот град, видете Милет.

Милетот бил општествена поделба по религиозен (и етнорелигиозен) карактер во Отоманското Царство. На чело на милетот стоел верски водач, наречен милет баша, кој се грижел за верските прашања и за моралот на членовите на милетот. Секој милет ги остварувал правата низ своите сопствени институции како што биле верските судови, верските училишта и др. Според османлиските документи верските заедници биле поделени на верници и неверници кои биле вклучени во законско признаени религиозни општества (милети):

  • муслимански милет - без поделба на турски, курдски или арапски милет,
  • рум милет (источноправославен) - на чело со Цариградската патријаршија,
  • франкиски милет - за сите католици,
  • ерменско-грегоријански милет
  • Ерменци-католици,
  • еврејски милет.

По падот на Византија, султанот Мехмед II (1451-1481) најпрвин го признал Рум милетот (верската заедница на православните христијани), на чие чело стоел цариградскиот патријарх. Рум милетот ги опфаќал православни христијани, како што биле: Грците, Бугарите, Србите, Албанците, Македонците, Власите итн. Овој милет бил најголем и најважен за православните христијани. Патријархот, односно милет башата, живеел во делот на Истанбул наречен Фенер, кој воедно бил и седиште на раководните органи на Патријаршијата. Во рамки на Цариградската патријаршија постоеле и Охридската Архиепископија и Пеќската патријаршија чии верски водачи одговарале за православното население во нивните епархии, но биле потчинети на цариградскиот патријарх.

Набрзо по Рум милетот, бил признаен и Ерменскиот милет. Ерменците уште од средниот век живееле во Византија, а Мехмед II ги повикал да дојдат во Цариград и да се населат во делови од градот наречени Саматијас и Сулу Манастир. Доселените Ерменци главно биле занаетчии и трговци. Мехмед II го повикал митрополитот на Бурса и го назначил за ерменски патријарх со седиште во Сулу Манастир. Ерменскиот патријарх бил назначен за ерменски милет баша и тој управувал со монофизитите од Сирија и Египет како и со богомилите во Босна.

Покрај овие два православни милети, бил признаен и Еврејскиот милет (Јехуди милет), на чие чело стоел врховен рабин. Евреите во Истанбул и во провинциските градови биле организирани заедници и секоја заедница имала свој рабин и свој совет со водач наречен башгаба.

Во официјалните документи на империјата биле потенцирана религиозната припадност на поданиците и била определена според нивниот однос кон исламот. Така тие се делиле на:

  • муслимани или правоверници, кои биле привилигирани
  • немуслимани или неверници кои биле во втора категорија.

Милет системот имал јурисдикција над прашањата од верски и световен карактер како што се: бракови, разводи, наследство, како и за други работи важни за немуслиманите. Водачот на секој милет бил одговорен за собирањето на даноците и за нивното предавање во султанската благајна. Исто така, тој бил одговорен и за доброто однесување и за лојалноста кон државата на членовите на неговиот милет. Секој милет имал право да го користи својот јазик, да ја исповеда својата вера, да ја развива сопствената култура, како и да формира свои верски образовни институции. На тој начин, милет системот играл важна улога во зачувување на верскиот и јазичниот идентитет на балканските народи.

Благодарение на воспоставениот милетски систем, животот на секоја заедница во Османлиското Царство повеќе бил организиран според нејзините наследени традиции и обичаи отколку според државните закони. Сепак, под османлиска власт етнонимите никогаш не биле исчезнати, што укажува дека некоја форма на етничка идентификација била зачувана.[1] Тоа се гледа од султански ферман од 1680 година, во којшто се наведени народностите во Балканските земји на империјата и тоа се: Грците (Рум), Албанците (Арнаут), Србите (Срф), Власите (Ефлјак) и не на последно место Бугарите (Булгар).[2] Истовремено во некои записи од разни картографи и патописци се споменуваат и Македонците.[3][4][5] Некои домашни и странски историчари се на мнение дека името Македонци се спомнува во овој период во контекст на влијанието на европското просветителство и усвоениот од него култ кон Античката култура, како што истакнува Блаже Ристовски, идеите за македонски идентитет се јавуваат во тоа време надвор од Македонија и без учество на Македонските Словени дури до втората половина на 19 век.[6] Во однос на ова, да го споменеме и Прогласот на Австpoyнгарскиот император Леополд I од 1691 г, објавен по посетата од македонски пратеници, во којшто се вели:

- „Соопштувам дека од двајца Македонци: Димитар Георги Попович од Солун и Марко Краида од Кожани добивме уверување дека македонскиот народ со почит спрема нашата праведност е целосно подготвен да ја признае нашата врховна власт. Ние сесрдно го земаме македонскиот народ целосно под наша заштита, и истиот не смее да биде нападнат од нашите трупи...“ [7][8][9]

Меѓутоа, во почетокот на 19 век со продорот на западните идеи за нацијата во османлиското општество, постепено започнала да се менува содржината на милет системот. Цариградската патријаршија, која дотогаш била обединувачката институција на православниот милет, започнала да се трансформира во политичка институција и да се идентификува со грчкиот народ, преземајќи ја улогата на грчка национална црква. Тоа ги поттикнало и другите народи на Балканот што му припаѓале на Рум милетот да започнат борба за национално осамостојување. На тој начин, од една страна, османлискиот милет систем одиграл позитивна улога во зачувувањето на верскиот и јазичниот идентитет на немуслиманското население. Од друга страна пак, милет системот во 19 век одиграл негативна улога за самата Османлиското Царство, придонесувајќи за нејзиното распаѓање. Со самото тоа што ја овозможувал поделбата на османлиското општество по верска основа, а подоцна и по етничка, милет системот претставувал сериозна пречка на обидите на државата да ги интегрира сите поданици во едно заедничко општество[10].

Наводи уреди

  1. „Balkan cultural commonality and ethnic diversity. Raymond Detrez (Ghent University, Belgium)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-12-11. Посетено на 2013-02-01.
  2. История на българите. Късно средновековие и Възраждане, том 2, Георги Бакалов, TRUD Publishers, 2004, ISBN 9545284676, стр. 23. (Bg.)
  3. ”The travels of Bertrandon de la Brocquiere …during the years 1432 & 1433"
  4. The Maritime Law of Europe by Domenico Alberto Azuni, William Johnson, 1806.
  5. "Ostali narodi srodni Makedoncima su Srbi, koje isti autor naziva Dardancima"... " Odatle putujući preko planine Žeglgova, doline Konopnice, banje Velbužd (=Ćustendil) i mosta na Strumi, koja dijeli Makedonce od Tribala ili Bugara"...MALO DJELO POŠTOVANOGA GOSPODINA GOSPODINA MARTINA DE SEGONIS PO NARODNOSTI KOTORANINA A PORIJEKLOM SRBINA IZ NOVOMONTA DRUKČIJE NOVOBRDA NAZVANOG PO MILOSTI BOŽJOJ EPISKOPA ULCINJSKOG PREBLAŽENOM SIKSTU IV RIMSKOM PAPI
  6. Entangled Histories of the Balkans: Volume One: National Ideologies and Language Policies, Roumen Daskalov, Tchavdar Marinov, BRILL, 2013, ISBN 9789004250765, стр. 280-281.
  7. Манифест и заштитни писма од Леополд I
  8. Македонска Енциклопедија, Скопје, 2009 г., стр. 832.
  9. Писмо на австpoyнгарскиот император Леополд I, 26. IV 1690.
  10. „Верскиот карактер на Османлиското Царство“. http://www.pressonline.com.mk. Посетено на 2013-02-01. Надворешна врска во |publisher= (help)