Македонска музика

Македонската музика е музиката во Македонија и на македонскиот народ.

Низ историјата, како што македонскиот народ влијаел врз и се менувал од соседните балкански народи, музиката е можеби најважен доказ за културата и традицијата низ вековите. Народната, духовната и класичната музика се неприкосновени столбови за етничкиот карактер на Македонците. Од антиката, од доаѓањето на Словените па сè до првите децении на XX век, музичкото минато на Македонија сè уште не е доволно разјаснето. Периодизацијата на македонската музичка историја се одредува според општествено-историските епохи во кои живеел македонскиот народ.

Прв период

уреди

Првата епоха на музичката историја, би го опфаќала времето пред доаѓањето[1] и времето од миграцијата на Словените[2] до паѓањето на феудалните држави под османлиска власт. Најзначајните настани од овој период[3] се сврзани со развојот на духовната музика,[4] која по примерот на византиското култно пеење, била создадена за богослужба на населението во Македонија.

Втор период

уреди

Втората епоха се дели на две етапи, т.е. од доаѓањето на Турците до првата половина на XIX век, и оттука до крајот на Првата светска војна. Од почетокот на турското владеење до епохата на националната преродба,[5] македонскиот народ ја создава ризницата на својот богат музички фолклор, за да може потоа, врз основа на народниот мелос, од средината на XIX век одново да започне авторизирано творештво, забележано со модерно западно и реформирано источно нотациско писмо (за разлика од средновековните творби кои се запишани со соодветни знаци од претходните фази на византиската невматска нотација). Во етапата на националната преродба, се создаваат првите културно-уметнички и музички друштва на Македонија.

Трет период

уреди

Третата епоха во историјата на македонската музика го опфаќа времето помеѓу двете светски војни (1918-1941 година). Во тој период, во одделни примероци на музичкото, воглавно хорско творештво, се покажуваат изразите и тенденцијата за создавање на националната насока во развојот на македонската музика.

Четврт период

уреди

Четвртата епоха го опфаќа времето на НОБ на македонскиот народ, во текот на која се создаваат низа борбени и масовни песни, како и годините на почетоците на современото творештво[6][7][8] и на професионалниот подем на македонската музика по Втората светска војна. Оваа епоха, природно би завршила со независноста на Република Македонија во 1991 година, иако, следниот петти период, може да се третира како понов, тековен дел од овој период.

Петти период

уреди

Кон крајот на XX и во текот на овој XXI век, музичките вредности активно се негуваат и растат. Исто така, светската современа музика игра голема улога во глобализацијата на современата македонска музика, па така, музичките жанрови создадени од почетокот на минатиот век како Рок, Џез, Блуз и Електронска музика, меѓу многуте други, даваат корени кон оформување на современите македонски жанрови и нивната иднина.

Наводи

уреди
  1. Драгослав Ортаков, Музичката уметност во Македонија, стр. 13, 1982 година, Скопје
  2. Стана Ѓуриќ-Клајн, 1955 година
  3. Егон Велес, 1934 година
  4. Драгослав Ортаков, Музичката уметност во Македонија, 1982 година, Скопје
  5. Историја на македонскиот народ, книга 3, стр. 428, 1969 година, Скопје
  6. Музичка енциклопедија - Македонска музика, Тодор Скаловски, том II, стр. 143 и стр. 146-147, 1963 година, Загреб
  7. Драгослав Ортаков, Музичката уметност во Македонија, стр. 87-90, 1982 година, Скопје
  8. Тома Прошев, Современа македонска музика, стр. 24, 1986 година, Пула

Надворешни врски

уреди