Прво Бугарско Царство

(Пренасочено од Прва бугарска држава)

Првото Бугарско Царство или Дунавска Бугарија (нарекувано уште Прва Бугарска Држава) — ханство, а од крунисувањето на Симеон I Велики за цар, и царство, на Прабугарите и Словените, кое постоело на Балканскиот Полуостров и неговите гранични делови од Југоисточна Европа од 681 до 971 година. Нејзин основач е ханот Аспарух, којшто по распаѓањето на Стара Велика Бугарија доведува дел од прабугарските племиња во денешна Бесарабија и Добруџа, ги потчинува месните словенски племиња и ја принудува Византија да му плаќа данок во 681 година. Во прво време, главниот град е во Онг'ла, понатака се востановува во Плиска, а кон крајот на 9 век во Велики Преслав.

Прво Бугарско Царство
681–971
Бугарија во време на владеењето на Симеон I Велики, крај на IX век
Бугарија во време на владеењето на Симеон I Велики, крај на IX век
Главен градПлиска
(681–893)
Преслав
(893–968/972)
Скопје, Охрид, Битола
(до 971)
Говорени јазициПрабугарски, Средновековен грчки
Старословенски
(официјален од 893)
Вероисповед
Тенгризам & Словенски паганство
(681–864)
Православие
(864–971)
УредувањеАпсолутна монархија
Хан, Цар (Император) 
• 681–700
Аспарух (прв)
• 971
Роман (последен)
Историски периодсреден век
681
864
893
• Распад
971
Површина
9 век400.000 km2 (150,000 sq mi)
Население
• 9 век
1 000 000
Претходници
Наследници
Прабугарија
Византија
Византија
Самоилово Царство

Најголемото територијално проширување Првата Бугарска Држава го достигнува во IX век, кога кон првоначалните територии по Долен Дунав се присоединети области во Тракија и Македонија, делови од денешните Албанија, Србија и Романија, а исто така и дел од северното црноморие (до река Днепар). Во текот на истиот период настапува централизација на државното управување, таа е придружена со процес на асимилација и консолидирање на разнородните етнички групи од населението во средновековната бугарска народност, чијшто јазик се развива врз основата на словенскиот.[1] Во текот на 864-866 година, за време на Борис I, христијанството станува државна религија, што води до значителни промени во културниот живот на државата и таканаречениот Златен век на цар Симеон. Кај истиот владетел Бугарите праваат продолжителни, но безуспешни обиди да завладеат со главниот град на Византија Цариград.

Византиско-бугарските војни, заедно со инвазиите на Унгарците (Маѓарите), Печенезите и Русите, водат до ослабување на бугарската држава и паѓање на главниот град Преслав под византиска власт во 971 година.

Почетокот

уреди

Стара Велика Бугарија

уреди

Во 632 година ханот Кубрат успева да ги обедини прабугарските и хунските племиња, кои се наоѓаат под власта на Западнотуркискиот ханат, во сопствена држава, наречена од византиските хроничари Стара Велика Бугарија.[2] Со помошта на оскудните записи на ерменски и византиски летописци, се востановени приближно границите на таа држава: долното поречие на Дунав на запад, Црно и Азовското Море на југ, реката Кубањ на исток и реката Дон на север.

 
Кубрат и неговите синови. Слика на Димитар Ѓуџенов од 1926 година.

Царството на Кубрат се распадна по неговата смрт (ок. 650 г.). Според византиските хроничари Теофан и Никифор, тој оставил завет на неговите пет синови да останат заедно во единство и меѓусебна солидарност; но набргу тие се разделиле и повеле дел од својот народ со себе, со што го забрзаа распадот на Стара Велика Бугарија. Најстариот, Бајан или Батбајан, останал во Стара Бугарија. Вториот, Котраг, го премина Дон и се насели на далечната страна. Третиот, Аспарух, го поминал Днепар со своите следбеници и привремено го поставил својот логор меѓу таа река и Дунав. Четвртиот син на Кубрат ги преминал Карпатите и стигнал до Панонија, каде што се ставил под власта на аварскиот хан. Петтиот заминал најдалеку од сите, пристигнувајќи со своето племе во Италија, во близина на Равена, каде што му се покорил на византискиот император. Треба да се додаде дека распадот на Стара Бугарија беше дополнително забрзан од налетот на Хазарите, кои подоцна го прифатиле јудаизмот и станаа доминантна сила во евроазиската степа.[3]

Населување на Бугарите на Балканот

уреди

Откако Аспарух ги преминал реките Дњепар и Дњестар, и се населил во близина на Дунав, каде што нашол соодветно место за живеење (на нивниот јазик наречено Онглос), кое било тешко пристапно и непробојно за непријателите, затоа што од едната страна било мочурливо и непроодно, а од другата страна оградено со непристапни карпи.[4]

 
Онглос се наоѓал на мало подрачје кое граничело со реките Сирет, Прут и Дунав[5]

Се смета дека Онглос се наоѓал на мало подрачје помеѓу реките Сирет, Прут и Дунав.[5] Според друго мислење се наоѓал на островот Певки, во делтата на Дунав,[6] што е помалку веројатно. Аспаруховите Бугари биле бројни. Онглос, или Певки, бил само привремен центар, но веројатно имало и претходница во Добруџа и заден одред во Бесарабија. Не може точно да се прецизира и датумот на преселбата на Аспарух во Онглос. Тоа морал да биде постепен процес кој се одвивал помеѓу 650 и 670 година. Во овој период Византија била зафатена во крвава војна со Арапите во Азија, а во Европа со религиозните и дипломатски интриги со монотелитите; а во 668 г. убиството на западнољубивиот император Констанс II било проследено со краток бунт.[7] Но, до 679 г. тронот бил безбеден и арапската војна завршувала. Императорот Константин IV бил свесен за опасноста да дозволи нови освојувачи на Балканот да ги вознемират, или уште полошо да ги организираат Словените. Ордите на Аспарух морало да бидат натерани да се повлечат назад или да бидат уништени.

Во 680 година Прабугарите, обединети со седумте словенски племиња и Северите, водат војна со Византија кај месноста Онгала, и по поразот, Византија потпишува мировен договор со Бугарија во 681 година, со тоа што се задолжува да и плаќа годишен данок. По војната Бугарија ги опфаќа земјите од северното црноморие и реките Днепар и Днестар на исток до река Морава на запад, и од северните склонови на Стара Планина на југ до јужните склонови на Карпатите на север. Од југ сосед и била моќната Византија, од запад - Аварскиот каганат, од исток - Хазарите, кои ги заземале териториите на Кубратова Бугарија. Главен град станала словенската крепост Плиска.

Борби за престолот

уреди
 
Мадарскиот коњаник

Хан Аспарух починал веројатно некаде околу 700 година во битка со Хазарите од исток, 58 години откако се разделил од своите браќа. Го наследил Тервел, неговиот син или можеби внук. Тој востановил директни политички односи со византиската власт, со тоа што неколкупати му помогнал на паднатиот император Јустинијан II да си го врати престолот. Заради таа помош ханот ја добил богатата и важна област Загоре, на југ од Стара Планина. Најголемиот успех на хан Тервел е победата над Арапите, кои го опсадиле Цариград во 717 година, што им ставило конечен крај на нивните обиди да проникнат во Европа преку Балканот. Неговата победа се споредува со постигнатата, многу години подоцна, победа над Арапите на Карл Мартел при Поатје.

 
Бугарското ханство од 680-803 год.

По смртта на ханот Тервел, Бугарија навлегла во политичка криза, хановите се менувале речиси секоја година преку преврати и интриги, а врв на сето тоа е управувањето на ханот Умор - само 46 денови. Положбата се стабилизирала кон крајот на 8 и почетокот на 9 век, кога престолот го зазел ханот Крум. Од тој силен и енергичен бугарски хан започнува династијата на најсилно изјавените владетели на Првата Бугарска Држава, кои ја управувале речиси до самиот нејзин крај.

Во 756 година императорот Константин V изградил низа тврдини долж византиско-бугарската граница. Бидејќи овие тврдини ги прекршувале условите од претходниот договор, Бугарите барале компензација. Константин одбил и Бугарите, толкувајќи ги неговите постапки како непријателски, ја нападнале византиската територија само за да бидат разбиени од царските трупи. Ова беше првата од деветте војни меѓу Константин V и Бугарите. Овој пораз довел до соборување на бугарскиот хан. Повторно следела граѓанска војна, на крајот од која, во 761 или 762 година, на тронот дошол извесен Телец. Телец веднаш собрал војска, ја зацврстил својата граница со Византија, а потоа напредувал во Тракија. Константин V излегол да го пречека и по жестока битка Бугарите повторно биле разбиени. Се чини дека овој пораз е причина за новите немири во Бугарија кои довеле до соборување на Телец околу 764 година. Новиот хан, Сабин, се обидел да склучи мир со Византија, но бил обвинет дека ја предал земјата на Византијците и морал да пребега со своите роднини во Константинопол. Меѓутоа, набрзо мирот го склучил еден хан по име Паган, но борбата за тронот продолжила. Во неколку наврати (од кои едниот во 766 година), Византија интервенирала со војски во име на нејзините кандидати. Кога интервенирала, империјата можела да ја наметне својата волја врз Бугарите, чија земја била во анархија.

 
Политичка карта на Европа во 771 год.

Во 770 Телериг станал хан. Меѓутоа, војната продолжила во 773 година кога Константин V успешно ги нападнал Бугарите. Истата година Бугарите упаднале јужно до Тесалија каде што биле запрени од Византијците. Хронологијата на овие два настани, како и причините се непознати. Изгледа дека следната година, во 774 година, Константин V планирал нов напад. Телериг му напишал на императорот велејќи дека можеби ќе треба да побегне во Константинопол; кому во Бугарија може да му верува? Константин наивно му испратил список на византиски агенти во Бугарија. Телериг ги заробил и ги погубил сите. Од оваа приказна дознаваме дека византиските разузнавачи биле активни и интервенирале во внатрешните работи на Бугарија. Константин V потоа започнал да ја планира својата следна кампања против Бугарите; сепак, неговата смрт на почетокот на кампањата значела крај на војната. Иронично, Телериг сепак морал да побегне од земјата, во 777 година; дошол на дворот на императорот Лав IV Хазар, го примил христијанството и добил невеста, роднина на царицата Ирина.

 
Битката кај Меркели (792)

За време на владеењето на Ирина и нејзиниот син Константин VI во Византија, за противник во Бугарија го имале ханот Кардам (777-802). Отпрвин, Византијците успеале да ја потиснат бугарската граница на север. Во 784 година, царицата Ирина напредувала од Анхиалус, далеку во внатрешноста до Береја (денешна Стара Загора), која таа ја обновила и ја нарекла Иренуполис.[8] Сердика, исто така, останала цврсто во византиски раце. Меѓутоа, во 792 година, Кардам му нанел катастрофален пораз на младиот Константин VI кај пограничната тврдина Меркели. Византија повторно морала да плаќа данок на Бугарите, кои периодично ги зголемувале нивните барања со уценувачки закани за понатамошни напади. Во 797 година, приврзаниците на Ирина го ослепиле нејзиниот син Константин, а таа продолжила да владее сама.[8]

Во меѓувреме, во 790-тите, франечкиот крал, Карло Велики, водел кампања против Аварите. Тој извојувал голема победа во 796 година (во која му помогнал и панонскиот хрватски кнез Војномир) и Франките станале господари над Хрватите од северна Далмација, Славонија и Панонија; франечките мисионери набрзо влегле во областа. Набрзо следел втор голем удар за аварската моќ, но овој пат од исток, под водство на новиот бугарски хан Крум. Како резултат на овие две победи, Франките и Бугарите наскоро дојдоа да имаат заедничка граница долж реката Тиса, а Бугарите успеале да го прошират своето владение над територијата северно од Дунав до Карпатите. Аварите не исчезнале одеднаш. Западно од Дунав бил основан каганат, кој бил вазал на Франките и под христијански хан, а Франечките извори спомнуваат аварски пратеници кои го посетиле франечкиот двор помеѓу 805 и 822 година. Во 889 година се споменува дека Маџарите ги зазеле пасиштата на некои слободни Авари во долна Панонија. После тоа, изворите престануваат да ги спомнуваат Аварите; се претпоставува дека потомците на оние кои го преживеале унгарското освојување на унгарската рамнина во 890-тите биле апсорбирани од Унгарците.

Консолидација

уреди

Владеењето на Крум (803 - 814)

уреди
 
Ханот Крум го победил византискиот император Никифор I во битката кај Врбишкиот премин (811 г.), Манасиева хроника

Бидејќи претходникот на Крум, ханот Кардам, успеал да се оттргне од византиските шпиони во Бугарија, тој најпосле имал можност да се зафати со офанзива на југ. Но пред тоа ги разбил остатоците од Аварскиот каганат, кој попаднал под ударите на Франкската Империја на Карло Велики. Во териториите на Бугарија биле вклучени богатите солници на Трансилванија, што и дозволило да се вклучи во напредокот на европската економија. Во 808 година Крум започнува походи по река Струма, а во 809 година ја презема важната крепост Средец (денешна Софија). Во 811 година император Никифор I започнува поход против Бугарија, стига до нејзиниот главен град, Плиска, ја презема и ја опожарува. Сметајќи дека тоа е крајот на проблемите со Бугарите, се вратил назад за Цариград. Но утрината на 26 јули 811 година, за време на ноќевањето на армијата и императорот кај Врбишкиот проход, вооружената бугарска војска изненадно ги нападнала, ги исклала повеќето, и дури самиот император ја дочекал таму смртта. За прославувањето на победата Крум употребил чаша, направена од черепот на императорот Никифор, обкован со злато и сребро.

 
Европа во 814 година

Две години подоцна, во 813 година, Крум подготвил невиден дотогаш поход кон Цариград. Меѓутоа, неговата смрт на 13 април 813 година го спречило замисленото дело. Крум влложил големи усилби за закрепување на државата. Присоединил важни територии кон државата и наложил заеднички закони за сите поданици, за да осигури внатрешна стабилност. Законите биле строги и не правеле разлика меѓу Прабугари, Словени и други. Тоа била првата стапка кон обединувањето во една народност на различните по бит и култура етноси.

Владеењето на Омуртаг (814-831)

уреди
 
Со цел да го задуши востанието на Тома Славјанинот императорот Михаил II се обратил за помош кај бугарскиот кан Омуртаг. Двете војски се судриле во 823 г.

Неговиот наследник, Омуртаг, склучил 30-годишен мировен договор со Византија, и се зафатил со внатрешната ситуација на државата. Започнал со повторно изградување на главниот град, кој бил опожарен за време на походот на Никифор, изградил и укрепил редица градови. Ја зацврстил бугарската власт на северозапад, каде што Франките се обиделе да одделат 3 словенски племиња од Бугарија.

Омуртаг и христијанството

уреди
 
Прогонство на христијаните од Омуртаг.
Десно: епископ Мануил проповеда на Бугарите.
Лево: Погубување на епископ Мануил.

Омуртаг бил непријателски настроен кон христијанството, кое се чини дека се ширело во Бугарија, иако државата и поголемиот дел од владејачката класа останале пагани до покрстувањето на Борис во 864 година.[9] Ширењето на новата религија беше олеснето со влијанието на византиските бегалци и заробеници кои во голем број биле населени во Бугарија. Бугарските болјари биле непријателски настроени кон христијанството бидејќи тоа го загрозувало стариот поредок врз кој се засновале нивните привилегии. Се верувало дека секој болјарски клан, кој имал свој тотем, бил божествено воспоставен и од тука потекнува правото на секое семејство на високи позиции во државата и општеството. Така, може да се очекува дека болјарите извршиле притисок врз Омуртаг да дејствува против христијанската религија.[10] Омуртаг се чини дека чувствувал дека христијанството (со неговата хиерархија со седиште во Византија) е закана за бугарската независност. Тој веројатно ги гледал христијаните како византиски агенти и се чини дека верувал дека ако неговата држава стане христијанска, тоа нема да биде подобро од тоа да стане византиска колонија. Така тој ги прогонувал христијаните, веројатно исто толку затоа што ги гледал како царски шпиони, колку и за интересите на неговата религија. Познати се и примери на егзекуции на христијани. И покрај прогонството, религијата продолжила да се шири.[10]

Маламир, Пресијан и војната со Византија во 836

уреди

Омуртаг починал во 831 година. Оставил три сина; најстариот, Енравота, не успеал да се искачи на тронот. Тој бил преобратен во христијанство од еден од неговите робови и наскоро бил погубен кога одбил да се откаже од христијанската вера. Тронот му припаднал на најмладиот син, Маламир, првиот хан со словенско име. Колку долго владеел е дискутабилно; некои научници сметаат дека тој владеел до 852 год., а други веруваат дека бил заменет со одреден Пресијан, кој владеел од 836 до 852 година. Речиси ништо не се знае за периодот кога овие владетели владееле - ако воопшто станува збор за различни луѓе.

 
Натпис на Пресијан од Филипи

Постојат три извори во врска со ова прашање: Константин Порфирогенит пишува за нападот на Пресијан врз Србите, во времето на кнезот Властимир. Пресијан го споменува со титулата архонт, која не мора да се однесува на владетелот, но кога ја користи Константин, обично го има тоа значење. На пример, Константин ја користи титулата архонт и за хан Борис, кого го нарекува син на Пресијан, што значи дека титулата архонт укажува, но не докажува дека владетел бил Пресијан. Постојат и два натписи. Во првиот се наведува дека Грците го прекршиле мирот. Маламир со кавхан Исбул тргнал против нив, зазел неколку тврдини во Тракија, а потоа тргнал кон Филипи од кој Византијците побегнале. Вториот натпис наведува дека хан Пресијан го испратил кавхан Исбул против Смолјаните (словенско племе на византиска територија кај реката Струма), извојувал победа над христијаните и ги казнил за нивните престапи. Ниту еден од овие натписи не е датиран, но бидејќи од 816 до 846 постоел триесетгодишен мир, меѓу Бугарија и Византија, нарушен само со кратките судири во 836 година, повеќето научници заклучуваат дека овие натписи се од 836/37 год, што се совпаѓа со изјавата во првиот натпис дека Грците го прекршиле мирот.

Тесната поврзаност на информациите во двата натписи, може да се види и во тоа што главната улога и во двата походи ја имал кавхан Исбул. Така, белгискиот византолог, Анри Грегоар, разумно предлага дека, бидејќи се знае само за една војна во овој период на мир, натписите се однесуваат на истата кампања и бидејќи би било чудно една иста кампања да биде водена од двајца владетели, се претпоставува дека Маламир и Пресијан се две имиња (словенско и бугарско) на еден ист човек. Ваквите двојни имиња се сосема вообичаени кај средновековните балкански народи. Овој логичен предлог, значи дека еден ист човек, Маламир-Пресијан, владеел од 831 до 852 година. Меѓутоа, други тврдат дека двата натписи се однесуваат на две различни кампањи во една иста војна, и дека Маламир бил заменет со Пресијан во 836/7 во текот на војната во одредено време помеѓу двете кампањи. Натписите се значајни и за споменувањето на кавхан Исбул, што покажува дека клучната позиција на кавхан сè уште ја држел човек со бугарско име, и покрај какво било словенизирање да се случило. Исбул имал неизмерно богатство. Друг натпис кажува дека платил за изградба aквадукт што му го подарил на ханот.

Владеењето на Борис I (852-889)

уреди

Проширувањето во Македонија

уреди
 
Проширувањето на Бугарија во времето на кан Пресијан. Според други научници тоа се случило во првите години од владеењето на Борис I.

Кај неговите наследници, Маламир (831-836) и Пресијан (836-852), продолжило проширувањето на југ и југозапад, при што кон Бугарија влегле Западна Тракија и цела Македонија со исклучок на Солун.

Во 846 година истекол бугарскиот мировен договор со Византија. Бугарите нападнале во Македонија покрај реката Струма. Веројатно, како што сугерираат некои научници, тие избрале момент кога империјата била вклучена во задушувањето на некои словенски бунтови. Сепак, постојат хронолошки проблеми за овие словенски востанија и не може да се покаже дека поголемо востание се случило во 846 година. Најпознатиот бунт меѓу Словените избувнал на Пелопонез за време на владеењето на Теофил (829-42). Словените се ослободиле и ја опустошиле областа пред да бидат покорени од византиски командант испратен таму со голема војска во раните години од владеењето на Михаил III. Се тврди дека походот на Византијците се случил веднаш по доаѓањето на Михаил, уште во 842 година. Ако е така, овој бунт би бил завршен многу пред истекот на бугарскиот договор во 846 година. Житието на свети Григориј Декаполит опишува словенски бунт во околината на Солун. Иако ова востание е датирано околу 846 г. од некои научници, Дворник, уредникот на житието на тој светител, верува во тоа се случило помеѓу 831 и 838 година. Во секој случај, без разлика дали во врска со словенските востанија или не, Бугарите извршиле инвазија на византиска територија во 846 година. Набргу потоа следело ново примирје.[11]

Многу историчари веруваат дека овој поход од 846 година го означува и почетокот на бугарската експанзија во Македонија западно од Вардар. За жал, хронологијата на оваа експанзија (и на кој кан да му се припише) е непозната. Борис очигледно ја поседувал Македонија дури и западно од Охрид до 880-тите и, бидејќи немало бугарски војни против Византија по 860 година, очигледно е дека де факто бугарското владеење претходело на 860-тите години. Така, Бугарите или ја анектирале оваа територија во кампањата 846 година - анексија непризнаена од Византија - или анексијата се случила во подоцнежна кампања - непозната за нас - од Пресијан пред 852 година или од Борис после неговото пристапување на престолот во 852 година.[11]

Во изворите е забележана само една кампања на Борис против Византија. Во изворот без датум, Теофан Континуат вели: „Борис дознавајќи дека една жена владеела во империјата станал похрабар и испратил гласници да кажат дека ги осудува договорите за мир и започнал кампања против територијата на империјата“. Хроничарот не наведува кои земји ги нападнал или дали стекнал територија. Но, можно е дел или цела Македонија да е освоена од Борис во ова време. Договорот, веројатно потпишан во 853 година, се чини дека го завршил овој конфликт и Борис останал во мир со империјата до околу 860 година, кога тој стапил во франкиски сојуз, веројатно главно насочен против растечката Моравска држава. Нема докази дека Бугарија тргнала во офанзива против Византија по 860 година. Така можеме да заклучиме дека бугарската експанзија во Македонија се случила во текот на една или двете од овие две кампањи - 846 и 852 година - иако византиското признавање на загубата на оваа територија дошла дури со договорот од 904 година со борисовиот син, Симеон.[11]

Горенаведениот аргумент претпоставува дека Византија ја вратила својата власт над западна Македонија во некој период од деветтиот век. Таков настан, иако често се претпоставува, не е документиран. Така, евентуално Западна Македонија можеби претставувала збир од Склавинии се до потпаѓањето под власт на Бугарија. Во овој случај, Бугарија едноставно би наметнала контрола над различни независни племиња - акт кој не е поврзан со војна со Византија, и кој можел да се случи во кое било време во деветтиот век.[11]

Пристапувањето на Борис I на власт

уреди
 
Минијатура која го прикажува Борис I.

Во почетокот на управувањето на кнез Борис (852-889) Бугарија води неуспешни војни против Византија и Германското кралство. Борис решава да го прифати христијанството како официјална религија за Бугарија, и по редица спорови и политички настани го прави тоа преку византиското духовенство во периодот 863-865. Актот на покрстувањето предизвикува пагански реакции и се стигнува до бунт, во кој педесет и два аристократски рода си заминуваат од главниот град, но се разбиени и казнети, убиени се сите членови на родот. По покрстувањето, Борис ја прима титулата кнез, како и името на својот крстител византискиот цар Михаил. По доаѓањето на учениците на Кирил и Методиј во Бугарија, кои ја донесуваат словенската писменост, Борис го прогонува византиското духовенство и започнуваат проповеди на старословенски јазик, кој станува официјален во државата.

 
Големата базилика во Плиска.
 
Двојазичната словенско-грчка надгробна плоча на Ана, ќерката на кнез Борис

Во 869-870 Четвртиот вселенски собор решава да ги исклучи бугарските епархии од Цариградската црква, и на тој начин се создава независна (автокефална) Бугарска архиепископија. По напуштањето на световната власт, Борис Михаил оди во манастир, од каде го продолжува црковното дело.

Владимир Расате и обидот за враќање во паганство

уреди

Од неговата жена, со крсно име Марија, Борис имал шест деца — Владимир, Гаврил, Симеон, Јаков, Еупраксија и Ана. Гаврил веројатно умрел млад, а веројатно и Јаков; Еупраксија и Ана станале калуѓерки; Симеон влегол во црквата; а Владимир требало да го наследи татко му на престолот. Владимир бил престолонаследник предолго време. Сигурно се приближувал кон својата четириесетта година, бидејќи го придружувал својот татко во српската војна (853 г.) во старите пагански денови. И, како и сите нетрпеливи престолонаследници, тој бил исполнет со дух на противење на политиката на неговиот татко. За внатрешните работи за време на неговото владеење знаеме малку, освен дека тој добил амбасадори од германскиот крал Арнулф во 892 година.[12]

Се чини дека веднаш штом Борис се повлекол од светот во неговиот манастир, новиот Кан ги разбранувал сите реформи што ги спровел неговиот татко. Старата бугарска аристократија, која Борис толку цврсто ја отсекол, повторно пораснала до ефективна висина; а Владимир потпаднал под нејзино влијание. Болјарите не го сакале христијанството што Борис го вовел, со неговите строги и автократски тенденции. Спротивно на тоа, дворскиот живот станал екстравагантен и развратен, па дури имало и официјален обид за повторно воведување на старите пагански обреди и идолопоклонство. Но, Владимир и неговите болјари сметале дека Борис повеќе го нема. И покрај тоа што бил во својот манастир, Борис, знаел што се случува надвор. Четири години ги оставил да владеат; а потоа, кога видел дека неговото животно дело е премногу сериозно загрозено, повторно се појавил. Неговиот престиж на светец бил огромен; со помош на неколку постари државници лесно ја запоседнал власта. Повторно на власт, тој ги жртвувал своите татковски чувства за доброто на својата земја. Владимир бил симнат од тронот и ослепен, и така исчезнува од историјата.[13]

Преславскиот собор

уреди

Ова бил последен обид за враќање на паганството. Тоа беше осудено да пропадне; никој не можел да очекува од ниската и средната класа да се вратат во посурова и поугнетувачка религија по налог на полутуѓи господари, а самите господари биле водени повеќе од политички отколку од духовни мотиви. На Борис му требаше само повторно да се појави за да предизвика колапс на целата таа работа. Но, тоа било прилично деликатна ситуација за него. Со симнувањето од тронот на својот син, тој го спасил христијанството, но го загрозил неговиот план. Тој дејствувал претпазливо. Свикувајќи народен собор од целото негово царство (кој бил присутен на овој собор не можеме да кажеме - веројатно од дворското благородништво, провинциските гувернери или нивните претставници, црковните власти и кој било друг истакнат граѓанин), тој го оправдал своето мешање врз основа на религијата, а потоа им заповедал да го прифатат за свој монарх неговиот помлад син, монахот Симеон.[13]

 
Преславската тврдина

Во исто време, тој ја искористил можноста од присуството на Соборот да ја заврши својата последна голема реформа. Семето што Климент го сеел во Македонија - дело непрекинато, се чини, од владеењето на Владимир - и што Наум го сееше поблиску до престолнината, доволно се вкорени; беше време да се замени грчкиот јазик со словенски низ целата бугарска црква.[14] Имаше неколку причини за да се направи ова сега; веројатно е дека имало празнина во бугарската архиепископија; можно е грчкото свештенство да било премногу тесно поврзано со дворската аристократија; и, секако, тоа бил добар момент за мерка што може да не ѝ се допадне на Империјата - Василиј и Фотиј биле мртви, а императорот Лав и неговиот брат Патријархот Стефан биле премногу рамнодушни и слаби за да се спротивстават на исполнувањето на движењето што дури и нивните големи претходници го сметале како неизбежно. Освен тоа, пресметал Борис, спроведувањето на словенскиот како единствен национален јазик во Бугарија засекогаш ќе ја потопи свесната ексклузивност и супериорност на старите Бугари. „Децата на Хуните“ требало да го изгубат својот идентитет; Бугарски требало да значи сега подеднакво Словен и Бугарин, кој било поданик на бугарскиот монарх - кој повеќе не бил возвишениот Кан, туку Кнезот, словенски принц.[14] Со промената на јазикот, веројатно е дека е завршена организацијата на Бугарската црква, за да одговара на новата состојба на нештата. Веќе некое време земјата била поделена меѓу седум митрополити под јурисдикција на архиепископот на Бугарија - митрополитите на Дристра, Филипополис, Сердика, Провадија, Маргум (или Морава), Брегалница и Охрид.[14] Повеќето од нивните епархии претходно биле создадени, особено оние во Источна Бугарија; Брегалничката епархија била создадена во 889 година. Охридската епархија веројатно сè уште не била формирана - Македонија сè уште била премногу дива. Но, мисионерското дело на Климент веќе било доволно напреднато за да му се создаде епископија. Станал епископ на двојната столица Дебрица (Дрембица) и Белица, два мали града меѓу Охрида и Прилеп. Подоцна нивната важност била засенета од Охрид.

 
Палатата во Преслав

Во врска со овие црковни реформи била направена уште една голема промена. Јосиф, новиот архиепископ бугарски, имал архиепископско седиште не во Плиска, туку во Преслав. Престолнината била преместена. Плиска, старата хунската престолнина, со сеќавањата на големите Канови - незнабошци , повеќе не била соодветна. Христијанскиот кнез требало да живее во Преслав, блиску до манастирот Пантелејмон и школата на Наум. Кога сето тоа било направено, Борис се вратил во својот манастир. Неговата работа сега навистина била завршена. Порано, прерано се повлекол. Но, овој пат бил сигурен. Тој можел веќе засекогаш да се посвети на религијата; ниту пак би ѝ помогнал на својата земја да ја спаси со своите молитви. Тој веќе беше ѝ помогнал доволно - доволно за вечно да се почитува неговото име како најголем од сите нејзини добродетели.[15]

Симеон I и Петар I

уреди
 
Керамичка икона на Св. Теодор Стратилат, Преслав, околу 900 г.
 
Бугарија за време на цар Симеон I.

Симеон I го продолжува црковното и просветителното дело на својот татко Борис I, со тоа што засилено го помага книжевното дело во главниот град, основа книжевни центри во целата држава и сам пишува за просветителската заедница во Преслав.[16] На надворешна сцена постигнува множество на воени успеси, со тоа што успева да ја рашири територијата на Бугарија на југ скоро до Коринт, а на запад ги достигнува земјите на денешна Албанија. На југоисток териториите достигнуваат до Одринското поле, опфаќајќи го и северниот дел на Дарданелскиот премин. Симеон си поставува за цел создавање на Бугарско-византиско Царство, која откако не успева да ја постигне преку дипломатски начини (морало да биде објавен за регент (василиопатор) на малолетниот император на Византија, но царицата-мајка го спречила договорот), се обидува со војна. Води преговори со Арапите за военоморска помош при напад против Цариград, но првиот пат делегацијата била одвлечена од пирати и продадена како робови во Цариград, а вториот пат не се доаѓа до ништо суштествено.

Војната со Византија (894-97)

уреди

Бугарската трговија доживеала процут во времето на цар Симеон. Главната дејност во земјата било земјоделството, а веројатно бугарските житарки и добиток помогнале да се прехранат царските градови на брегот, па и самиот Константинопол. Рудата се ископувала, а со тоа се зголемиле кралските приходи. Згора на тоа, бугарските владенија лежеле на главни трговски патишта. Трговија што минувала меѓу степите на Русија и Константинопол се одвивала по западниот брег на Црното Море; но дел од неа поминувала по копно преку Преслав и Адрианопол, а дел преку Дристра до Солун. Имало уште еден трговски пат, речиси подеднакво важен, кој не можел да ја избегне Бугарија; тоа било рутата од Централна Европа, која на Балканскиот полуостров влегувала во Белград и, како и железницата денес, се разделувала кај Ниш, едниот крак водел низ Сердика (Софија) и Филипополис до Адрианопол и Константинопол, а другиот продолжувал на југ до Солун. Тоа значело постојан проток на стока што минувал низ Бугарија и на својот пат ги збогатувал бугарските трговци или грчките и ерменските поданици на царот.[17]

 
Победата на Бугарите над византиската војска предводена од Прокопиј и Куртициј во Тракија.

Уште од времето на Тервел, трговијата меѓу Бугарија и Империјата била внимателно организирана, а сега веќе Бугарите имале дозвола да престојуваат во Константинопол (веројатно во квартот Свети Мамас, заедно со руските трговци) каде што ја носеле својата стока. Меѓутоа, една интрига во Царскиот двор во 894 година резултирала со тоа што двајца грчки трговци, Ставракиј и Козма, обезбедиле монопол над бугарската трговија. Тие не само што успеале да стават тешки давачки за стоката, туку и инсистирале на преместување на бугарскиот пазар во Солун - било полесно да се управува со корупцијата подалеку од престолнината. Сето тоа природно ги вознемирило Бугарите и тие се пожалиле на Симеон, а тој веднаш се застапил за нив пред царот Лав VI. Но, нечесните грчки трговци биле под заштита на Стилијан Зауца, василеопаторот, семоќниот тест на императорот; затоа Лав ја игнорирал амбасадата на Симеон и скандалот продолжил. Симеон тогаш решил да прибегне кон оружје и се подготвил да ја нападне Тракија. Главните царски војски, под Никифор Фока, биле отсутни на Исток борејќи се со Сарацените; Лав можел да испрати против напаѓачите само неискусни трупи, под водство на Прокопиј Кренит и Ерменецот Куртициј. И двајцата генерали биле убиени во битка. Бугарите потоа напредувале низ Тракија кон самата престолнина.[18]

 
Мапа на движење на Маџарите. Забележете дека не е потврдено каде завршувала северната граница на Бугарската империја.

Лав следователно прибегнал кон дипломатија. Истата година тој испратил амбасада во Ратисбон кај кралот Арнулф - веројатно уште пред да избие војната, како одговор на амбасадата на Арнулф кај Владимир во 892 година - но неговиот амбасадор не бил добро примен. Но, сега тој имал далеку подобар план. Уште од деновите на Омуртаг, дивите Маџари биле воспоставени на степите до бугарската граница на реката Днестар, ако не досега и до Прут. Во 895 година го испратил патрицијот Никита Склер во маџарските населби и им предложил на маџарските поглавари Арпад и Курсан да ја нападнат Бугарија; тој ветил дека ќе испрати бродови за да ги пренесат преку Дунав. Маџарите со задоволство се согласиле, особено затоа што се чувствувале донекаде притиснати на нивните источни граници од една уште подива нација, Печенезите; дале заложници и договорот бил склучен.[18] Тогаш Лав го повикал Никифор Фока од Азија и ја опремил царската флота под адмиралот Евстатиј. Сега кога Симеон требало да се справи со Маџарите, Лав повеќе би сакал да не се бори; тој не сакал да ја зголемува моќта на Маџарите на сметка на бугарската, а освен тоа, не сакал да се бори со истоверци како и неговиот народ. Затоа го испратил квесторот Константинациј да го предупреди Симеон за претстојната инвазија на Маџарите и да предложи мировен договор. Но Симеон бил сомничав; тој во Константинопол научил колку суптилна може да биде царската дипломатија и веројатно не поверувал во приказната за Маџарите. Константинациј бил ставен во притвор, а одговор не бил вратен.[19]

 
Повлекување на Симеон во тврдината Дристра (Силистра).

Симеон набрзо се уверил. Додека се подготвувал да се пресретне со Никифор Фока во Тракија, му дошла вест дека Маџарите пристигнале. Тој побрзал на север да ги пречека, но бил поразен. Во очај се повлекол во тврдината Дристра. Маџарите напредувале, ограбувајќи и уништувајќи. Пред портите на Преслав се сретнале со Никифор Фока, на кого му продале бугарски заробеници во илјадници. Бугарите биле во очај. Тие испратиле кај Борис во неговиот манастир да побараат совет; но тој можел да предложи само тридневен пост и се понудил да се моли за својата земја.[19] Ситуацијата била спасена со многу помалку угледни средства - со дипломатската измама на Симеон.

Кога ја сфатил сериозноста на својата положба, испратил преку Евстатиј да побара мир од царот. Лав бил среќен што се согласил. Тој им наредил на Фока и Евстатиј да се повлечат и го испратил магистерот Лав Хиросфакт да преговара за условите. Токму тоа го посакувал Симеон. Кога пристигнал магистерот Лав, тој бил задржан под стража во тврдината Мундрага: додека Симеон, ослободен од половина од неговите непријатели, тргнал да ги нападне останатите, Маџарите. Во голема битка успеал да ги победи и да ги истера назад преку Дунав. Борбата била толку крвожедна што дури и Бугарите се вели дека изгубиле 20.000 војници. Победнички над Маџарите, Симеон го известил магистер Лав дека неговите услови сега вклучуваат ослободување на сите бугарски заробеници неодамна купени од Фока од Маџарите. Несреќниот амбасадор, кој во меѓувреме не можел да комуницира со царот, се вратил во Константинопол, за да види што може да се направи.[20]

Лав посакал мир и бил подготвен да се откаже од затворениците. Симеон чекал додека не му бидат вратени сите затвореници, а потоа, под изговор дека некои се задржани, повторно се појавил со полна сила на тракиската граница. На новиот царски командант, Лав Катакалон, му недостасувала способноста на претходниот, Фока. Тој пристигнал со главната царска војска кај Булгарофигон и бил тешко поразен. Следеле натамошни преговори. Договорот бил склучен во 897 година, а Византија се согласила да плаќа годишен данок на Бугарија.[21]

Симеон умира ненадејно на 27 мај 927 година[22] во разгор на подготвувањата за опсада на Цариград. Пред својата смрт, тој се објавува за "Цар самодржец на сите Бугари и Ромеи", се титлува со титулата "цар", која била еднаква на императорската, и го објавува бугарскиот црковен поглавар за патријарх - највисокиот ранг во Источната православна црква.[23]

По неговата смрт на престолот седнува син му, Петар I. Тој склучува мир со Византија, кој официјално му ја признава царската титула и патријаршкиот ранг на Бугарската црква.[24] За време на управувањето на Петар, Бугарија навлегува во криза, најмногу заради нападите на Руси и Унгарци од север. Започнува распространувањето на ереси, најпозната од која била богомилството, по името на својот водач - поп Богомил.[25] Тоа станува основа и на албигојството, кое се појавило подоцна во јужна Франција, како и на катарството.

Појава на Богомилството

уреди
 
Развојот на богомилството и другите еретички движења во Европа

Трите главни извори за богомилите во Бугарија се: писмо од цариградскиот патријарх Теофилакт до цар Петар, напишано околу 940 година; трактат против еретиците напишан од Презвитер Козма (веројатно напишан околу 970 година) и едиктите на црковниот синод одржан под цар Борил во 1211 година кој ги осудил богомилите.[26]

Писмото на Теофилакт е напишано како одговор на писмо (кое денес не постои) од цар Петар кој побарал совет од патријархот, кој бил чичко на неговата жена Ирина, како да постапи со новопојавената ерес. Забелешките за еретичките верувања веројатно се извлечени од првичното писмо на Петар. Патријархот се осврнува на на новопојавената ерес без да ја именува. Тој тврди дека еретиците веруваат во два принципи, од кои првиот ја создал светлината и невидливиот свет, а вториот темнината, материјата и човечкото тело. Еретиците го отфрлале Стариот завет, бракот, репродукцијата, и учењето за Христовото воплотување; за нив велеле дека настанале од злобниот принцип (ѓаволот). Ереста е античка, но новопојавена, мешавина од манихејство и павликијанство.[27] Павликијанството била источна ерес, генерално прикажувана како дуалистичка, но неодамна се покажало дека е адопционистичко движење. Адопционистите верувале дека Христос бил едноставно човек додека не бил посвоен од Бога и по благодатта станал божествен во времето на неговото крштевање. Павликијаните живееле во големи концентрации во Ерменија и источна Анадолија. Со текот на годините голем број од нив биле преселени од страна на императорите на Балканот за да ги растурат нивните концентрации на исток и исто така да ја бранат тракиската граница бидејќи биле одлични воини. Многумина биле населени во регионот на Филипополис (денешен Пловдив) во близина на бугарската граница. На Павликијаните генерално им се припишува голема улога во создавањето на богомилството. Ако Павликијаните навистина биле дуалисти, таквата улога е можна; сепак, ако биле адопционисти, тогаш треба да се бара автохтоно потекло за богомилството.[27]

Најдетален извор за богомилството е трактатот на презвитер Козма, кој од прва рака ги знаел и ја имал предноста да е несофистициран теолог, бидејќи повеќето византиски антиеретички трактати имаат тенденција да ги нарекуваат ересите со класичните имиња и потоа да му дадат на читателот мешавина од нови и релевантни, како и класични и нерелевантни верувања кога дискутираат за нивните следбеници. Козма вели дека за време на владеењето на Петар, поп по име Богомил (но за волја на вистината Богонемил) проповедал ерес во бугарските земји.[27]

За нив презвитер Козма вели: „Однадвор, еретиците изгледаат како јагниња; тие се нежни, скромни и тивки; тие не зборуваат залудни зборови, не се смеат и не се однесуваат на таков начин што ќе се разликуваат од вистинските христијани. Но, внатре тие се грабливи волци. Кога ќе ги најдат неуките, го сеат пијанството на нивното учење и ги хулат доктрините што ги пренесува Светата Црква. Еретиците не ги почитуваат иконите, туку ги нарекуваат идоли. Еретиците се потсмеваат на моштите на светиите и нè исмеваат кога ние им се поклонуваме. Тие одбиваат да им оддаваат почит на светците и ги презираат чудата Божји како што ги предизвикуваат моштите на светите преку силата на Светиот Дух; тие велат дека чудата не се случиле по Божја волја, туку од ѓаволот кој ги тера да ги заведуваат луѓето. Тие тврдат дека не Бог, туку ѓаволот бил творец на видливиот свет. Тие прашуваат како може да се обожава крстот? На него Евреите го распнаа Божјиот Син. Затоа крстот е непријател Божји. Тие ги учат своите приврзаници да го мразат, велејќи дека ако некој го убил синот на кралот со парче дрво, дали тоа дрво ќе му биде драго на кралот? Причеста не била воспоставена по Божја заповед, а евхаристијата всушност не е тело Христово, туку едноставна храна како и секоја друга. Тие не веруваат дека зборовите на свештениците се осветени од Бога. Ако свештениците се осветени, зошто тогаш не живеат како што треба?[28]

Тие се противат на свештениците, црквите, молитвите (освен на Господовата молитва) и го отфрлаат Мојсеевиот закон и книгите на пророците. Тие не ја почитуваат Дева Марија. Тие не го прифаќаат Стариот Завет, туку само Евангелијата. Тие живеат не според Мојсеевиот закон, туку според онаа на Апостолите. Тие го прават ѓаволот творец на луѓето и на целото божествено создание; некои го нарекуваат паднат ангел. (Козма потоа прави да изгледа дека го обожаваат ѓаволот бидејќи го направиле творец.) Тие велат дека по волја на ѓаволот постои сè - небото, сонцето, ѕвездите, воздухот, земјата, луѓето, црквите, крстот и сè што се движи по земјата. Тие веруваат дека Господ има два сина, Христос постариот и ѓаволот помладиот. Тој, ѓаволот, им заповеда на луѓето да земат жени, јадат месо и пијат вино. Тие се нарекуваат жители на рајот; тие ги одбиваат сите животни радости не со апстиненција како што правиме ние [православните монаси] туку затоа што тие тврдат дека овие дела се нечисти. Тие се молат, затворајќи се во своите домови, четири пати на ден и четири пати во текот на ноќта. Тие веруваат дека луѓето, а не Бог, ги воспоставил обредите и практиките на Црквата и на христијаните; и дека нив ги нема во евангелијата. Еретиците не празнуваат црковни празници. Тие не го одбележуваат споменот на мачениците и светителите. Тие си ги исповедаат своите гревови еден на друг и практикуваат исповед меѓу себе. Ги учат своите приврзаници да не се потчинуваат на власта; ги клеветат богатите; ги мразат царевите; ги исмеваат своите претпоставени и ги навредуваат нивните господари.“[29]

Оваа ерес се проширила од Бугарија во Византија каде привлекла многу интелектуалци и се развила во многу посуптилно теолошко движење. Во секој случај, богомилската секта која се појавила во времето на Петар траела низ историјата на средновековна Бугарија, за последен пат да се слушне за неа во Трново - престолнината на Втората бугарска империја - во средината на XIV век.[30]

Падот на Бугарија

уреди

По мирот од 927 не се променило многу во односите меѓу Бугарија и Византија. Меѓутоа, кога бугарските пратеници дошле во Константинопол да го соберат годишниот данок, тие биле пречекани со луто отфрлање од императорот Никифор II Фока, кој штотуку се вратил од победничкиот поход против Арапите. Византискиот цар го обвинил Петар дека дозволил Маџарите да ја преминат Бугарија на нивниот пат кон византиските територии, обвинение кое можеби се однесува на настан раскажан од Лиутпранд од Кремона, кој пристигнал во Константинопол три години подоцна. Според Лиутпранд, во одреден момент по доаѓањето на Никифор на власт во 963 г., група од 300 Маџари заробила 500 поданици од околината на Солун и ги пренела во Панонија.[31] Без оглед на причината за гневот на императорот Никифор, тој ги преместил своите трупи на границата со Бугарија, каде што Византијците уништиле голем број тврдини во демонстрација на воена моќ, пред да се вратат на источниот фронт. Во обид да го смири Никифор и да понуди своја гаранција со добри намери, Петар ги испратил своите два сина, Борис и Роман во Константинопол како заложници. Сепак, тој исто така испратил пратеници кај императорот Отон I во Магдебург, можеби во обид да собере поддршка против Византија. Од своја страна, Никифор одлучил да го примени на Бугарија истиот вид притисок што го избрал Лав VI во неговиот конфликт со Симеон во 893 година. Во отсуство на сигурни сојузници Печенези во степата, тој го избрал кнезот Светослав од Киев, кого го поткупил да ја нападне Бугарија.[31] Она што императорот го имал на ум, најверојатно, е дека ќе се случат голем број на упади на бугарска територија што ќе го турнат Петар на колена. Но, работите не се одвивале баш според планот.

Русите пристигнале на Дунав во летото 968 година, ја разбиле бугарската војска и ги блокирале преостанатите трупи во Дристра (Силистра). Според руската примарна хроника, рускиот кнез „ја преместил својата резиденција“ во Бугарија и почнал да владее од „Перејаславец“. Локацијата на Перејаславец или Преславец („Мал Преслав“) е предмет на спор, но од описот на движењата на Светослав во Летописот и на византиските војски во византиските извори е сосема јасно дека градот се наоѓал на Долниот Дунав, најверојатно во северна Добруџа. Се чини дека Русите не влегле во внатрешноста на Бугарија и биле задоволни со контролирањето на долниот брег на Дунав и регионот на неговата делта. Ова беше доволно за да го убеди Петар да испрати пратеници во Константинопол и да побара мир. Овој пат, Никифор имал тешки услови, а не само зборови. Тој побарал депонирање на Петар од престолот и негова замена со неговиот син Борис, кој веднаш бил вратен во Бугарија за таа пригода.[32] Како и неговиот дедо Борис I, Петар се повлекол во манастирот во близина на Преслав, каде што умрел набргу потоа на 30 јануари 969 година. Специјална служба му создале монасите од манастирот, кои први го употребиле епитетот „светец“ за поранешниот император. Портретот на Петар ќе се појавува на иконите од подоцнежните векови.

 
Инвазијата на киевскиот кнез Светослав во Бугарија

Владеењето на Борис II започнало добро, бидејќи Русите се повлекле од Бугарија откако ја добиле веста за опсадата на Печенезите на Киев. Меѓутоа, штом Светослав ги „изгонил Печенезите во степите“, решил да се врати во Бугарија, овој пат заедно со своите сојузници Печенези и Маџари. Меѓутоа, во 969 година, Бугарите, кои во меѓувреме повторно ја зазеле тврдината Преславец, дале силен отпор против опсадата на Русите. По долга борба Преславец бил повторно заземен. Русите брзо се движеле и ги зазеле Преслав и Дристра, пред да ја преминат Стара Планина и да го нападнат Филипополис (денешен Пловдив) во Тракија. Во Преслав, Светослав го оставил Борис на власт, очигледно во обид да ја здобие бугарска поддршка за неговото сега отворено антивизантиско присуство во Бугарија.[33] Новиот византиски император Јован Цимискиј имал многу поагресивен пристап. Прво, тој го испратил во Тракија, Варда Склир, кој извојувал голема победа против Русите во близина на Филипополис. Потоа, во пролетта 971 г., самиот император предводел војска од 40.000 преку Стара Планина, додека византиска флота од околу 300 бродови влегла во Дунав преку делтата за да ги нападне Русите од север. Искористувајќи го фактот што ниту еден планински премин не бил чуван, царот Јован брзо стигнал до Преслав, каде што ги победил Русите и го опколил градот. Византиските трупи упаднале во Внатрешниот град убивајќи повеќе Руси и заробувајќи ги Борис и неговото семејство. Преслав веднаш бил преименуван во Јоанополис по самиот император, а извесен Катакалон бил именуван за воен управител, за што сведочи неговиот печат. Во Дристра, плашејќи се од избувнување на локално востание, Светослав наредил да се погубат 300 првенци кога византиските трупи се појавиле под силните ѕидини на градот. Царот Јован ја ставил Дристра под опсада три месеци, пред да ги порази Русите во жестока битка што го принудила Светослав да бара мир. Царот се согласил да му дозволи на рускиот кнез да се повлече во Киев, но на враќање дома, Светослав бил нападнат и убиен од Печенези. Византијците ја зазеле Дристра, која ја преименувале во Теодорополис, по свети Теодор Стратилат, за кој се вели дека се појавил во целосна воена опрема на својот бел коњ во текот на последната битка со Русите.[34]

 
Борис II и неговиот брат Роман како пленици на императорот Јован Цимиски во 971 г.

Триумфалното враќање на Јован Цимиски во Константинопол било внимателно исценирано за да го симболизира крајот на Бугарија. Според Лав Ѓакон, по царот на бел коњ следела кола со икона на Пресвета Богородица и бугарските царски регалии заробени во Преслав, особено две круни, едната едноставна дијадема, другата круна со грб слична на оние кои Византиските императори ги носеле кога славеле победи. Борис го следел царот Јован на својот коњ. Кога пристигнале до Форумот на Константин, симболично му биле одземени симболите на неговата царска власт.[34] Царот Јован му ја посветил Борисовата круна на Бога во храмот на Божјата Премудрост, а Борис, сега само обичен аристократ со бугарско потекло, во замена ја добил титулата магистрос.[34] Патријархот на Бугарија бил заменет со митрополит на Јоанополис, кој бил подреден на патријархот во Константинопол. Со овие настани е означен и крајот на Бугарското Царство и негово приклучување во рамките на Византија.[35][36][37][38][39][39][40][41][42][43][44]

Религијата на Прабугарите

уреди
 
Розета од Плиска

Не се знае многу за традиционалните религиозни верувања и практики на Бугарите. Нашиот најдобар извор доаѓа од Responsa на папата Никола I, долго пасторално писмо упатено до бугарскиот хан Борис-Михаел веднаш по неговото преобраќање во христијанството во 864 година. Некои дополнителни информации можат може да се добијат од прабугарските натписи, како и од кратките референци на византиските писци. Теофилакт Охридски во 11 век пишува дека пред 864 г. Бугарите го славеле сонцето, месечината и ѕвездите, а како жртва им принесувале кучиња. Тој исто така укажува дека тие верувале во многу богови и обожавале идоли. Теофан ги опишува жртвите принесени од Крум пред Златната Порта за време на опсадата на Цариград во 813 г.[45]

И покрај фактот што Бугарите почитувале бројни божества, прабугарските натписи, кои ја изразуваат официјалната идеологија на државата, експлицитно се однесуваат на само еден бог (ὁ θεός). Ова може да сугерира дека воинската аристократија стоела поблиску до хенотеизмот, термин што значи верување и можно обожавање на повеќе богови, од кои едниот е врховен. Со тоа што не го прецизирале неговото име, хановите очигледно се обиделе да го направат овој бог препознатлив и поистоветен за различни народи. Така, за населението на ханството што зборувало грчки, анонимниот бог што се повикува во титулата на бугарскиот владетел како давател на неговиот божествен мандат (ὁ ἐκ θεοῦ ἄρχων) веројатно е дека бил христијанскиот бог. Има добра причина да се верува дека во умот на канот и неговите благородници овој бог бил Тангра.[45] Додека првично ова туркиско име го означувало физичкото небо, Тангра/Тенгри на крајот се појавува како небесен бог и врховно божество на многу номади од Централна и Внатрешна Азија. Во шестиот век Тангри станал тесно поврзан со Ашина, владејачкиот, „харизматичен“ клан на Туркиската империја, и заедно со него претставувал еден од основните извори на политичко единство. Ханот не бил само глава на државата, туку божествено назначен владетел, чиј небесен статус бил особено нагласен во Орхонските натписи. Управувањето со земјата како одраз на управувањето со небото, авторитетот на ханот, теоретски, бил екуменски. Териториите, владетелите и народите можеби де факто биле надвор од неговата сфера на влијание, но, по волјата на Тангри, биле де јуре и потенцијално членови на неговата светска империја.

Администрација

уреди

Малку се знае за управата на раното Бугарско Царство; освен имињата на неколку бугарски титули; иако е невозможно да се извлечат многу заклучоци од нив, бидејќи е тешко да се каже кои титули претставуваат функции, а кои биле доделувани како почесни титули.[46]

 
Грчки натпис со зборовите "канас бигиом оуртаг" (Канас(у)биги Омуртаг) во првите два реда. Плиска, Бугарија.[47]

Владетелот во сите негови натписи е Кан или Возвишениот Кан - κάνας или κάννας, со епитетот ὐβιγή или ὐβηγη - збор кој јасно е од куманско потекло öweghü = висок, знаменит. Натписите честопати ја додаваат титулата ὁ ἐκ θεοῦ ἄρχων, веројатно воведен од грчките писци, кои сметале дека тоа е неопходна квалификација за секој принц. Титулата Кан исчезнува по воведувањето на христијанството и словенската азбука, за да ја замени Кнез, а подоцна и Цезар, односно Цар.[46]

Главна класа на благородништвото биле болјаритеβοιλάδες или βοηλάδες — име кое станало општо меѓу источните Словени. Во десеттиот век постоеле три класи на болјари, шесте Големи Болјари, Надворешните Болјари и Внатрешните Болјари; во средината на деветтиот век имало дванаесет Големи Болјари. Големите Болјари веројатно го сочинувале доверливиот кабинет на Канот; Внатрешните Болјари веројатно биле дворски офицери, надворешните болјари провинциски офицери. Многу од поединците споменати на натписите од деветтиот век биле болјари. И Кавкан Исбул и Багатур Цепа биле болјари; а веројатно е дека болјарите биле цивилни службеници.[46]

Втората класа на благородништво, веројатно инфериорна, биле багаините. Можно е тие да биле воена каста; но нивното име се среќава само во натписите, колективно (Во една прилика Омуртаг им дал подароци на своите болјари и багаини), или поединечно каде што обично се поврзуваат со титулата багатур. Покрај овие чинови, скоро секој бугарски поданик што се споменува во натписите бил θρεπτὸς ἄνθρωπος на Канот. θρεπτοὶ ἄνθρωποι биле, без сомнение, витешки ред, номинално на телохранители на Канот.[48]

Титулата багатур — βαγατουρ или βογοτορ — се среќава неколку пати во натписите; бугарскиот генерал кој бил поразен во Хрватска во 927 година се викал Константин ἀλογοβοτουρ, очигледно за ἀλο-βογοτουρ. Овој збор е турскиот bagadur, кој на руски се среќава како богатырь = херој. Веројатно претставувал воен чин. Префиксот ало може да значи „главен“.[48]

Колобрусκαλοβρός или κουλουβρός — што се наоѓа само во натписите, веројатно бил титула на чин, изведен од турскиот golaghuz, водич. Болјарот Цепа бил исто така и колобрус како и багатур.[48]

Жупан, се среќава како ζουπάν или како κοπάνος во натписите. И во двата наврати се споменува семејството на носителот на титулата. Кај јужните Словени генерално, жупан значел поглавар на племе; така што Успенски и Бури веродостојно го сфаќаат како поглавар на еден од бугарските кланови.[48]

Титулата таркан веројатно претставувала висока воена функција. Зборот има турско потекло; еден турски амбасадор во дворот на императорот Јустин II (околу 570 г. н.е.) бил наречен тагма, ‘ ἀξίωμα δε αυτῷ ταρχάν ’. Онегавон, кој се удавил во реката Тиса, бил таркан; така таркан бил и жупанот Охсун. Кога свети Климент пристигнал во Белград, бил пречекан од Боритакан „ τῷ τότε φυλάσσοντι“, „ὑποστράτηγος“ на кан Борис. Боритакан мора да значи Таркан Борис; неговата позиција била јасно еквивалентна на царски стратег, т.е. тој бил воен гувернер на една провинција.[49]

Најважниот воен чин на царството бил кавканот. За време на владеењето на Маламир, Кавканот Исбул, παλαιὸς βοϊλᾶς (постар болјар?) на Канот очигледно бил најважна личност после Канот во Бугарија. Тој изградил аквадукт на Канот на свој трошок и го придружувал Канот во битка, очигледно како негов главен генерал. Во 922 читаме дека Симеон бил придружуван од неговиот кавкан.[50]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Л. Иванов. История на България в седем страници. София, 2007.
  2. Marshall Lang 1976, стр. 36.
  3. Marshall Lang 1976, стр. 36-37.
  4. Nikephoros' Short History [for the years 602-769 A.D.] Преведено од A. Mango, Cyril. Washington: Dumbarton Oaks, Research Library and Collection. 1990. стр. 88–89. ISBN 9780884021841. На |first= му недостасува |last= (help)
  5. 5,0 5,1 Madgearu, Alexandru (2000). „Recent discussions about "Onglos"“. Istro-Pontica. Muzeul tulcean la a 50–a aniversare 1950–2000: 343–48.
  6. Runciman 1930, стр. 25-26.
  7. Runciman 1930, стр. 26.
  8. 8,0 8,1 Marshall Lang 1976, стр. 50.
  9. V. A. Fine 1991, стр. 107.
  10. 10,0 10,1 V. A. Fine 1991, стр. 108.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 V. A. Fine 1991, стр. 111.
  12. Runciman 1930, стр. 133.
  13. 13,0 13,1 Runciman 1930, стр. 134.
  14. 14,0 14,1 14,2 Runciman 1930, стр. 135.
  15. Runciman 1930, стр. 136.
  16. Robert Fossier, Janet Sondheimer - „The Cambridge Illustrated History of the Middle Ages: 350-950“, Cambridge University Press, 1997, стр. 370
  17. Runciman 1930, стр. 144.
  18. 18,0 18,1 Runciman 1930, стр. 145.
  19. 19,0 19,1 Runciman 1930, стр. 146.
  20. Runciman 1930, стр. 147.
  21. Runciman 1930, стр. 148.
  22. Златарски, Васил, История на българската държава през средните векове, том 1, част 2, Академично издателство "Марин Дринов", София 1994, ISBN 954-430-299-9, с. 513
  23. John V. Fine - "The Early Medieval Balkan", University of Michigan Press, 1991, стр. 155
  24. Robert Bideleux, Ian Jeffries - „A history of Eastern Europe“, Taylor & Francis, 2007, стр. 66,
  25. Milan Loos - „Dualist heresy in the Middle Ages“, Springer, 1974, стр. 50
  26. V. A. Fine 1991, стр. 172.
  27. 27,0 27,1 27,2 V. A. Fine 1991, стр. 173.
  28. V. A. Fine 1991, стр. 174.
  29. V. A. Fine 1991, стр. 175.
  30. V. A. Fine 1991, стр. 179.
  31. 31,0 31,1 Curta 2006, стр. 237.
  32. Curta 2006, стр. 238.
  33. Curta 2006, стр. 239.
  34. 34,0 34,1 34,2 Curta 2006, стр. 240.
  35. На капијама града y сусрет су му изашли највиши достојанственици цркве и Царства, певајући химне y славу цара, и пружили му круну и схиптар од злата и драгог камена. На позлаћеним кочијама y четворопрегу y којима ce иначе вози цар, била je икова Богородице коју je он лично донео из Бугарске, a испод ње лежале су одоре и дијадеме бугарских царева. Додека поворката влегувала во градот, зад кочиите јавал царот на бел коњ, накитен со сите царски обележја, а зад него пешки одел бугарскиот цар, Борис II, кого Цимискиј го заробил во Преслав. во црквата „Св. Софија“ византискиот цар ја положил сјајната круна на Бугарија на високиот олтар, ги дал знаците на првиот воен плен и своите благодарности. Потоа, пред насобраната толпа во главниот брод на црквата му наредил на бугарскиот цар да ги симне сите негови владетелски обележја и му доделил византиска дворска титула на магистер. Само во текот на една година (971) Јован Цимискиј постигнал воен триумф кому му нема рамен во средновековните анали на Балканот. Јаотстранил руската опасност која го загрозувала опстанокот на Византија во Европа, потворно ја утврдил северната граница на Дунав и ја повратил територијата која Аспаруховите Прабугари ја одзеле од Византија уште пред три века. За време на оваа сурова војна Бугарите беспомошно ги гледале двте најголеми воени сили на источна Европа како ce борат околу нивните земји. Димитри Оболенски ВИЗАНТИЈСКИ КОМОНВЕЛТ Превела Ксенија Тодоровић ПРОСВЕТА - БЕОГРАД 1996
  36. На запад, во ридовите и изолираните долини на Македонија, каде ни Русите ни Византијците не оделе за време на војната, царската власт била претежно номинална, па и понатаму живеела политичката традиција на соборената бугарска држава. И тому на тоа место по Цимискиевата смрт во 976 г. четирите синови на месниот македонски управник подигнале бунтовен бајрак. Најмладиот Самуил, ја искористил граѓанската војна во Византија која избила по смртта на Јован Цимискиј, и полека изградил држава чиј главен град град најпрвин бил на Преспанското Езеро, a потоа во Охрид. До крајот на векот оваа држава се проширила врз најголемиот дел на дотогашната бугарска територија меѓу Црното и Јадранскто Море, крај Србија сè до долното течение на Сава, Албанија, јужна (Егејска) Македонија, Тесалија и Епир. Димитри Оболенски ВИЗАНТИСКИ КОМОНВЕЛТ Превела Ксенија Тодоровић ПРОСВЕТА - БЕОГРАД 1996
  37. Идеолошки, Самуиловото Царство било поврзано за старото Бугарско Царство, затоа и самите негови творци (Самуил и неговите наследници б.н) и Византија го нарекувале бугарско, бидејќи традициите за царство и патријаршија, освен во Византија, постоеле уште само во Бугарија (се мисли само за Балканот б.н). Самуил ги прифатил тие традиции и го презел наследството на Симеоновото и Петровото Царство (Првото Бугарско Царство б.н), кое паднало под ударите на Византијците. Всушност, неговото царство (на Самуил б.н) значајно се разликувало од Симеоновото и Петровото Царство, и по составот и по карактерот тоа било ново царство. Неговиот центар се преместил према југозапад и Македонија го сочинувало неговото јадро. Ако главната цел на Самуил би била воспоставување на стaрото Бугарско Царство, тој секако би се свртел кон бугарските земји и на прво место би се стремел да ги ослободи. Меѓутоа, интересот на Самуил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал. Во текот на сите негови борби во областите источно од Сердика играле изненадувачки скромна улога, така што изворите скоро и не ги спомнуваат. Ексапнзијата на Самуиловото Царство било пред сè свртено кон југ, види Георгије Острогорски, Историја на Византија, Народна Књига Алфа, 1998.
  38. Стјепан Антолјак: „Средновековна Македонија“ том 1, издание на Мисла, Скопје, 1985
  39. 39,0 39,1 Шарл Дил ИСТОРИЈА ВИЗАНТИЈСКОГ ЦАРСТВА Архивирано на 9 февруари 2009 г.
  40. Владимир Чоровиќ, "Историја спрског народа", глава VI Држава мачедонских Словена Архивирано на 14 декември 2007 г., издание на страницата www.rastko.org.yu, Белград, 2001. (српски)
  41. Бранко Панов, "Македонија низ историјата", "Менора", Скопjе, 1999, стр. 15.
  42. "Историја на македонскиот народ", том 1 Македонија од праисториско време до паѓането под турска власт, Институт за историја, Скопjе, 2000, стр. 357.
  43. Коста Аџиевски, Пелагонија во средниот век, скопје, 1994
  44. Александар Атанасовски, Македонија и Македонците во делото на Никифор Григора - византиски историограф од XIV век. - Годишен зборник на Филозофски факултет - Скопје, Кн. 27 (53) Скопје 2000. Истото е објавено во: Славянскиј Сборник. Вѕпуск 6. Саратовскога университета 2003.
  45. 45,0 45,1 Sophoulis, Panos (2011). Byzantium and Bulgaria, 775–831. Germany: Brill. стр. 79–89. ISBN 9789004206953.
  46. 46,0 46,1 46,2 Runciman 1930, стр. 284.
  47. Веселин Бешевлиев, Първобългарски надписи. 2ed. София 1992. Chapter: VI. Възспоменателни надписи, Inscription No.66.
  48. 48,0 48,1 48,2 48,3 Runciman 1930, стр. 285.
  49. Runciman 1930, стр. 286.
  50. Runciman 1930, стр. 287.

Литература

уреди
  • Runciman, Steven (1930), A History of the First Bulgarian Empire, London: G. Bell & Sons
  • V. A. Fine, John (1991), The Early Medieval Balkans: A Critical Survey from the Sixth to the Late Twelfth Century, University of Michigan Press
  • Curta, Florin (2006), Southeastern Europe in the Middle Ages, 500–1250, Cambridge University Press
  • Marshall Lang, David (1976), The Bulgarians. From pagan times to the Ottoman conquest, Thames and Hudson

Надворешни врски

уреди