НЛО
Под изразот Неидентификуван (неутврден) летечки објект или НЛО, се подразбира каков било летечки објект во погорниот дел од Земјината атмосфера кој не може да биде идентификуван. Најголемиот дел од дискусиите за НЛО целат кон тоа дека некои од нив би можеле да бидат вонземјански направи, но нема научни докази што би го поддржале ова објаснување.[1]
Извештаи за необични воздушни феномени датираат уште од антички времиња, но актуелни случувања и првите официјални истраги започнуваат за време на Втората светска војна, со забележувања на т.н. фу-фајтери (термин користен од пилотите на Сојузниците во Втората светска војна за опишување на воздушни феномени видени на небото над европскиот и тихоокеанскиот фронт) во 1946 година и широкопознатите видувања на европските „ракети-духови“. Овие НЛО видувања и пријавувања пристигнуваат во сè поголем број по првата објавена статија во САД за НЛО, кога приватниот пилот Кенет Арнолд, во летото 1947 година, тврди дека видел НЛО. Оттогаш се пријавени десетици илјади видувања на НЛО на светско ниво.
Историја
уредиНевообичаени воздушни набљудувања биле пријавувани во текот на историјата. Некои од овие феномени по природа несомнено биле комети, светли метеори, некоја од петте планети кои можат да се видат со голо око, или пак оптичка измама. Пример е Халеевата Комета, која за првпат била регистрирана од страна на кинески астрономи во 240 година п.н.е. Некои други стари извештаи не можат да се објаснат, но претставува тешкотија да се оценат овие документи, бидејќи можно е да се неточни, недоволно објаснети или пак, пристрасни. Пример претставува Стариот завет на Библијата во кој Езекил имал средба со нешто што денес би се опишало како НЛО, но тоа Библијата го опишува како средба со огнен Бог.
Која и да била нивната вистинска природа, вакви појави низ историјата биле сметани за разни натприродни појави, демони, ангели или други религиозни знаци. Уметничкиот историчар Даниела Џордано посочува на многу средновековни слики и објекти на кои има некакви невообичаени објекти во воздухот; таа признава дека многу од овие слики се тешки за интерпретација, но вели дека некои од објектите се зачудувачки слични со описи на видувања на НЛО од понови времиња.[2] (Видете: Список на НЛО видувања)
Шен Куо (1031-1095), од кинеската династија Сунг, напишал живописен пасус во својата книга Есеи од базенот на штата (1088) за неидентификуван летечки објект. Тој ги запишал исказите на очевидци од 11 век кои тврдат дека виделе летечки објект (во форма на бисер), со врати кои се отвораат за да пуштат светлина од внатрешноста, кој бил огромен во големина и можел да се движи со неверојатна брзина.[3]
Предмодерни видувања
уредиПред да станат популарни термините „летечка чинија“ и „НЛО“ во 1940-те, имало извештаи за неидентификувани појави во воздухот на Запад. Овие извештаи датираат од средината на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Меѓу нив се:
- На 25 јануари 1878, весникот Денисон Дејли Њуз објавил статија за локалниот фармер Џон Мартин, кој изјавил дека видел голем, темен и топчест објект што личел на летечки балон и летал „со неверојатна брзина“.[4]
- На 17 ноември 1882, астрономот Едвард Валтер Мандер забележал НЛО од кралската опсерваторија во Гринич, како и други европски астрономи. Тој вели дека објектот бил во форма на диск и личел на Цепелин.
- На 28 февруари 1904, поручникот Френк Скофилд објавил дека три членови на USS Supply забележале три светли јајцевидни објекти како летаат во ешелон формација, на 300 милји западно од Сан Франциско.
- 1916 и 1926: трите најдобро познати стари НЛО видувања од страна на пилоти од вкупно 1305 запишани од НАСКАР. На 31 јануари 1916, британски пилот забележал ред светла кои се издигнале и исчезнале во близина на Рокфорд. Во јануари 1926 година, пилот пријавил шест летечки објекти меѓу Канзас и Колорадо. Кон крајот на септември 1926 година, пилот изјавил дека бил принуден да се спушти над Невада поради огромен цилиндричен објект без крила.
- На 5 август 1926, патувајќи над планините Хамболд во тибетскиот регион Коконур, Николас Роурих изјавил дека членовите од неговата експедиција виделе „нешто големо и светло како сонце, голем овален предмет кој се движел со голема брзина“.
- За време на Втората светска војна, т.н. „фу-фајтери“ (светлосни топки) биле пријавувани од пилоти.[5]
Видувањето на Кенет Арнолд
уредиПовоената НЛО фаза во САД започнува со пријавата на американскиот стопанственик Кенет Арнолд, на 24 јуни 1947 година. Тој, додека летал со својот приватен авион во близина на Маунт Рејнер, Вашингтон, видел девет брилијантно светли објекти кои летале кон Маунт Адамс. Тој вели дека летале со брзина од отприлика 1200 милји на час.
Неговото известување не добило многу големо внимание од страна на медиумите и јавноста. Арнолд подоцна објаснува дека тоа што го видел било рамно, а летало како чинија кога би ја фрлиле на површина од вода. Исто така, вели дека биле како полумесечини, овални однапред, а испакнати одзади. Овие негови описи подоцна ќе бидат репортирани и ќе почне употребата на термините летечка чинија и летечки диск.[6] По пријавата на Арнолд, во наредните неколку недели биле пријавени стотици случаи од очевидци, најмногу од САД, но и од други земји.
Откако изјавата на Арнолд се нашла во медиумите, голем број други случаи се репортирани. Во еден случај, Јунајтед Еарлајнс забележала девет дисковидни објекти над Ајдахо вечерта на 4 јули. Во тоа време, овој случај бил пообјавуван дури и од случајот на Арнолд, што на неговиот случај му дава поголема веродостојност.
Американскиот НЛО истражувач Тед Блечер, во своето истражување на статии од весници од тоа време, забележал дека во наредните денови после 4 јули, весниците биле преполни со приказни за новите „летечки чинии“ или „летечки дискови“ на своите предни страници. По 8 јули имало помалку пријави, откако официјални лица вршеле прес-конференции за познатиот случај во Розвел, за кој тие објасниле дека се работи за метеоролошки балон.
Во наредните години, во 1960-те, Блечер открил 853 искази на очевидци на летечки дискови од весници во Канада, Вашингтон и од сите останати држави во Америка освен Монтана.
Науката и НЛО
уредиУфологија (од англискиот UFO - Unidentified Flying Object) е наука за НЛО извештаи и докази во врска со нив.
Иако повеќето академици ја игнорираат оваа тема, други, вклучувајќи аматери и по некои професионални научни истражувачи, продолжуваат со истражувања. За жал, квалитетот на истражувањата варира кај повеќето аматерски истражувачи.
Честопати, погрешно се претпоставува дека единственото прашање кое се поставува за НЛО е тоа дали тие претставуваат вонземјанска интелигенција. Оставајќи го на страна прашањето за физичкото постоење на НЛО, постојат и студии за НЛО – има НЛО поткултури од фолклорни или антрополошки перспективи, а некои мислат дека оваа тема може да пружи нови сознанија во полето на психологијата, социологијата и комуникацијата.
Од доцните 1940-ти, луѓето ширум светот се запознале со НЛО феноменот и со извештаите кои кружат за НЛО. Тие биле именувани како планети, ѕвезди, метеори, облаци, молњи, експериментални воени летала, халуцинации и вонземјански вселенски бродови. И покрај големиот број извештаи на очевидци и големата заинтересираност на народот, научната заедница покажала мал интерес за овој феномен. Ова се случува поради фактот дека не постојат владини фондови за поддршка на истражувањата за НЛО. Многу научници претпоставувале дека Кондовиот извештај од 1969 година ставил точка на таа тема, па на НЛО испитувањата не им било обраќано големо внимание. Исто така, јавното исмејување преку јавните медиуми од страна на Робертсоновиот панел на ЦИА во 1953 година, ја претвори оваа тема во научна и политичка табу тема. Сето ова резултирало со потиснување на интересирањето за НЛО истражувања.
Истражувањата се разликуваат по обем и по научна рамнодушност од земја до земја. Познато е дека владите или воените агенции на САД, Канада, Велика Британија, Франција, Белгија, Шведска, Бразил, Мексико, Шпанија и Советскиот Сојуз спроведувале истражувања на НЛО извештаи. И покрај некои чудни случаи, ниедна национална влада јавно не изјавила дека претпоставува дека НЛО во каков било облик претставува вонземјанска интелигенција. Веројатно најпозната студија е проектот Сина книга, спроведувана од американското воздухопловство од 1952 година.
Покрај необјаснетите случаи, општото мислење на научната заедница е дека сите НЛО појави се резултат на погрешно толкување на природни или човечки предизвикани феномени, намерни грабнувања или физиолошки феномени, како што се оптичките илузии, сонување во будна состојба / парализа на сонот (често се објаснуваат како грабнувања од вонземјани). Според статистиката од студијата на американското воздухопловство, повеќето од случаите на НЛО видувања можат да се објаснат како погрешна идентификација, додека грабнувањата се мал процент од пријавените случаи. Сепак, многу академици сè уште сметаат дека истражувањето би било губење време, бидејќи нема веродостојни сведочења.
Само мал број академици вистински ја истражувале оваа тема или се запознале со литературата за неа. Резултатите на Штуровото испитување покажуваат дека отсуството од студии на оваа тема го зголемува скептицизмот, кој кај многумина влијае при одлучувањето дали да се истражува или не. Поединци во научната заедница мислат дека веќе има доволно докази да се започнат посериозни истражувања, правејќи паралела со историјата на истражувањето на метеоритите или атмосферските електрични феномени, како што се топчестите молњи, кога постоеле само сведочења од очевидци. Во ваквите примери, тврдењата на очевидците за овие феномени излегле точни и покрај почетниот скептицизам, одбивања и непријателски став на многу научници. Други, пак, истакнуваат дека е погрешно да се тврди дека доказите за НЛО се само видувањата, туку дека веќе постои значителен број забележани физички ефекти кои треба да подлегнат на истражувања од страна на физичките науки, во што се вклучуваат радарски детекции, фотографии, видео снимки, зголемено зрачење, електромагнетни пречки и физиолошки и биолошки ефекти.
Меѓу заговорниците за НЛО најзастапена е хипотезата за вонземјани, но некои наведуваат и хипотези како што се меѓудимензионална хипотеза и паранормална и окултна хипотеза.
Причини кои често се наведуваат како причина за презир на оваа тема од страна на многумина научници се следниве:
- Аргументи дека вонземјаните не би можеле да бидат овде поради големото растојание и енергија потребна за меѓуѕвездено патување според сегашните физички закони.
- Недостаток од материјални докази.
- Неверодостојност или научна неадекватност на многу извештаи.
- Многу околности кои би можеле да доведат до погрешно толкување на објекти на небото видени од голема оддалеченост.
- Општиот сензационализам кој ја следи оваа тема, вклучувајќи го сфаќањето дека многу аматерски истражувачи не се доволно научно обучени, туку имаат склоност кон верување.
Надеж дека оваа тема ќе биде повторно покрената дала статијата во Журналот на Британското меѓупланетарно здружение (ЖБМЗ). Вовед во оваа тема дал еден од авторите, астрономот Бернард Хајш на своето мрежно место, која има интернет врска до страната со статијата на ЖБМЗ.[7]
За наводно широко распространетиот негативен став на научната заедница кон НЛО, може да се тврди дека е неточен. Според официјалната анкета на Американското астрономско друштво од 1977 година, Стурок дозна дека поголемиот дел од испитаниците сметаат дека НЛО заслужува научна студија и дека се подготвени да придонесат со својата стручност.[8]
- 53% од испитаниците сметаат дека НЛО-ата се тема која сигурно или веројатно е вредна за понатамошна научна студија, додека 20% велат спротивно.
- 80% изразиле спремност да придонесат во решавањето на НЛО прашањето, иако само 13% биле во состојба да предложат како тоа да се стори.
- Недостатокот на знаење придонесува на скептицизмот и недостатокот на волја за понатамошно истражување. Само 29% од оние кои барем еден час читале за темата биле заинтересирани, додека 68% поминале преку 300 часови читајќи.
- Помладите научници биле поподготвени да истражуваат за разлика од постарите.
- Скептицизмот за хипотезата за вонземјаните бил висок. Само 3% верувале дека НЛО се вонземјански летала, додека 13% веруваат во случаите на грабнувања, односно 23% веруваат во тезата за познати / непознати летала.
- 5% од испитаниците тврделе дека биле очевидци на збунувачки појави.
Стурок во 1973 година спроведе анкета со преку 400 членови од Американскиот институт за аеронаутика и астронаутика. Околу две третини мислеле дека НЛО-ата можеби, веројатно или сигурно е научно значаен проблем. 5% рекле дека виделе НЛО. 10% верувале дека НЛО-ата доаѓаат од вселената.[9][10]
Сумирајќи ја својата анкета, Стурок нагласува дека гарантираната анонимност била многу важна за голем дел од испитаниците. Поради страв од исмевање од страна на своите колеги или страв од реперкусија на работното место, многумина не би зборувале отворено за тоа што го мислат. Д-р Жак Вале тврди дека има многу научници заинтересирани за истражување на НЛО-а, но претпочитаат да работат повлечено, поради факторот на исмевање. Вале овие научници ги нарекува невидливи колеги.
Други анкети спроведени на научни, технички и добро образовани групи исто така покажува значително интересирање за НЛО, или верувања дека НЛО-ата се вистинити или се од вонземјанско потекло. Анкетата на списанието Индустриско истражување и развој во 1971 година, на 90.000 им откри дека 76% од испитаниците веруваат дека владата не открила сè што знае во врска со НЛО-а. 54% веруваат дека НЛО-а сигурно или веројатно постојат, а 32% дека доаѓаат од вселената. Според анкета на списанието Оптички спектар во 1978, 42% од читателите мислеле дека е нормално НЛО-а да се вселенски бродови на други цивилизации. Две анкети од членови на МЕНСА од 1970-те години откриваат дека преку 50% од испитаниците веруваат дека НЛО-ата доаѓаат од вселената. Истражувањата на јавното мислење исто така покажуваат раст во верувањето во постоење на НЛО, што се однесува на испитаниците од образованието. На пример, истражувањето на Галуп од 1978 открило дека 66% од дипломците мислат дека НЛО-а се вистинити, а 57% од матурантите и 36% од полуматурантите.[10]
Сепак, некои тврдат дека општото мислење на научната заедница во врска со извештаите за НЛО е дека тоа има повеќе врска со психологијата и науката за перцепција, место со физичките науки. Навистина, повеќето од извештаите се наративни објаснувања за тоа којшто видел на небото, или што мислел дека видел. Но, се нагласува дека сведувањето на НЛО на ниво на психологија е неадекватно толкување на некои поединци. Во голем број од извештаите постојат повеќе сведоци, а во некои случаи, еден ист настан бил набљудуван од различни локации. Постојат и масовни видувања од страна на стотици и илјадници сведоци. Некои појави биле следени со радари, некои снимени на видео ленти, а некои оставиле физички ефекти на поединец или околината.
Други, пак, мислат дека физичарите нема што да бараат околу НЛО проблемот освен ако нема материјални докази. Забелешка на овој аргумент би било тоа дека треба сведочењата на очевидците да се обработат со научни методи за да се добијат важни информации. Сведоци на метеорски камења, на пример, можат да бидат интервјуирани и притоа да го реконструираат случајот кој често води кон откривање фрагменти од метеоритот.
Обемна статистичка анализа на НЛО случаи наречена Специјален извештај на Проектот Сина книга бр. 14 спроведе Бателовиот меморијален институт за американското воздухопловство од 1952 до 1954 година. Статистичарот д-р Дејвид Сондерс, член на Кондоновата комисија, предложил формирање на статистичка база на податоци за случаите со цел да се воспостават трендови. Така бил составен каталог со преку 10.000 случаи.[11] И други истражувачи правеле вакви бази на податоци, како на пример д-р Жак Вале [12] или Лери Хеч, кој ја одржува јавната база на податоци за илјадниците случаи со онлајн статистички анализи.[13]
Материјални докази
уредиПостојат многу НЛО извештаи кои биле пропратени со материјални докази од различни видови, како непосредни, така и посредни. Хајнековата скала на блиски средби дефинира материјален доказ како податок добиен од блиска средба од прв вид. Многу посредни материјални докази се добиваат од блиски средби од втор вид, интеракции кои се случуваат на блиска оддалеченост, вклучувајќи ги т.н. траги од слетување и физиолошки ефекти.
Во помал број случаи излегло дека се работи за намерни грабнувања, додека поголем е бројот на случаи, вклучувајќи ги оние кои биле истражувани од владини и воени агенции, кои биле означени како неидентификувани или необјасниви. Сепак, дури и двосмислените физички случаи треба да подлегнат на статистичка анализа за да се откријат поврзаностите меѓу нив.
Во списокот на различни материјални докази спаѓаат:
- Радарски контакти и следења, понекогаш од различни положби. Овие докази често се вбројуваат меѓу најдобрите, бидејќи во таа прилика биле вклучени обучени воени лица, симултана визуелна прегледност и пресрет на авиони. Еден таков пример на масовно забележување големи и бесшумни црни триаголници се случи во 1989 и 1990 година над Белгија.
- Фотографски докази, вклучувајќи фотографии, видео записи.
- Забележани визуелни спектограми.
- Материјални докази од траги при слетување, вклучувајќи траги на земја (спалена и/или раскопана), спалена или прекршена вегетација, траги од метал, магнетни аномалии и зголемено ниво на зрачење. Добро познати примери се: 1980 година - Шумскиот инцидент во Ренделшам, Англија; и 1964 година – Сокоро, Нов Мексико, кој се смета за еден од најнеобјаснетите случаи од Проектот Сина книга. Каталози од илјадници такви случаи се собрани, главно од страна на истражувачот Тед Филипс.[14][15]
- Физиолошки ефекти врз луѓе и животни, вклучувајќи привремена парализа, изгореници на кожата и очите, и симптоми слични на труење од зрачење, како што е Кеш-Лендрумовиот инцидент од 1980 година. Еден ваков случај од Венецуела, објавен во списанието Американска наука потекнува од 1886 година.[16]
- Т.н. случаи на дерење животни/крави, кои некои веруваат дека се дел од НЛО феноменот. Такви случаи биле анализирани со помош на форензичарски науки.
- Биолошки ефекти на билки како забрзан или успорен раст (кругови во нивите).
- Електромагнетни пречки вклучувајќи автомобилски дефекти, снемувања струја, радио/ТВ пречки, откажување на компас, систем за комуникација, итн.[17]
- Цврсти материјални докази, какви што има во случајот Убатуба во Бразил во 1957 година. Остатоците од магнезиум биле анализирани од страна на Кондовата комисија и други. Имало остатоци од метал и во случајот Сокоро од 1964 година, кои НАСА ги анализирала.
И покрај тоа што многу научници имаат ниско мислење за оваа тема, многу физички ефекти се достојни за научна анализа. Стуроковиот НЛО панел во 1997 година спровел сеопфатен преглед на случаите со материјални докази.[18]
Некои научници и инженери се обиделе да ги поврзат физиката и НЛО-а преку истовремена анализа и изјава на сведоци и материјални докази. Пример дале инженерите на НАСА Џејмс Макембел, во книгата „Уфологија“ и Пол Хил, во книгата „Неконвенционални летечки објекти“. Меѓу темите обработени од обајцата било и прашањето како НЛО-ата можат да летаат со надзвучни брзини, а притоа да не испуштаат звук. Решението на МекКембл во вид на микробранова плазма која го растура воздухот пред леталото, го истражува д-р Леик Мирабо, професор по инженерска физика на политехничкиот институт Ренслер, како можен напредок во хиперзвучното летање.[19]
Некои скорешни откритија на полето на електронската војна се многу слични на електромагнетните пречки и физиолошките ефекти опишани во НЛО случаи од 1940-те и 1950-те години. Американскиот воздухопловен научен одбор во 1997 година објави извештај за вооруженоста на воздухопловството за 21 век, во кој се опишува како енергетските оружја со микробранови би можеле да бидат употребени за блокирање на возила, со што би станале лесна мета за бомбардирање. Истото оружје може да ги онеспособи навигациските и комункациските системи на авиони, како и електричната мрежа во електронските уреди на земјата. Микробрановото оружје за контрола на масите, кое резултира со температура и интензивна болка било најавено во 2001 година.[20] Друго микробраново оружје би провоцирало губење на телесни функции.
Идентификувани летечки објекти (ИЛО)
уредиНаводно 90% од пријавените видувања на НЛО биле објаснети и идентификувани, но најчесто со сомнителни објаснувања кои сведоците ги отфрлаат. Научниците тврдат дека одреден број НЛО видувања и грабнувања се човечки феномен.
Но, вистинскиот процент на ИЛО-и спрема НЛО-а зависи од тоа кој ја спроведува студијата и може да варира во зависност од критериумите.
Мал број на НЛО случаи стигнале до Ален Хендри, кој бил главен истражувач во Центарот за НЛО студии / ЦНЛОС [21]. ЦНЛОС е основан од Ален Хајнек (консултант на американското воздухопловство на Проектот сина книга) со цел сериозно да се проучи НЛО феноменот. Хендри поминал 15 месеци лично истражувајќи 1.307 НЛО извештаи. Своите заклучоци ги објавил во 1979 година во книгата: НЛО прирачник: Водич за истражување, проценување и пријавување на НЛО појави (The UFO Handbook: A Guide to Investigating, Evaluating, and Reporting UFO Sightings). Хендри признава дека сакал да најде доказ дека вонземјаните постојат, но нагласува дека во поголем дел од случаите има друго објаснување.
Неговите заклучоци биле следниве:
- Од 1.307 случаи: 1.194 (91,4%) има земско објаснување, 93 (7,1%) има можно друго објаснување и 20 (1,5%) е необјасниво.
- Статистика: кај 28% од случаите, НЛО-ата биле ѕвезди или планети, 1,7 врв на младата месечина, 18% реклами на авионите и 9% метеори.
- Дисторзијата во атмосферата може да предизвика небесните тела да се движат горе-долу, да прават осмици или, пак, да се движат по цик-цак линија. Ова објаснува зошто повеќето од луѓето се залажуваат.
- Во 49 случаи каде се покажало дека во прашање е небесно тело, сведоците ја проценуваат оддалеченоста на НЛО од 200 стапки до 125 милји. Слично на ова е дека некои сведоци веруваат дека НЛО-ата ги следат, иако небесното тело било стационарно. Дури и полицајци и други сведоци можат лесно да бидат залажани гледајќи ги ѕвездите и планетите.
- Вселенски материјал, метеорски камења кои влегуваат во орбитата и зад себе оставаат светлосен траг, лесно може да бидат погрешно толкувани како светлина која доаѓа од вселенско летало. Тогаш, човечкиот мозок прави илузија на вселенски брод заснована врз погрешна интерпретација која го залажува човекот.
Феномени направени од човекот се:
- Балони (метеоролошки или патнички).
- Воени авиони.
- Трепкачки светла на авиони при слетување.
- Неконвенционални авиони или напредна технологија (на пр. SR-71 Blackbird или В-2 Невидливиот бомбардер).
- Рекламни авиони.
- Вештачки земјени сателити.
- Хеликоптери.
- Едрилици.
- Ракети и лансирање на ракети.
- Змејови.
- Моделарски авиони.
- Огномети.
- Ласерски снопови центрирани кон облаците.
- Светла за ноќна потрага.
- Намерни грабнувања.
- Таблети за инстант оган.
Природни објекти кои се често погрешно толкувани:
- Месечината, ѕвездите или планетите (пример: Венера)
- Необични метеоролошки состојби (лентикуларно (во облик на сонцето) формирање облаци, облаци кои светат навечер).
- Комети.
- Метеорски дождови.
- Блиски или огромни метеори.
- Јата птици.
- Роеви на инсекти при летање.
- Рефлекција на атмосферски инверзни слоеви.
- Врел јонизирачки гас.
- Светла од Земјата (светлосни електрични случувања кои потекнуваат од земјотреси и тектонско-геолошки феномени).
- Молњи во форма на топка.
- Атмосферски инверзни слоеви.
НЛО и психологија
уредиФактите од студиите за НЛО-а во текот на годините довеле до значајни откритија за атмосферските феномени и психологијата. Во психологијата, студиите за НЛО-а се значајни бидејќи откриваат информации за погрешни интерпретации, илузии, халуцинации и фантазии на некои личности како Џорџ Адамски, кои лесно можат да поверуваат дека биле грабнати од вонземјани. Многумина се сомневаат во ефектот што хипнозата го има во случаите со грабнувања.
Мешање на паранормалното, мистичното и окултното
уредиПолето на НЛО-а не мора да се меша со паранормалното, иако во праксата тоа е чест случај. Некои истражувачи како Џон Кил и Жак Вале тврдат дека постои директна врска меѓу НЛО и паранормалните феномени, а астрофизичарот Жак Вале проучувајќи го однесувањето на НЛО-ата, кое воопшто не е налик на однесување на физички предмет, изјавил дека: „Тоа е однесување на слика, односно на холографска проекција.“[22]
Уште во 1959 година, психолошкиот и архетипскиот феномен на НЛО го инспирирал Карл Јунг да предложи дека „летечките чинии” се всушност производ на човечкото колективно несвесно и еден вид модерен мит за создавањето. Во 1969 година, Жак Вале ова тврдење го однел чекор натаму. Во својата пресвртничка книга под наслов „Пасош за Магонија” истакнува дека НЛО-ата се далеку од тоа да се нова појава, т.е. станува збор за многу стара појава во ново руво, односно дека се многу слични на различните народни преданија - од џуџиња и гноми во европските земји, преку средновековните извештаи за ангели, до натприродните битија опишани во легендите на американските Индијанци.
Апсурдното однесување на вонземјаните е исто како палавото однесување на џуџињата и самовилите во келтските легенди, норвешките богови и однесувањето на измамничките ликови од преданијата на американските Индијанци, истакнува Вале. Кога ќе се разголат до ниво на архетипот врз кој се темелат, сите такви појави се дел од големо пулсирачко нешто, нешто што ја менува својата појавност во склад со културата и временскиот период во кој се манифестира. Но, тоа со човечката раса се случува веќе многу, многу години. Во книгата „Пасош за Магонија”, Вале вели дека се чини оти е тоа интелигентно и безвременско, и дека се работи за феномен врз кој се засноваат сите митови.[23]
Исто така, постојат и верски секти чие средишно верување се НЛО-ата.
Многу древни религиски цртежи содржат приказни кои денес се толкуваат како НЛО-а и вонземјански суштества. Некои веруваат дека нечовечката интелигенција многу влијаела врз историјата на човештвото.
Завери
уредиЗа НЛО-ата често се тврди дека се дел од организирана завера во која Владата намерно го крие постоењето на вонземјаните, или пак, соработува со нив. Постојат многу верзии на оваа приказна, некои се ексклузивни, додека други се поклопуваат со останатите теории на завера.
Се шпекулира дека НЛО појавите се всушност експериментални авиони или напредни оружја. Во овој случај НЛО-ата, тие експерименти не успеале да ја задржат својата тајност, или се намерни дезинформации за да не се открие вистинската природа на феноменот. Оваа теорија е спротивна на една друга, според која современата воена технологија е усвоена од технологијата на вонземјаните (Види Област 51). Исто така, сугерирано е дека целокупната човечка технологија, или пак поголемиот дел од неа е заснована врз контакти со вонземјани (Види древни астронаути).
Истакнати НЛО истражувачи
уреди- Алберт К. Бендер (Albert K. Bender)
- Стентон Фридман (Stanton Friedman)
- Ричард Хол (Richard Hall)
- Д-р Џејмс Хардер (Dr. James Harder)
- Д-р Џ. Ален Хајнек (Dr. J.Allen Hynek)
- Д-р Карл Јунг (Dr. Carl Jung)
- Џон Кил (John Keel)
- Доналд Кихоу (Donald Keyhoe)
- Филип Ј. Клас (Philip J. Klass)
- Д-р Брус Мекаби (Dr. Bruce Maccabee)
- Хаим Мосан (Jaime Maussan)
- Д-р Џејмс Е. Мекдоналд (Dr. James E. McDonald)
- Д-р Доналд Мензел (Dr. Donald Menzel)
- Џени Рендлз (Jenny Randles)
- Д-р Харли Д. Ратлиџ (Dr. Harley D. Rutledge)
- Д-р Петер А. Штурок (Dr. Peter A. Sturrock)
- Клаудио Цујоши Суенага (Cláudio Tsuyoshi Suenaga)
- Д-р Жак Ф. Вале (Dr. Jacques F. Vallee)
- Најџел Вотсон (Nigel Watson)
НЛО како тема во популарната култура
уреди- „НЛО се вистински“ (англиски: UFO's Are Real) — песна на американските хип-хоп музичари MC 900 Ft и DJ Zero) од 1989 година.[24]
- „Чекајќи ги НЛО“ (англиски: Waiting for the UFO's) - песна на британскиот рок-пејач Греам Паркер (Graham Parker) од 1979 година.[25]
- „Книги за НЛО“ (англиски: Books About UFOs) - песна на американската рок-група Хускер Ду (Hüsker Dü) од 1985 година.[26]
Белешки
уреди- ↑ "The Cosmos: Astronomy in the New Millennium", Pasachoff, Jay M and Alex Filippenko, Brooks/Cole div. of Thomson Learning Inc., 2004, ISBN 053439550, 428-430 pages
- ↑ Даниела Џордано, „Постојат ли НЛО во историјата на уметноста?“ од American Chronicle, 2006-11-13; посетено на 27 јули 2007
- ↑ Dong, Paul. (2000). China's Major Mysteries: Paranormal Phenomena and the Unexplained in the People's Republic. San Francisco: China Books and Periodicals, Inc. ISBN 0-8351-2676-5. Pages 69–71.
- ↑ „American Chronicle | Before the Wright Brothers...There Were UFOs“. Архивирано од изворникот на 2012-07-18. Посетено на 2012-07-18.
- ↑ „Foo-Fighter – TIME“. Архивирано од изворникот на 2009-05-25. Посетено на 2008-06-19.
- ↑ William Yenne, "Flying Saucers," Secret Weapons of World War II: The Techno-Military Breakthroughs That Changed History (New York: Berkley Books, 2003), 272–274.
- ↑ http://www.ufoskeptic.org
- ↑ UFOevidence.org: Report on a Survey of the Membership of the American Astronomical Society Concerning the UFO Phenomenon - Summary
- ↑ UFOevidence.org: UFO Reports from AIAA (American Institute of Aeronautics and Astronautics) Members
- ↑ 10,0 10,1 „Mutual UFO Network: Public Opinion Surveys and Unidentified Flying Objects 50+ years of Sampling Public Opinions“. Архивирано од изворникот на 2005-11-11. Посетено на 2008-06-19.
- ↑ „UFOCAT2005“. Архивирано од изворникот на 2005-12-01. Посетено на 2008-06-19.
- ↑ THE MAGONIA DATABASE Архивирано на 25 октомври 2005 г.
- ↑ [1]
- ↑ UFOevidence.org: Physical Trace Cases
- ↑ UFOevidence.org: Top Physical Trace Cases - Cases of High Strangeness - A Preliminary List
- ↑ National UFO Reporting Center, Letter to Scientific American, 18 декември, 1886 Архивирано на 27 септември 2010 г.
- ↑ UFOevidence.org: Electromagnetic Effects
- ↑ Physical Evidence Related to UFO Reports: The Proceedings of a Workshop Held at the Pocantico Conference Center, Tarrytown, New York September 29 - 4 октомври, 1997 Архивирано на 18 април 2006 г.
- ↑ „Leik N.Myrabo“. Архивирано од изворникот на 2001-11-26. Посетено на 2008-06-20.
- ↑ „Microwave beam weapon to disperse crowds“. Архивирано од изворникот на 2008-05-04. Посетено на 2008-06-20.
- ↑ Center for UFO Studies
- ↑ Jacques Vallee, Dimensions: A Casebook of Alien Contact (Chicago: Contemporary Books, 1988), p. 259.
- ↑ Jacques Vallee, Passport to Magonia, p. 160-62.
- ↑ MC 900 Ft Jesus With DJ Zero – Hell With The Lid Off (пристапено на 3.3.2023)
- ↑ YouTube, Graham Parker & The Rumour - Squeezing Out Sparks (1979) (пристапено на 19.12.2017)
- ↑ Discogs, Hüsker Dü – New Day Rising (пристапено на 1.7.2020)
Извори
уреди- Peter A. Sturrock; The UFO Enigma: A New Review of the Physical Evidence; Warner Books, 1999; ISBN 0-446-52565-0
Надворешни врски
уреди„НЛО“ на Ризницата ? |
- Видеа на НЛО појави Архивирано на 9 ноември 2020 г. Компилација на НЛО видеа
- НЛО архива на видеа и вести
- The British Earth & Aerial Mysteries Society Архивирано на 5 јули 2008 г. Британска база на податоци на НЛО појави и извештаи
- Националниот авио-репорт центар за аномални феномени
- Национален НЛО репорт центар
- Mutual НЛО мрежа
- PRUFOS (POLICE REPORTING UFO SIGHTINGS (Полициски извештаи за НЛО) база на податоци
- CNES (Француска вселенска агенција) НЛО извештаи и истражувања Архивирано на 21 јуни 2008 г.
- Exopolitics
- "Најновите НЛО појави и вести" Архивирано на 16 мај 2008 г. База на податоци со најновите НЛО појави
- НЛО студија на Универзитетот на Колорадо од 1969 a/k/a Кондонов извештај
- НЛО појави на ICBM места и области за јадрено оружје од Р. Хастингс, NICAP
- Барање повторно да се отворат НЛО истражувањата Архивирано на 16 јуни 2008 г.
- Project Blue Book Archive Интернет архива на Проектот Сина книга
- Образовно резиме на ЦИА за НЛО-а Архивирано на 1 октомври 2019 г.
- НАСА институт за напреден концепт
- Статија на БиБиСи за мексикански видео запис
- Popular Mechanics article – Кога НЛО-ата ќе пристигнат: февруари 2004 Насловна страна Архивирано на 27 септември 2007 г.
- Британско министерство за одбрана (MoD) – Неидентификуван феномен во воздухот во британскиот воен регион Архивирано на 10 ноември 2012 г.
- Центар за НЛО студии на Џ. Ален Хајнек Архивирано на 25 јули 2008 г.
Статијата „НЛО“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |