Бабуна (планина)

планина во Македонија
(Пренасочено од Мукос)
За други значења на поимот Бабуна, видете на појаснителната страница

Бабуна — средновисока планина што се наоѓа во средишниот дел на Македонија, а се издига помеѓу долината на реката Бабуна и Прилепско Поле[1].

Бабуна
планина
Поглед на Бабуна Планина
Регион Балкан
Се граничи со Македонија Македонија
Највисока точка Козјак
 - височина 1.746 м

Протегање и врвови

уреди
 
Поглед на планината Бабуна и стариот пат Велес - Прилеп

Се протега на север од Голи Рид (1455 м.) до превојот Плетвар (994 м.) на југоисток[1]. Билото има динарски правец на протегање северозапад–југоисток[1]. Во средишниот дел е позната како Мукос Планина со највисок врв Лута (1.499 м). Највисок врв е Козјак (1.746 м). На запад Бабуна продолжува во планината Злато (Златоврв 1.422 м).

Македонскиот револуционер Ѓорче Петров, давајќи детален опис на протегањето целата планина, ја нарекува Мукос и ги наведува следните имиња според правцот на протегање: од низината на 2 часа растојание јужната падина ѝ се нарекува Дреновска Планина по селото Дреновци коешто се наоѓа на јужното подножје, а поголемиот дел од северната падина се нарекува Мукос, назив којшто тој го зема општо за целата таа верига[2]. Веригата се распознава како посебна планина уште на билото на Даутица. Нејзиниот почеток во полето претставува ред од 5-6 долгнавести височини, одделени една од друга со снижувања како пресеки[2]. Од манастирот Слепче таа добива правилна форма и претставува тесна ниска верига со остар гребен. Јужните падини и подножјето некаде ѝ се покриени со ретки грмушки, некаде се карпести, а северните падини или самиот Мукос е покриен повеќе со кории[2]. Во источниот крај на Мукос веригата малку се раширува и снижува[2]. На почетокот таа се нарекува Преслоп, низ којшто минува прилепско-велешкиот пат, а затоа што има стражарница или дервент, ја нарекуваат и Дервент. Од патот на десно започнува Борула Планина којашто завршува со врвот Козјак. По билото ѝ минува патот од Прилеп за с.Крстец и с.Никодин[2]. Од Прилеп, Борула се гледа како една ниска рудина, којашто од север-североисток заградува еден кат на Прилепското Поле, а од долината на р.Бабуна таа изгледа како доста висока планина, од што треба да се заклучи дека Прилепското Поле е значително повисоко од коритото на р.Бабуна[2]. Северните падини претставуваат една пространа корија, под името Црничка Планина, од којашто се доставуваат најмногу дрва за огрев во Прилеп. Под северната падина на Козјак и над Црница се издигнува в.Роман[2] (Крнорог). Од него започнува еден гребен Црнушка Планина, која се спушта по источен-североисточен правец, паралелно со р.Бабуна. Врвот Роман е покриен со шума; доста дрвја се среќаваат и понатаму по северните падини на гребенот. Во својот источен крај гребенот се претвора во ридови. Преку Долги Рид тој гребен се соединува со остатокот од Бабунските Планини[2]. Од источната падина на Којак, имено, од врвот Мали Врв, којшто се издигнува над Тројаци и под Козјак започнува друг гребен[2].

Градба, природни одлики и геолошки состав

уреди
 
Поглед на главниот срт и врвот Љута (1499 м.н.в.) од гребенот Кадиица на Бабуна Планина

Геолошкиот состав е претставен со гнајсеви, микашисти, гранодиорити, а на југ накај Сивец, Козјак и Плетвар се јавува дебела серија мермери[1]. Бабуна тектонски припаѓа на Пелагонискиот хорстантиклинориум и во северниот дел е изградена од гнајсеви и микашисти, во средишмниот дел, планината Мукос, од грандиорити, а на југ на Козјак и кон Плетвар и Сивец се јавува серија на мермери, додека Златоврв претставува гранитоиден масив[1]. Меѓу превалите најзначаен е Присад преку кој минува регионалниот пат Велес–Прилеп[1]. Шумскиот покривач главно го чинат дабови, а помалку букови шуми, додека највисоките делови се под планински пасишта. Поради изоблиството од шума, оваа планина уште во XIX век била главно место каде што се сечело огревно дрво за Прилеп[2], а денес е на мета на пустошење на дрвокрадци. Од реките позначајни се: Брезица и Црничка Река кои со Изворчица се десна притока на Бабуна и Бел(ев)а и Стара Река кои течат кон Прилепско Поле[1]. На Бабуна од културно-историските споменици се издвојува манастирот Трескавец.[3].

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Стојмилов, Александар (2011). Географија на Република Македонија. Скопје: Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 63-64.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 65–66. ISBN 978-608-245-113-8.
  3. А. Стојмилов, Физичка географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје, 2003