Македонска современа уметност
|
Развиток на модерното сликарство во Македонија
уредиОсобеностите на драматичната историја на македонскиот народ ги условија одликите на развитокот на сета негова национална култура. По блескавиот расцут на средновековната македонска ликовна уметност, настапи петвековното ропство под Отоманското Царство. Во тој мошне тежок историски период дојде до значително опаѓање на црковното ликовно творештво во Македонија. Тоа тогаш можеше да се развива само во стеснатите рамки на провинцијализираните форми на поствизантиската религиозна уметност. Меѓутоа, за разлика од некои други подрачја, во Македонија не постои последователен стилски развиток од ренесансата до импресионизмот и потоа. Така и некои варијанти на стилски ликовно неразвиен, провинцијализиран барок, и тоа прифатени посредно, преку Света Гора, се чувствуваат во македонската уметност дури во XIX век.
Зачетоци на профаното сликарство
уредиНа почетокот на 80-тите години од 19 век, на повидок се значајни промени во религиозното сликарство – во сфаќањето на формата и ликовниот израз. Паралелно со одгледувањето на зографското сликарство во духот и стилот на традиционализмот, што одговара на вкусот на црковната и конзервативната средина, на интересот на самоуките зографи, почнува да се одгледува и еден нов процес кон преминување во нови форми, во прифаќање естетика на разубавување на облиците и профани детали. Ќе се случи, со појавата на Димитар Андонов Папрадишки и Ѓорѓи Зографски, наспоредно со одржувањето на традиционалните врски со светот на источноправославната уметност, да дојде до нови движења во црковното сликарство, до создавањето на една нова варијанта што би одговарала на разбирањата на младата интелигенција и ситната буржоазија, на граѓанската класа.[1]
Димитар Андонов и Ѓорѓи Зографски, со остварените допири со значително поразвиените културни и уметнички средини во светот и на Балканот, се јавуваат во улога на решавачки фактори, што се залагаат за нови ликовно-естетски вредности во црковното сликарство. Иако осамени и без свои наследници, тие се ориентираат, во контекстот на општите движења во уметноста за послободно сфаќање на формата и бојата со крајно занемарување на традиционализмот, карактеристичен со неговите тврди и шематизирани облици. Ним, во првата деценија од XX в., со својата ликовна ориентација и гледишта за уметноста, ќе им се придружи Коста Вангелов. Со трасирањето нови патишта во црковното сликарство, со менување на сфаќањето за формата, доаѓа до нивните лични определби за сликање облици со профани елементи, проникнати со реалистички израз.[1]
Зачетоци на профаното сликарство: галерија
уреди-
Теодосиј Зограф Појавата на новото чудо на Пресвета Богородица; 1813 (или 1828).
-
Дичо Зограф Портрет на јеромонахот Самуил од манастирот Трескавец; 1854.
-
Димитар Папрадишки Детски портрет; 1888/1889.
-
Ѓорѓи Зографски Женски портрет; околу 1894.
-
Ѓорѓи Зографски Портрет на селанец; 1898.
-
Коста Шкодреану Детски портрет; 1900.
-
Коста Шкодреану Автопортрет; 1902.
-
Ѓорѓи Зографски Вистински настан во 1884/ во с.Папрадиште; 1907.
-
Ѓорѓи Зографски Портрет на членовите на трговско семејство; 1910.
-
Коста Вангелов Портрет на Јован Савев, трговец од Штип; 1914.
-
Ѓорѓи Андонов Пасторала; 1915.
-
Коста Вангелов Оплакувањето на Христос; 1919.
Развиток во предвоениот период
уредиСепак , развитокот на македонското ликовното творештво во предвоениот период не може да се разгледува како едновременото творештво во другите ликовни средини. Така , тешко е групирањето на македонските сликари во поголеми стилски групи. Причината е нивниот мошне мал број и нивните изделени творечки насоки , иако тука постојат едновремено и доста тематско - стилски блискости. Уште во предвоеното македонско сликарство се јавија одделни стилски настојувања на македонските уметници што значеа обид за поврзување со националната средина, разбрана како земја, народ, култура и уметничка традиција. По ослободувањето се отворени многу институции од големо значење за македонската ликовна уметност. Во тој период, најчесто обработувана тематика во сликарството беше поврзана со Народноослободителната борба и Револуцијата.
Развиток во предвоениот период: галерија
уреди-
Никола Мартиноски Пејзаж; околу 1919.
-
Тодор Швракиќ Мостот цар Душан на Вардар; 1919.
-
Миодраг Петровиќ Манастирот Свети Јован Канео во Охрид, 1922-1925.
-
Димитар Папрадишки Портрет на игуменот на Лешочкиот манастир, Езекиил; 1927.
-
Љубомир Ивановиќ Мотив од Битола (Теке), 1927.
-
Љубомир Ивановиќ Мотив од Охрид, 1927.
-
Данаил Несторов Фрчкоски Томино неверство, 1927.
-
Иван Мрквичка Мома од Радибуш, 1929.
-
Димитар Папрадишки Мотив од Драгачево; 1932.
-
Ѓорѓи Зографски Портрет на игуменот Спиридон, 1932.
-
Ѓорѓи Зографски Портрет на кнез Михајло III Обреновиќ, околу 1932.
-
Ѓорѓи Зографски Портрет на сопругата Сава, 1938.
Период на војната и НОБ
уредиВо текот на 1944 година, македонските уметници се вклучиле во работата на агитпроп на Главниот штаб на народноослободителната војска на Македонија. Обликуваните пропагандни материјали (печати, дрворези, плакати, декорации и костими за драмски приредби, илустрации за партизанскиот печат и слично), и покрај својот скромен обем и уметнички вредности, претставуваат автентично сведоштво и важен дел од уметноста на отпорот против фашизмот.[2]
Период на војната и НОБ: галерија
уреди-
Љубомир Ивановиќ Мотив од Кратово, 1939.
-
Ѓорѓи Зографски Крај на Вардар, 1941/1942.
-
Ѓорѓи Зографски Папрадишко-велешки црковни строители, зографи и резбари, 1942.
-
Ѓорѓи Зографски Портрет на момче, 1943.
-
Димитар Папрадишки Нишалка, 1943.
-
Димитар Папрадишки Самарјанин, 1943.
-
Димитар Пандилов Охрид, 1950.
По втората светска војна
уредиДолго траеше нашето чувство на изделеност од европските уметнички текови на минатиот век: се темелеше на фактот дека во новите историски околности на изградбата на социјализмот (по 1945) во поранешна Југославија и Македонија, уметноста прво потпадна под диктатот на крајно прагматична политичка акција. Со неа уметноста се претвори во активен дејствен инструмент на сите државни политички, социјални и духовни проекти на владеечката политичка сила во тоа време: КПЈ. Нејзината прва повоена акциона програма неотповикливо и наложи на уметноста кај нас да учествува во прокламираните партиски цели: изградба на општеството на дезалиенирани човечки личности што ќе владеат со сите свои духовни моќи; кои (според Маркс) ќе бидат меѓу другото и производители на естетското. Стремежот кон таа идеална (хуманистичка, утопистичка?) иднина, се остваруваше во стварноста на дневната политичка практика така што сите творечки појави беа потчинети на догмата на социјалистичкиот реализам. Неговиот естетски редукционизам; исклучиво признавање како уметност соодветно на природата на социјалистичко - комунистичкиот проект само онаа што ги наследила врвните вредности на реалистичката уметност низ векови; таа што ќе биде меѓународна по содржина, а национална по форма, требаше уметноста да ја претвори во силен инструмент на политичката пропаганда. Да обработува теми што непосредно ќе дејствуваат на свеста на масите за да ги следат и остваруваат дневните, етапни задачи на "обновата и изградбата на земјата"; Југославија и Македонија како една од нејзините федерални единици, беше несомнено меѓу оние европски земји што претрпеа најужасни физички разурнувања и кои имаа најголеми човечки жртви во Втората светска војна.
Нивните димензии беа резултат најмногу на безмилосните репресалии на фашистичкиот окупатор (германскиот, бугарскиот, унгарскиот, италјанскиот) предизвикан со силниот и многувиден отпор против него: раководен пред сè од Комунистичката Партија, тој беше полн со воени и други епизоди на висок морал, храброст, патриотизам. Но се одвиваше во исто време и своевидна социјалистичка револуција, како жестока и бескомпромисна пресметка и со соработниците на окупаторот и со "класниот непријател"; пред сè со предвоената буржоазија и со капиталистичките економски и социјални структури.
Епските моменти; херојските или така величани епизоди и личности од четиригодишната народноолободителна војна; дејностите и напорите за обнова на земјата и нејзиното целосно изградување (стопанско, политичко, социјално, образовно), беа основните и наложителни теми за ликовната и другите уметности. За Македонците сите овие историски пресврти имаа и една специфична вредност: барем во еден дел на македонската етничка територија (Вардарска Македонија) беше остварена и полна национална слобода; слободна употреба и развој на македонскиот јазик и на сите други творечки дејности. Оттука, македонските уметници ги чувствуваа оние настани и како свој патриотски и творечки поттик. Но во тие први повоени години секако не настана ниту едно дело што мотивскиот ангажман го здружи и со ангажман за вистинска нова и модерна ликовна обработка.
Затоа особено до 1948 година уметничкото творештво беше и кај нас под силно влијание на советската уметност. Потоа дојде до јавно интернационализирано исклучување на Комунистичката партија на Југославија на чело со Јосип Броз Тито, а поради "предавството" на социјалистичките цели и "ревизионизам" од сите видови, од заедницата на "братските" комунистички партии (1948). Ова презеде и разновидни форми на репресалии против Југославија, целосно вклопени во општата ситуација на Студената војна. Така и западниот демократски свет постепено и со претпазливост ги надминуваше своите резерви спрема земјата - отпадник од блокот на "реалниот социјализам". Напоредно со тоа во југословенско-македонската стварност започна динамичен процес на преобразба на ситуацијата о која се развиваше по 1950/1952 година ликовната уметност. Постепената прагматична либеризација на сите сфери на животот, овозможи во Македонија непрекинато да се развива слободата на формално - стилското искажување, без оглед на мотивот. Таа творечка атмосфера ја искажаа низа цртежи и слики на Никола Мартиновски, дионизиски бликот на уметниковите модерни ликовни искази за сите лични пориви и колективни тревоги. Така и наметнатите теми: дури и во монументалната уметност во шестата деценија станаа голем предизвик и во нив да се искаже слободно одбраниот модерен израз. И до денес трае тогаш започнатиот процес на постојано превреднување на историските настани: глорификацијата често е заменета со сурова ревизија на нивните резултати, драмата на поединецот во вителот на историјата, субјективните патила и емоции станаа предизвик на уметничкото толкување; митот и легендата, проткајување на реалното и фантастичното, модел за ликовното на нов начин да живее со минатото и сегашноста. Тао го открива крајно редуцираниот, евокативен недреалистички или симболичен состав на сликите на Спасе Куновски ("Логор 1960"), на Петар Мазев ("Погреб" и "Војна"), на Богољуб Ивковиќ ("Нашата револуција" 1961)...
Така таа наша специфичност денес се покажува сосема поинаква секаде во Европа; значи и надвор од земјите на "источниот блок" каде имаше силни комунистички партии *во Франција, Англија, Италија) тие долго беа "построени" под целосна команда и послушност на Советската комунистичка партија. Тоа важеше и за сите прашања врзани за уметноста. Оттука, сета нивна идеолошко - партиска апаратура; од филозофско - естетската мисла и уметничката критика до весниците и специјализираните списанија за литература и уметност, бескомпромисно ги следеа и постулатите на социјалистичкиот реализам. Тие им беа зададени и на сите уметници членови на дадена партија, од најзначајните творци до аматерите и дилетантите. Нивите околности на повоениот период овозможија, во рамките на една млада национална култура, да се создадат услови за динамичен развиток на македонската ликовна уметност. Припадниците на повоената генерација од Македонија се школуваа во Белград, Загреб и Љубљана. Тоа во македонскиот ликовен живот внесе една посебна разновидност, вкрстување и развиток на различни влијанија, правци, стилски ориентации. Како и предвоената, дел од првата повоена генерација која ги заврши своите студии околу 1950 година беше опфатена со системот на идејно - естетски принципи кои воопшто го карактеризираа првиот повоен период во Југословенската уметност. Генерацијата од повоениот период ги прифати и подоцнежните настојувања: почитување на творечката слобода, стремежот, внатрешната револуционерна суштина на едно време, неговите духовни и историски хоризонти да се вообличат со современи ликовни средства.
Оваа тенденција е многу посилно изразена кај уметниците кои влегоа во ликовниот живот во Македонија во времето од 1952 до 1954 год. во моментот кога и во ова подрачје е создаден амбиент што можел да прифати некои нови естетски разбирања и настојувања.
Кон средината на педесеттите таа нива генерација на уметници внесе во Македонија академски усвоени поуки од фовизмот, експресионизмот некои одлики на кубизмот и конструктивизмот, магичниот реализам и надреализам. До 1960 година овој стилски мозаик полека се развивал, прифаќајќи дополнителни стилски ознаки. Околу 1960 година во Македонија постепено преодирале некои тенденции на апстрактната уметност. Следниот период од 1962 до 1969 година го карактеризира ликовниот живот со уште поизразено обликување на битните одлики н современата македонска ликовна уметност. Тоа е период во кој македонските уметници порешително и посмело ги прифаќаат актуелните движења во југословенската и светската ликовна уметност. Меѓутоа, таа "операција" се обавува со повишен критички став при пристапот кон даден ликовен феномен и со стремеж кон една повисока ликовна култура. Посилно се искажани настојувањата да се оствари синтеза меѓу сегашното чувствување на пластичните феномени - сликарски и вајарски и едно попродлабочено, критичко преземање од пластичниот репертоар на традицијата средновековните фрески и икони (воопшто од ликовниот "бреивар" на медитеранот и ориентот од фолклорот итн.).
Во последно време полека се прифатени и влијанијата блиски на новата фигурација, неодадизмот, поп-артот, фантастиката итн. Во некои остварувања присутен е и обидот за укинување на границите помеѓу традиционалната поделба на сликарството и скулптурата, создавање на композитни пластични објекти, каде што се чувствува средбата меѓу сликарството, вајарството, архитектурата и применетата уметност. Овие стремежи во непосредната пластична постапка, често се манифестирале со амбивалентноста на своите први обиди, со интерференција на разни спротивни настојувања: особено поради свесниот или спонтан обид во поранешната стилска матрица да се втиснат постапки кои и се понекогаш дијаметрално спротивни.
Последниве години ги карактеризира појава на најмладата македонска ликовна генерација. Нејзините творечки стремежи стилски се движат во рамките на наспомнатите особености на сегашниот миг на македонската ликобна уметност. Во наредната седма деценија настанаа значајни промени во целиот општествен културен и уметнички живот на Македонија, без оглед на фактот дека некои настани имаат мошне тешки последици за нејзиниот општ развој: таков беше скопскиот земјотрес од 1963 година, што со своите катастрофални последици предизвика големи човечки жртви и нанесе огромни загуби во материјални и во културно - уметнички вредности. Меѓутоа, земјотресот беше и своевиден предизвик за нашата средина, која покажа изненадувачки сили и способности во отстранувањето на неговите последици. Повторно беше обновено прашањето за синтеза на пластичните уметности и архитектура во Скопје, прво како теоретски проблем, а потоа и во вид на обид за нејзината практична реализација; стремежите за остварување на синтезата полека ја преболуваа сета творечка клима во ликовната уметност на Македонија. Се создал интерес за содржинските, идејните и естетските принципи на ваков вид ликовно изразување, за неговите посебни, за нас сѐ уште нови, социјални и уметнички функции: без оглед на тоа дека нашето минато може и тука да ни послужи како една необична впечатлива поука, а може да послужи и искуството на некои модерни нации, кај кои ваквите појави на синтеза се одамна историска реалност, како на пример во Мексико. Новата ситуација го наметнуваше проучувањето на овие пластични формули што најдобро ше изразат два основни моменти: специфичност, наш национален "тонус", со определување на логички задачи произлезени од начето подрачје и изградување на соодветни механизми на ликовното изразување, нивната атмосфера, не замо во нашите локални, туку и во светски размери.
Претставници на македонската повоена уметност се: Димитар Кондовски, Петар Мазев, Ристо Колчевски, Александар Станковски, Душан Перчинков, Ванѓел Коџоман, Спасе Куновски и др.
Најзначајни современи сликари
уредиКако најзначајни за развитокот на Македонското современо сликарство се сметаат:
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Николовски 2020, стр. 33.
- ↑ Старделов 2009, стр. 5.
Библиографија
уреди- Николовски, Антоние (2020). Македонските зографи од крајот на ХIX и почетокот на XX век: Андонов, Зографски и Ванѓеловиќ. Скопје: Каламус. ISBN 978-608-4646-32-7.
- Старделов, Георги (2009). Ликовната уметност на почвата на Македонија XX век. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 978-608-203-044-9.