Македонија во Првата балканска војна

Поврзано Прва балканска војна

Писмо на македонскиот сепаратистички кружок

уреди

Непосредно пред објавувањето на Балканската војна по дознавањето за Српско-бугарската спогодба, македонското национално јадро од Битола, односно македонскиот сепаратистички кружок, на 15 август 1912 година испратил Програмско писмо до Другарството и до високи раководни органи во Русија, во кое се наведува дека Балканскиот сојуз е создаден заради поделба на Македонија од страна на Србија, на Бугарија и на Грција, а не за нејзино ослободување. Тие не ја признаваат македонската националност, па сакаат да ја србизираат, бугаризираат и грцизираат.

На Македонија, на потомците на Кирил и Методиј може да ѝ помогне само Русија, и тоа на следниов начин: #енергично застапување на братска Русија во полза на Македонците;

  1. уништување на бугарската, на српската и на грчката пропаганда во Македонија;
  2. обновување на црковната независност;
  3. слободен развиток на националната свест, т.е. на свеста дека Словеномакедонците се еден и неделив народ;
  4. отворање училишта на македонски јазик;
  5. македонската интелигенција треба еднаш засекогаш да ја прекине срамната продажба на својата совест и чест на бугарските, на српските и на грчките пазари и
  6. широка внатрешна самоуправа на Македонија...

Во писмото на крајот се наведува дека во Македонија мириса на смрт. Дека единствениот спас за нашето дело, за нашата независност, а со тоа и за спасот на Европа од војна е вмешувањето на Русија, но не во вид на поддршка на словенскиот сојуз против Турција, туку како морална поддршка на Македонија и брз, решителен притисок врз Турција за неодложно спроведување реформи во Македонија. Ако Русија му даде поддршка на Балканскиот сојуз, тогаш ќе избувне балканска воја, а Србија, Бугарија и Грција ќе ја поделат Македонија.

Македонците во бугарската војска

уреди

На 17 септември 1912 година, бугарската влада објавила сеопшта мобилизација. На сите мобилизациски места пристигнувале Македонци од разни места.

Партизански чети и одреди

уреди

Поради нивната голема бројност, началникот на Штабот на бугарската армија генерал-мајор Иван Фичев, наредил да се формираат партизански (доброволни) чети и одреди за дејство од зад грбот на противникот. Задачата му ја доверил на потполковник Александар Протогеров и на мајор Петар Дрвингов. За создавањето на овие чети и одреди, Штабот на бугарската армија доделил 600 пушки и 60.000 лева. На предлог на Протогеров и на Дрвингов, во организирањето на партизанските одреди се приклучиле потполковник Стефан Николов, капетан Димитар Атанасов и капетан Стојан Величков. Од тој состав бил формиран Штаб на партизанските одреди (ШПО).

Петар Дрвингов во Седмичниот билтен за изучување на Турција и нејзината армија бр. 3 од 10 февруари 1911 година, меѓу другото, напишал: Денес македонската емиграција, повеќе од кога и да е порано, завладеана е со мислата дека слободата на Македонија може да се постигне само преку силата на бугарското оружје. Поради тоа, таа емиграција не е за потценување, зашто во време на војна може да одигра решавачка улога. Може да се тврди смело дека не може да се пронајде Македонец, млад или стар, кој не би посакал да влезе во македонските доброволни дружини, кои во војна сигурно ќе се формираат.

Со оглед на тоа дека се работи внатре во Македонија, т.е. во тилот на турската војска, бугарската Влада од македонската емиграција формирала доброволни формации што ќе мора сами да се снабдуваат и за чии дела одговорност не сноси Владата. Доколку тие формации бидат примени во редовната армија, Владата ќе мора да се грижи за нив, а тоа би било осудено и од Турција и од другите големи сили и особено од соседните земји што се подготвувале за поделба на Македонија.

На 19 септември 1912 година, односно вториот ден по објавувањето на мобилизацијата, генералот Фичев испратил наредба до Протогеров и до Дрвингов да формираат мали партизански одреди. Дрвингов изготвил Правилник за доброволните чети кои ќе дејствуваат во Македонија и Одринско во ослободителната војна. Во Правилникот, покрај другото, се предвидувало четите да дадат заклетва за верност пред бугарското отечество и пред бугарскиот цар. Клетвата имала двојно значење за македонските четници. Од една страна му се колнат на царот, а не се регуларна војска. Од друга страна, биле обврзани како полноправни војници на бугарската армија, за евентуални престапи да одговараат пред бугарските воени судови.

Според Правилникот на Дрвингов, основна задача на партизанските чети и одреди била да уриваат мостови, железнички пруги, телеграфски и телефонски линии и други објекти од витално значење во тилот на турската војска. Се предвидувало создавање на 52 партизански чети, секоја од по 20 до 30 души, односно вкупно со околу 1.250 души. Војводите имале обврска да го организираат снабдувањето од месни извори и да формираат месни чети. На тој начин, да создаваат мрежи на селски чети по примерот на илинденската ВМРО. Од објавувањето на мобилизацијата на 17 септември, па до 26 септември 1912 година, биле создадени 59 партизански чети. Секоја од нив имала свој редовен број. Паралелно со нив, бил формиран и еден партизански баталјон (составен од две чети) и четири специјални партизански чети.

Македонско-одринско ополчение

уреди
Види Македонско-одринско ополчение

Македонци во српската војска

уреди

Во почетокот на Првата балканска војна во Македонија биле формирани два четнички одреди, кои биле под српската Врховна команда -

Четнички одреди

уреди

Во летото 1912 година, во Македонија бил формиран Горски штаб на српските чети. Овој штаб извршил реорганизација на српските чети. За командант на Горскиот штаб во Македонија е поставен капетанот Воин Поповиќ-Вук, членови на штабот биле поручник Светозар Ранковиќ, поручник Никола Брзаковиќ, поручник Миливое Чолак Антиќ и потпоручник Милан Ковиниќ. Во Горскиот штаб влегле и поранешните членови на српската четничка организација Народна одбрана. Во почетокот на Балканските војни овој штаб бил засилен со седум подофицери од српската армија и со 15 нови војводи.

Со Горскиот штаб непосредно раководела Врховната команда, а бил стациониран на територијата на која дејствувала Првата армија и бил потчинет на штабот на Првата армија. Во штабовите на Втората и на Третата армија имало оддели за комитски работи. Со оглед на тоа дека Горскиот штаб бил стациониран на Козјак и се движел на релацијата Скопска Црна Гора-Крива Паланка, единиците (11 чети) што му припаѓале го нарекувале Козјачки одред. По Кумановската битка, станал Кумановски одред, а најпознат е како четнички одред на Воин Поповиќ-Вук. Штабот на одредот го сочинувале Срби, односно српски офицери, а четниците и локалните војводи главно биле Македонци.

Покрај Козјачкиот горски штаб кој станал главен за цела Македонија, биле создадени горски штабови за Порече и за Азот. Командант на Поречкиот штаб бил потпоручникот Милан Ковиниќ, а во Азот, Милан Ѓокиќ. Со оглед на тоа дека Поречкиот и Азотскиот штаб формирале чети и во околиите на Кичево и на Дебар, таа формација (16 чети) е наречена Прекувардарски одред. Составот на четите бил од 10 до 15 луѓе. Вкупната бројна состојба на четниците според формацискиот состав на двата одреда изнесувала околу 400 луѓе.

ВМРО во Првата балканска војна

уреди
Види ВМРО во Првата балканска војна

Кумановска битка

уреди
Види Кумановска битка

Ослободување на Скопје

уреди

При повлекувањето, командантот на 7. корпус Фети-паша се задржал пред Скопје, со намера да ја организира неговата одбрана. Во градот веќе дошло до пресметки меѓу Македонците и муслиманското население, во кои имало и жртви. Особено во тешка положба биле Македонците затвореници во Скопскиот затвор. Месните власти ги заплашувале христијаните. Согледувајќи ја положбата во Скопје, а со цел да го спасат градот од разурнувања, странските конзули заедно со месните првенци извршиле дипломатски притисок и заканување врз Фети-паша и успеале да го наговорат наместо да се стационира во Скопје, да се повлече кон Битола.

Меѓу конзулите најактивен бил рускиот конзул Калмиков, кој неколку дена пред повлекувањето на Фети-паша во соработка со градските македонски првенци успеал да организира месна власт и стражи и да ги спречи безредијата во градот. На негова интервенција биле ослободени сите Македонци од затворот. Откако корпусот на Фети-паша се повлекол кон Велес, странските конзули, на чело со Калмиков, отишле во штабот на Првата српска армија во Бучар Хан и му го предале градот, во кој српските единици влегле без борба, а потоа воспоставиле српска власт.

Во турската армија, во духот на прокламираната рамноправност уште во времето на Младотурската револуција, биле мобилизирани младинци без оглед на верата и националноста. Така, во Кумановската битка се појавиле бројни дезертерства. Не бегале само Македонците кои во согласност со пропагандите не сакале да се борат против христијанските браќа, туку дезертирале и Турци, Албанци, Јуруци и други од месното население. Тие дезертерства особено биле големи по повлекувањето од Куманово кон Велес и кон Битола.

Српската врховна команда, во согласност со Српско-бугарската спогодба и особено по повлекувањето на турската војска и освојувањето на Скопје без борби, на 26 октомври 1912 ја упатила Втората. армија преку Крива Паланка во Ќустендил, а потоа со воз до Одрин на помош на бугарската војска. Во почетните дејства бугарската 7. Рилска дивизија ѝ била потчинета на српската Втора армија, но фактички таа и натаму била под команда на Родопскиот одред и на бугарската Врховна команда, што дејствувала по долината на Струма кон Егејското Море.

Повлекувајќи се по Кумановската битка, Вардарската армија имала цел да ја брани Битола. Со таква цел Зеки-паша со 5. корпус го затворил правецот Велес-Прилеп кај Присад и правецот Градско-Прилеп кај Плетвар, а со 7. корпус, кој отстапувал од Скопје, го затворил правецот Кичево-Битола. На 30 октомври 1912 година српската армија тргнала во напад во следните правци: Коњаничката, Моравската и Дринската дивизија настапувале од Велес кон Прилеп, а Дунавската од Штип кон Криволак. Тимочката дивизија од вториот повик останала во Велес како армиска резерва. Во пробивот кон Прилеп, на Присад, на 3 и на 4 ноември се развиле остри борби, во кои македонските чети и овозможиле на српската војска да ги заземе сртовите на Бабуна. Исто така, македонските месни чети и четите на ВМРО дале силен придонес на 5 ноември 1912 година српските сили да ги заземат позициите кај село Алинци и да се префрлат на десниот брег на Црна Река. На тој начин, македонскиот народ кој бил мобилизиран во разни воени формации, а често и самиот се организирал, дал голем придонес во прогонувањето на турската војска кон Битола.

Ослободување на Прилеп

уреди

Турски сили

уреди

Турските сили по поразот во Кумановската битка се повлекувале кон Битола. Штабот на Вардарската армија изработил план за решителна одбрана во реонот на Битола, а на Плетвар и Присад одбраната да ја организира само еден корпус со цел да го забави пробивот на српската војска. Планината Бабуна пружала поволни услови за да се организира одбраната на Прилеп. Турските позиции биле поставени на линијата Плетвар-Козјак (кота 1745)-село Крстец-караула Присад-Планина Мукос (кота 1445), а оттаму се протегале преку сртот на планината Бабуна.

Преку овие позиции минувале само два патни правци кои воделе од средното Повардарие кон Пелагонија. Едниот минувал преку Присад кон Велес и Прилеп, а вториот преку Плетвар кон Криволак и Прилеп.

Широчината на фронтот во одбраната изнесувала 10 км, а најзначајни објекти во организацијата на одбраната биле кота 1445 и височините источно од таканаречената Присатска караула. Одбраната уште повеќе ја зацврстувале природните објекти пред главните позиции: Свинска Глава, реонот Авди-пашин ан и Виорила. Одбраната на страните на фронтот ги обезбедувале планинските масиви: лево планината Караџица, а десно Селечката Планина и Дрен-планина. На тој начин поставените позиции обезбедувале цврста и долготрајна одбрана.

На 28 октомври 1912 година, Али Риза-паша му наредил на командантот на Вардарската армија да ги испрати инженерските единици во Битола и во согласност со планот да ги уредуваат одбранбените позиции.

На 29 октомври 17. дивизија влегла во состав на 6. корпус и веднаш била испратена за одбрана на Плетвар. Позициите на Присад ги бранела 16. дивизија од 5. корпус. Двете дивизии биле засилени со по една батерија топови и со по една инженериска чета. Битолската редифска дивизија и Стрелачкиот полк од 6. корпус како и Штипската редифска дивизија од 5. корпус останале во Прилеп. Заштитницата останала во селото Извор, 15. дивизија во селото Бистрица, а 13. дивизија во реонот на Авди-пашиниот ан. Али Риза-паша за да го спречи продирањето на српската војска кон Прилеп наредил на 7. корпус, кој се наоѓал во Тетово да го продложи движењето кон Прилеп. На 30 октомври во Прилеп стигнал началникот на Штабот на Западната војска кој ја известил командата на Вардарската армија дека Битола преку која минува единствениот пат кон југ силно е загрозена од грчката војска и наредил под итно да се испрати целиот 6. корпус за одбрана на Битола.

По извршеното преместување, на први ноември командантот на Вардарската армија ја изнел својата замисла за одбрана: Задржувајќи го противникот на линијата Плетвар-Присад-Барбарас-Брод-Кичево, главнината на армијата да се повлече во Битола и да организира одбрана. Петтиот корпус добил задача со две дивизии да ги брани премините Плетвар и Присад, а со одредите да ги штити правците Теово-Папрадиште и реката Треска-Брод. Штипската редифска и 16. дивизија да се префрли во Битола. Со овие две дивизии е засилен 6. корпус, додека 5. корпус бил насочен против грчките сили во реонот на Суровичево, а 7. корпус добил задача да ги брани позициите на линијата Брод-Кичево.

Македонски сили

уреди

Прилепските чети, на пример, на 20 октомври го ослободиле селото Тополчани, а на 23 октомври 1912 година влегле во Прилеп како ослободители.

Поради активноста на македонските месни чети, турската армија ја испратила самостојната коњаничка бригада во реоните на селата Габровник, Сенокос и Десово. Во селото Мало Мраморани бил испратен 39. полк засилен со една батерија. Овие единици формирале самостоен одред под команда на Мехмед Али-паша, командант на Самостојната коњаничка бригада. Четите не биле во состојба да се спротивстават на бројните турски сили, извршувале диверзии и помали борбени акции во тилот на турската војска и се ставиле во функција на водачи и известувачи на српската војска. Со нивна помош српските сили успешно и незабележано се приближувале до турските позиции, а артилерците по добиените податоци прецизно ги гранатирале турските одбранбени објекти.

Српски сили

уреди

На 31 октомври 1912 година месните македонски чети му предале на војводата Василије Трбиќ, во чиј одред, исто така, имало 60 Македонци, точни податоци за распоредот на турската војска во триаголникот Присад-Прилеп-Плетвар. Тој веднаш за добиените податоци ги известил командата на Првата. армија и српската Врховна команда. Меѓутоа, од други месни извори српската Врховна команда веќе била известена дека турската војска се повлекува кон Битола.

Поради тоа, Врховната команда наредила со дел од Првата. армија српските сили да настапуваат кон Прилеп и кон Битола, а со другите сили да се обезбедат од евентуален напад. Дринската и Моравската дивизија да го заземат Прилеп и да ги отфрлат турските сили кон Битола, Дунавската дивизија да се префрли од Штип во Велес, а оттаму преку Криволак да испрати еден полк, за да ја заземе Демир Капија. Дунавскиот коњанички полк да се испрати во извидување кон Солун. Постапувајќи по дадената наредба, коњаничката дивизија го започнала движењето, при што користејќи ги македонските месни чети како извидувачи и водачи, успеале незабележани да стигнат во близината на Мал Мукос, Присад, планината Виорила и во реонот на селото Степанци. Откако ги согледал и проценил турските позиции, командантот на коњаничката дивизија, кнезот Арсен, побарал помош од Моравската дивизија од првиот повик за совладување на позициите на Присад.

Воени дејства

уреди

На 2 ноември Коњаничката и Моравската дивизија се сретнале на Бабуна, а командантите изработиле план за заеднички дејства. Според тој план, борбите започнале на 3 ноември на фронтот на Бабуна од Плетвар до селото Дреновец. Со цел да се избегне преминот Присад, командантот на Моравската дивизија ги испратил по заобиколен пат 3. и 16. пешадиски полк на правецот село Степанци- село Присад. Вечерта, 3. пешадиски полк стигнал до котата 1201, каде што формирал позиции за одбрана. Десно од нив на истата височина стигнал 16. Полк, па и тој зазел позиции за одбрана.

Првиот пешадиски полк ги зазел позициите на Мал Мукос, а резервата пристигнала во реонот на анот на Авди-паша. На овие позиции се развила жестока борба, во која учествувале и артилериите на двете страни. По првиот ден на борбите, иако имало загуби на двете страни, позициите не биле променети. Вториот ден турските сили извршиле противнапад на правецот кон селото Крстец. Српските сили се повлекле кон котата 1475. По ангажирањето на резервата, српските сили успеале да го одбијат турскиот напад, а потоа и да го пробијат фронтот на Присад и Плетвар.

Пробивањето на фронтот кај Присад и Плетвар ја принудиле командата на 5. корпус на 5 ноември да го започне отстапувањето кон Битола. Со таквата наредба не се согласувала командата на Вардарската армија, па на 15. дивизија ѝ било наредено да ги брани јужните делови на Пештерица, а во Прилеп се концентрирале 43. полк, 5. стрелачки полк и една батерија.

Со оглед на тоа дека српските сили го продолжиле пробивот и дека македонските месни чети им нанесувале големи загуби на турските сили во тил, Зеки-паша одлучил 5. корпус да се повлече јужно од Прилеп и да ги заземе позициите меѓу манастирот Трескавец (во реонот на Златоврв) и Марковиот Град поради прифаќањето на останатите единици од Присад и Плетвар. Во нападот на Прилеп на српските сили им се приклучила и Дринската дивизија од првиот повик, која извршила опфат на турските сили откај Борула и присадските позиции. По силните артилериски дејства и пешадиските напади на српските сили, турската војска се повлекла од Присадскиот правец кон Прилеп. На плетварскиот правец немало борбени дејства, бидејќи турските сили претходниот ден се повлекле кон селото Леништа. Поради тоа, Коњаничката дивизија го продолжила движењето кон Прилеп. Турските сили се повлекле источно од Прилеп, а во 13.30 часот, на 5 ноември, српските сили влегле во Прилеп. Српската војска била пречекана како ослободителна.

Ослободување на Кичево

уреди

Турската војска по поразите во Кумановската битка и кај Качаник се повлекувала во паника кон Битола и кон Тетово. Командантот на 7. корпус на Вардарската армија откако му било речено да се откаже од одбраната на Скопје, на 25 октомври го започнал повлекувањето кон Тетово и кон Кичево. Меѓутоа, по наредбата на турската Врховна команда да се организира одбрана на Солун, командантот на западната војска издал заповед и 7. корпус да се повлекува преку Тетово и Гостивар за одбрана на Битола. На 26 октомври, кога турската војска ја натоварила артилеријата на вагоните на железничката станица во Скопје, ненадејно месните чети отвориле оган од пушките, кај турската војска настанала паника, па војската и офицерите со коњски запреги избегале кон Тетово. Покрај натоварената артилерија оставиле уште 30 артилериски орудија од пет хаубички батерии. Мехмед-паша, командант на одредот во Приштина, го известил командантот на Западната војска дека од неговиот одред останале само уште околу 350 војници, другите војници дезертирале. Повлекувањето кон Тетово траело до 29 октомври 1912 година.

Командантот на 7. Корпус, Фета-паша, одлучил да го брани Кичево, па силите ги распоредил на позициите на линијата Осојска Река-северните делови на Кичево-Корија. На тој начин го затворале правецот од Гостивар и доминирале во однос на противникот. Така поставената одбрана на 7. корпус во Кичево имала за цел на Вардарската армија да ѝ се обезбеди време, за да се подготви за одбрана на Битола. Командантот на 7. корпус за одбраната на Кичево располагал со 15 пешадиски баталјони, 18 топови и 18 митралези. Од Битола добил засилување во пешадија, коњаница и артилерија.

Главните сили ги распоредил на левото крило, а како доминантна точка се истакнувала Јаворската височина на Цер (кота 1450). Одбраната била организирана скалесто, односно во повеќе позиции.

На 4 ноември 1912 година започнале борбите за Кичево. Нападот го започнал првиот. Коњанички полк, околу 11 часот, а во првите редови на овој полк напаѓала една чета на македонските доброволци. Непосредно зад нив се движел 3. пешадиски полк. Позициите на турските единици биле на височините и било мошне тешко да се стигне до нив. Нападот се вршел од правецот на селото Длапкин Дол. На тие северни позиции на Кичево биле распоредени турската артилерија и митралеската чета. Српската коњаница брзо се повлекла кон селото Раштани, а македонските доброволци биле фатени во вкрстен митралески оган. За неполн час македонската чета претрпела загуби од 30 мртви и 11 ранети.

Околу 12.00 часот пристигнале и другите српски сили, кои веднаш тргнале во напад од правецот северно од Раштани со три баталјони во првиот ешалон, од правецот на селото Сеанско и од реонот на селото Црвица. Во тие моменти, врз српските сили во тил извршиле напад албанските башибозучки формации од селото Зајас. Користејќи го овој напад, турските сили нападнале од правецот на селото Кнежино. На тие позиции се воделе жестоки борби до пристигнувањето на главнината на Моравската дивизија. По нејзиното пристигнување првиот. пешадиски полк навлегол во селото Зајас, а другите сили во реонот на Падалиште.

Ослободување на Тетово и Гостивар

уреди

Во Тетово требало да се собере дезорганизираната турска војска и да ја организира одбраната на градот. Меѓутоа, командантот на Западната војска наредил 7. корпус преку Гостивар и преку Кичево да се повлече во Прилеп. Седмиот корпус успеал да се собере дури на 29 октомври и некако да ја среди состојбата. Мехмед-паша, кој е роден од Тетово, настојувал да го брани градот, меѓутоа командантот на Западната војска повторно наредил 7. корпус да се повлече кон Прилеп.

Српската војска, во согласност со планот да излезе преку Албанија на Јадранското Море, побрзала кон Тетово, па во градот влегла триесетина минути по заминувањето на турската војска.

Со навлегувањето на Моравската дивизија од вториот повик во Тетово биле пресечени врските со Качаник и Призрен и било спречено повлекувањето на турските сили од Метохија преку овој правец. Брзото продирање на Моравската дивизија се објаснува и со тоа што била засилена со таканаречениот. Прекуброен полк, кој главно бил составен од Македонци, кои имале силни мотиви да се борат против турската војска. На 31 октомври Моравската дивизија се разместила за одмор околу Тетово, а коњаничкиот полк добил задача да врши извидување на правецот кон Гостивар. Моравската дивизија се разместила во селата Јегуновце, Горна и Долна Лешница, Ратае, Палчиште, Речица, Радиовце, Камењане, Теново и други. Тука било извршено пополнување и речиси во секој полк влегла по една чета доброволци од месното население.

На 1 ноември Моравската дивизија од вториот повик добила задача да настапува преку Гостивар и да го заземе Кичево. Коњаницата да ја испрати во извидување кон Битола, а со пешадијата преку Брод да воспостави врски со Првата. Армија, која настапувала од Велес кон Прилеп. Во согласност со таа наредба, Моравската дивизија го започнала движењето кон Гостивар во три колони. Десната колона се движела по селскиот пат во подножјето на планината Рудок во правецот: село Палчиште, Пирок, Сенокос, Врапчиште, Долна Бањица со задача да ја обезбедува дивизијата од правецот на Маврови Анови.

Средната колона, главнината на дивизијата, се движела преку Полошкото Поле, долго 25, а широко околу 7 км, по патот Тетово-Гостивар. Средната колона била засилена со Прекубројниот полк, кој бил користен како претходница. Левата колона се движела по источната страна на Полог, во правецот преку селата Брвеница-Радиовце-Тумчевиште-Турчане. Пред овие сили биле испратени првиот. Коњанички полк на чело со една чета македонски доброволци, засилен со една коњаничка батерија и едно митралеско одделение со задача во зоната десно Ново Село- село Горјане-Долно Јеловце- село Тајмиште и лево, Сува Гора-Белезик врши извидување и да го спречи евентуалниот напад. Особено да внимава на премините кај Враце, кај селото Вруток и кон Маврови Анови.

Дивизијата го започнала маршот во 9.00 часот. Непосредно по тргнувањето од Врховната команда стигнала наредба Прекубројниот полк да се врати во Скопје во состав на Моравската бригада од првиот повик. Во составот на Моравската дивизија од вториот повик ја продолжиле борбата бројни македонски доброволечки чети. Со оглед на тоа дека во Гостивар немало турски сили српските сили го продолжиле движењето кон Кичево.

Бојот кај Алинци

уреди
Види Бојот кај Алинци

Битолска битка

уреди
Види Битолска битка

ВМРО во Првата балканска војна

уреди
Види ВМРО во Првата балканска војна

Окупацијата на Солун

уреди
Види Окупацијата на Солун во Првата балканска војна

Окупацијата на Македонија

уреди
Види Окупациски режими во Македонија по Првата балканска војна