Светски македонски конгрес
Светски македонски конгрес или СМК (англиски: World Macedonian Congress) — национална македонска организација со седиште во Скопје, која се залага и бори за правата на Македонците, во границите на Република Македонија, етничка Македонија и во целиот свет. Основачкото собрание на Светскиот македонски конгрес е одржано на 15 септември 1990 година. Прв и сегашен претседател на СМК е Тодор Петров.
Знаме на Светскиот македонски конгрес | |
Кратенка | СМК |
---|---|
Гесло | „Сите Македонци еден за друг“)[1] |
Основана | 19 јануари 1989 (обовена на 15 септември 1990)][2] |
Вид | меѓународна невладина, непрофитабилна, неполитичка [2] |
Цел | неформален светски парламент на сите Македонци |
Седиште | Скопје, Македонија |
Регион | низ целиот свет |
Членство | 700 македонски организации [2] |
Претседател | Тодор Петров |
Почесен Претседател | Жан Митрев Ѓеорѓија Џорџ Атанасовски[3] |
Генерален секретар | Ниче Димовски[4] |
Потпретседатели | Борче Стефановски Вангел Божиноски Исмаил Бојда [3] |
Главно тело | Генерално собрание |
Мреж. место | smk.mk |
СМК себеси се смета за неформален светски парламент на сите Македонци. Во тесна соработка со него се повеќе македонски здруженија и партии на Македонци од деловите на етничка Македонија, здруженија на Македонците муслимани и здруженија на студенти. Познат е по повеќе добротворни акции за Македонците од Мала Преспа и Пиринска Македонија, протестите за нивна поддршка и против Рамковниот договор. Светскиот македонски конгрес бил и иницијатор на Референдумот во 2004 година.
Историја
уредиНастанувањето на Светскиот македонски конгрес започнува кон крајот на XIX век, во далечната 1899 година, кога македонската емиграција во Европа организирана и поведена од идеите за самостојна македонска држава, во време кога Македонија е поробена, решава да формира Парламент и Влада во егзил со единствена цел да ја анимира европската и меѓународната заедница за неотстапното и неотуѓиво право на македонскиот народ на самоопределување за своја сопствена суверена, самостојна и независна држава Македонија.
Светскиот македонски конгрес, како неформален „Светски Парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет“, е основан на 15 септември 1990 во Гевгелија, врз основа на „Декларацијата за основање Светски македонски конгрес“ донесена на општонародното собрание за време на блокадата на македонско-грчката граница одржана на 16 јуни 1990 година на граничниот премин Богородица.
Светскиот македонски конгрес е регистриран на 26 септември 1990 година според Законот за општествени организации и здруженија на граѓани.
На 8 август 1993 година на Првото Генерално собрание на Светскиот македонски конгрес усвоен е нов Статут на Светскиот македонски конгрес, со што престанал да важи Статутот на Здружението за Светски македонски конгрес донесен на 15 септември 1990 година на Основачкото собрание на Светскиот македонски конгрес.
Втора конференција
уредиВтората конференција, одржана на 19 јануари 1899 година, била посветена на подготовките за престојното заседание на Македонскиот конгрес. Конференцијата ја осудува политиката на балканските држави и бара запирање на дејствувањето на нивните пропаганди во Македонија. На Конференцијата биле избрани 150 делегати за Македонскиот конгрес кои ќе ја претставуваат Македонија, делегати кои ќе ја претставуваат македонската емиграција во Бугарија, како и делегати кои ќе ги претставуваат Македонците во европските земји: Австрија, Франција и Англија. На Македонскиот конгрес, како легално легитимно претставничко тело на македонскиот народ и на Македонија, му претстоело пред цивилизирана Европа јавно да ги изнесе политичките ревандикации на Македонците:
- За Македонија, во нејзините природни и етнички граници: од Шар Планина, на север, до реката Бистрица и до Егејското Море, на југ, и од Кораб и Грамос, на запад, до Родопите и реката Места, на исток, вклучувајќи го и Одринско, се барало ограничена државност, за период од 5 години, како преодна фаза кон потполна државна самостојност и независност. Етапа низ која што претходно минале сите балкански народи на патот кон нивната државна независност, и
- Да усвои акт за демократско парламентарно уредување што ќе гарантира: лична слобода; неприкосновеност на имотот на сите, без разлика на народносната и верската припадност; слобода на печатот; и сите права на националните малцинства.
За реализација на така поставената политичка национална програма било предвидено формирање на постојано тело на Македонскиот конгрес во својство на Привремена влада на Македонија што ќе ги претставува и застапува интересите на македонскиот народ во надворешните односи, во прв ред со големите европски држави.
Централниот македонски комитет подготвил и посебен Мемоар за македонското прашање за предавање на европските сили, по неговото усвојување на Македонскиот конгрес и по потврдувањето на истиот со потписите на сите членови на Македонскиот конгрес.
Македонски Православен Крст
уредиСветскиот Македонски Конгрес има изградено голем православен крст во скопската Општина Аеродром. Крстот е висок 51 метар со распон на краците од 35 метра и со ширина од 4 метра. Крстот е поставен на бетонски постамент од пет метри, со што вкупната височина на крстот е 56 метри. Крстот е трет во светот по висината. Крстот беше осветен во јуни 2014.