Падалиште
Падалиште — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.
Падалиште | |
Поглед на селото Падалиште | |
Координати 41°41′9″N 20°58′32″E / 41.68583° СГШ; 20.97556° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Гостивар |
Област | Горен Полог |
Население | 287 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1239 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07060 |
Надм. вис. | 920 м |
Падалиште на општинската карта Атарот на Падалиште во рамките на општината | |
Падалиште на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа на крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Гостивар, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кичево.[2] Селото е планинско, сместено на просечна надморска височина од 920 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 21 километар.[2]
До селото води локален асфалтен пат, кој се издвојува од регионалниот пат 2231, кој всушност и завршува како асфалтиран пат во близина на селото.
Селото е планинско, се наоѓа на падините на планината Буковиќ. Околни села се Железна Река, Ќафа и Србиново. Водата за пиење до 1947 година се добивала од извори и од чешми. Тие се наоѓаат во самото село и во неговиот атар и се нарекуваат: Крој Китанит (Китанов Извор), Крој Мулини, Ѓура, Крој Салакут, Крој Печас, Крој Кокс, Крој Авмети, Крој Муаремит и други.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Краста, Мљак, Солиште, Ливаде Поројит, Мерешница, Кодра Мал, Гарванец, Село, Ара Алис, Марка Ливад (Маркова Ливада), Ара Појел, Фтосајна и Воре (Гробље).[3]
Падалиште зазема површина, која е поделена со долини, поради што маала и групи од по неколку куќи се наоѓаат на издвоени падини. Постојат четири главни маала: Граванец, Мерешница, Маала Ме Дисме (Средно Маало) и Маала Поштр (Долно Маало). Куќите во маалата не се групирани.[3]
Историја
уредиПадалиште најпрвин било православно македонско село, што може да се заклучи по остатоци на црква, по името на селото, по некои топоними и по македонските иселени родови.[3]
Црквата се наоѓала под селото, а до 1947 година од нејзе се гледале рушевини. Македонците започнале да се иселуваат од селото под притисок на доселените Албанци и тоа го правеле во периодот на 1830-тите години. Најпрвин, Албанците го обесиле селскиот христијански кмет на мост, поради што останатите македонски родови се разбегале.[3]
Додека во селото имало Македонци, еден дел од атарот припаднал на пашите од родот Дерала, кои живееле во Тетово (Мемет-паша и други). Нивен бил и некогашниот падалишки ан. Подоцна, тоа земјиште пашите им го отстапиле на доселените Албанци.[3]
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 16,9 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.089 хектари, на пасиштата отпаѓаат 338 хектари, а на обработливото земјиште 213 хектари.[2]
Врз основа на составот на атарот селото Падалиште има мешовита земјоделска функција.[2]
Селото поседува своја железничка станица на линијата Гостивар-Кичево, а во негова близина се наоѓа и најдолгиот тунел во Македонија.
-
Мала хидроцентрала „Падалишка Река“ под селото
-
Железничката станица „Падалиште“ на линијата Гостивар-Кичево
-
Влезот во најдолгиот тунел во Македонија Буковиќ
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Железна Река живееле 220 жители, сите Албанци муслимани.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 600 Албанци.[5]
Падалиште преминало од средно во големо село, населено само со албанско население. Така, селото во 1961 година броело 881 жител, а во 1994 година бројот се зголемил на 958 жители.[2]
Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Падалиште, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[б 1]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 721 жител, од кои 717 Албанци, 1 Турчин и 3 останати.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 287 жители, од кои 251 Албанец, 2 Бошњаци и 34 лица без податоци.[7]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 220 | — | 774 | 861 | 881 | 1.008 | 967 | 0 | 958 | 721 | 287 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]
Родови
уредиПадалиште е албанско село, а во него има мал број на исламизирани и албанизирани Македонци.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
- Исламизирани и албанизирани Македонци: Марковци (14 к.), староседелци со старо презиме Токљевци, се делат на Џеловци и Незировци. Нивните куќи се наоѓаат во Средно Маало и Владовци (12 к.), староседелци, не се знае кога преминале на ислам. Нивните куќи се наоѓаат во Мерешница.
- Муслимански Албанци: Муратовци (12 к.), по потекло од Љума, се доселиле во времето на тетовските паши, најпрвин биле во некое село во Полог, а потоа дошле тука на земјиште кое го добиле од пашите. Живеат во Мерешница; Али Маркут (17 к.), доселени од областа Матија во Албанија како католици. Основачот на родот се викал Алија Марк, предок од четврто колено (Ибиш жив со 60 години во 1947 година, Асип-Бајрам-Мустафа-Алија Марк). Откако дошол во Падалиште, основачот на родот преминал на ислам. За нив исто се говорело дека долги години го одржувале и христијанството во тајност; Гравенец (26 к.), по потекло од Љума од каде се иселиле околу 1830-тите (Сулејман жив на 50 години во 1947 година, Бешир-Суљо-Гафо, еден од доселените предци), куќите им се во истоименото маало; Вајља (7 к.), по потекло од Љума, имаат истоимени роднини во скопското село Дејковец, исто биле католици. Куќите им се во Долното Маало, а нивниот родослов е Метуш (жив на 50 години во 1947 година)-Касам-Исен-Исен Вајља, кој се доселил; Дановци (5 к.), имаат исто потекло како Муратовци, живеат во маалото Мерешница. Во селото дошле кон средината на XIX век: Зенун (жив на 30 години во 1947 година)-Идриз-Ајрула-Рамадан, основач на родот. Родовското име е изведено од Рамадан; Бајрам Османовци (2 к.), исто потекло како Дановци, куќите им се во Мерешница; Коковци (4 к.), по потекло од селото Реч во Љура, живеат во Средно Маало и Али Мурат (3 к.), по потекло од Албанија, живеат во Долно Маало.
Иселеништво
уредиОд иселените Македонци денес се знае за следните: Сталевци (11 к.), Китановци (4 к.) и Дабевци (3 к.), иселени се во селото Железна Река. Иселени Македонци од Падалиште има и во Тумчевиште и Тетово. А исто така и во селото Бражогрнце кај Заечар (Србија). По потекло од Падалиште бил и македонскиот род Чупчеи (7 к.) во Горна Бањица, кои подоцна преминале на ислам и денес веќе говорат турски наместо македонски.[3]
Од Албанците се знае за следните иселеници: Селим (1 к.), иселени во селото Долна Бањица и Османовци (3 к.), живеат во Милетино.[3]
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Ѓон Бузуку“ во маалото Граванец, подрачно основно училиште во состав на ОУ „Ѓон Бузуку“ - Србиново; и
- Основно училиште „Ѓон Бузуку“ во главното село, подрачно основно училиште во состав на ОУ „Ѓон Бузуку“ - Србиново.
Самоуправа и политика
уредиКон крајот на XIX век, Падалиште било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната помала Општина Србиново.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Србиново, во која покрај Падалиште се наоѓале Железна Река, Куново, Србиново, Страјане, Трново и Ќафа. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во тогашната општина Падалиште во која влегувале селата Ќафа, Железна Река и Падалиште.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0524 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 898 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[14]
- Ветерник — тумул од железното време.
- Џамии[15]
- Џамија — главна селска џамија
- Цркви[3]
- Во минатото во селото имало црква, која се наоѓала под селото, од која имало рушевини до 1947 година
- Споменици
- Балистички споменик пред џамијата
- Реки[16]
- Падалишка Река — мала река покрај селото, се влива во Србиновска Река
-
Селската џамија
-
Балистички споменик
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Падалиште
- Адмир Мехмеди (р. 16 март 1991) — швајцарски фудбалски репрезентативец и германски прволигаш;[17]
Галерија
уреди-
Селски гробишта
-
Куќи во селото
-
Тунел за вода под селото
-
Куќи покрај регионалниот пат 2231
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 123.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 194–196.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 213.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 јули 2023.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 114. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 53. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ „Напаѓачот на Леверкузен, Мехмеди изградил куќа на сиромашно македонско семејство“. Архивирано од изворникот на 2016-12-25. Посетено на 2016-10-13.
- Забелешки
- ↑ Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.