Небеска Тимјановна
Небеска Тимјановна — роман на македонскиот писател Петре М. Андреевски, првобитно издаден во 1988 година.[1]
Автор | Петре М. Андреевски |
---|---|
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | историски, социјален |
Издавач | Табернакул, Три и др. |
Издадена | 1988 (оригинал) |
Медиум | печатено издание, 140 х 210 mm (И.К. „Три“) |
Страници | 297 („Табернакул“), 295 („Три“) |
ISBN | 978-608-230-637-7 |
Збогатувајќи ја македонската книжевност со „Небеска Тимјановна“, авторот со својата мајсторија и моќ одново ја покажува и докажува силната желба да се биде признат во и преку јазикот. Со приказ на тогашната социјална и политичка состојба, Андреевски ја нагласува потребата на секој човек да го потврди својот идентитет.[2]
Посвета и наслов
уредиРоманот ја носи следнава посвета:[3]
„ | На Уранија Јурукова | “ |
„Небеска“ е превод на грчкото име „Уранија“, а Тимјановна го носи името на дедото на Уранија, Тимјан (Евтимиос), кој починал во 1943 година. Внуката на Уранија Јурукова (мажена Пировска), Уранија Пировска, е директор на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права.[4]
На почетокот на романот, авторот го дава следново објаснение за содржината:[5]
„ | Ова е само една вистина, зашто вистини има стопати по толку, којзнае колкупати по толку. Вистини има колку што има и луѓе. И живи и мртви. | “ |
Содржина
уредиДејствието во романот го покрива периодот на Втората светска војна, Грчката граѓанска војна и повоениот период, ги следи главните политички случувања во Егејска Македонија и човечката димензија преку приказната на Небеска Тимјановна. А како да се раскаже цел еден живот – тегобен и испреплетен со маките на сопствениот народ? Има ли зборови што можат да го опишат тоа што го гледаат очите, тоа што го страда срцето? И колку цврст треба да биде човекот за да ги издржи животните искушенија: стрелањето на непокорниот татко, љубовниот неспокој што мора да се крие од другите, пеколните борби во планините, цицалчето кое мора да се напушти, обвинувањата на довчерашните другари, страдањето во логорите заради идеалите за кои е жртвуван целиот живот?… И пак да се најдат сили за да се надмине сè и на крајот сè да се раскаже – за да остане запаметено, за да не се заборави.[6]
Главниот женски лик и водечка сила во приказната, Небеска Тимјановна, е карактер што жилаво се бори против окупаторот и се издигнува до архетип на храброста. Фигура што пренесува трајна вредност за тоа што значи да се биде жена и мајка во македонската книжевност.[2]
Изданија на романот
уреди- 2002 – издание на Табернакул во библиотеката Темелници, ИСБН 9989-937-14-1
- 2020 – издание на Три, ИСБН 978-608-230-637-7
Наводи
уреди- ↑ „Небеска Тимјановна“. Купикнига. Посетено на 20 јуни 2021.[мртва врска]
- ↑ 2,0 2,1 „КНИЖЕВНА КЛАСИКА: „Небеска Тимјановна" од Петре М. Андреевски“. Слободен печат. 17 март 2020. Посетено на 20 јуни 2021.
- ↑ Петре М. Андреевски, Небеска Тимјановна (Библиотека Темелници), Скопје: Табернакул, 2002, стр. 5
- ↑ „Не бев воспитувана да молчам, туку да говорам гласно и да се спротивставам на неправдите: Интервју со Уранија Пировска“. Медуза. Посетено на 19 јуни 2021.
- ↑ Петре М. Андреевски, Небеска Тимјановна (Библиотека Темелници), Скопје: Табернакул, 2002, стр. 7
- ↑ „Небеска Тимјановна“. Сакам книги. Посетено на 20 јуни 2021.