Томе Бошевски
Томе Бошевски (Битола 8 октомври 1937 - Скопје, 31 октомври 2015) — македонски академик, доктор по технички науки и универзитетски професор. Најпознат е по македонското дешифрирање на средниот текст од Каменот од Розета.[1]
Томе Бошевски | ||
Роден | 8 октомври 1937 Битола | |
---|---|---|
Починал | 31 октомври 2015 Скопје, Македонија | |
Занимање | професор |
Животопис
уредиБошевски е роден на 8 октомври 1937 година во Битола, каде завршил гимназија. Дипломирал на отсекот за техничка физика на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1961 година. Постдипломските студии ги завршил во 1965 година на Природно-математичкиот факултет во Белград, а докторската дисертација ја одбранил на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1972 година. Од дипломирањето до 1974 година работел во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча. Во 1974 година е избран за вонреден, а во 1979 година за редовен професор на Електро-техничкиот факултет во Скопје, а три мандати бил и декан на Факултетот. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран во 1988 година, а за редовен член во 1994 година.[2] Неговата истражувачка дејност опфаќа повеќе области на електротехниката, но најпознат е по неговите истражувања од областа на јадрената физика. Значаен е и неговиот придонес во решавањето на актуелните проблеми на енергетиката во Македонија, како што се: топлинското оптоварување на животната средина од постојни и предвидени извори на електрична енергија, избор на локации за големи електро-енергетски извори, долгорочно и краткорочно планирање на работата на централите во електро-енергетскиот систем и др. Посебно значаен е неговиот придонес во дешифрирањето на средниот текст од „Каменот од Розета“ заедно со проф.д-р Аристотел Тентов. Со дешифрирањето на „Каменот од Розета“, професорите Бошевски и Тентов ја изнеле на виделина теоријата дека античките Македонци говореле на словенски јазик, односно дека биле Словени. Бошевски и Тентов биле повикани да го претстават своето откритие пред Руската академија на науките во Москва, при што руските академици го потврдиле откритието на македонските професори. Академик проф.д-р Томе Бошевски, поради заслуги за македонските работи, е носител на највисокото семакедонско признание, почесната титула Македонски сенатор, што му ја доделил Светскиот Македонски Конгрес. Починал во Скопје на 31 октомври 2015 година.[3]
Наводи
уреди- ↑ ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА составувачи: Ленче Андоновска, Науме Горгиевски, Благој Николов, Трајко Огненовски, Гордана Пешевска, Анета Стефановска, Светлана Талеска; превод на англиски Весна Милевска; Национална Установа Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола
- ↑ „МАНУ“. Архивирано од изворникот на 2016-05-24. Посетено на 2015-11-02.
- ↑ Почина академик Томе Бошевски[мртва врска]