Атмосферски фронт

(Пренасочено од Фронт)

Атмосферските фронтови настануваат при судир на две воздушни маси со различна температура и со различна густина. Фронтовите се видливи онаму каде што ја допираат почвата, но истите се протегаат и во височина, односно до тропопаузата (граница помеѓу тропосферата и стратосферата).

Приближувачките временски фронтови често се видливи од земја, но не се секогаш толку добро дефинирани како ова.

Фронтовите се широки најчесто од 100 до 200 км. и се образуваат по должина на рабовите на воздушната маса. Тие имаат одреден наклон, така што фронталниот систем, кој го опфаќа топлиот и студениот фронт со топол воздух помеѓу нив, има облик на чинија со нееднакви страни. Топлиот фронт има наклон од 0.5' до 1' а студениот околу 2'. Студениот се движи со просечна брзина од 35 км на час, додека топлиот со просечна брзина од 24 км на час.

Во студениот фронт ладниот воздух се вовлекува под топлиот воздух и брзо го издига во висина по должината на линиите на фронтот. Во фронтовите се создаваат силни струи (под струење на топлината во метеорологијата се подразбира вертикално движење на воздухот или водата, предизвикано од разликата во температурата) кои создаваат буроносни облаци и предизвикуваат обилни врнежи.

Во топлиот фронт топлиот воздух се дига постепено над студениот. Паралелно со ова, влагата во воздухот се конденнзира (поради присуството на топол и студен воздух) и се издигнува, на тој начин создавајќи облаци и предизвикува на врнежи, чиј вид зависи од брзината со која воздухот се издига во височина. Бидејќи студениот фронт се движи побрзо тој на крајот целосно ќе го издигне топлиот воздух во височина и ќе го издигне од почвата. Тоа во метеорологијата се вика оклузија на воздухот. Таа може да биде топла или студена оклузија во зависност од брзината густината и количеството студен односно толол воздух кој учествува во фронтовата активност.