Српско-бугарски договор

Српско-бугарскиот договор, односно Договорот за пријателство и сојуз меѓу Србија и Бугарија, е договор потпишан на 13 март 1912 година (29 февруари 1912 година, стар календар) помеѓу Кралството Србија и Царството Бугарија. Договорот ја дал основата на Балканскиот сојуз. Договорот бил придружен со таен додаток и со воена конвенција што е потпишана на 2 јуни истата година како интегрален дел на Договорот. Покрај тоа истиот ден се потпишани и две спогодби на главните генералштабови.

Спорната зона помеѓу Србија и Бугарија

Во преговорите што започнале кон крајот на септември 1911 година активно учествувале руските пратеници во Белград и во Софија, Николас Хартвиг и Александар Нелидов. Во име на српската влада преговорите ги водел српскиот дипломатски претсавник во Бугарија, Мирослав Спалајковиќ, а во име на владата на Бугарија, Андреј Тошев. Сите натамошни преговори се воделе речиси само за прашањата кои влегле во тајниот додаток. За останатите прашања ниту една страна немала приговор во однос на предлогот.

Јавниот дел од Договорот

уреди

Јавниот дел на Договорот имал дефанзивен карактер: двете земји си гарантирале една на друга државна независност и неповредливост на територијата, а во случај на напад на една или на повеќе држави, заедно да се помагаат со сите сили; ако некоја од големите сили се обиде да анектира, окупира или со воена сила да заземе кој било дел од балканската територија под османска власт и доколку тоа би било спротивно на нивните заеднички интереси, двете страни се обврзувале да си помагаат една на друга; мирот можел да се склучи заеднички, според претходниот договор; било предвидено договорот да трае до крајот на 1920 година.

Тајниот додаток на Договорот

уреди

Со тајниот додаток на Договорот се предвидувала војна против Османлиското Царство, со тоа што претходно би се известила Русија. Целата територија што би ја зазеле од Османлиското Царство би имала карактер на заедничка своина, односно кондоминиум, а таа територија дефинитивно би се разрешила три месеци по склучувањето на мирот врз следните основи: Србија ѝ го признава на Бугарија правото на областите источно од Родопите и реката Струма. Бугарија на Србија ѝ ги признавала областите северно од Шар Планина.

Околу тие области не постоеле спорни прашања, па се нарекувале неспорни области. Територијата меѓу Шар Планина, Баба Планина, Охридско Езеро, Скопско и Кумановско, била означена како спорна (види картата) и за неа е речено дека може да се организира во автономна област или да се подели меѓу сојузниците. Според Српско-бугарскиот договор за таканаречената спорна зона на прво место се предвидувала автономија, а потоа нејзина поделба. Фразата за автономија на Македонија била внесена на барање на Иван Гешов, бугарскиот премиер и во договорот влегла како прва можност.

Во тајниот договор член 1 гласел:

Во случај една од страните договорнички, сметајќи дека состојбата во Турција тоа го бара и дека воопшто за тоа се поволни европските прилики, да ѝ се обрати на другата договорничка со предлог да се започне акција за ослободување на Србите и на Бугарите од турскиот јарем, при што повиканата страна веднаш ќе го прифати повикот и неодложхо ќе стапи во размена на мисли и во преговори; доколку се постигне погодба за акција таа ќе почне така како што ќе биде утврдено со спогодбата, а доколку во самата спогодба остане празнина(сојузниците ќе пристапат) инспирирајќи се со чувство на пријателство и заеднички интереси. Во спротивен случај, ќе се земе предвид мислењето на Русија, кое ќе има образувачко значење за двете договорнички; во случај едната страна да влезе во војна против Турција за да ги спречи анархијата и општите колежи во нејзините погранични краеви, каде се ангажирани нејините животни, државни или народни интереси и кога е јасно дека Турција не е во можност такваата состојба сама да ја пресече, другата страна е должина на образложениот повик на својот сојузник, истовремено со него да ѝ објави војна на Турција.[1][2]


Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Српски извори за историјата на македонскиот народ 1912-1914,стр. 30
  2. Ванче Стојчев, Александер Стојчев: Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година, ИНИ Скопје, 2013, стр.18